У.бр.31/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 31 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 26 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството на Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр. 88/2009, 60/2010 и 94/2010 година

2. Тодор Пљаков, адвокат од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на законот наведен во точката 1 од ова решение.

3. Според наводите во иницијативата со оспорениот член 26 од Општиот Колективен договор за стопанството на Република Македонија, работодавачот можел доколку не организирал исхрана за време на работа или немал организиран превоз до и од работното место, на работниците да им ја зголеми платата во висина што ќе ја определил во договор со синдикатот, а тоа било во спротивност со член 113 став 1 точка 1 и 2 од Законот за работните односи каде било предвидено работникот да има право на надомест на трошоци поврзани со работата за исхрана за време на работа и за превоз до и од работа доколку истите се исплатувале во паричен износ. Додека во ставот 3 на истиот член било предвидено дека „висината, основицата и рокот за пре сметување и исплата на надоместокот на овие трошоци се утврдува со колективен договор:“ Исто така, во иницијативата се цитира член 32 став 5 од Уставот каде било предвидено дека „остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори.“

Од наводите во иницијативата може да се изведе заклучок дека со закон и колективен договор можело да се уредуваат правата на вработените, но висината на надоместоците за исхрана за време на работа и за превозот до и од работното место работодавецот не смеел да ја определува во договор со синдикатот.

Оттука, во иницијативата се предлага да се поништи оспорениот член 26 од Општиот Колективен договор кој не бил во согласност со член 32 став 5 од Уставот и член 113 став 3 од Законот за работните односи.

4. Согласно член 1 од Усогласувањето на Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија објавено во („Службен весник на РМ“ бр. 60 од 30.04.2010) насловот на Општиот колективен договор се менува и гласи „Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството„ и согласно членот 6 Усогласувањето ќе се применува од денот на неговото објавување во Службен весник на Република Македонија.

Општиот колективен договор содржи седумнаесет глави и тоа I.“Општи одредби” II. “Договор за вработување” III. “Обврски на работникот” IV. “Пробна работа, приправнички и волонтерски стаж” V. “Откажување на договорот за вработување” VI. “Плата и надоместоци на плата” V II. “Работно време” VIII. “Паузи и одмори” IX. “Надомест на штета” X. “Мирно решавање на индивидуалните и колективните работни спорови” XI. “Информирање на работниците” XII. “Стручно оспособување и образование на работниците” XIII. “Услови за работа на синдикатот” XIV. “Заштита на правата на работниците” XV. “Изменување дополнување толкување и следење на примената на колективниот договор” XVI. “Постапка за откажување” и XVII. “Преодни и завршни одредби”

Според Главата прва насловена како I. “Општи одредби” во член 1 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр. 88/2009, 60/2010 и 94/2010 година) се уредуваат и доуредуваат, во согласност со закон и други прописи, правата, обврските и одговорностите на договорните страни кои го склучиле овој договор, а особено склучувањето, содржината и престанокот на договорот за вработување и други прашања од работните односи или во врска со работните односи во стопанството на Република Македонија, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

Според член 2 од Договорот, овој колективен договор се применува непосредно и е задолжителен за сите работници и работодавачи во чие име е склучен.

Согласно член 3 од овој договор, со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач, можат да се утврдат и други права и обврски, покрај утврдените со закон и овој колективен договор. Со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на рабо тодавач можат да се утврдат и поголеми права на работниците од оние утврдени со закон или со овој колективен договор.

Според оспорениот член 26 став 1 од овој договор, работодавачот може, доколку не организирал исхрана за време на работа или нема организиран превоз до и од работното место, на работниците да им ја зголеми платата во висина што ќе ја определи во договор со синдикатот.

Согласно член 72 од преодните и завршни одредби, овој колективен договор влегува во сила со денот на склучувањето, а ќе се применува од денот на неговото објавување во “Службен весник на РМ”.
Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството е склучен 10 јули 2009 година помеѓу Организацијата на работодавачите на Македонија и Сојузот на синдикатите на Македонија.

5. Согласно член 8 став 1 алинеи 1,3, 8 и 11 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, покрај другите, се и: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; хуманизмот, социјалната правда, солидарноста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според став 5 од истиот член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според ставот 3 на истиот член од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Со член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 124/2010 и 47/2011) се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. (2) Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Член 12 став 2 од Законот, со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон. (став 3) Со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон. (став 4) Правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.(став 5)

Согласно член 113 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот, работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работата за: службено патување; теренски додаток; користење на приватен автомобил за службени патувања; одвоен живот од семејството и смрт на работникот или член на неговото семејство. Работникот има право на отпремнина при одење во пензија, како и јубилејни награди. (став 2) Висината, основицата и рокот за пресметување и исплата на надоместокот на овие трошоци се утврдува со закон и колективен договор. (став 3) Работодавачот на свој трошок на работниците може да им организира превоз до и од работното место, како и исхрана за време на работа. (став 4) Трошоците за исхрана од ставот 4 на овој член можат да изнесуваат најмногу до 20% од просечната нето плата по работник исплатена во претходната година, а трошоците за превоз во висина на стварните трошоци во јавниот собраќај.(став 5)

При наведената уставна и законска регулатива, се поставува прашањето дали со оспорениот член 26 Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството на Република Македонија, се повредуваат законските утврдени права работодавачот на свој трошок, доколку не организирал исхрана за време на работа или немал организиран превоз до и од работното место, на работниците да им ја зголеми платата во висина што ќе ја определи во договор со синдикатот, како една од страните потписнички на договорот.

Во одговор на ова правно прашање, Судот оцени дека законодавецот е јасен и прецизен дека според член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според став 5 од истиот член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори. Работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување и дека плаќањето на работата по договорот за вработување мора да биде секогаш во парична форма. При исплатата, работодавачот мора да го почитува најнискиот износ определен со колективен договор, во согласност со закон, кој непосредно го обврзува работодавачот (член 105 став 1 и 2 од Законот за работните односи).

Работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работата и работодавачот на свој трошок на работниците може да им организира превоз до и од работното место, како и исхрана за време на работа. Трошоците за исхрана од ставот 4 на овој член можат да изнесуваат најмногу до 20% од просечната нето плата по работник исплатена во претходната година, а трошоците за превоз во висина на стварните трошоци во јавниот собраќај.(член 113 ставови 1,4 и 5 од Законот за работните односи).

Исто така, со воведувањето на системот на бруто плата, надоместокот за исхрана, т.н. хранарина како и надоместокот за превоз практично престанале да постојат бидејќи се пресметуваат како дел од бруто платата. Тоа повлекло и соодветни измени на законската регулатива, така што со Законот за измени и дополнувања на Законот за работните односи „Службен весник на Република Македонија“бр.161/2008) се избришани овие два вида на надоместоци, така што работодавачот не е веќе должен на работниците да им обезбедува посебен надоместок во паричен износ за овие трошоци.

Оттука, Судот утврди дека во конкретниот случај предвидената можност, која не значи и обврска на работодавачот, да им обезбеди исхрана и превоз на работниците на негов трошок во договор со синдикатот, како потписник на Општиот колективен договор, е во согласност со Уставот и Законот за работните односи, од причина што нејзиното остварување во практиката зависи од фактички околности како што се материјалните можности на работодавачот, карактерот на процесот на трудот и неговата деловна политика, односно деловна одлука за тоа дали работодавачот ќе обезбеди организиран превоз и исхрана на вработените и притоа да се договори со синдикатот за висината на надоместокот.

Од изнесената уставна одредба (член 32 став 5), како и од изнесените одредби на Законот за работните односи (член 113 ставовите 1 и 3), Судот оцени дека за членот 26 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија не може да се изрази сомнение по однос на неговата согласност со Уставот.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .

У.бр.31/2011
31 октомври 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски