У.бр.59/2012

Уставениот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 6 февруари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 167 став 2 во делот: „и со друг пропис“, член 229 став 21, член 230 став 25 и став 26 алинеја 3 и член 279 став 4 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012 и 145/2012).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 во делот: „загарантираните права и утврдените потреби и интереси на државата во обезбедувањето на здравствената заштита“, член 13 став 2, член 204 алинеја 4, член 219 став 2 во делот: „или акт“ и став 6, насловот: „должности на директорот за време на штрајк“, член 287 и член 308 став 1 точка 15 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 12 став 2 во делот: „што се врши како јавна служба“ и член 285 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение да се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

5.Самостојниот синдикат на клинички центри и други здравствени организации во Република Македонија од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

6.а) Во врска со член 167 став 2 во делот: „и со друг пропис“ од Законот, во иницијативата се наведува дека „со оглед на тоа што само со закон може да се уредува пристапот и давањето на информации од јавен карактер, а не со друг пропис понизок по ранг од закон, односно со подзаконски акт, како што е предвидено со оспорениот дел од членот 167 став 2 од Законот, сметаме дека оспорениот законски дел не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот. При оценувањето за основаноста на овој дел од Иницијативата, предлагаме да се има предвид и Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У бр.202/2011 од 21.03.2012 година со која се укина член 235-б став 7 од Законот за супервизија на осигурување.“

б) Судот на седницата утврди дека членот 167 е систематизиран во Глава VII од Законот, посветена на „Здравствените работници и здравствените соработници“, под точка 7. „Права и должности на здравствените работници и здравствените соработници“. Оваа точка од Главата VII на Законот се однесува на: плата, надоместоци на плата, додатоци на плата, надоместок на трошоци поврзани со работата; совесно и ефикасно вршење на работните задачи; давање информации и класифицирана информација; стручно оспособување и усовршување; право на заштита од закани и напади; право на синдикално здружување; право на штрајк; членување во политичка партија; право на одмор и отсуства од работа; спреченост за доаѓање на работа; мирување на вработување; враќање на работа.

Членот 167 од Законот се однесува на давање информации и класифицирана информација, при што во став 1 се определува дека „Здравствениот работник, односно здравствениот соработник е должен, во согласност со закон, по барање на граѓаните да дава информации заради остварување на нивните права и интереси, освен информациите од членот 153 од овој закон.“

Во член 167 став 2 од Законот, чиј дел се оспорува, се пропишува дека „Здравствениот работник, односно здравствениот соработник е должен да ја чува класифицираната информација на начин и под услови утврдени со закон и со друг пропис.“

в) Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1); Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелна вредност на уставниот поредок е владеењето на правото и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, како и така што секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010) се определува дека „со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и другите органи и организации утврдени со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања, утврдени со закон“ (став 1).

Според став 2 од истиот член на Законот, „правото на слободен пристап до информации од јавен карактер се остварува согласно со овој и друг закон.“

Според членот 3 алинеја 2 од овој закон, „информација од јавен карактер“ е информација во која било форма што ја создал или со која располага имателот на информацијата согласно со неговите надлежности.

Од изнесените законски одредби произлегува дека условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер со кои располагаат државните органи, органите на локалната самоуправа и правните и физичките лица кои вршат јавни овластувања, се уредуваат со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и дека тоа право се остварува согласно со тој и друг закон. Со други зборови, само со закон се уредуваат условите, начинот и постапката за пристап и за остварување на правото на информација од јавен карактер.

Со оглед на тоа што во член 167 став 2 од Законот се определува дека начинот и условите за чување на класифицираната информација за пациентот од страна на здравствениот работник може да се уредат и со друг пропис кој е подзаконски акт, а не само со закон, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето на согласноста на член 167 став 2 во делот „и со друг пропис“ од Законот за здравствената заштита со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. а) Во однос на член 229 став 21 од Законот, во иницијативата се наведува дека „во член 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010) е предвидено дека со овој закон се уредуваат начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и другите органи и организации утврдени со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања, утврдени со закон. Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер се остварува согласно со овој и друг закон. Според тоа, комисијата не може и не смее да определува кои податоци или дел од податоците содржани во тендерската документација се сметаат за службена тајна, затоа што комисијата е помошно работно тело, а не орган, и тоа може да се прави само со закон, а не со подзаконски акт. Од тие причини, сметаме дека оспорениот став на член 229 од Законот, не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.“

б) Судот на седницата утврди дека членот 229 од Законот е систематизиран во Глава IX посветена на „Лиценци за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи.“ Оваа Глава се однесува на (1) определување на лиценцата како основа за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи, (2) доделувањето на лиценцата, (3) постапката за давање на лиценца, (4) давањето на лиценцата и (5) престанокот на лиценцата.

Членот 229 од Законот припаѓа на делот посветен на „Доделување на лиценца“.

Во член 229 став 1 од Законот се определува дека „Постапката за доделување на лиценца ја води Министерството за здравство“. Во ставот 3 од истиот член на Законот се утврдува дека „за започнување на постапка за доделување на лиценца, Министерството за здравство донесува одлука за започнување на постапката за доделување на лиценца“. Во став 4 се предвидува дека „одлуката за започнување на постапката за доделување на лиценца од ставот 3 на овој член особено содржи: образложение за оправданоста за доделување на лиценца; назначување на нејзините цели; предмет на лиценцата и основни услови за доделување на лиценца; видот на постапката за доделување на лиценца; пресметувањето на висината на износот и начинот на плаќање на лиценцискиот надоместок; начинот и рокот во кој ќе биде спроведена постапката за доделување на лиценца и висината на надоместокот за издавање на тендерската документација.“ Според став 5, „отворен повик е постапка за доделување на лиценца во која сите заинтересирани лица кои подигнале тендерска документација можат да поднесат понуди за склучување на договор за лиценца.“ Во став 7 од член 229 на Законот се утврдува дека „постапката за доделување на лиценца ја подготвува, организира и спроведува комисија за спроведување на постапката за доделување на лиценца (во натамошниот текст: комисијата), формирана од страна на министерот за здравство.“ Во ставот 8 се определува дека комисијата се состои од претседател, заменик-претседател и најмалку три члена и нивни заменици, а во ставот 9 дека за членови на комисијата се именуваат лица од редот на вработените во министерството за здравство и експерти од соодветната област за која се дава лиценца. Ставот 10 го определува кругот на лицата кои не можат да бидат членови на комисијата, ставот 11 дека комисијата ги донесува одлуките со мнозинство гласови на членовите, а ставот 12 дека комисијата : ја подготвува тендерската документација, го објавува јавниот повик, го организира приемот на пријавите и понудите, дава појаснувања и дополнителни информации и документи, ги разгледува и оценува понудите и врши рангирање на кандидатите со предлог за прворангираниот да биде избран за носител на лиценца, поднесува предлог за прекинување на постапката и врши други работи потребни за спроведување на постапката. Според став 16 на член 229 од Законот, тендерската документација (што ја подготвува комисијата), особено содржи: покана за поднесување на понуда со инструкција, условите на коишто мора да одговара вклучувајќи ги и техничките спецификации, критериумите за оцена на понудите, инструкцијата за понудувачите за подготовка на понудата, периодот за кој се издава лиценцата, нацртот на текстот на договорот за лиценца и други барања во зависност од предметот на ливенцата.

Според оспорениот став 21 на член 229 од Законот, „Комисијата може да определи дека податоците или дел од податоците содржани во тендерската документација се сметаат за службена тајна. Во таков случај учесниците во постапката се должни да поднесат изјава, приложена кон документацијата со која се обврзуваат дека нема да ги објавуваат податоците кои се сметаат за службена тајна.“

Во став 22 од наведениот член на Законот се определува дека „министерот за здравство ја одобрува тендерската документација.“

в) Од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 ставовите 1 и 2 од Уставот произлегува дека темелна вредност на уставниот поредок е владеењето на правото и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, и што секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од член 1 ставовите 1 и 2 и член 3 алинеја 2 на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010) произлегува дека условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер со кои располагаат државните органи, органите на локалната самоуправа и правните и физичките лица кои вршат јавни овластувања, се уредуваат со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и дека тоа право се остварува согласно со тој и друг закон. Со други зборови, само со закон се уредуваат условите, начинот и постапката за пристап и за остварување на правото на информација од јавен карактер.

Со оглед на тоа што со член 229 став 21 од Законот се определува дека комисијата која ја спроведува постапката за доделување на лиценцата може да определи кои податоци или дел од податоците содржани во тендерската документација ќе се сметаат за службена тајна, Судот утврди дека законската одредба определува со подзаконски акт да се уредува предметното прашање, а не само со закон, поради што Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на наведената законска одредба со означените уставни одредби. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8.а) Во врска со член 230 став 25 и став 26 алинеја 3 од Законот, во иницијативата се наведува дека членот 230 став 25 од Законот „не држи од уставно-правен аспект, бидејќи со неа противуставно се презема судската надлежност, односно не е во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија: владеењето на правото и поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот. Оспорената одредба не е во согласност ниту со член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 32, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија. Затоа што, правните последици можат да се изречат само со правосилни судски пресуди и тие непосредно се спроведуваат, извршуваат и без тоа специјално да се предвидува со закон и тоа да го прави концедентот“ односно министерството за здравство.

Во однос на член 230 став 26 алинеја 3 од Законот, во иницијативата се наведува дека „од уставните одредби на член 32 став 1 и 2 и член 33 од Уставот произлегува дека Уставот го гарантира правото на работа, слободниот избор на вработување и го промовира принципот на достапност секому, под еднакви услови, на секое работно место. Исто така, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки, при што начинот на плаќање се уредува со друг закон и во рие рамки постојат законски механизми за нивно исполнување. Затоа, пропишувањето на условот концедентот (Министерството за здравство, н.з.) задолжително да го исклучува од постапката кандидатот или понудувачот и кога не ги исполнил обврските од плаќање на даноци, придонеси и други јавни давачки, доведува до состојба исполнувањето на обврската на тоа лице од одреден статус да влијае на остварувањето на право на работа, што е уставно недозволиво, а секако тоа води и кон стеснување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови. Со оглед на наведеното, сметаме дека оспорената законска одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 1 и 2, член 33 и член 51 од Уставот. При одлучувањето за основаноста на овој дел од иницијативата, предлагаме да се има предвид и Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У бр.230/2009 од 14.07.2010 година, со која е укинат член 7 став 2 точка 4 во делот: „или ако не ги намирил своите обврски за даноци и придонеси“ од Законот за вработување и работа на странци.“

б) Судот на седницата утврди дека членот 230 од Законот е, исто така, систематизиран во Глава IX посветена на „Лиценци за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи“, која се однесува на (1) определување на лиценцата како основа за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи, (2) доделувањето на лиценцата, (3) постапката за давање на лиценца, (4) давањето на лиценцата и (5) престанокот на лиценцата.

Членот 230 од Законот припаѓа на делот насловен „Постапка за давање на лиценца“.

Во став 1 од наведената законска одредба се определува дека „комисијата е должна на заинтереси-раните кандидати да им овозможи да подигнат тендерска документација непосредно по датумот на објавувањето на јавниот повик.“ Ставот 19 определува дека „по истекот на рокот за доставување на понуди, комисијата јавно ги отвора понудите во присуство на овластени претставници на понудувачите на место и во време определено во јавниот повик.“ Според став 22, „комисијата утврдува листа на кандидатите врз основа на нивната лична состојба, нивната способност за вршење професионална дејност, економската и финансиската состојба, како и техничката и професионалната способност“, а според став 23 „комисијата врши евалуација на понудите само на оние понудувачи кои се селектирани за подобни“ и, според став 24, „комисијата за извршената евалуација објавува извештај и ги известува за резултатите од постапката за избор на сите понудувачи.“

Во оспорениот став 25 на член 230 од Законот се определува дека „Министерството за здравство задолжително ќе го исклучи кандидатот или понудувачот-правно лице или член на негов орган на управување или надзорен орган, кои со правосилна судска одлука се осудени за следниве кривични дела: 1) корупција; 2) измама; и 3) перење на пари.“

Според став 26 на член 230 од Законот, „Министерството за здравство задолжително ќе го исклучи кандидатот или понудувачот и кога: алинеја 1-над него е отворена постапка на стечај или ликвидација, алинеја 2-му е изречена казна за кривично дело или прекршочна санкција забрана за вршење на дејност, оспорената алинеја 3-не ги исполнил обврските за плаќање на даноци, придонеси и други јавни давачки во согласност со прописите на државата во која е основан (оспорена алинеја) и алинеја 4-не доставил потполна тендерска документација.

в) Во однос на член 230 став 25 од Законот, Судот ја утврди следната правна состојба:

Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1); Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Во член 14 став 1 од Уставот е предвидено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Во членот 32 став 1 од Уставот се определува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласнот со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука; никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна. Секој има право на работа и слободен избор на вработување, а секому под еднакви услови му е достапно секое работно место. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Темелната вредност владеење на правото се остварува така што законите мораат да бидат во согласнот со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, пред с’е од одредбите на членовите 13 и 14 од Уставот, произлегува дека на сторителот на кривично дело може да му се изрече казна што е утврдена со закон и дека казната може да се изрече само со судска одлука. Според тоа, казнено-правниот однос се исцрпува во релацијата казниво дело и изречена казна со судска одлука, што значи дека други и идни последици од осудата за делото Уставот не допушта.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба на член 230 став 25 од Законот за здравствената заштита се определува Министерството за здравство задолжително да го исклучи кандидатот или понудувачот-правно лице или член на негов орган на управување или надзорен орган, кои со правосилна судска одлука се осудени за кривични дела корупција, измама и перење на пари, со што се врши сграничување на правото на работа, слободен избор на вработувањето и достапноста на секое работно место на секого под еднакви услови и тоа по сила на Законот и како последица од осудата за одделни кривични дела, а не како содржина на определена санкција што ја изрекол суд, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 230 став 25 од Законот со наведените уставни одредби. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Во однос на член 230 став 26 алинеја 3 од Законот, Судот ја утврди следната правна состојба:

Согласно член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа и слободен избор на вработување, а според став 2 секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека Уставот го гарантира правото на работа, слободниот избор на вработување и го промовира принципот за достапност секому, под еднакви услови, на секое работно место. Исто така, произлегува дека граѓаните се должни да плаќаат данок, при што начинот на плаќање се уредува со закон, што значи дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки, со тоа што е должност на надлежниот државен орган да провери, а не да бара потврда од понудувачот, па во рамките на законски уредениот начин на плаќање на јавните давачки постојат механизми за нивно присилно исполнување.

Поаѓајќи од наведените уставни одредби, Судот оцени дека определувањето во член 230 став 26 алинеја 3 на Законот за здравствената заштита Министерството за здравство задолжително да го исклучи од постапката за давање на лиценца кандидатот или понудувачот кои не ги исполниле обврските за плаќање на даноци, придонеси и други јавни давачки во согласност со прописите на државата во која е основан, доведува до состојба исполнувањето на обврската на тие субјекти да влијае на остварувањето на право на работа, слободен избор на вработувањето и на достапноста на секое работно место секому под еднакви услови, поради што основано може да се постави прашањето за согласноста на означената законска одредба со наведените одредби од Уставот. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9.а)
Во иницијативата се наведува дека членот 279 став 4 и членот 308 став 1 точка 15 од Законот „се неодржливи од уставно-правен аспект, затоа што министерот за здравство нема правосилна судска пресуда дека здравствената установа вршела невистинито информирање, па врз основа на таа пресуда да може да ја одземе дозволата за работа на таа здравствена установа. Од друга страна, пак, во исто време и за еден ист прекршок не може да постојат паралелно две санкции. Според тоа, овие две законски одредби не се во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 16 ставовите 2, 3 и 7, член 51 и член 54 став 1 од Уставот. Бидејќи, според член 16 став 2 и 3 од Уставот, се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање и се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Но, за жал, со оспорените законски одредби, се сака да се врши цензура на јавното информирање, што не е дозволено согласно член 16 став 7 од Уставот.“

б) Судот на седницата утврди дека членот 279 од Законот е систематизиран во Глава XIII посветена на „Рекламирање и огласување“.

Во оваа глава се уредува (1) забрането и дозволено рекламирање, (2) информирањето на јавноста за вршењето на здравствената дејност на одделна здравствена установа, и (3) обележувањето на објектот во кој се врши здравствена дејност.

Членот 279 е сместен во делот „Информирање на јавноста“, при што во ставот 1 се определува дека „информирањето на јавноста за вршењето на здравствената дејност на одделна здравствена установа може да се врши преку објавување во средствата за јавно информирање или на интернет на следниве податоци:
-назив и адреса на здравствената установа;
-вид на здравствената дејност која ја врши во рамките на мрежата или надвор од неа;
-ниво на здравствена заштита, дејност и специјалност;
-обученост и квалификации на здравствените работници;
-работно време на здравствената установа;
-фактичко време на чекање;
-ценовник на здравствените услуги; и
-лого, односно заштитен знак на здравствената установа“.

Во ставот 2 од истиот член на Законот се определува дека „податоците од ставот 1 алинеи 1, 2, 3 и 4 на овој член се објавуваат согласно со дозволата за работа на установата“, а според ставот 3, „информирањето на јавноста од ставот 1 на овој член не смее да содржи содржини кои не се вистинити.“

Според оспорениот член 279 став 4 од Законот, „во случај на невистинито информирање министерот за здравство може да ја одземе дозволата за работа на здравствената установа.“

Судот, понатаму, утврди дека членот 308 став 1 точка 15 од Законот е систематизиран во Глава XVIII „Прекршочни одредби“.

Во наведената законска одредба се определува дека „глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице, ако:
точка 15 – врши информирање на јавноста за вршењето на здравствената дејност спротивно на членот 279 од овој закон;“

в) Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Според член 14 од Уставот, „никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна“ (став 1); „никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука“ (став 2).

Во член 51 од Уставот се определува дека „во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1); „секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).

Според член 54 став 1 од Уставот, „слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.“

Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. Тие вредности се остваруваат, покрај другото, така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, и така што секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Со закон се утврдува кое дело е казниво и во кој распон е казната, при што никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според тоа, за предвидувањето во член 308 став 1 точка 15 од Законот за здравствената заштита, дека информирањето на јавноста за вршењето на здравствената дејност спротивно на членот 279 од овој закон, а тоа значи вршење на невистинито информирање за здравствени услуги на здравствена установа, претставува прекршокна правното лице за што се изрекува глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност, законодавецот има основа во наведените одредби од Уставот, пред с’е во член 14 став 1 од Уставот, поради што Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на означената законска одредба со Уставот, па одлучи како во точката 2 од ова решение.

Но, определувањето во член 279 став 4 од Законот за здравствената заштита, дека министерот за здравство може да ја одземе дозволата за работа на здравствената установа ако таа врши невистинито информирање, во ситуација кога членот 308 став 1 точка 15 од Законот го третира невистинитото информирање за прекршок на правно лице и кога „одземањето на дозволата за работа на здравствената установа“ не претставува „санкција-привремена забрана на вршење одделна дејност на правно лице“ утврдена во прекршочниот систем од Законот за прекршоците, всушност значи санкција надвор од системот на прекршочните санкции и постоење на две санкции за ист прекршок (глоба и одземање на дозвола за работа), а тоа нема основа во наведените уставни одредби, пред с’е во член 14 став 2 од Уставот, поради што Судот оцени дека може да се постави прашањето за согласноста на член 279 став 4 од Законот за здравствената заштита со означените уставни одредби. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

10.а) Во иницијативата се наведува дека „оспорениот дел од член 1 на Законот е во спротивност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 39 и член 51 од Уставот на Република Македонија, затоа што согласно член 39 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а не на државата како што е тоа предвидено во оспорениот дел од член 1 на Законот. Тоа значи дека оспорениот дел од законската одредба не произлегува од Уставот, односно оспорениот дел од Законот не е јасен и прецизен и не може да се утврди што сакал законодавецот да каже и што се постигнува.“

б) Судот на седницата утврди дека членот 1 од Законот е систематизиран во Глава I од Законот, посветен на Општите одредби, и во него се определува предметот на уредувањето на Законот или, попрецизно, материјата која е опфатена во Законот. Во таа смисла, означената законска одредба определува дека: со овој закон се уредуваат прашањата кои се однесуваат на (1) системот и организацијата на здравствената заштита и вршењето на здравствената дејност, (2) загарантираните права и утврдените потреби и интереси на државата во обезбедувањето на здравствената заштита (оспорен дел, н.з.), (3) здравствените установи, (4) вработувањето, правата и должностите, одговорноста, евалуацијата, престанокот на вработувањето, заштитата и одлучувањето за правата и обврските на здравствените работници и здравствените соработници, (5) квалитетот и сигурноста во здравствената дејност, (6) коморите и стручните здруженија, (7) рекламирањето и огласувањето на здравствената дејност, (8) вршењето на здравствената дејност во вонредни услови и (9) надзорот над вршењето на здравствената дејност.

Оспорениот дел од член 1 на Законот, кој член е општа одредба, се разработува во Глава II од истиот закон. Главата II од Законот е насловена како „Загарантирани права и утврдени потреби и интереси на државата во обезбедувањето на здравствената заштита“, што значи дека насловот на Главата е истоветен како оспорената одредба од член 1 на Законот. Притоа, во член 16 став 1 од Законот се определува дека „на сите граѓани на Република Македонија им се обезбедува остварување на со овој закон загарантираните права, утврдени потреби и интереси и тоа:
-мерки и активности за заштита од штетното влијание врз здравјето на населението на гасови, бучава, јонизирачки и нејонизирачки зрачења, загаденоста на водата, земјиштето, воздухот и храната и други штетни влијанија на животната зредина и работна средина,
-мерки и активности за зачувување на здравјето на населението,
-мерки и активности за откривање, спречување и сузбивање на заразни болести,
-обезбедување на хигиенско-епидемиолошки минимум на населението,
-превенција и лекување на карантински болести и наркоманија,
-мерки и активности за заштита на жените за време на бременоста, породувањето и леунството и заштита на доенчињата,
Мерки и активности за организирање и унапредување на крводарителството,
-обезбедување на трошоците за болни кои се третираат со дијализа,
-обезбедување на лекови за трансплантирани болни,
-обезбедување на цитостатици, инсулин и хормон за раст,
-мерки и активности утврдени со посебни програми и
-итна медицинска помош согласно со утврдената мрежа на здравствени установи.“

Во став 3 од истиот член на Законот се определува дека „Владата на Република Македонија на предлог на Министерството за здравство, секоја година донесува програми за реализација на мерките и активностите од ставот 1 од овој член.“

Во став 4 од член 16 на Законот се утврдува дека „средствата за остварување на загарантираните права и утврдените потреби и интереси на државата од ставот 1 на овој член се обезбедуваат во Буџетот на Република Македонија и од надоместокот што го плаќаат правните лица кои произведуваат или увезуваат тутунски производи што содржат штетни материи по здравјето на населението.“

Членот 17 од Законот е посветен на мрежата на здравствени установи, при што со таа мрежа се утврдуваат видовите на здравствени дејности според определени географски подрачја, кадровските, просторните и сместувачките капацитети на болниците, видот и бројот на технички сложената дијагностичка опрема, видот и обемот на здравствените услуги (став 1). Според став 2 од истиот член на Законот, наведената мрежа на здравствени установи е составена од здравствени установи на примарно, секундарно и терцијарно ниво на здравствена заштита. Според став 3, „Мрежата од ставот 1 на овој член ја утврдува Владата врз основа на следните критериуми:-потребите на населението од здравствени услуги; -бројот, возраста, полот, социјалната структура и здравствената состојба на жителите на подрачјето за кое се определува мрежата; -обезбедување на рамномерна достапност на здравствените услуги, особено за амбулантски третман и итна медицинска помош; -минималниот број на здравствени услуги по здравствени установи, кој е потребен за одржување на квалитетот и сигурноста на практичните вештини и искуства; -обезбедувањето на централната улога на примарната здравствена заштита; -поделбата на работата меѓу здравствената дејност на примарно, секундарно и терцијарно ниво на здравствена заштита; -обезбедувањето на здравствените капацитети, согласно со обемот на правата од задолжителното здравствено осигурување и економската оправданост; -технолошкиот и научниот развој во областа на здравствената дејност; -степенот на урбанизираност на подрачјата, специфичностите на населеноста, сообраќајните поврзувања, миграциите на нселението и достапноста до здравствените установи и – посебните услови на демографски загрозените подрачја.“ Во став 4 од член 17 на Законот се определува дека „Владата ги утврдува стандардите за обезбедување со капацитети во мрежата, во зависност од бројот на жители или групи на жители според полот и возраста по: -одделен носител на здравствена дејност; -болничка постела и за одделна специјалност и –технички посложена единица односно опрема.“ Според став 6, „Во зависност од состојбата просторот, опремата и кадарот, Владата донесува Стратегија за определување долгорочна динамика за приспособување на фактичките капацитети кон стандардите, кои стандарди се утврдени во ставот 4 на овој член.“

Членот 18 од Законот определува дека разграничувањето на вршењето на здравствената дејност, во рамките на мрежата на здравствените установи, меѓу примарното, секундарното и терцијарното ниво, на предлог на министерот за здравство го утврдува Владата (став 1), а стручните здруженија и коморите од областа на здравството даваат мислење по предлогот на министерот за здравство.

Членот 19 од Законот се однесува на мрежата на здравствените установи кои вршат примарно ниво на здравствена заштита, членот 20 е посветен на мрежата на здравствените установи кои вршат секундарно ниво на здравствена заштита, а членот 21 се однесува на мрежата на здравствените установи од терцијарното ниво на здравствена заштита.

Според членовите 22 и 23 од Законот, мрежата на итна медицинска помош на сите нивоа на здравствена заштита, како и мрежата на медицина на трудот, ја утврдува Владата на предлог на министерот за здравство, а според член 24 мрежата за јавно здравје ја сочинуваат јавни здравствени установи-центри за јавно здравје и нивната стручна работа е координирана од Јавната здравствена установа-Институт за јавно здравје на Република Македонија.

Во член 25 од Законот се определува дека средствата за вршење на здравствената дејност во мрежата се обезбедуваат од: 1) Буџетот на Република Македонија; 2) Фондот за здравствено осигурување на Македонија; 3) учество со лични средства на осигурените лица согласно со прописите од областа на задолжителното здравствено осигурување и 4) здравствени услуги кои пациентите ги плаќаат со лични средства под услови утврдени со закон.

Од изнесените законски одредби, гледани од аспект на тоа какво е значењето на оспорениот дел од член 1 на Законот, произлегува дека со тие законски одредби се утврдуваат загарантираните права на сите граѓани на Република Македонија кои произлегуваат од утврдените потреби и интереси на државата (член 16 став 1), дека за реализација на мерките и активностите за остварување на загарантираните права на граѓаните на здравствана заштита секоја година Владата донесува програма (член 16 став 3), дека тие права се остваруваат во мрежата на здравствени установи утврдена од Владата врз основа на законски критериуми (член 17 ставовите 1-3), дека Владата ги утврдува стандардите за обезбедување на здравствените установи во мрежата со соодветни капацитети и тоа, исто така, врз основа на законски критериуми (член 17 став 4), со тоа што по потреба Владата донесува Стратегија за определување долгорочна динамика за приспособување на фактичките капацитети кон стандардите (член 17 став 6) и дека Законот ги опредлува изворите на средствата за вршење на здравствената дејност од страна на здравствените установи во мрежата (член 25).

Според тоа, оспорениот дел од член 1 на Законот се однесува на загарантираните права на граѓаните и утврдените потреби и интереси на државата во функција на обезбедувањето на здравствената заштита, што е прецизно разработено во членовите 16-25 од Законот, a не уредува загарантирани права на државата во обезбедувањето на здравствената заштита и утврдени потреби и интереси на државата во обезбедувањето на здравствената заштита, како што смета подносителот на иницијативата.

в) Според член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.

Според член 39 став 1 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1); Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, при што едно од таквите права е и уставно загарантираното право на секој граѓанин на здравствена заштита. Темелна вредност на уставниот поредок е и владеењето на правото, при што таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, како и така што секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во конкретниот случај, оспорениот дел од член 1 на Законот е во функција на разработка на уставно загарантираното право на секој граѓанин на здравствена заштита, па Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со член 39 од Уставот, а со тоа Судот утврди дека не може да се постави прашањето и за согласноста на законската одредба со член 8 став 1 алинеите 1 и 3 и со член 51 од Уставот. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

11.а) Според наводите во иницијативата, член 13 став 2 од Законот не бил јасен и прецизен и не можело да се утврди што сакал законодавецот да каже и што се постигнува со таа одредба. Имено, државата Република Македонија не можела и не смеела да биде надлежна само за остварување на здравствената заштита во мрежата на здравствени установи, туку таа морала да биде надлежна и за здравствената дејност надвор од мрежата-што ја вршат приватните здравствени установи. Од тие причини, подносителот на иницијативата смета дека членот 13 став 2 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 39 и член 51 од Уставот.

б) Судот на седницата утврди дека членот 13 од Законот е, исто така, систематизиран во Глава I, посветена на Општите одредби, и во тој член се определуваат субјектите кои ја вршат здравствената дејност.

Во таа смисла, ставот 1 на член 13 определува дека здравствената дејност се врши (1) во мрежа на здравствени установи и (2) надвор од мрежата на здравствени установи.

Оспорениот став 2 на член 13 определува дека „Република Македонија е надлежна за остварувањето на здравствената заштита во мрежата на здравствените установи, во која се врши здравствена дејност под услови утврдени со овој закон.“

Ставот 3 од член 13 на Законот определува дека „здравствената дејност во мрежата ја вршат јавни и приватни здравствени установи, кои вршат дејност врз основа на лиценца“.

Ставот 4 од истиот член на Законот определува дека „здравствената дејност надвор од мрежата ја вршат приватни здравствени установи под услови утврдени со овој закон и се финансира од здравствените услуги кои пациентите ги плаќаат со лични средства.“

Во Главата III од Законот, посветена на „Здравствена дејност“, најнапред во членот 26 се определуваат сите дејности кои ги опфаќа здравствената дејност,потоа во член 28 став 1 од Законот се пропишува дека „здравствената дејност во мрежата, што ја обезбедува и организира Република Македонија, се состои од јавни и приватни здравствени установи, кои вршат здравствена дејност врз основа на лиценца“, а во членот 29 се определуваат здравствените дејности кои се вршат само во рамките на мрежата.

Понатаму, во Главата III под точка 1. поблиску се определуваат субјектите кои вршат здравствена дејност во мрежата и здравствените услуги кои се вршат во рамките на мрежата (членовите 28-38), под точка 2. поблиску се уредува соработката меѓу здравствените установи во мрежата (членовите 41-43), под точка 3. поблиску се уредува вршењето на здравствената дејност во мрежата за пациентите кои здравствените услуги ги плаќаат со лични средства (членовите 44-45), а под точка 4. поблиску се определува вршењето на здравствена дејност надвор од мрежата (член 46).

Во Глава XVI од Законот, посветена на „Надзор“, најнапред во член 294 се определува дека „за обезбедување на примената на овој закон и прописите донесени врз основа на него, како и за обезбедување на квалитетот и безбедноста при укажувањето на здравствената заштита во вршењето на здравствената дејност, се врши: 1) надзор над законитоста на работата; 2) надзор над стручната работа; 3) внатрешен надзор над стручната работа и 4) инспекциски надзор“ (став 1); „Здравствената установа и другите установи кои вршат здравствена дејност се должни да овозможат непречено вршење на надзорот од ставот 1 на овој член и да дадат потребна помош, податоци, документација и известувања кои се потребни за вршење на надзорот“ (став 2). Другите одредби од оваа Глава на Законот (членовите 295-304) поблиску ги разработуваат наведените четири видови на надзор, при што сите тие одредби се однесуваат на здравствените установи (во и надвор од мрежата).

Имајќи ги предвид изнесените законски одредби, кои се поврзани со оспорениот член 13 став 2 од Законот, произлегува дека: (1) членот 13 ставот 3 од Законот определува дека јавните и праватните здравствени установи кои вршат здравствена дејност во рамките на мрежата, ја вршат таа дејност врз основа на лиценца, (2) членот 28 став 1 од Законот определува дека јавните и приватните здравствени установи, кои вршат здравствена дејност во рамките на мрежата односно врз основа на лиценца, ги обезбедува и организира Република Македонија, и (3) одредбите од Главата III на Законот, кои се однесуваат на здравствените установи кои вршат здравствена дејност во рамките на мрежата, ги определуваат субјектите (примарно, секундарно и терцијарно ниво-членовите 31, 36 и 37 од Законот) и дејностите кои можат да ги вршат здравствените установи во мрежата (член 29 од Законот, односно член 30-за здравствените установи од примарно ниво, членовите 34 и 35-за здравствените установи од секундарно ниво и член 37-за здравствени установи од терцијарно ниво). Оттука, оспорениот член 13 став 2 од Законот, како општа одредба која е операционализирана со напред наведените законски одредби, значи дека Република Македонија на наведениот начин е надлежна за остварувањето на здравствената заштита во мрежата на здравствените установи.

Понатаму, произлегува дека: (1) членот 13 став 4 на Законот определува дека приватните здравствени установи кои вршат здравствена дејност надвор од мрежата, ја вршат таа дејност под услови утврдени со овој закон, (2) членот 46 од Законот, гледан во врска со членовите 26 и 29 од Законот, определува дека приватните здравствени установи кои вршат здравствена дејност надвор од мрежата, можат да ги вршат само здравствените дејности кои не се вршат од здравствените установи во рамките на мрежата а се утврдени во член 29, и (3) членот 294, гледан во врска со членовите 295-304 од Законот, определува дека приватните здравствени установи кои вршат здравствена дејност надвор од мрежата, подлегнуваат под четирите видови на надзор над нивната работа-законитоста над работата, надзор над стручната работа, внатрешен надзор над стручната работа и инспекциски надзор. Според тоа, оспорениот член 13 став 2 од Законот, како општа одредба која е операционализирана и со наведениве законски одредби, значи дека Република Македонија е надлежна за остварувањето на здравствената заштита и надвор од мрежата на здравствените установи на наведениот начин, а не значи дека Република Македонија не е воопшто надлежна за остварувањето на здравствената заштита надвор од мрежата на здравствените установи, како што наведува подносителот на иницијативата дека може да се разбере членот 13 ставот 2 од Законот.

в) Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека членот 13 ставот 2 од Законот не е во несогласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3 и членовите 39 и 51 од Уставот, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

12.а) Во однос на член 204 алинеја 4 од Законот, во иницијативата се наведува дека „оваа законска одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 32, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија. Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, сметаме дека на сторителот на кривичното дело може да му се изрече казна што за тоа дело е утврдена со закон или со друг пропис и дека казната може да се изрече само со судска одлука, што всушност значи други и идни последици од осудата за стореното дело Уставот не допушта. При оценувањето на основаноста за овој дел од Иницијативата, предлагаме да се имаат во вид и одлуките на Уставниот суд на Република Македонија: У бр.210/2000 од 16.05.2001 година, У бр.213/2001 од 17.04.2002 година, и У бр.108/2003 од 11.02.2004 година.“

б) Судот на седницата утврди дека членот 204 од Законот е систаматизиран во Глава VII, посветена на „Здравствени работници и здравствени соработници“, под точка 9. „Престанок на вработување на здравствените работници односно здравствените соработници“.

Според член 204 алинеја 4 од Законот, „На здравствениот работник, односно здравствениот соработник му престанува вработувањето по сила на закон, ако биде осуден за кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за здравствен работник, односно здравствен соработник и за вршење на службата во здравствената установа – со денот на врачувањето на правосилната пресуда.“

в) Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1); Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Во член 14 став 1 од Уставот е предвидено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Во членот 32 став 1 од Уставот се определува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласнот со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Основните слободи и права се еднакви за граѓаните на Републиката независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука; никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна; секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а секому под еднакви услови му е достапно секое работно место. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Темелната вредност владеење на правото се остварува така што законите мораат да бидат во согласнот со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во конкретниот случај, определувањето во дел од алинеја 4 на член 204 од Законот, на здравствениот работник односно здравствениот соработник да му престане вработувањето по сила на закон „ако биде осуден за кривично дело во врска со службената должност“, според Судот значи дека осудениот здравствен работник односно здравствен соработник е физички оневозможен да продолжи со вршењето на дотогашните работи, па престанувањето на вработувањето е поради невршење на работата. Оттука, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 204 алинеја 4 во делот:
„на здравствениот работник, односно здравствениот соработник му престанува вработувањето по сила на закон, ако биде осуден за кривично дело во врска со службената должност“ од Законот за здравствената заштита со наведените уставни одредби.

Во однос, пак, на определувањето во дел од алинеја 4 на член 204 од Законот, на здравствениот работник односно здравствениот соработник да му престане вработувањето по сила на закон ако биде осуден за „кривично дело кое го прави недостоен за здравствен работник, односно здравствен соработник и за вршење на службата во здравствената установа – со денот на врачувањето на правосилната пресуда“, Судот смета дека законодавецот предвидува престанок на вработувањето по сила на закон на здравствен работник и здравствен соработник ако биде осуден за кривично дело кое е поврзано со неговата работа и со неговата служба во здравствената установа и кое кривично дело го прави здравствениот работник и здравствениот соработник недостоен. Престанокот на работниот однос на здравствениот работник и здравствениот соработник не е последица на осудата изречена со правосилна судска одлука, туку е последица на фактите кои го прават здравствениот работник и здравствениот соработник да е недостоен да ги врши тие работи и службата во здравствената установа, а таквата законска одредба има основа во член 32 став 5 од Уставот, според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон, покрај со колективни договори. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 204 алинеја 4 во делот: „или друго кривично дело кое го прави недостоен за здравствен работник, односно здравствен соработник и за вршење на службата во здравствената установа“ од Законот за здравствената заштита со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот, на кои се повикува подносителот на иницијативата, па одлучи како во точката 2 од ова решение.

13.а) Во однос на член 219 став 2 во делот: „или акт“ и став 6 од Законот, според наводите во иницијативата „оспорениот дел од член 219 став 2, како и став 6, од Законот не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот на Република Македонија. Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, сметаме дека условите и критериумите за правото на плата и надоместоци на плата на здравствениот работник да се уредуваат и со акт на министерот за здравство, излегува надвор од уставните определби тие права да се уредуваат со закон и колективен договор. Дека така треба и мора да биде, произлегува и од Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У бр.83/2010 од 08.06.2011 година, со која се укина член 23 во делот„ „и општ акт на органот на управување“ од Законот за јавните службеници.“

б) Судот на седницата утврди дека членот 219 од Законот е систаматизиран во Глава VIII, посветена на „Oрганизирање на работата во здравствените установи во мрежата“, која глава ги опфаќа (1) должноста за непрекинато вршење на здравствената дејност, (2) дневниот и неделниот одмор на здравствените работници и здравствените соработници, (3) дежурството, (4) готовноста, (5) плата и дел од плата за работна успешност, (6) додаток за работа во дежурство и готовност, (7) дополнителна дејност, (8) должност за укажување на континуирана медицинска помош во текот на 24 часа.

Членот 219 од Законот е сместен во делот „Плата и дел од плата за работна успешност“, при што во ставот 1 од овој член на Законот се определува дека „Основната плата се определува во зависност од барањата на работното места за кое здравствениот работник склучил договор за вработување и степенот на сложеност утврден во колективен договор и во зависност од работната успешност определена според колективен договор.“

Во оспорениот став 2 се определува дека „Со колективен договор, договор за работа или акт се утврдуваат критериуми и мерила за утврдување на резултатите од работењето на здравствените работници, тргнувајќи од обемот, квалитетот на услугите, заштедите во процесот на работата и ефикасноста во користењето на работното време.“

Ставот 3 од член 219 на Законот предвидува дека „резултатите од работењето на здравствениот работник ги утврдува, односно оценува здравствениот работник кој го води и организира процесот на работа, односно работодавачот.“

Во став 4 од истиот член на Законот се определува дека „доколку работодавачот предвиди пресметување на платата според ставовите 1 и 2 на овој член, на здравствениот работник му се гарантира исплата на плата согласно со закон и колективен договор.“

Според став 5, „на здравствените работници и здравствените соработници вработени во јавни здравствени установи кои покажале најдобри резултати во работењето, тргнувајќи од обемот, квалитетот на услугите, заштедите во процесот на работата или ефикасноста во користењето на работното време, министерството за здравство може да им исплати парична награда.“

Во оспорениот став 6 се определува дека „поблиските критериуми, висината и начинот на исплата на паричната награда од ставот 5 на овој член, ги пропишува министерот за здравство.“

в) Според тоа, членот 219 став 5 од Законот предвидува постоење на парична награда на здравствените работници и здравствените соработници вработени во јавните здравствени установи, ако покажат најдобри резултати во работењето, и тоа според обемот, квалитетот на услугите, заштедите во процесот на работата или ефикасноста во користењето на работното време, при што исплатата на паричната награда ја врши министерството за здравство, а според ставот 6 од истиот член на Законот поблиските критериуми, висината и начинот на исплата на паричната награда ги пропишува министерот за здравство. Оттука, Судот смета дека така определената парична награда не е плата, ниту надоместок на плата во смисла на Законот за работните односи, туку е посебна награда надвор од системот на плати и надоместоци на плата на здравствените работници и здравствените соработници, што има основа во член 32 став 5 од Уставот според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон, покрај со колективни договори. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 219 став 2 во делот: „или акт“ и на став 6 од истиот член на Законот за здравствената заштита со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот, на кои се повикува подносителот на иницијативата, па одлучи како во точката 2 од ова решение.

14.а) Во однос на насловот „Должности на директорот за време на штрајк“ и член 287 од Законот, во иницијативата се наведува дека тие законски одредби „не се во согласност со членот 8 став 1 алинеите 3 и 4, членот 32 став 5, членот 37 став 1, членот 38 ставот 1, членот 39, членот 51 и членот 54 став 1 од Уставот, затоа што со оваа законска одредба не само што се ограничуваат условите за остварување на правото на штрајк, туку со истата одредба практички се забранува, спречува односно противуставно се ограничува уставно загарантираното право на штрајк, како и синдикалното делување, што не е во согласност со наведените уставни одредби. Имено, согласно член 38 став 1 од Уставот, се гарантира правото на штрајк, а според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а не и со закон, како во овој случај. Бидејќи Уставот не утврдил услови за ограничување на правото на штрајк за здравствената дејност, оспорената законска одредба не може да има основ и во членот 38 став 2 од Уставот, според кој со закон може да се ограничат условите за остварување на правото само во вооружените сили, полицијата и органите на управата, а не и во здравствената дејност. При одлучувањето за основаноста на овој дел од иницијативата, предлагаме да се има предвид и Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У бр.112/2003 од 30.06.2004 година, со која се укина членот 171-б став 5 од Законот за здравствената заштита.“

б) Судот на седницата утврди дека оспорениот наслов е систематизиран во Глава XIV од Законот посветен на „Вршење на здравствена дејност во вонредни услови, кризни состојби и во услови на штрајк“ и гласи: „Должности на директорот за време на штрајк“.

Во член 286 од Законот, која одредба претходи на оспорениот наслов и на оспорениот член 287 од Законот, се определува дека „вработените во здравствените установи правото на штрајк можат да го остварат под услови да не се доведува во опасност животот или здравјето на граѓаните кои бараат здравствена заштита.“

Оспорениот наслов претходи на член 287 од Законот.

Во оспорениот член 287 од Законот се определува дека „„заради отстранување на штетните последици кои можат да настанат од неукажување на здравствени услуги за време на штрајк, директорот во здравствената установа е должен да обезбеди итна медицинска помош и минимална функција на сите организациони делови во процесот на работата“ (став 1);

Во ставот 2 се определува дека „врз основа на преземените мерки од ставот 1 на овој член вработените се должни да постапуваат по соодветните наредби.“

Во став 3 се предвидува дека „доколку вработените не постапат согласно со ставот 2 на овој член, директорот е должен да го обезбеди остварувањето на работниот процес со заменување на соодветни профили на вработени.“

Според став 4, „вработените од ставот 2 на овој член кои не ги извршуваат работните обврски вршат потешка повреда на работната дисциплина која претставува основ за престанок на работниот однос.“

в) Според член 8 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на државата.

Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според членот 38 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на штрајк (став 1). Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата (став 2).

Во членот 39 од Уставот е предвидено дека на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, при што согласно ставот 2 од овој член, граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека Уставот го гарантира правото на штрајк, но го гарантира и правото на здравствена заштита на граѓанинот, при што Уставот не ја исклучува можноста со закон да се уреди начинот на остварувањето на одделни слободи и права, со цел да не се доведе во прашање остварувањето на другите слободи и права.

Во конкретниот случај, членот 286 од Законот за здравствената заштита определува дека „вработените во здравствените установи правото на штрајк можат да го остварат под услови да не се доведува во опасност животот или здравјето на граѓаните кои бараат здравствена заштита“, во оспорениот наслов утврден пред член 287 од Законот се определува дека директорот на здравствената установа има должности во услови на штрајк, а во оспорениот член 287 од Законот се предвидува дека за време на штрајк, директорот во здравствената установа е должен да обезбеди итна медицинска помош и минимална функција на сите организациони делови во процесот на работата, заради отстранување на штетните последици кои можат да настанат од неукажување на здравствени услуги (став 1), дека вработените се должни да постапуваат по соодветните наредби во врска со обезбедување итна медицинска помош и минимална функција на сите организациони делови (став 2), а доколку вработените не постапуваат по соодветните наредби во врска со обезбедување итна медицинска помош и минималните функции, директорот е должен да го обезбеди остварувањето на работниот процес во услови на штрајк со заменување на соодветни профили на вработени (став 3), а вработените кои не ги извршуваат работните обврски, вршат потешка повреда на работната дисциплина која претставува основ за престанок на работниот однос (став 4).

Според тоа, Законот (член 286) го предвидува правото на штрајк на вработените во здравствените установи, а оспорениот наслов и оспорените ставови од член 287 на Законот ги определуваат должностите на директорот на здравствената установа во услови на штрајк, обемот на здравствените услуги кои се нужни за заштита на животот и здравјето на граѓаните, обврските на вработените и последиците за нив ако не постапуваат по соодветните наредби на директорот заради обезбедување на законскиот минимум во давање на здравствени услуги во услови на штрајк.

Имајќи ги предвид таквите законски одредби, Судот оцени дека оспорениот наслов, утврден пред член 287 на Законот, како и оспорените одредби на член 287 од Законот, не го доведуваат во прашање уставно загарантираното право на штрајк на вработените во здравствените установи, ниту другите вредности определени во уставните одредби на кои упатува подносителот на иницијативата. Поради тоа, Судот утврди дека не може да се постави прашањето на согласноста на наведениот наслов и на член 287 од Законот со означените уставни одредби, па одлучи како во точката 2 од ова решение.

15. а) Во врска со член 12 став 2 во делот: „што се врши како јавна служба“ од Законот, во иницијативата се наведува дека „при нормирањето на оспорениот дел од законската одредба не се имало предвид дека Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У бр.77/2011 од 21.09.2011 година го поништи член 3 точки 1 и 2 во деловите: „здравство“ од Законот за јавните службеници. Од тие причини, сметаме дека оспорениот законски дел од член 12 став 2 на Законот за здравствената заштита не е во согласност со 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 39, член 51 и член 112 став 3 од Уставот на Република Македонија. Имено, според член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Но, за жал, доносителот на Уставот – Собранието на Република Македонија, во овој случај, не ја почитувало конечноста и извршноста на наведената одлука на Уставниот суд.“

б) Судот на седницата утврди дека членот 12 од Законот е систематизиран во Глава I, посветена на Општите одредби, и во тој член се утврдуваат карактеристиките (особините) на институтот-„здравствена дејност“.

Во таа смисла, во став 1 се определува дека „Здравствената дејност е дејност од јавен интерес“, а во став 2 се определува дека „Здравствена дејност е дејност што се врши како јавна служба со која се обезбедува здравствена заштита, а која ги опфаќа мерките, активностите и постапките, кои во согласност со медицината заснована на докази и со користењето здравствена технологија, користат за зачувување и унапредување на здравјето, за спречување, рано откривање и сузбивање на болести, повреди и други нарушувања на здравјето предизвикани од влијанието на работната и животната средина, за навремено и ефикасно лекување, како и за здравствена нега и рехабилитација.“

Судот, исто така, утврди дека во иницијативата се укажува на „немањето предвид при нормирањето“ на конкретна поништувачка одлука на Судот, како и на „непочитувањето на конечноста и извршноста на наведената одлука на Уставниот суд“, без да се наведе како подносителот на иницијативата ја разбира поништувачката одлука на Судот, па не се изнесуваат причини поради кои се проблематизира оспорениот дел од член 12 став 2 на Законот, ниту се дава образложение или аргументи односно докази за неуставноста на законската одредба.

в) Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, „иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис и друг општ акт содржи: означување на законот, прописот или општиот акт односно одделни негови одредби што се оспоруваат, причини за нивното оспорување, одредбите од Уставот односно законот што се повредуваат со тој акт и името односно називот и седиштето на подносителот на иницијативата.“

Од изнесената деловничка одредба произлегува дека иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон мора да содржи, покрај другото, причини за оспорување на законските одредби.

Со оглед на тоа што во конкретната иницијатива не се наведени причините поради кои се смета дека оспорениот дел од член 12 став 2 на Законот не е во согласност со Уставот, Судот оцени дека не е јасен аспектот од кој се проблематизира законската одредба, па утврди дека нема процесни претпоставки за постапување на Судот по тој дел од иницијативата. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 3 од ова решение.

16.а) Во однос на член 285 став 2 од Законот, во иницијативата се наведува дека „според член 126 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба, Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредба со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието. Според тоа, дадените овластувања, со оспорената законска одредба, на Министерството за здравство, не се во согласност со наведената уставна одредба и како таква таа одредба треба да се елиминира од правниот поредок на Република Македонија.“

б) Судот на седницата утврди дека членот 285 од Законот е систематизиран во Глава XIV посветена на „Вршење на здравствена дејност во вонредни услови, кризни состојби и во услови на штрајк“. Во оваа глава се уредува (1) утврдувањето на задачите за обезбедување на здравствена заштита во вонредни услови и кризни состојби, (2) обезбедувањето на средства и кадар, (3) приспособувањето на работата на Министерството за здравство и здравствените установи, (4) соработката на Министерството за здравство и здравствените установи со други субјекти, (5) посебните надлежности на Министерството за здравство, (6) правото на штрајк, (7) должностите на директорот за време на штрајк, и (8) надлежноста на Владата.

Оспорениот член 285 став 2 од Законот е сместен во делот „Посебни надлежности на Министерството за здравство“.

Во член 285 став 1 од Законот се определува дека „Министерството за здравство во вонредни услови и кризни состојби може да одлучува за формирање на здравствени установи согласно со потребите.“

Според оспорениот став 2, „Министерството за здравство може на здравствените установи и на здравствените работници да им определи посебни задачи кои во редовни услови не се нивна дејност, односно задача.“

Покрај тоа, Судот утврди дека членот 124 став 1 од Уставот определува дека „воена состојба настапува кога претстои непосредна воена опасност од напад врз Републиката или кога Републиката е нападната или и е објавена војна.“ Членот 125 став 1 од Уставот утврдува дека „вонредна состојба настапува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.“

Членот 31 од Законот за управување со кризи (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/2005) пропишува дека „Владата донесува одлука за постоење на кризна состојба, го определува подрачјето зафатено со кризна состојба и соодветно на тоа ги активира механизмите за разрешување на кризната состојба. За донесената одлука Владата веднаш го известува Собранието и претседателот на Републиката. Владата за активностите поврзани со одлуката од ставот 1 на овој член во рок од 48 часа усмено, а еднаш неделно пис-мено го известува Собранието и претседателот на Републиката. Владата најдоцна за 30 дена по завршувањето на активностите утврдени со одлуката од ставот 1 на овој член, изготвува и доставува писмен извештај до Собранието и претседателот на Републиката. Одлуката за постоење на кризна состојба од ставот 1 на овој член не може да трае подолго од 30 дена. Ако кризната состојба продолжи да трае подолго од 30 дена, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба. Собранието и претседателот на Републиката во секое време може да побараат усмен или писмен извештај за состојбата во областа за управување со кризи.“

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека воена состојба е поврзана со војна (непосредна воена опасност од напад врз Републиката, Републиката е нападната или објавена е војна на Републиката), вонредна состојба е поврзана со природни појави и масовни здравствени проблеми кај населението (големи природни непогоди или епидемии), а кризна состојба е поврзана со состојба на дел од територијата на Републиката, со траење до 30 дена и претходи на воена или вонредна состојба. Според тоа, „воената состојба“ и „вонредната состојба“ се категории кои се разликуваат од категоријата „вонредни услови и кризни состојби.“

в) Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, членот 285 став 2 од Законот за здравствената заштита, кој се однесува на постапувањето на Министерството за здравство во вонредни услови и кризни состојби, се спротивставува на член 126 од Уставот, кој се однесува на постапувањето на Владата на Република Македонија при постоење на воена или вонредна состојба, односно законската одредба се спротивставува на уставна одредба која уредува друга материја од оспорената одредба.

Со оглед на тоа што оспорената законска одредба се спротивставува на уставна одредба која уредува друга материја од оспорената, Судот оцени дека не е можно нивно споредување, поради што утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 3 од ова решение.

17. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

18. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Во однос на точките 12 и 13 од ова решение, Судот одлучи со мнозинство гласови.

У.бр.59/2012
6 февруари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Издвоено мислење по предметот У.бр.59/2012