У.бр.186/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 декември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Славчо Десподов од Делчево за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Славчо Десподов од Делчево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот кои се однесуваат на заштита од дискриминација по основ на општествена положба, граѓанско здружување и по основ на владеењето на правото, повредени со Решение на Основен суд Виница МАПВП 31/11 од 21.05.2012 година и Решение на Апелационен суд во Штип ГЖ.бр.1094/12 од 6.07.2012 година.

3. Подносителот на барањето смета дека во одредени предмети во кои како странка се јавувал подносителот на барањето, во договор на судиите од Основниот суд во Делчево и судиите на Апелационен суд во Штип, истите биле препраќани во Основниот суд во Виница на кој начин преку конкретен акт Решение на Основен суд Виница МАПВП 31/11 од 21.05.2012 година и Решение на Апелационен суд во Штип ГЖ.бр.1094/12 од 6.07.2012 година му било повредено правото од член 110 алинеја 3 од Уставот.

Меѓутоа, барањето на подносителот содржи исклучиво хронологија на настаните, односно постапување и работење на судовите во Виница и Штип, по одредени предмети во кои како странка се јавува подносителот на барањето, без притоа со ниту еден збор или реченица да се наведе и прецизира кое право му е повредно со наведените одлуки, односно дали станува збор за барање за заштита на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓанинот по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичк априпадност, кои што се основи по кои Уставниот суд во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот има надлежност да постапува.

4. Со членот 110 од Уставот, децидно се утврдени надлежностите на Уставниот суд. Според алинеја 1 и 2 од овој член од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според алинеја 3 од овој член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Посебно уставносудската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив. Тие се како надлежност на Уставниот суд на Република Македонија определени во членот 110 алинеја 3 од Уставот. Имено, и во членот 50 од Уставот јасно е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапката заснована врз начелата на приоритет и итност.

Имајќи ја предвид изнесената фактичка и правна ситуација, а тргнувајќи пред се од содржината на поднесеното барање, во случајов само декларативно, и тоа само во воведниот дел на барањето, со цитирање на член 110 алинеја 3 од Уставот, се бара Уставниот суд да одлучи по предметното барање со прикажување на одреден работен ангажман и постапување на одредени судии во Основниот суд во Делчево и Апелациониот суд во Штип, како повреда на уставно утврдени слободи и права сторени со дејствие на изземање на судиите од Основниот суд во Делчево од споровите каде како странка се јавувал подносителот на барањето. Според Судот, во поднесеното барање не се содржани аргументи ниту наводи по кои Судот би можел мериторно да се впушти во одлучување по барањето. Имено, како што веќе беше погоре наведено подносителот само во воведниот дел на барањето се повикува на член 110 алинеја 3 од Уставот, без притоа во образложението на истото да наведе кое право од цитираната уставна одредба му е повредено. Од овие причини, според Судот, се настапени деловничките одредби од член 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.186/2012
12 декември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски