У.бр.152/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 14 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за локалитет Горно Лисиче Урбана единица А, бр.07-168/2, донесена од Советот на општина Аеродром на 11 мај 2010 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на согласноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение со член 30 од Уставот на Република Македонија и со членовите 21-23 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

3. Љубиша Милевски од Скопје, преку Зоран Ангелов-адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Планот донесен со оспорената одлука не бил во согласност со член 30 од Уставот на Република Македонија, член 24 став 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и членовите 21-23 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, затоа што не го почитувал стеченото право на подносителот на иницијативата на сопственост над градежното земјиште на КП бр.1325 со површина од 1445 м2 и неговото право на градење на објект на тоа земјиште, туку предвидувал на целата таа парцела да се гради паркинг-простор за станбена зграда. Инаку, на наведената парцела иницијаторот имал легално изграден објект кој бил единствен легално изграден објект во тој простор, а Планот определувал паркиралиште на негово место иако и самата општина Аеродром му укажала на изработувачот на Планот „Ин-Пума“ дека постојната градба на КП бр.1325 треба да биде вклопена во Планот. Од друга страна, Планот овозможувал вклопување на бесправно изградените објекти во Урбаната единица и овозможувал стекнување право на сопственост над градежно земјиште и право на градење. Освен тоа, паркинг-просторот можел да биде вклопен во станбената зграда како подземен паркинг, а постојниот објект можел да се вклопи во Планот. Покрај тоа, Планот, во делот на КП бр.1325, не ги почитувал стандардите и нормативите за планирање утврдени во членовите 21-23 од означениот правилник со оглед дека таа парцела не била соодветна на видот и густината на предвидените градби.

Во однос на член 24 став 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, во иницијативата се наведува дека забелешката на подносителот на иницијативата дадена при јавна анкета не била прифатена, за што според наведената законска одредба требало да се даде образложение, но такво образложение немало, поради што Одлуката не била донесена во согласност со член 24 став 9 од означениот закон.

4. а) Судот на седницата утврди дека, во однос на постапката на донесувањето на Одлуката, од добиените акти произлегува дека:

– нацрт-Планот бил на јавна презентација на 12 декември 2007 година во просториите на Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во општина Аеродром и на јавна анкета од 10 до 21 декември 2007 година во просториите на Основното училиште „Гоце Делчев“ во општина Аеродром;
– за време на јавната анкета биле доставени 78 анкетни листови со забелешки од граѓани и правни лица, меѓу кои бил доставен и анкетен лист број 39 на Љубиша Милевски (подносител на иницијативата);
– во Извештајот од одржана јавна анкета и јавна презентација, бр.18-9640/1 од 27.11.2009 година, под точка 39 стои дека: „забелешката за бришење на паркинг просторот и внесување на КП 1325 во ДУП не се прифаќа, предвидено е семејно домување во станбени згради со класа на намена А2 согласно ГУП на град Скопје од 2002 година.“
– со акт бр.8273/39/2 од 27.11.2009 година, до Љубиша Милевски е доставен одговор на анкетно прашање од спроведената јавна анкета по нацрт-Планот во кој се наведува дека: „согласно доставените забелешки на Анкетниот лист бр.39, забелешката за бришење на паркинг просторот и внесување на КП 1325 во ДУП не се прифаќа, предвидено е семејно домување во станбени згради со класа на намена А2 согласно ГУП на град Скопје од 2002 година.“
– со акт бр.18-9640/3 од 27.11.2009 година, Стручната комисија која ја спроведе постапката за јавна презентација и јавна анкета по нацрт-Планот, заклучи дека: „… нацрт-Планот со прифатените забелешки од јавна анкета претрпе промени на: промена на регулациони линии, промена на намена на земјиште и промена во поголем обем на други параметри утврдени со Планот согласно член 24 став 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.51/05 и бр.137/07) и заклучи дека за нацрт-Планот мора да се спроведе повторна јавна презентација и јавна анкета. Поради тоа, градоначалникот на општина Аеродром, за нацрт-Планот со вградени забелешки во Планот, повторно треба да спроведе јавна презентација и јавна анкета, задолжително објавени во јавните гласила, согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање член 24 став 9 и 10 („Службен весник на РМ“ бр.51/05 и бр.137/07).“
– со Решение, бр.18-32/1 од 05.01.2010 година, Градоначалникот на општина Аеродром определи организирање на јавна презентација, на 18.01.2010 година во просториите на Основното училиште „Лазо Ангеловски“, и јавна анкета, од 13-27.01.2010 година, со тоа што во Решението се определува дека соопштението за организирање на јавната презентација и јавната анкета ќе бидат објавени во два дневни гласила.
– за време на втората јавна анкета биле доставени 139 анкетни листови со забелешки од граѓани и правни лица, меѓу кои бил доставен и анкетен лист број 80 на Љубиша Милевски (подносител на иницијативата);
– во Извештајот од одржана втора јавна презентација и јавна анкета, бр.23-1327/1 од 30.04.2010 година, под точка 80 стои дека: „забелешката за КП бр.1325, ГП 9.27 и ГП 9.29 за изземање на новопланираните паркинзи, не се прифаќа согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.51/05, 137/07, 24/08 и 91/09) и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.78/06, 140/07, 12/09 и 93/09) и ГУП на град Скопје од 2002 година, а забелешката за дислокација на новопланираната трафостаница се прифаќа.“
– со акт бр.23-1431/80/2 од 11.05.2010 година, до Љубиша Милевски е доставен одговор на анкетно прашање од спроведената јавна анкета по нацрт-Планот во кој се наведува дека: „забелешката за КП бр.1325, ГП 9.27 и ГП 9.29 за изземање на новопланираните паркинзи, не се прифаќа согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.51/05, 137/07, 24/08 и 91/09) и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.78/06, 140/07, 12/09 и 93/09) и ГУП на град Скопје од 2002 година, а забелешката за дислокација на новопланираната трафостаница се прифаќа.“

б) Според член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 151/2007-исп. и 91/2009), кој важеше во време на донесувањето на оспорената одлука, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1).

Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од членот 17 став 4 на овој закон (став 2).

За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3).

За организирање на јавна презентација и јавна анкета градоначалникот е должен писмено да ги извести органите на државната управа, научните и стручните организации, субјектите од членот 29 на овој закон и други правни лица, заради нивно учество во јавната презентација и јавната анкета, а со цел за навремено да ги достават своите мислења или забелешки. Учесниците во јавната презентација и јавната анкета и субјектите од членот 29 на овој закон во рок од десет дена од одржувањето на јавната презентација и јавната анкета можат да дадат свои забелешки и предлози по нацрт планот, а доколку во овој рок истите не бидат доставени ќе се смета дека немаат предлози и забелешки на планското решение на нацрт планот (став 4).

Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересирани граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 5).

Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 6).

Извештај од јавната анкета со образложение на прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање (став 7).

Извештајот од ставот 7 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот (став 8).

Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 7 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози (став 9).

Доколку комисијата од ставот 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки на планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 10).

Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот (став 11).

Од изнесените законски одредби, во врска со аспектите покрената со иницијативата, произлегува дека законодавецот определил обврска за трочлената стручна комисија надлежна за спроведување на јавната анкета, да изработува извештај од јавната анкета, во кој ќе ги изнесе забелешките на граѓаните и правните лица и во кој ќе ги образложи причините поради кои забелешките се прифатени или не се прифатени (член 24 став 7). Комисијата има законска обврска, врз основа на извештајот, писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист, за прифатените или неприфатените забелешки или предлози и да ги образложи причините поради кои забелешките се прифатени или не се прифатени (член 24 став 9).

Во конкретниот случај, по нацрт-Планот биле одржани две јавни презентации и две јавни анкети, во двете јавни анкети учествувал подносителот на иницијативата и дал забелешки за предвидувањето во нацрт-Планот на паркинг-простор на неговата КП бр.1325, при што двата пати не биле прифатени наведените забелешки. Неприфаќањето на забелешките на Љубиша Милевски првиот пат било образложено така што се наведува „предвидено е семејно домување во станбени згради со класа на намена А2 согласно ГУП на град Скопје од 2002 година“, односно дека Генералниот урбанистички план на град Скопје од 2002 година на таа локација предвидува колективни станбени згради, а не индивидуални куќи како што бара подносителот на иницијативата, а неприфаќањето на забелешките вториот пат било образложено дека тоа е согласно на, покрај другото, „… ГУП на град Скопје од 2002 година“, односно дека Генералниот урбанистички план на град Скопје од 2002 година предвидува нешто друго од она што го бара подносителот на иницијативата. Со други зборови, извештајот содржи образложение поради кое не се прифатени забелешките на подносителот на иницијативата.

Со оглед на тоа што е дадено образложение поради кое не се прифатени забелешките на подносителот на иницијативата, Судот утврди дека оспорената одлука е донесена во постапка согласна на член 24 ставовите 7 и 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 151/2007-исп. и 91/2009), поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на Одлуката со наведените законски одредби.

5. а) Во однос на содржината на оспорената одлука, Судот на седницата утврди дека:

-во член 1 од Одлуката се определува дека се донесува Детален урбанистички план за локалитетот Горно Лисиче Урбана единица А и дека Одлуката ги почитува одредбите од Генералниот урбанистички план на град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.
-во член 2 од Одлуката се определува големината на просторот (46,23 ха) и границите на опфатот за кој се донесува Планот (ул. „Февруарски поход“, бул. „АСНОМ“, ул. „Тодор Чангов“, ул. „Видое Смисевски-Бато“), како и намената на предвидените објекти (на пример, А2-семејно домување во станбени згради, …).
-во член 3 од Одлуката се определува документационата основа за донесување на Планот, составена од текстуален и графички дел, како и планската документација, исто така, составена од текстуален и графички дел.
-членот 4 од Одлуката утврдува дека Планот се заверува со печат од Советот на општина Аеродром и потпис на претседавачот на Советот.
-со член 5 од Одлуката се определува дека Планот ќе се картира на хамер или на астралон во рок од 30 дена од донесувањето.
-според член 6 од Одлуката, Планот се заверува во седум примероци од кои еден се чува во архивата на донесувачот на Планот, а еден во Секторот за комунални работи, урбанизам и заштита на животна средина.
-во член 7 од Одлуката се определува дека таа влегува во сила од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Аеродром“.
б) Имајќи ја предвид изнесената содржина на одредбите од Одлуката, Судот утврди дека со нив не се уредуваат прашања во врска со сопственоста на градежното земјиште и на постојните објекти, ниту пак прашања во врска со правото на градење, на кои права укажува подносителот на иницијативата наведувајќи дека тие права му се повредувале со Одлуката. Поради тоа, Судот утврди дека Одлуката не може да се спротивставува на член 30 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост и дека нема процесни претпоставки за постапување на Судот по тој дел од иницијативата, па согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, се одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Во врска со наводите во иницијативата дека Одлуката не е во согласност со членовите 21-23 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд определена во член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот да одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите, а не и за согласноста на општинските акти со подзаконските прописи, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 на Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.152/2011
14 ноември 2012 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски