Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 24 октомври 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката за пренесување на правото на сопственост на недвижна ствар од Општина Велес на Општина Чашка, број 07-3938/6 од 12.07.2012 година, донесена од Советот на Општина Велес, објавена во “Службен гласник на Општина Велес”, број 09/2012 од 13 јули 2012 година.
2. Министерство за локална самоуправа Државен инспекторат за локална самоуправа – Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата Државниот инспекторат за локална самоуправа, по повод поднесена претставка од страна на советничка група од Општина Велес, извршил вонреден инспекциски надзор над законитоста на прописите, донесени од страна на Советот на Општина Велес, при што утврдил дека погоре цитираната Одлука, не била донесена во согласност со Законот за локалната самоуправа и Деловникот за работа на Советот на Општина Велес. Конкретно со Одлуката не било дефинирано за каков вид на пренос на право на сопственост на недвижна ствар станувало збор, односно дали со купопродажба, дар или друг вид на оттуѓување. Законот, притоа за оттуѓување на право на сопственост на општински имот, предвидувал единствено оттуѓување по пат на јавно наддавање. Од тие причини, органот оценил дека предметната одлука не можела да произведува правно дејство бидејќи постапката за нејзино донесување била незаконита и со решение ја запрел нејзината примена.
Од овие причини, Државниот инспекторат за локална самоуправа, пред Уставниот суд, поднесува иницијатива за оценување на законитоста на оспорената одлука со барање овој суд, истата да ја поништи како незаконита.
3. Судот, на седницата утврди дека врз основа на член 36 став 1 точка 10 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ број 5/2002) и член 45 став 1 од Статутот на општина Велес („Службен гласник на Општина Велес“ број 12/2006, 3/2009 и 18/2010), Советот на општина Велес на седницата одржана на 11 јули 2012 година, донел Одлука за пренесување на правото на сопственост на недвижна ствар од Општина Велес на Општина Чашка.
Во член 1 од Одлуката е предвидено дека со оваа одлука се пренесува правото на сопственост од Општина Велес на Општина Чашка на следните недвижни ствари запишани во сопственост на општина Велес на ИЛ.бр.125 за КО Горно Врановци издаден од Република Македонија Агенција за катастар на недвижности на Република Македонија:
ЛИСТ В Податоци за згради, посебни делови од згради и други објекти и за права на сопственост,
– КП.бр.657, Дел-0, Адреса – село, Број на зграда – 1, со намена на зградата – Б5 (хотелски комплекси), влез-1, кат СУ, намена на посебниот дел од зградата ДП (деловна просторија) со внатрешна површина од 318 м 2,
– КП.бр.657, Дел-0, Адреса – село, Број на зграда – 1, со намена на зградата – Б5 (хотелски комплекси), влез – 1, Кат 1, намена на посебниот дел од зградата ДП (деловна просторија) со внатрешна површина од 580 м 2,
– КП.бр.657, дел-0, Адреса – село, Број на зграда – 1, со намена на зградата – Б3 (хотелски комплекси), влез – 1, кат 2, намена на посебниот дел од зградата ДП (деловна просторија) со внатрешна површина од 571 м 2,
– КП.бр.657, дел-0, Адреса – село, Број на зграда – 1, со намена на зградата – Б5 (хотелски комплекси), влез – 1, кат ПР, намена на посебниот дел од зградата ДП (деловна просторија), со внатрешна површина од 560 м 2,
– КП.бр.657, дел-0, Адреса – село, Број на зграда – 1, со намена на зградата – Б5 (хотелски комплекси), влез – 1, кат 3, намена на посебниот дел од зградата ДП (деловна просторија), со внатрешна површина од 290 м 2,
– КП.бр.657, дел-0, Адреса – село, Број на зграда – 2, со намена на зградата – Б5 (хотелски комплекси), влез – 1, кат ПР, намена на посебниот дел од зградата ДП (деловна просторија), со внатрешна површина од 220 м 2,
– КП.бр.657, дел-0, Адреса – село, Број на зграда – 2, со намена на зградата – Б5 (хотелски комплекси), влез – 1, кат СУ, намена на посебниот дел од зградата ДП (деловна просторија), со внатрешна површина од 59 м 2.
Во членот 2 од Одлуката е предвидено дека пренесувањет о на правото на сопственост од Општина В елес на Општина Чашка, на недвижната ствар опишана во член 1 од оваа Одлука ќе ја спроведат градоначалниците на Општина Велес и Општина Чашка.
Според членот 3 од Одлуката, оваа одлука за пренесување на правото на сопственост влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Велес“.
4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно членот 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со иницијативата се оспорува Одлука за пренесување на право на сопственост на недвижна ствар од Општина Велес на Општина Чашка, број 07-3938/6 од 12.07.2012 година, донесена од Советот на Општина Велес.
Подносителот на иницијативата кој е Државен инспекторат за локална самоуправа, по спроведен вонреден надзор над прописи донесени од Советот на Општина Велес, констатирал незаконитост на одлука донесена од страна на Советот на Општина Велес, а која е предмет на оспорување со иницијативата, при што со решение ја запрел примената на одлуката.
Државниот инспекторат, повикувајќи се на членот 23 став 2 од Законот за државниот инспекторат за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” број 158/2 010), кој уредува дека за пропис за кој е донесено решение за запирање на неговата примена поради неусогласеност со Уставот или закон, инспекторот подготвува иницијатива за поведување постапка за оцена на уставноста и законитоста на прописот пред Уставниот суд на Република Македонија, достави иницијатива пред овој суд за поведување на постапка за оценување на законитост на оспорената одлука. Меѓутоа, не сите прописи, можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, туку само прописите кои содржат општи норми на однесување, со кои се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и утврдуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото.
Во конкретниот случај, актот кој се оспорува нема карактер на пропис со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, бидејќи од неговата содржина неспорно произлегува дека во случајов станува збор за поединечен, конкретен акт донесен од Советот на Општина Велес, со кој се одлучува за располагање со конкретен имот во сопственост на општината со кој се врши пренос на сопственост на недвижна ствар. Со оглед дека оцената на уставноста и законитоста на поединечни, конкретни акти не спаѓа во надлежност на Уставниот суд, а во конкретниот случај станува збор за пропис со таков карактер, оспорениот акт не е подобен за уставно судска оцена.
Од друга страна, се утврди дека актот кој се оспорува е со содржина како и акт кој бил предмет на постапување од страна на Уставниот суд на Република Македонија, а по повод поднесена иницијатива од друг подносител. Меѓутоа, со Решение У.бр.124/2012 од 17 октомври 2012 година, Судот ја отфрлил иницијативата за оценување на законитоста на оспорената одлука, бидејќи утврдил дека актот кој се оспорува нема карактер на пропис подобен за уставно судска оцена.
5. Имајќи предвид дека актот кој се оспорува со иницијативата нема карактер на пропис erga omnes, како и со оглед дека Судот со погоре цитираното решение веќе се произнел по однос оспорената одлука, настапени се процесните услови за примена на цитираните одредби од членот 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.
6. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.134/2012
24 октомври 2012 година
Скопје Македонија
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски