Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 28 ноември 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 20 став 1 во делот
2. Живко Калков, стечаен управник од Гевгелија, Младен Веселинов, стечаен управник од Скопје и Илија Лазаревски, стечаен управник од Велес, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителите на иницијативата, со оспорениот член 20 став 1 од Законот за стечај, според кој дејноста стечаен управник можат да ја вршат физички лица – трговец поединец и друштва регистрирани според одредбите на Законот за трговски друштва, но само за вршење на дејност стечаен управник и со одредбата во ставот 3 на истиот член, со која биле определени дејностите што можат да ги вршат друштвата од ставот 1 на овој член (дејности поврзани со стечајната постапка и со планот за реорганизација), а не биле опфатени други дејности (книговодствени услуги, проценки, вештачења и други сродни дејности), се правело неосновано и неуставно ограничување спротивно на слободата на пазарот и претприемништвото гарантирани со Уставот, поради што овие одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 7, член 52, член 54 и член 55 од Уставот.
Со поништувањето на овие одредби како неуставни, друштвата за вршење работи на стечаен управник ќе биле изеданачени со трговските друштва коишто во рамки на еден правен субјект можат да обавуваат повеќе дејности, преку регистрирани подружници со поседување на лиценци/овластувања за истите.
3. Судот на седницата утврди дека според член 20 став 1 од Законот за стечај, работите на стечаен управник може да ги врши физичко лице кое има лиценца за вршење на работите на стечаен управник, како и јавно трговско друштво или друштво со ограничена одговорност (во натамошниот текст: друштво) основано само за вршење на работи на стечаен управник и има лиценца за вршење на работите на стечаен управник и се зачленети во Комората на стечајни управници.
Според став 3 на истиот член, друштвата од ставот 1 на овој член можат да вршат дејности поврзани со стечајната постапка и со планот за реорганизација.
4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 7од Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Според став 2 на овој член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Согласно став 3 на истиот член, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Cо Законот за стечај се уредуваат целите и условите за отворање на стечајната постапка; органите на стечајната постапка; управувањето и располагањето со имотот што влегува во стечајната маса; намирувањето на побарувањата на доверителите во стечајната постапка; правните последици од отворањето на стечајната постапка; планот за реорганизација; личното управување; ослободувањето од другите обврски; посебните видови стечајни постапки за поединци со статус на трговец; стечајни постапки со странски елемент и други прашања во врска со стечајот (член 1).
Со член 20 од овој закон, се определува кој може да биде именуван за стечаен управник. Така, според став 1 на овој член, работите на стечаен управник може да ги врши физичко лице кое има лиценца за вршење на работите на стечаен управник, како и јавно трговско друштво или друштво со ограничена одговорност основано само за вршење на работи на стечаен управник и има лиценца за вршење на работите на стечаен управник и се зачленети во Комората на стечајни управници.
Со иницијативата се оспорува делот од оваа одредба кој се однесува на определбата работите на стечаен управник да ги врши јавно трговско друштво или друштво со ограничена одговорност основано само за вршење на работи на стечаен управник, како одредба која ги повредувала слободата на пазарот и претприемништвото, кои се уставно гарантирани.
Ваквите наводи во иницијативата Судот ги оцени како неосновани. Имено, од анализата на наведените уставни одредби јасно произлегува дека гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката која отвара широки можности за заживување на стопанството и приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем. Меѓутоа, слободата на пазарот и претприемништвото не може да се сфати како работа само на субјектите на пазарот, бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на економските текови во стопанството.
Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претпоставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Имено, еднаквоста треба и мора да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или комплементарна дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополската положба и монополското однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност, од друга страна.
Законодавецот, со член 20 од Законот за стечај, ги определил условите под кои субјектите (физичко или правно лице) можат да ги вршат работите на стечаен управник, при што во однос на правното лице како вршител на овие работи, определил дека овие работи може да ги вршат само јавно трговско друштво или друштво со ограничена одговорност основани само за вршење на работи на стечаен управник. Фактот што законодавецот се определил за наведените две форми на трговски друштва (според Законот за трговски друштва, трговски друштва се: јавно трговско друштво; командитно друштво; друштво со ограничена одговорност; акционерско друштво и командитно друштво со акции), со дополнителен услов, овие трговски друштва да бидат основани само за вршење на работите на стечаен управник, сам по себе не може да се доведе под сомнение во однос на согласноста со слободата на пазарот и претприемништвото, како што се наведува во иницијативата. Ова затоа што е право на законодавецот, имајќи ја предвид спецификата, тежината и одговорноста за работите на стечајниот управник, да утврди под кои услови можат да се вршат тие работи, во насока за која оценил дека е целисходно, но кои услови треба подеднакво да се однесуваат на сите вршители, што според Судот, е испочитувано со оспорената законска одредба. Имено, право е на законодавецот да определи кои трговски друштва можат да се бават со работи на стечаен управник, а пропишаниот услов тие да бидат основани само за вршење на тие работи подеднакво се однесува на двете категории трговски друштва кои законодавецот определил дека можат да ги вршат работите, што ги прави еднакви пред законот. Притоа, не постои ограничување на бројот на трговски друштва кои под исти услови, можат да вршат работи на стечаен управник. Поради тоа, Судот оцени дека оспорената одредба не може уставно да се проблематизира од аспект на ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото, на што се однесуваат наводите од иницијативата.
Според Судот, во иста смисла треба да се подразабере и определбата на законодавецот во ставот 3 на членот 20 од Законот, со која стриктно се определуваат дејностите кои можат да ги вршат овие трговски друштва како стечајни управители, а тоа се исклучиво дејности поврзани со стечајната постапка и со планот за реорганизација. Целисходноста на ваквата законска определба е во надлежност на законодавецот и, според мислењето на Владата на Република Македонија, како предлагач на Законот, доставено до Уставниот суд по однос на наводите во иницијативата (акт бр.41-7028/1 од 9 октомври 2012 година) треба да се бара во неспоивоста на работите на стечајниот управник со вршењето на книговотствени работи, процена и сродни дејности поради отворениот конфликт на интереси кој би се појавил во водењето на стечајната постапка, со оглед дека врз основа на процена се изготвуваат значајни документи од кои зависи текот и исходот на стечајната постапка. Од аспект на уставноста на ваквото решение, суштинско е што тоа се однесува на сите вршители подеднакво.
Барањето во иницијативата работи на стечаен управник да вршат и други трговски друштва, основани за вршење и на други дејности (книговодствени услуги, проценки, вештачења и други сродни дејности), претставуваат барање за поинакво уредување на односите во делот на стечајниот управник, што е во надлежност на Собранието на Република Македонија, како доносител на Законот, а не на Уставниот суд, кој нема надлежност да нормира односи, туку само да ја цени уставноста на одредбите кои се во правниот поредок.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.107/2012
28 ноември 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски