У.бр.148/2012-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 23 јануари 2013 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 39 став 7 од од Законот за Државниот пазарен инспекторат („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2007, 81/2007 и 36/2011).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Игорчо Точев од Кочани, со Решение У.бр.148/2012 од 20 ноември 2012 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 39 став 7 од Законот за Државниот пазарен инспекторат, прекршочниот орган од членот 8 став 2 на овој закон е исклучиво надлежен за водење на прекршочна постапка и за изрекување на прекршочни санкции од ставовите 1 и 2 на овој член во согласност со Законот за прекршоците.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Членот 51 од Уставот предвидува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Оспорената одредба е поместена во делот на прекршочните одредби на Законот со кој е утврдена прекршочната одговорност за физички и правни лица за прекршоците утврдени во самата одредба и таа во ставот 7, во оспорениот дел содржи упатување на одредбата од членот 8 од Законот. Членот 8 од Законот е општа одредба во која е утврдена надлежноста на инспекторатот за вршење на инспекциски надзор. Одредбата од членот 8 од Законот, првобитно, во основниот текст на Законот содржела 3 става, подоцна со Законот за изменување и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат („Службен весник на Република Македонија“ бр. 81/2007) била изменета со додавање на нов став 4.

Со последната измена во Законот за изменување и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2011) членот 8 во целост бил изменет и тој сега гласи: Инспекторатот врши инспекциски надзор над примената на законите и прописите донесени врз основа на закон во работењето на трговските друштва, правните и физичките лица (во натамошниот текст: субјект на надзор), како и изрекување на инспекциски мерки со цел за отстранување на утврдените неправилности.”

Од цитираната содржина на членот 8 произлегува дека тој сега има само еден став, на што се укажува и во поднесената иницијатива во која оваа одредба се оспорува од аспект на принципот на владеењето на правото.

Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, подразбира дека во правниот поредок треба да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми. Во случај кога тие во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за да таквото уредување преставува една логична, правно функционална целина, што не е случај со означениот дел на членот 39 став 7 од Законот. Со оглед на тоа што оспорениот член 39 став 7 содржи повикување на ставот 2 од членот 8 од Законот, кој веќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека оспорената одредба од членот 39 став 7 од Законот не е во согласност со принципот на владеењето на правото утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Судот оцени дека укинувањето треба да се однесува на целината на ставот 7 на членот 39, а не само делот „став 2“, поради тоа што во текстот на изменетиот член 8 од Законот за државен пазарен инспекторат воопшто не е предвиден институтот прекршочен орган.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.148/2012
23 јануари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски