У.бр.139/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 26 декември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за урбан блок 6.01 – нова поделба според ГУП, донесена од страна на Советот на општина Прилеп на 24.08.2012 година и објавена во („Службен гласник на општина Прилеп“ бр. 9/2012).

2. Советничката група на СДСМ при Советот на општина Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот Детален урбанистички план бил спротивен на член 15-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој се однесувал на процентот на изграденост на стамбени згради и кој требало да изнесува 70% од површината на градежната парцела, како и став 2 од истиот член со кој е регулиран бројот на паркинг местата.

На јавната презентација и јавната анкета еден од подносителите на иницијативата – Татјана Стефаноска доставила анкетен лист со забелешки кои се однесувале на загрозување на безбедноста на станарите од кражби преку постоечките бесправно изградени доградби, загрозување на постоечката инфраструктура, оневозможување пристап на противпожарно возило, затворање на задните влезови во зградите, необезбедување на доволно паркинг места, непредвидување на зелена површина потребна за здраво живеење. Според наводите во иницијатвата, по Анкетниот лист и дадените забелешки, Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина дал одговор, кој според подносителите е неприфатлив бидејќи се работело за стамбени единици – домови во кои живеат физички лица за кои што морало да се обезбедат доволно паркинг места.

Поради наведеното со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Одлуката е определен планскиот опфат кој го дефинираат границите на ул. Маршал Тито (на југоисток), ул. Марксова (на југозапад) и ул. Републиканска (на север) кој е со површина од 0,55 ха.

Во членот 2 од Одлуката се навдени прилозите кон Одлуката.

Според член 3 од Одлуката е определено во колкав број на примероци се заверува планот и каде тие се чуваат и доставуваат.

Во членот 4 од Одлуката е определно дека составен дел од Одлуката е Извештајот од јавната презентација и јавната анкета со образложенијата за прифатените и неприфатените забелешки.

Во членот 5 е определена обврската на Општината за картирање на планот.

Во членот 6 од Одлуката е определен органот надлежен за спроведување на планот.

Во членот 7 од Одлуката е определено дека примерок од планот се доставува до органот на државната управа за работите од областа на уредувањето на просторот.

Во членот 8 од Одлуката е определено стапувањето во сила на одлуката.

4. Според член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителите на иницијативата одлуката за усвојувањето на конкретниот детален урбанистички план ја оспоруваат поради определени прашања поврзани со содржината на самиот план (на пример: процентот на изграденост на стамбени згради, забелешки дека со планските решенија се загрозувала безбедноста на станарите од кражби, се загрозувала постоечката инфраструктура, се оневозможувал пристап на противпожарни возила, дека не биле предвидени доволно паркинг места во сооднос со бројот на стамбените единици, дека не била предвидена зелена површина и сл.). Иако иницијативата се повикува на несогласност на планот со Законот за просторно и урбанистичко планирање, во неа не се наведува ниту една причина за несогласноста на планот со Законот за просторно и урбанистичко планирање од аспект на постапката на донесувањето на планот, од кој аспект само Уставниот суд е надлежен да ги оценува урбанистичките планови.

Забелешките на планот наведени во иницијативата, еден од подносителите на иницијативата – Татјана Стефаноска ги истакнала во постапката за донесување на самиот Детален урбанистички план, односно на јавната презентација и јавната анкета која била спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање. Од увидот во документацијата доставена од Општина Прилеп, Судот утврди дека на овие забелешки било одговорено во писмена форма, при што било дадено и образложение од кои причини забелешките не биле прифатени.

Имајќи предвид, дека со иницијативата предметната одлука се оспорува од аспект на нејзината содржина, без при тоа да бидат дадени јасни и конкретни причини кои би се однесувале на самата постапка за донесување на Деталниот урбанистички план, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.139/2012
26 декември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски