Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28 ноември 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 94-б став 3 од Законот за семејство. („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 64/2010, 156/2010, 39/2012 и 44/2012).
2. Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 94-б став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите на подносителот на иницијтивата оспорениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 и став 2, член 9, член 11 став 1 и 2, член 25, член 54 став 1, 3 и 4 и член 118 од Уставот на Република Македонија.
Ова од причини што оспорениот став 3 на член 94-б блиски лични односи ги дефинира как односи помеѓу лица од различен пол кои се или биле во партнерски односи, а не живеат во вонбрачна заедница, на кој начин тесно ја дефинира категоријата блиски лични односи која претставува поширока категорија од бракот, семејството и вонбрачната заедница. Со ваквото тесно и ограничено дефинирањ е на блиските лични односи како лични односи меѓу лица од различен пол законодавецот извршил директна дискриминација врз останатите лица кои имаат лични односи со лица од ист пол и истите мора да бидат опфатени во категоријата блиски лични односи која Законот ја штити. Оспорениот член не бил во согласност со член 9 од Уставот, од причини што со него од семејно насилствосе штитат единствено лицата кои се или биле во партнерски односи со лица од спротивниот пол, на кој начин лицата кои се или биле во партнерски односи со лица од истиот пол не се еднакви пред Уставот и законите.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека согласно членот 54 од Уставот слободите и правата можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, при што тоа ограничување во никој случај не може да биде дискриминаторски по основ на пол.
Дополнително, ограничувањето не може да се однесува на правото на правна одреденост на казнивите дела и казните. Преку оспорениот член законодавецот се впушти во правно одредување на казнивото дело „семејно насилство“ пропишувајќи дека истото се однесува само на одредена категорија граѓани (партнери или поранешни партнери од различен пол) исклучувајќи ја притоа онаа категорија чии партнери се од истиот пол.
Исто така подносителот на иницијативата повикувајќи се на член 118 од Уставот, смета дека со оспорениот член се менува член 2 став 1 и член 26 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права според кои постои забрана за дискриминација по основ на пол, како и тоа дека со оспорениот чле н се повторувал членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.
Воедно, подносителот на иницијативата смета дека тесната рамка на дефинирање на категоријата блиски лични односи била во спротивност со член 11 став 1 и 2 од Уставот од причини што една цела група на граѓани кои реално постоја во општеството остануваат неопфатени односно незаштитени од секаков вид на мачење, нечовечко или понижувачко однесување од лицата со кое се или биле во партнерски односи од ист пол.
Дискриминацијата и правното незаштитување на определена група на граѓани е во спротивност и со членот 25 од Уставот како и со Повелбата на обединетите нации.
Тргнувајќи од наведеното подносителот изведува заклучок дека: Законот врши дискриминација на одредена група на граѓани на Република Македонија по основ на пол, е во спротивност со принципот на пропорционалност, е во директен судир и материјално менува два меѓународни договори кои се ратификуваат во согласност со Уставот, не ги заштитува сите граѓани од секаков облик на мачење, нечовеко или понижувачко однесување и директно врши непочитување на достоинство на определена група граѓани.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 94-б став 3 од Законот „под блиски лични односи во смисла на овој закон се подразбираат личните односи помеѓу лица од различен пол кои се или биле во партнерски односи, а не живеат во вонбрачна заедница“.
4. Според член 8 став 1 алинеја 1 темелни вредности на уставниот поредок н а Република Македонија, покрај другите се и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право утврдени со Уставот, а според ставот 2 на овој член во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането.
Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Граѓаните пред Уставот се еднакви.
Според член 11 став 1 од Уставот физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, а според став 2 се забранува секако воблик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување.
Според член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Согласно член 40 од Уставот на Република Македонија, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Правните односи во бракот, семејството и вонбрач- ната заедница се уредени со Закон.
Имајќи ја предвид содржината на одредбата од членот 40 од Уставот, произлегува дека Републиката обезбедува посебна заштита на семејството, како и на децата без родители и без родителска грижа, а правните односи во бракот, семејството и вонбрачната зедница остава да се уредат со закон. Или поточно кажано наведената уставна норма е широка, односно, не содржи дефиниција на поимите брак, семејство, в онбрачна заедница и заедничко домаќинствои од каде произлегува дека дефинирањето и уредувањето на односите, правата и обврските во семејството е оставено да се уреди со посебни закони.
Во насока на операционализација на наведениот уставен основ, законодавецот со Законот за семејство ги уредил правните односи и во областа на семејството, со кој во членот 1 е определено дека со овој закон се уредува бракот и семејството, односите во бракот и семејството, определен облик на посебна заштита на семејството, семејното насилство, посвојувањето, старателството, издржувањето, постапката пред судот во брачните и семејните спорови и постапката за ирекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство.
Според член 2 од Законот, семејство е животна заедница на родители и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство.
Во членот 6 став1 од Законот е определено дека бракот е со закон уредена заедница на живот на маж и жена во која се остваруваат интересите на брачните другари, семејството и општеството.
Според член 13, пак, од Законот, заедница на маж и жена која не е заснована во согласност со одредбите на овој закон (вонбрачна заедница) и која траела најмалку една година, е изедначена со брачната заедница во поглед на правото на меѓусебно издржување и имотот стекнат за време на траењето на заедницата.
Материјата за семејно насилство е уредена во Глава VI-а односно во членовите од 94-б до 94-ј од Законот.
Во членот 94-б став 1 од Законот е утврдено дека се забранува секаков вид на насилство меѓу членовите на семејството, без оглед на пол и возраст.
Според став 2 на наведениот член под семејно насилство се подразбира малтретирање, навредување, загрозува-ње на сигурност, телесно повредување, полово или друго психолошко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв спрема брачниот друга, родители и деца или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница и заедничко домаќинство, поранешен брачен другар на лица кои имаат заедничко дете или се наоѓа во блиски лични односи, вклучувајќи ги односите кои настанале со посвојувањето и старателството, браќа и сестри, полубраќа и полусестри, постари членови на семејството или заедничко домаќинство, лица – членови на семејството или заедничкото домаќинство чија деловна способност е делумно или целосно одземена.
Според оспорениот став 3 на член 94-б од Законот „Под блиски лични односи “ во смисла на овој закон се подразбираат лични односи помеѓу лица од различен пол кои се или биле во партнерски односи, а не живеат во вонбрачна заедница.
Според член 94-в жртва или извршител на семејно насилство може да биде кое било лице од член 94-б без оглед на пол и возраст.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, анализата на Законот за семејство како и целината на членот 94-б од Законот, каде во алинеата 1 е наведено дека потенцијални жртви можат да бидат и лица кои живеат во „заедничко домаќинство“ а не само ставот 3 кој е оспорен с о иницијативата и кој иницијаторот го гледа изолирано сам за себе,Судот смета дека ниедна категорија на граѓани кои би можеле да бидат потенцијални жртви на семејно насилство не е изземена од заштита од семејно насилство имајќи ги предвид алинеите 1 и 2 на став 2 од членот 94-б кои се сеопфатни.
Оттука, според Судот со оспорениот член 94-б став 3 само се појаснува односно се дефинира терминот „блиски лични односи“ употребен во членот 94-б ставот 2 алинеа 2 од Законот.
Имајќи го предвид наведеното, како и самата содржина на наводите во иницијативата недвосмислено произлегува дека во суштина подносителот оспорува одредба која во својата содржина не содржи нешто што според него треба да постои или на определен начин да биде регулирано, за што Уставниот суд не е надлежен.
Според тоа согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата ја отфрли.
5. Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.71/2012
28 ноември 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски