72/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 14 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 13 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.171/2010).

2. Тито Петковски, Соња Мираковска, Горан Мисовски и Николче Ацевски, сите од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 13 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата оспорената одредба не била во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот и со атрибутот на Република Македонија како социјална држава од членот 1 од Уставот. Ова, ако се имало предвид дека според членот 40 став 2 од Законот (правото на сопственост на пензискиот фонд е на неговите членови, а средствата на пензискиот фонд го сочинувале средствата од придонесите на членовите на тој фонд и придонесите од инвестираните придонеси) од каде произлегувало дека со оспорената законска одредба се нарушувало правото на сопственост од членот 30 од Уставот.

Тргнувајќи од содржината на членот 46 став 7 од Законот, според кој, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување се финансирала преку наплатување на надоместоци, подносителите на иницијативата наведуваат дека задржувањето на 85% од средствата во Буџетот на Република Македонија и пренесување само на 15% од средствата на сметка во деловна банка, наместо сите средства да се пренесаат во деловна банка преставува грубо одземање на туѓи средства, кои по ниеден основ не можеле да бидат приход на Буџетот на Република Македонија. Од аспект на Уставот ова значело повреда на правото на сопственост на членовите на пензиските фондови од причина што тие средства на сметката на Агенцијата потекнувале од нивните уплати од придонесите од пензиското осигурување. Со оспорената одредба се губела сигурноста во правната заштита на сопственоста на членовите на пензиските фондови.

Подносителите на иницијативата тргнувајќи од содржината на членовите 34 и 35 од Уставот наведуваат дека со оспорената одредба се нарушувало и начелото на социјална праведност на граѓаните кои веќе биле членови на пензиските фондови. Воедно, со влегувањето во сила на оспорената одредба се демонстрирало кршење на членот 51 од Уставот, според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Врз основа на сето наведено подносителите на иницијативата сметаат дека со оспорената одредба се повредувале член 8 став 1 алинеи 3 и 6, член 30 ставови 1, 2 и 3, член 34, член 35 став 1 и член 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 13 од Законот е предвидено дека членот 67 од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 50/10 ) се менува и гласи:

„Агенцијата ја отвора сметката во деловна банка на 3 јануари 2011 година (став 1).

На денот на отворањето на сметката од ставот 1 на овој член 15% од средствата на Агенцијата од сметката која се води во Буџетот на Република Македонија се пренесуваат на сметката во деловна банка, а 85% од средствата се пренесуваат на сметка на Буџетот на Република Македонија (став 2).“

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1). Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).

Според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Тргнувајќи од анализата на оспорената законска одредба произлегува дека законодавецот во неа определил дека Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ја отвора сметката во деловна банка на 3 јануари 2011 година, при што на денот на отворањето на сметката 15% од средствата на Агенцијата од сметката која се води во Буџетот на Република Македонија се пренесуваат на сметката во деловна банка, а 85% од средствата се пренесуваат на сметка на Буџетот на Република Македонија.

Со цел да се добие сознание каква е законската поставеност и соодносот помеѓу наведената Агенција, пензиските фондови и друштва и членовите на пензиските фондови Судот пристапи кон поширока анализа на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 50/2010, 171/2010, 36/2011 и 98/2012).

Во членот 1 став 1 од Законот е определено дека со овој закон се уредува задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, основање и работење на пензиски фондови и друштва за управување со пензиски фондови, како дел од системот на пензиското и инвалидското осигурување. Пензиските фондови и друштвата од ставот 1 на овој член се основаат со цел да примаат придонеси од осигурениците обврзани врз основа на закон, да ги вложуваат во финансиски инструменти и да вршат распределба на акумулираните средства согласно со закон (став 2). Во ставот 3 од истиот член од Законот е определено дека, со овој закон се основа Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (во натамошниот текст: Агенција).

Од анализата на членовите 3 став 6 точка б, член 40 ставови 2 и 3, член 60 ставови 1 и 2, член 81 став 1 и други одредби од Законот се утврди дека „Член на пензиски фонд” е физичко лице кое склучило договор за членство во пензиски фонд или во чие име е отворена сметка во пензиски фонд во случаите утврдени во наведениот закон и неговото членство трае се до остварувањето право на пензија. Сопственици на пензискиот фонд се членови на фондот. Нивните поединечни сопственички права се определени од износот на средствата на нивните сметки, согласно со членот 67 на Законот. Средствата на пензискиот фонд се целосно одвоени од средствата на друштвото кое управува со тој фонд. Уплатата на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување се врши согласно со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување. Средствата од сметката на членот на пензискиот фонд се дел од неговиот личен имот. Правата на користење и на располагање со тие средства не можат да се остварат се до денот на неговото пензионирање, смрт или инвалидност согласно со овој закон, а над средствата од индивидуалната сметка на член на пензиски фонд не може да се спроведе извршување, ниту може тие средства да се користат во постапка на порамнување или стечај. Придонесите, пренесените средства и сите приноси од нивното инвестирање се распоредуваат на индивидуални сметки кои гласат на име на членовите на пензиските фондови.

Проблематиката за пензиските фондови и друштва е уредена, помеѓу другото, и во член 1 став 2, член 3 став 1 точка 1, член 8, член 10 став 1, член 19, член 20, член 21, член 40 ставови 1 и 3, член 104, член 105, член 125 и член 126 од Законот. Од анализата на наведените одредби произлегува дека, пензиските фондови и друштвата се основаат со цел да примаат придонеси од осигурениците обврзани врз основа на закон, да ги вложуваат во финансиски инструменти и да вршат распределба на акумулираните средства согласно со закон. Друштвата според својот карактер се акционерски друштва и имаат основна главнина од 1.500.000 евра. Друштвото за управување со пензиски фонд наплатува надоместок под услови и на начин утврдени во овој закон. Друштвото има законска одговорност пред членовите на пензискиот фонд за штетите кои се резултат на неизвршување, неправилно или несовесно извршување на задачите и обврските. Законодавецот определил за кои цели не смеат да се користат средствата на друштвото и му определил должност за целосна, точна и ажурна евиденција за индивидуалните сметки на секој член на пензискиот фонд, за уплатените придонеси и пренесените средства за членот, бројот на сметководствени единици на сметката и вредноста на сметката на членот, како и други податоци утврдени со закон. Средствата на пензискиот фонд се целосно одвоени од средствата на друштвото кое управува со тој фонд. Пензискиот фонд го сочинуваат средствата од придонесите на членовите на тој фонд и приносите намалени за надоместоците што се наплатуваат од задолжителниот пензиски Фонд од инвестираните придонеси. Средствата на пензиските фондови се инвестираат во законски определени инструменти согласно со одредбите на Законот, со цел остварување на највисок принос, во полза на членовите на пензискиот фонд, врз основа на принципите за сигурност на средствата на пензискиот фонд, диверсификација на ризикот од инвестициите и одржување на адекватна ликвидност. Предвидено е дека инвестирање извршено заради некои други цели претставува повреда на обврските на друштвото. Доколку дојде до намалување на средствата на пензискиот фонд поради околности предвидени во членот 125 од Законот, во пензискиот фонд се уплатуваат средства од Буџетот на Република Македонија, за кои случаи, согласно членот 126 од Законот е предвидено дека Агенцијата го укинува одобрението на друштвото за управување со пензискиот фонд каде што се уплатени средствата, доколку смета дека друштвото е виновно за настанатата загуба.

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување е основана со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување е поставена како самостојно и независно регулаторно тело, кое има својство на правно лице. Финансискиот план и финансискиот извештај на Агенцијата ги усвојува Собранието на Република Македонија, според постапка утврдена во членот 56 став 1 од Законот. Средствата за плата, месечниот надоместок и другите надоместоци на Претседателот, членовите на Советот на експерти и на вработените во Агенцијата се обезбедуваат од средствата на Агенцијата утврдени со годишниот финансиски план (член 56 став 2). Работењето на Агенцијата, согласно со овој закон, се финансира од надоместоци што Агенцијата ги наплатува од друштвата, вклучувајќи го и месечениот надомест од најмногу 0,8% од секој уплатен придонес уплатени во претходниот месец во пензиските фондови со кои управуваат истите, кој паѓа на товар на друштвата (член 56 став 3 точка а). Во случај приходите од надоместоците да не ги покриваат планираните расходи, недостигот на приходи се финансира од Буџетот на Република Македонија (член 56 став 5), а согласно ставот 6 од истиот член од Законот, ревизија на работењето на Агенцијата врши Заводот за државна ревизија на Република Македонија.

Врз основа на сумарната анализа на наведените одредби Уставниот суд утврди дека средствата на членовите на пензискиот фонд, средствата на пензиските фондови и пензиските друштва, како и средствата на Агенцијата потекнуваат од различни извори и се водат на посебни издвоени сметки, пришто Законот поставил гаранции за сопственоста на вложените средства на граѓаните и на фондовите и друштвата, но предвидел и гаранции за случаите кога фондовите ќе ги намалат своите средства до мера да не можат да одговорат на својата законска улога, во кој случај намалениот износ на пензискиот фонд се уплатуваат од средствата на Буџетот на Република Македонија. Исто така, Законот прави разлика помеѓу средства на член на пензиски фонд и средства на пензиско друштво со уредувањето во членовите 40 став 1 и 81 од Законот. Односно, пензискиот фонд го сочинуваат средствата од придонесите на членовите на тој фонд и приносите од инвестираните придонеси, намалени за надоместоците што се наплатуваат од задолжителниот пензиски Фонд, додека пак, придонесите, пренесените средства и сите приноси од нивното инвестирање се распоредуваат на индивидуални сметки кои гласат на име на членовите на пензиските фондови. Агенцијата пак, се финансира од надоместоци што ги наплатува од друштвата, меѓу кои спаѓа и месечениот надомест од најмногу 0,8% од секој уплатен придонес уплатени во претходниот месец во пензиските фондови со кои управуваат истите. Уплатениот надоместок од 0,8% е само еден дел од средствата на членовите на пензискиот фонд, (средства на граѓаните), а со тоа и на пензискиото друштво кој овозможува остварување на законски определените функции на Агенцијата. Оттаму, Судот не го прифати како основано тврдењето во иницијативата дека оспореното законско решение го повредува уставно гарантираното право на сопственост во членот 30 од Уставот, а при состојба кога оспореното законско решение не задира во водењето на сметките и сопственоста на членовите на пензиските друштва и самите пензиски друштва, туку го уредува начинот на водење на сметката на Агенцијата.

Од друга страна, со колкав процент од своите лични средства членовите на пензискиот фонд или самите фондови и друштвата ќе учествуваат во покривањето на дел од трошоците за работење на Агенцијата, на каква сметка ќе се водат (сметка на Буџетот на Република Македонија, сметка на деловна банка или друга) во кој сооднос и на кој начин ќе се оплодуваат и менаџираат вложениите средства, не се прашања од уставно-судски карактер, туку прашања на водење на финансиска политика на државата во сферата на задолжителното капитално пензиско осигурување.

Имајќи ја предвид направената анализа на цитираните уставни и законски одредби Судот утврди дека членот 13 став 2 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 6, член 30 ставови 1, 2 и 3, член 34, член 35 став 1 и член 51 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.72/2012
14 ноември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски