У.бр.110/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 31 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за УЕ-2 дел од Блок 8 Струга, број 07-1202/20 од 24.04.2012 година, донесена од Советот на Општина Струга, објавена во Службен гласник на Општина Струга број 4 од 03.05.2012 година.

2. Илоски Дамјан од Струга, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата подносителот бил сопственик на недвижност со Кп.бр.204/10 на м.в. Платиште за КО Струга дел од Блок 8. Со претходен урбанистички план било предвидено во склоп на парцелата Кп.бр.204/10 да припадне и дел од тогаш Кп.бр.161/38 и Кп.бр. 162/11. Меѓутоа со донесувањето на новиот урбанистички план кој е предмет на оспорување, неговата парцела под Кп.бр.204/10, била заведена како градежна парцела број 1.21, а делот за кој што претходно било предвидено да припадне во состав на Кп.бр.204/10, бил означен како посебна градежна парцела под број 1.22 на која било предвидено да се гради-премести Трафо-станица. Според подносителот на иницијатива та, ваквото решение содржано во новиот Детален урбанистички план, односно преместувањето на трафостаницата и нејзино ставање на предвиденото место на градежната парцела 1.22, не било во согласност со начелото на обезбедување услови за хумано живеење и работа на граѓаните и начелото на заштита и унапредување на животната средина и природата од членот 4 став 2 алинеите 3 и 6 од Законот за просторното и урбанистичко планирање. Имено, доколку трафостаницата се поставела на тоа место, таа ќе била на оддалеченост од нецели 4 метри од неговата куќа, со што би се довело во опасност животот и здравјето на него и на неговото семејство, поради електромагнетни и други зрачења, како и опасност од евентуална експлозија на трафостаницата, па од пожар да биде зафатена и неговата куќа, со што би се предизвикла опасност не само по животот и здравјето на него и неговото семејство, туку и материјална штета. Ова од причини што од сегашната трафостаница која била поставена на околу 50 метри од најблискиот објект, во овој дел од 30 години, дошло до неколку експлозии. Подносителот наведува и дека јавни површини во функција на паркиралишта, сообраќајници и тротоари кои претходно биле планирани за потребите на средношколски центри и спортска сала, со новиот урбанистички план биле пренаменети за изградба на објекти за домување. Од овие причини пред подносителот на иницијативата се поставувало прашање дали постапката за донесување на деталниот урбанистички план била спроведена целосно и согласно со Законот за просторно и урбанистичко пла нирање, дали планот бил изготвен од правно лице со лиценца, дали и како била извршена стручна ревизија и дали биле запазени сите фази во донесувањето на урбанистичкиот план.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот Детален урбанистички план за УЕ-2 дел од Блок 8 Струга бил донесен спротивно на Уставот и Законот и предлага да се поведе постапка за негово оценување, како и преиспитување на усогласеноста помеѓу оспорениот Детален урбанистички план за УЕ-2 дел од Блок 8 Струга и Генералниот урбанистички план на Општина Струга, а по спроведената постапка, истиот да биде укинат, односно поништен како неуставен и незаконит во целост или крајно во делот означен како Градежна парцела број 1.22 каде со оспорениот Детален урбанистички план било предвидено преместување на трафостаница со нејзино преместување на друга локација.

3. Судот, на седницата утврди дека Советот на Општина Струга, повикувајќи се на член 26 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање “Службен весник на Република Македонија” број 60/2011 кој е пречистен текст на Законот, на седницата одржана на 24.04.2012 година, донел Одлука за донесување Детален урбанистички план за УЕ-2 дел од блок 8 Струга.

Со членот 1 од Одлуката, е наведено дека се донесува предметниот Детален урбанистички план за плански опфат помеѓу улиците: “Пролетерски Бригади”, “Моша Пијаде” и новопроектираните улици 1-1 и 3-3 магистрална улица (член 1 од Одлуката).

Во членот 2 од Одлуката е наведено дека Урбанистичкиот план содржи Графички дел, Текстуален дел, Стручна ревизија, Одговор на стручна ревизија и Извештај од стручната ревизија.

Во членот 3 од Одлуката е наведено дека Извештајот од стручната консултација е составен дел на Одлуката.

Во членот 4 од Одлуката, се наведува дека Деталниот урбанистички план за УЕ-2 дел од блок 8 Струга, ќе го спроведе Општинската администрација на Општина Струга, врз основа на Согласност број 16-8824/2 од 22.12.2011 година издадена од страна на Министерството за транспорт и врски на Република Македонија.

Според членот 5 од Одлуката, Деталниот урбанистички план, се заверува со печат и потпис од Градоначалникот на Општина Струга, со назначување на бројот и датумот на седницата на која е донесен, а според членот 6, Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во “Службен гласник на Општина Струга”.

Одлуката е со број 07-1202/20 од 24.04.2012 година и истата е објавена во Службен гласник на Општина Струга број 4 од 03.05.2012 година.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во конкретниот случај се оспорува Детален урбанистички план за УЕ-2 дел од Блок 8 Струга, донесен од страна на Советот на Општина Струга со Одлук а број 07-1202/20 од 24.04.2012 година, објавена во Службен гласник на Општина Струга број 4 од 03.05.2012 година.

Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата го оспорува предметниот урбанистички план од аспект на содржината на планот, односно од аспект на планирани решенија во планот од кои не е задоволен. Имено, со иницијативата се приговара на дел од содржината во предметниот Детален урбанистички план што се однесува на предвидено преместување на трафостаница, бидејќи подносителот на иницијативата стравува дека со можната фактичка реализација на вака планираното решение, тој и неговото семејство би трпеле можни штетни последици предизвикани од евентуални пожари и зрачења на трафостаницата. Загрижен од можната реализација на планот, пред подносителот на иницијативата се поставувало прашање по однос на законитоста на постапката во која е донесен планот, посебно во делот на стручноста на субјектите кои го изготвувале, дали воопшто била извршена стручна ревизија на планот и како била извршена стручна ревизија и дали биле запазени сите фази во донесувањето на планот.

Со иницијативата притоа, нема наводи кои би го оправдале изразениот сомнеж по однос фазите за донесување на планот за кои подносителот само поставува прашање дали тие биле запазени, исклучиво мотивиран од загриженост од можната реализација на планирани решенија како дел од содржината на планот, а не од евентуална незаконитост или манливост на постапката од аспект на фазите за донесување на планот уредена со зако н, односно во ниеден момент подносителот на иницијативата не дава аргументи за евентуални неправилности и манливост на постапката од аспект на фазите во кои е донесен планот, аргументи за спроведена или не спроведена јавна презентација и јавна анкета, на евентуални неправилности од спроведена јавна анкета, како и други наводи за сторени неправилности од суштинско и релевантно значење исклучиво по однос на процедурата во која се донесуваат плановите.

Со Законот за урбанистичко планирање, уредено е право на граѓаните да бидат запознати со нацрт планираните решенија и да приговараат на истите од нацрт плановите. Тоа право им е овозможено преку поднесување на забелешки и предлози по нацрт на планот на анкетни листови, а и право да бидат писмено известени за прифатените и неприфатените забелешки. Во оваа насока, разбирлива е загриженоста на подносителот на иницијативата по однос решенијата содржани во планот од кои тој смета дека би можел да биде загрозен поради нивна фактичка реализација, меѓутоа Законот уредил механизми за поднесување на приговори и забелешки по однос содржината на плановите и планирани решенија во нацрт плановите, а за кои забелешки по однос на нивната оправданост или неоправданост одлучува соодветна стручна комисија формирана од градоначалникот на Општината, со тоа што прашањето за оправданоста или неоправданоста на забелешките, како што впрочем се однесуваат и наводите од иницијативата со кои се приговара на оправданоста на планираната дислокација на трафостаница, не е прашање во надлежност на Уставниот суд, кој има надлежноста да ја цени исклучиво законитоста на постапката во која е донесен планот, со тоа што во рамките на оцената на законитоста на постапката е вклучена и оцената по однос на прашањето дали воопшто е спроведена јавна презентација и јавна анкета во законски определените рокови заради запознавање на граѓаните со содржината на плановите, а од наводите во иницијативата воопшто не произлегуваат елементи за евентуална повреда на постапката во која е донесен оспорениот план, туку се оспорува план од аспект на неговата содржина што не спаѓа во надлежност на Судот.

Мотивиран од истите причини, подносителот со иницијативата бара и преиспитување на меѓусебната согласност на оспорениот Детален урбанистички план со Генералниот урбанистички план на Струга, меѓутоа Уставниот суд нема надлежност да ја оценува меѓусебната согласност на погоре наведените акти без разлика на нивната хиерархиска поставеност, како што во конкретниот случај се Генералниот урбанистички план на Струга и оспорениот Детален урбанистички план, туку тоа е во надлежност на други органи.

5. Имајќи предвид дека наводите од иницијативата, воопшто не се однесуваат и во ниеден момент не укажуваат на повреди на законитоста на постапката од аспект на фазите за донесување на планот уредена со закон, туку се однесуваат на барање за оценување на содржината на планот, за што овој суд не е надлежен да постапува, оттука, во отсуство на наводи од кои би можел овој суд да се впушти во анализа и оцена на законитоста на постапката во која е донесена Одлуката за предметниот план што се оспорува со иницијативата, цениме дека во конкретниот случај настапени се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.110/2012
31 октомври 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски