У.бр.229/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 05 декември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на измени и дополнување на Детален урбанистички план на град Кичево за населбата “Бала маало“, број 07-1016/4 донесена од страна на Советот на општина Кичево на седницата одржана на 14.07.2000 година и објавена во („Службен гласник на општина Кичево“ бр.4/2000).

2. Веле Калчиноски од Кичево до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.

3. Според наводите во иницијативата оспорениот Детален урбанистички план бил спротивен на член 31 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со кои одредби, при изработувањето на плановите задолжително се применувале стандардите и нормативите за урбанистичко планирање. Така, според наводите во иницијативата во членот 21 и 22 од Правилникот за стандарди и нормативи било забрането изградба на станбено деловен објект ако плацот немал ширина од шест метра. Како пример ја наведува КП.1927 со дадена ширина од 4,20 метра на едната страна а на другата страна 3,40 метра, на која бил изг раден објект кој не бил дозволен.

Во иницијативата се наведува дека западно од оваа парцела според планот било предвидено да се гради градба на приземје, деловен простор, а од улицата “Белгрaдска” на север била изградена куќата на подносителот на иницијативата и не се водело сметка за хуманото живеење и од тие причини се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставност и законитоста на оспорениот ДУП.

4. Судот на седница утврди дека според член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај се работи за Одлука за донесување на измени и дополнувања на Детален урбанистички план на град Кичево за населбата “Бала маало“, донесена од страна на Советот на општина Кичево на седницата одржана на 14.07.2000 година и објавена во („Службен гласник на општина Кичево“ бр.4/2000) донесена врз основа на член 22 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/96 и 28/97), согласно член 1 и 29 од Законот за локалната самоуправа(„Службен весник на Република Македонија“ бр.52/96) а во врска со член 43 став 2 точка 6 и член 75 од Статутот н а општина Кичево.

Согласно членот 1 од Одлуката, Предлог-планот бил изготвен од ИН-ПУМА од скопје со технички број 61/2000 од јуни 2000 година и истиот бил составен дел на оваа Одлука.

Во членот 2 е наведено дека оваа Одлука содржи: текстуално образложение, графички прилози според законските одредби, одредби за реализација на планот, стручна ревизија на Нацрт-измени и дополнување на ДУП за населбата “Бала Маало“ – Општина Кичево, изготвена од Архитектонскиот факултет од Скопје од март 2000 година и Извештај од јавната анкета по Нацрт-измени и дополнување на ДУП за населба “Бала Маало“-Општина Кичево, со образложение за неприфатените забелешки, број 26-694/2-1 од 13 јуни 2000 година.

Според членот 3 од Одлуката, планот се заверува во рок од 8 дена од денот на донесувањето во 4 примероци, како и оригиналните графички прилози на хамер и фолија со потпис и печат на доносителот на планот, а останатите примероци се донесуваат до Подрачната единица на Министерството за урбанизам и градежништво во Кичево.

Согласно член 4 од Одлуката, планот ќе го спроведува Министерството за урбанизам и градежништво – Подрачната единица во Кичево, по добиената согласност за спроведување на планот од страна на МУГ-Скопје.
Според член 5 од Одлуката, примерок од истата се доставува до Канцеларијата на Главниот архитект и Министерството за урбанизам и градежништво Подрачната единица во Кичево

Согласно член 6 оваа Одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Кичево“.

5. Судот на седница утврди дека во конкретниот случај, од наводите во иницијативата произлегува дека се оспорува содржината на деталниот урбанистички план во смисла на тоа дека при неговата изработка не биле почитувани утврдените нормативи за височината и видот на планираните објекти и дека била променета намената на планираниот простор спротивно на Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот. Имено, иако иницијативата се повикува на несогласност на планот со Законот, во неа не се наведува ниту една причина зошто оспорениот план е спротивен на Законот. Во наводите на иницијативата отсуствуваат аргументи за тоа од кои причини подносителот смета дека оспорената Одлука за донесување на деталниот урбанистички план не била донесена во постапка согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, со оглед на тоа дека само од тој аспект може Уставниот суд да ги оценува урбанистичките планови.

Во таа смисла, сите забелешки на планот наведени во иницијативата, а кои се однесувале на содржината на планот, подносителот на иницијативата можел да ги истакне во постапката за донесување на самиот Детален урбанистички план, односно на Јавната презентација и јавната анкета која била спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, што од негова страна, видно од доставената документација не било сторено.

Имајќи предвид, дека со иницијативата предметната одлука се оспорува од аспект на нејзината содржина и во однос на акти чија што оценка не е во надлежност на Уставниот суд, како и фактот што во неа нема јасни и конкретни причини за оспорување на предметната одлука од аспект на постапката за донесување на Деталниот урбанистички план, односно фазите за донесување на планот уредена со закон, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .

У.бр.229/2011
05 декември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски