Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 19 декември 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката за исплата на еднократна парична награда, број 07-5569/30 од 18.07.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, објавена во “Службен гласник на Општина Центар-Скопје”, број 12 од 2 ноември 2012 година.
2. Министерство за локална самоуправа Државен инспекторат за локална самоуправа – Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитост на актот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата, Државниот инспекторат за локална самоуправа со Решение број 17-3286/1 од 26.11.2912 година ја запрел примената на оспорениот акт, бидејќи при вршењето на надзор над прописите донесени од Советот на Општина Центар, заклучил дека тој не бил во согласност со одредби од Законот за локалната самоуправа и Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Макеоднија и другите избрани и именувани лица во Републиката, бидејќи наведените закони не пропишувале право на членовите на советите на општините да примаат надомест и исплата на еднократна парична награда.
Од овие причини Државниот инспекторат за локална самоуправа, пред Уставниот суд, поднесува иницијатива за оценување на законитост на оспорената одлука со барање овој суд, истата да ја поништи како незаконита.
3. Судот, на седницата утврди дека врз основа на член 26 од Статутот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје“ број 01/06), Советот на Општина Центар-Скопје на 82-та седница одржана на ден 18.07.2012 година, донел Одлука за исплата на еднократна парична награда.
Во член 1 од Одлуката е наведено дека: “На членовите на Советот на Општина Центар-Скопје, заради зголемен обем на работа и ангажирање во реализирањето на седниците на Советот и големиот број на седници на комисиите на Советот во првото полугодие од 2012 година, кои придонесоа за успешна реализација на усвоените програми на Општина Центар-Скопје, им се определува еднократна парична награда во износ од 50.000,00 денари.
Во членот 2 од Одлуката се задолжува Градоначалникот на Општина Центар-Скопје, преку Секторот за финансии, да ја реализира оваа одлука.
Според членот 3 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје”.
Одлуката е со број 07-5569/30 од 18.07.2012 година и објавена е во “Службен гласник на Општина Центар-Скопје”, број 12 од 2 ноември 2012 година.
4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно членот 28 алинеи 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со иницијативата се оспорува Одлука за исплата на еднократна парична награда на членовите на Советот на Општина Центар-Скопје.
Подносителот на иницијативата кој е Државен инспекторат за локална самоуправа, по спроведен надзор над прописи донесени од Советот на Општина Центар-Скопје, констатирал незаконитост на одлука донесена од страна на Советот на Општина Центар, а која е предмет на оспорување со иницијативата, при што со решение ја запрел примената на одлуката.
Државниот инспекторат, повикувајќи се на членот 23 став 2 од Законот за државниот инспекторат за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” број 158/2010), кој уредува дека за пропис за кој е донесено решение за запирање на неговата примена поради неусогласеност со Уставот или закон, инспекторот подготвува иницијатива за поведување постапка за оцена на уставноста и законитоста на прописот пред Уставниот суд на Република Македонија, достави иницијатива пред овој суд за поведување на постапка за оценување на законитост на оспорената одлука. Меѓутоа, не сите прописи, можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, туку само прописите кои содржат општи норми на однесување, со кои се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и утврдуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото.
Во конкретниот случај, актот кој се оспорува нема карактер на пропис со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, бидејќи од неговата содржина неспорно произлегува дека во случајов станува збор за поединечен, конкретен акт донесен од Советот на Општина Центар-Скопје, со која на членовите на Советот на Општина Центар-Скопје им се определува еднократна парична награда. Со оглед дека оцената на уставноста и законитоста на поединечни, конкретни акти не спаѓа во надлежност на Уставниот суд, а во конкретниот случај станува збор за пропис со таков карактер, оспорениот акт не е подобен за уставно судска оцена.
5. Имајќи предвид дека актот кој се оспорува со иницијативата, нема карактер на пропис erga omnes, настапени се процесните услови за примена на цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативата.
6. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У. бр.190/2012
19 декември 2012 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски