Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 26 декември 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на
– Одлуката за одржување на јавна чистота и утврдување на надоместок за одржување на јавната чистота, бр.07-2285/16 од 14 септември 2009 година, донесена од страна на Советот на општина Охрид („Службен гласник на општина Охрид“ бр. 9/2009);
– Одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши ЈП „Охридски Комуналец“ Охрид, донесена од Управниот одбор на јавното претпријатие (под бр. 02-204/2 од 24.01.2012), објавена во „Службен гласник на општина Охрид“ бр.1/2012; и
– Одлуката за висината на надоместокот за одведување и третман на атмосферските води на подрачјето на градот Охрид, донесена од страна на Управниот одбор на Јавното претпријатие „Нискоградба Охрид“ (под бр.02-313/3 од 27.07.2010), објавена во „Службен гласник на општина Охрид“ бр.10/2010.
2. Д-р Богољуб Златански од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките наведени во точката 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата, одлуките за финансирање на комуналните дејности согласно членот 27 од Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.45/97) ги донесува управниот одбор на претпријатието со претходна согласност од основачот. Според членот 26 од Законот, средствата за вршење на комуналните дејности се остваруваат од цената на комуналните услуги. Во практиката комуналните претпријатија овие свои одлуки ги третирале како фискална обврска – данок и барале наплата во месечни износи независно од тоа дали сопственикот на станот, куќата, викендичката живее тука или не (такви биле одлуките за наплата на услугата за иснесување на смет; одлуката за наплата на струја за улично светло; одлуката за наплата такса за атмосферски води; одлуки за плаќање надомест за тековно одржување на зградите).
Според подносителот на иницијативата, овие одлуки биле противуставни и незаконити од причина што само Собранието на Република Македонија можело да ги утврдува јавните давачки и ниеден друг орган немал такви овластувања од фискален карактер. Услугите што ги вршеле јавните претпријатија имале карактер на облигационен однос и тие биле регулирани со Законот за облигациони односи, според начелото на еднаква вредност на давањето и примањето, од каде што произлегувало дека никој не е должен да плати на друг за нешто што не е извршено како противредност. Тоа значело дека јавните претпријатија можат да наплатат само за услугите што ги вршеле по цени кои се утврдени со одлука на собранието и за време додека сопственикот престојувал во објектот, а не и за месеците за кои не престојувал во објектот.
Според член 27 од Уставот секој граѓанин има право на слободно движење на територијата на Република Македонија и слободно да го избира местото на своето живеалиште. Ако граѓанинот има повеќе станови, куќи, викендички во други градови, право на граѓанинот е да избере во која од нив ќе престојува и само за време на престојот тој има обврска да ги подмирува трошоците за комунални услуги.
Од тука произлегувало дека нема уставна и законска основа одлуките за комуналните услуги да се третираат како фискални – даночни обврски и нивните сметки да се плаќаат независно од времето на користењето на нивните услуги поради што предлага одлуките да се укинат како противуставни и незаконити.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 4 од Одлуката за одржување на јавна чистота и утврдување на надоместок за одржување на јавната чистота, бр.07-2285/16 од 14 септември 2009 година,(изменета со Одлука бр.07-3360/42 од 29.12.2010 година, за физичките лица, односно за домаќинствата, сопственици или корисници на објекти за домување на територијата на општината Охрид надоместокот за одржување на јавната чистота изнесува 50,00 денари месечно.
Судот на седницата исто така утврди дека според члнот 2 од Одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши ЈП „Охридски Комуналец“ Охрид, донесена од Управниот одбор на јавното претпријатие (под бр. 02-204/2 од 24.01.2012), надоместокот за извршена услуга – подигање, транспортирање и депонирање на комунален отпад од домаќинствата на територијата на општина Охрид се утврдува во зависност од површината на стамбениот објект во кој живее домаќинството и тоа: за сопственици на индивидувални станови и станови во колективно живеење надоместокот се утврдува 2.40 денари/м2 месечно. Сметките се изготвуваат и доставуваат секој месец.
Судот на седницата утврди дека според членот 2 од Одлуката за висината на надоместокот за одведување и третман на атмосферските води на подрачјето на градот Охрид, донесена од страна на Управниот одбор на Јавното претпријатие „Нискоградба Охрид“ (под бр.02-313/3 од 27.07.2010), висината на надоместокот за одведувањето и третманот на атмосферските води се определува на износ од 100,00 денари за правни лица и 60,00 денари за физички лица месечно во бруто износ со пресметан данок на додадена вредност.
4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.
Во јули 2012 година беше донесен нов Закон за комуналните дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012) кој во членот 1 определува дека со овој закон се уредуваат основните услови и начинот на вршење на комуналните дејности, финансирањето на комуналните дејности, финансирањето на изградбата и одржувањето на објектите на комуналната инфраструктура и други прашања од значење за комуналните дејности.
Согласно членот 2 од Законот, комуналните дејности се дејности од јавен интерес.
Во членот 5 од Законот се определени комуналните дејности, меѓу кои во точката 4) изградба на канализациона мрежа, одведување и испуштање на атмосферски води, под што се подразбира прифаќање на атмосферските води од урбани површини, одведување со канализациона мрежа и испуштање во реципиент; во точката 7) собирање и транспортирање на комунален отпад и други видови на неопасен и инертен отпад, под што се подразбира собирање, селектирање, транспортирање и депонирање на уредени депонии; и во точката 8) одржување на јавна чистота, под што се подразбира чистење (миење и метење) на јавни површини, јавни и отворени простори на јавни објекти и чистење на снегот во зимски услови.
Во членот 6 од Законот е определено дека условите и начинот на вршење на комуналните дејности од членот 5 од овој закон се пропишуваат со овој закон и посебните закони со кои се пропишани условите и начинот на вршење на одделни комунални дејности.
Во новиот Закон за комуналните дејности, (член 14) направена е поделба на комуналните услуги на комунални услуги за задоволување на индивидуалната потрошувачка и комунални услуги за задоволување на заедничката потрошувачка.
Во услуги за задоволување на индивидуалната потрошувачка, меѓу другите наброени услуги, спаѓа и комуналната услуга собирање и транспортирање на комунален отпад.
Во услуги задоволување на заедничка потрошувачка, меѓу другите наброени услуги спаѓаат и комуналните услуги на одведување и испуштање на атмосферски води и на одржување на јавната чистота.
Во членот 21 од Законот е определено дека средствата за финансирање и развој на комуналните дејности се обезбедуваат, меѓу другите извори и од надоместок (цена) за дадена комунална услуга за индивидуална комунална потрошувачка утврдена со закон.
Согласно членот 22 од Законот, за користење на комуналните услуги од индивидуалната комунална потрошувачка од членот 14 став (1) од овој закон се плаќа надоместок утврден со посебните закони со кои се уредуваат одделни комунални дејности. Висината на надоместокот од ставот 1 на овој член ја утврдува давателот на комуналната услуга по претходно добиена согласност од општините, општините во градот Скопје, односно градот Скопје, односно Владата на Република Македонија за јавните претпријатија основани од Владата на Република Македонија.
Според членот 23 од Законот, од надоместокот за користење на комунални услуги од индивидуална комунална потрошувачка се обезбедуваат средства, меѓу другите, и за вршење на комуналната дејност- собирање и транспортирање на комунален и технолошки отпад, а според членот 24, надоместокот за користење на комуналните услуги од индивидуалната комунална потрошувачка од членот 14 став (1) од овој закон се пресметува во мерни единици, и тоа за собирање и транспортирање на комунален отпад во денари по м2/кг/паушал или во денари по м3 по член на домаќинство.
Според членот 25 од Законот, за користење и одржување на објектите на комуналната инфраструктура, како и давањето на заедничката комунална услуга од членот 14 став 2 од овој закон се плаќа надоместок утврден со посебните закони со кои се уредуваат одделни комунални дејности.
Од надоместокот меѓу другите, се финансираат и комуналните дејности одржување на јавната чистота на јавните површини, и комуналната дејност одведување и пречистување на отпадни и атмосферски води.
Согласно членот 26 од Законот, висината и начинот на наплата на надоместокот од членот 25 од овој закон ја утврдува општината, односно градот Скопје. Висината на надоместокот се утврдува во зависност од видот и обемот на објектот, степенот на изграденост и опременост, локацијата и степенот и видот на услугата. Надоместокот од ставот 1 на овој член го плаќаат сопствениците, односно корисниците на станбен и деловен простор. Средствата од надоместокот од ставот 1 на овој член се приход на општината, односно градот Скопје и се користат за изградба и одржување на објектите за заедничка комунална потрошувачка.
Во член 24 од Законот за јавната чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр. 111/2008, 64/2009, 88/2010, 114/2010, 23/2011, 53/2011 и 80/2012) е определено дека за одржување на јавната чистота се плаќа надоместок. Висината на надоместокот од ставот 1 на овој член ја утврдува советот на општината, советите на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје во зависност од изграденоста, уреденоста на јавните површини и потребата-обемот за одржувањето на јавните површини на нивното подрачје. Советот на општината, советите на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје ја утврдува мерната единица по која би се наплаќал надоместокот од ставот 1 на овој член.
Во член 121 од Законот за управување со отпадот („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 107/2007, 102/2008, 143/2008, 124/2010 и 51/2011) е определено дека висината на цената за собирање и за транспортирање на комуналниот отпад ја одобруваат советот на општините и градот Скопје, на предлог на градоначалникот на општините и градот Скопје, кога давателот на услугата е јавно претпријатие основано од општините и градот Скопје согласно со членот 46 став (3) на овој закон. Цената од ставовите (1) и (2) на овој член ќе биде определена врз основа на количеството и видот на отпадот која може да се утврдува според единица како денар по метар квадратен, денар по метар кубен и денар по килограм.
Во членот 6 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување урбани отпадни води („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 28/2006, 103/2008, 17/2011 и 54/2011) е определено дека цената на водата за пиење и одведувањето на урбаните отпадни води и атмосферски води се изразуваат во ден/м З. Цената од ставот (2) на овој член зависи од трошоците за снабдување со вода за пиење до корисниците на услугата и одведувањето на урбаните отпадни води, трошоци за заштита на животната средина околу извориштето и на самото извориште, експлоатационите трошоци, трошоците за одржување, замена на амортизираните делови и други оштетувања, капитални инвестиции, каматите за отплата на капиталните инвестиции и други трошоци. Цената ја определува давателот на услугата, по претходна согласност на основачот. Цената се определува како:
– надоместок за м/3 вода за пиење со одведување на отпадни води и атмосферски води од домаќинствата и индустриски отпадни води;
– надоместок за м/3 само вода за пиење и
– надоместок за м/3 само за одведување на отпадни води и атмосферски води од домаќинствата и индустриски отпадни води.
Во однос на првооспорената одлука – Одлука за одржување на јавна чистота и утврдување на надоместок за одржување на јавната чистота, Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија веќе ја оценувал нејзината законитост и со Одлука У.број. 148/2010 од 22 декември 2010 година го поништил членот 4 ставови 1 и 2. Судот оценил дека одредбите од членот 4 ставови 1 и 2 од Одлуката не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 од Уставот, како и со членот 24 од Законот за јавна чистота, бидејќи: „Надоместокот за давањето на комуналната услуга – одржување на јавна чистота, е комунална давачка за чие определување со Законот за јавната чистота се уредени критериумите, односно висината на надоместокот е детерминирана со параметрите во членот 24 од Законот за јавна чистота во кои не е предвидено дека постојаното или непостојаното живеење на сопствениците на становите во општината, е елемент за определување на надоместокот, ниту тоа може да биде објективен и прифатлив критериум во однос на корисниците на услугата и нивните права и обврски. Ова особено што субјектот што ја дава услугата, за тоа е со закон обврзан како вршење на работи и задачи во рамки на своите надлежности и не станува збор за различен вид на услуги насочени кон различни корисници на тие услуги, туку станува збор за еден вид на услуга – одржување јавна чистота, во интерес на урбаното подрачје, за кое сите корисници, еднакво во рамки на законските критериуми ќе треба да го понесат финансискиот товар на надоместокот, без оглед дали постојано или непостојано живеат во сопствените станови во општината Охрид“.
По донесувањето на оваа одлука на Уставниот суд, Советот на општина Охрид, на 29 декември 2010 година ја донел Одлуката за изменување на Одлуката за одржување на јавна чистота и утврдување надоместок за одржување на јавната чистота (бр. 07-3360/42 од 29.12.2010, објавена во „Службен гласник на општина Охрид“ бр.15/2010), со која го изменил членот 4 став 1 од одлуката, кој сега гласи: За физичките лица, односно за домаќинствата, сопственици или корисници на објекти за домување на територијата на општината Охрид, надоместокот за одржување на јавната чистота изнесува 50,оо денари месечно.
Од изнесената нова содржина на членот 4 ставови 1 и 2 од Одлуката за одржување на јавна чистота и утврдување надоместок за одржување на јавна чистота според која висината на надоместокот е определена фиксно во износ од 50 денари за физичките лица, односно домаќинствата кои се сопственици или корисници на објекти за домување во Охрид, овој начин на утврдување на надоместокот е во согласност со одредбата од 26 став 2 од Законот за комуналните дејности, според кој висината на надоместокот се утврдува во зависност од видот и обемот на објектот, степенот на изграденост и опременост, локацијата, степенот и видот на услугата. Поради наведеното, а и од причини изнесени во споменатата Одлука У.број. 148/2010 од 22 декември 2010 година, Судот утврди дека не постојат основи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 4 став 1 од Одлуката Одлука за одржување на јавна чистота и утврдување на надоместок за одржување на јавната чистота, бр.07-2285/16 од 14 септември 2009 година, изменета со Одлуката за изменување на Одлуката за одржување на јавна чистота и утврдување надоместок за одржувањето на јавната чистота (бр.07-3360/42 од 29 декември 2010 година, донесени од страна на Советот на општина Охрид. („Службен гласник на општина Охрид“ бр. 9/2009 и 15/2010).
Во однос на второоспорената одлука – Одлука за утврдување на цените на услугите што ги врши ЈП „Охридски комуналец“, од содржината на одредбата од членот 2, произлегува дека со оспорената одлука цената на надоместокот за подигање, транспортирање и депонирање на комунален отпад е определена во мерната единица денар по метар квадратен, што е во согласност со горенаведениот член 24 од Законот за комуналните дејности како и во согласност со член 121 од Законот за управување со отпадот. Поради наведеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оваа одлука со Законот за комуналните дејности и Законот за управување со отпадот.
Во однос на третооспорената Одлука – Одлука за висината на надоместокот на одведувањето и третманот на атмосферските води на подрачјето на градот Охрид, од анализата на одредбите од новиот Закон за комуналните дејности член 14 став 3), произлегува дека комуналната дејност одведување и испуштање на атмосферски води претставува услуга за задоволување на заедничката потрошувачка. Според членот 25 од Законот, за давањето на заедничка комунална услуга се плаќа надоместок утврден со посебните закони со кои се уредуваат одделните комунални дејности. Во конкретниот случај тоа е Законот за снабдување со вода за пиење и одведување урбани отпадни води кој во членот 6, цитиран погоре предвидува дека цената на водата за пиење и одведувањето на урбаните отпадни води и атмосферски води се изразуваат во ден/м З. Од друга страна пак, во членот 26 од Законот за комуналните дејности не е определена мерната единица за овие комунални услуги, туку е предвидено дека висината на надоместокот се утврдува во зависност од видот и обемот на објектот, степенот на изграденост и опременост, локацијата и степенот и видот на услугата.
Во контекст на ова, за Судот е прифатливо образложението во мислењето што го достави општина Охрид, според кое надоместокот за одведување на атмосферски води не зависи од потрошувачката на вода во домаќинствата и индустријата и дека во одделни делови од градот (како што се викенд населби, згради со викенд станови) во определени периоди иако нема потрошувачка на вода и одвод на отпадни води од домаќинствата, постојат атмосферски води кои зависат од атмосферските врнежи и талози на одредено подрајчје. Нивното мерење по домаќинство е невозможно да се направи, поради што надоместокот за определување на оваа услуга се определува во фиксен износ.
Оттука произлегува дека обврската за плаќање на овој надоместок не може да зависи од тоа дали сопственикот на станот или куќата живее и колкав период од годината тој живее во објектот, туку од потребата од континуирано вршење на овој вид на услуга кој од своја страна зависи од временските состојби (атмосферските врнежи) и од потребата за континуирано и редовно одведување на атмосферските води. Поради наведеното Судот не го постави прашањето за согласноста на Одлуката за висината на надоместокот на одведувањето и третманот на атмосферските води на подрачјето на градот Охрид со Законот за комуналните дејности.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.112/2012
26 декември 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски