У.бр.104/2012-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 јануари 2013 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 28 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/2012).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на нејзиното објавување во „Службен весник на РМ“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Крсте Минговски од Скопје, со Решение У.бр.104/2012 од 14 ноември 2012 година, под точка 1, поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека приватно, домашно или странско правно лице може да врши јавен железнички превоз на патници и стока согласно со одредбите од овој закон по пристапувањето на Република Македонија во Европската Унија.

Постапките за издавање на дозволи за вршење јавен железнички превоз на патници и стока, како и постапките за издавање сертификати за сигурност за вршење на јавен железнички превоз на патници и стока согласно со Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Македонија“ бр.48/2010 и 23/2011) започната пред влегувањето во сила на овој закон, ќе запрат со денот на влегувањето во сила на овој закон.

5. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7 од Уставот се основните слободи и права на човекот и граѓанинот, признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Во член 55 од Уставот е предвидено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Со Законот за железничкиот систем се уредуваат развојот на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура, организацијата на железничкиот систем, начинот и условите за извршување на железничкиот превоз и видовите превоз, управувањето, организирањето, заштитата на железничката инфраструктура и пристапот до железничката инфраструктура, наплата за пристап за користење на железничката инфраструктура, доделувањето на инфраструктурните капацитети, објавата на мрежа, основањето на независно и самостојно регулаторно тело, доделувањето и видовите на концесија, финансирањето на железничката инфраструктура и услугите од јавен интерес во железничкиот превоз на патници.

Во членот 2 став 1 точка 15 од Законот, е предвидено дека, според овој закон изразот „железнички превоз“ значи дејност што опфаќа превоз на патници и/или стока и/или влеча на возови.

Оспорениот член 28 од Законот предвидува можност приватно домашно или странско правно лице да врши јавен железнички превоз на патници и стока согласно одредбите од овој закон по пристапувањето на Република Македонија во Европска Унија.

Во ставот 2 на оспорениот член 28 од Законот, според иницијативата, се повредувал принципот на ретроактивност, односно законот имал ретроактивно дејство со тоа што предвидувал законските постапки за издавање дозвола за вршење јавен железнички превоз на патници и стока, во смисла на претходниот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.48/2010 и 23/2011), да запрат со денот на влегување во сила на овој закон и истиот имал понеповолно дејство, со што се повредувал член 52 став 4 од Уставот, а истовремено со иницијативата се спори ставот 2 на членот 28 и поради неговата непрецизност и нејасност, со што се нарушувал темелниот принцип на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија.

Од анализата на содржината на членот 52 став 4 од Уставот, а во корелација со ставот 2 на членот 28 од Законот, според Судот, јасно произлегува дека уставното начело за забрана на повратното дејство на законите значи забрана на примена на законите во правни ситуации и односи што настанале пред нивното влегување во сила, односно законите дејствуваат само врз новите правни ситуации и односи што настануваат по нивното влегување во сила. Исклучок од ова уставно начело е ако повратното дејство на законот е поповолно за граѓаните.

Во конкретниов случај со оспорениот став 2 на членот 28 од Законот се предвидува постапките за издавање на дозволи за вршење на јавен железнички превоз на патници и стока, како и постапките за издавање на сертификати за сигурност за вршење на јавен железнички превоз на патници и стока согласно со Законот за железничкиот систем („Службен весник на РМ“ бр.48/2010 и 23/2011) започнати пред влегувањето во сила на овој закон, ќе се запрат со денот на влегување во сила на овој закон.

Тргнувајќи од анализата на содржината на оспорениот став 2 на член 28 од Законот, Судот оцени дека истиот има повратно дејство од причина што предвидува забрана на примена на законите во конкретна правна ситуација и односи што настанале пред неговото влегување во сила, а тоа се однесува на започнати постапки по услови предвидени во Законот за железничкиот систем („Службен весник на РМ“ бр.48/2010 и 23/2011). Имено, според Судот, ваквата одредба има ретроактивно дејство, од причина што новиот закон може да дејствува само врз новите правни ситуации и односи што настануваат по неговото влегување во сила, но претходно настанатите правни ситуации не може да запрат. Ова дотолку повеќе што истовремено оспорениот член 28 став 2 од Законот е нејасен и непрецизен, од причина што не е јасно што ќе се случува понатаму со започнатите постапки, а кои сега се запираат.

Според Судот, оспорениот член внесува огромна доза правна несигурност и е во спротивност со принципот на уставноста и законитоста, кој го обврзува законодавецот да конципира прецизни, недвосмислени и јасни норми, бидејќи само таквите правни норми можат да претставуваат солидна основа за постапување од страна на државните органи,што значи дека само јасните и прецизните норми ја гарантираат правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеењето на правото. Владеењето на правото, подразбира доследна примена на законските прописи, кои треба да се општи, точно одредени и недвосмислени формулирани правила, поради што Судот оцени дека членот 28 став 2 од Законот, е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното се одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.104/2012
16 јануари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски