У.бр.124/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на Одлука за пренесување на правото на опственост на недвижна ствар од општина Велес на општина Чашка, донесена од Совет на општина Велес на 11 јули 2012 година, а заведена на 12 јули под бр.07-3938/6 („Службен гласник на општина Велес“ бр.9/2012).

2. Советничка група на СДСМ во советот на општина Велес преку координаторот на советничката група Дејан Гавазов од Велес,на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одлука не била во согласност со членови 66 и 67 од Законот за локалната самоуправа, затоа што е предвиден пренос без надоместок, односно поклон или друг вид пренос кој со одлуката не е дефиниран и со истата се налага да ја спроведат заедно градоначалниците на општина Велес и општина Чашка.

Со Законот за локална самоуправа не е предвиден пренос на сопственост, освен по пат на продажба по пат на јавно надавање во согласност со закон, при што продажната цена на стварта не може да биде помала од нивната пазарна вредност (член 66 став 2), финансиски средства добиени од продажбата на стварта во сопственост на општината може да се инвестираат само за стекнување на нови или реконструкција на постојни ствари во сопственост на општината. Истовремено подносителот укажува и на незаконитоста на постапката за донесување на оспорената одлука и напоменуваат дека имотот кој треба да се пренесе е односно Хотелот во с. Горно Врановци е граден со средства на вработените во претпријатијата во Велес и како таков треба да остане во сопственост на општина Велес.

Со оглед на наведеното, подносителот предлага Уставниот суд да донесе решение за поведување на постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука, а до донесување на конечна одлука Судот да изрече времена мерка.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 36 став 1 точка 10 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 45 став 1 од Статутот на општина Велес („Службен гласник на општина Велес“ бр.12/2006 и 18/2010), Советот на општина Велес на седницата одржана на 11 јули 2012 година донел Одлука за пренесување на правото на сопственост на недвижна ствар од општина Велес на општина Чашка.

Во член 1 од одлуката е предвидено дека со оваа одлука се пренесува правото на сопственост од општина Велес на општина Чашка на следните недвижни ствари запишани во сопственост на општина Велес на ИЛ.бр.125 за КО Горно Врановци издаден од Република Македонија Агенција за катастар на недвижности на Република Македонија:

– Лист В Податоци за згради, посебни делови од згради и други објекти и за права на сопственост,

– КП.бр.657, дел – О, Адреса – село, број на зграда – 1, со намена на зградата – Б5 (хотелски комплекси) влез – 1, кат СУ, намена на посебниот дел од зградата ДП (деловна просторија) со внатрешна површина од 318 м2.

– КП.бр.657, дел – О, Адреса – село, број на зграда – 1, со намена на зградата – Б5 (хотелски комплекси), влез – 1, кат 1, намена на посебниот дел од зградата ДП (деловна просторија) со внатрешна површина од 580м2.

– КП.бр.657, дел – О, Адреса – село, Број на зграда – 1, со намена на зградата – Б3 (хотелски комплекси), влез – 1, кат 2, намена на посебниот дел од зградата ДП (деловна просторија) со внатрешна површина од 571 м2.

– КП.бр.657, дел – О, Адреса – село, број на зграда – 1, со намена на зградата – Б5 (хотелски комплекси), влез – 1, кат ПР, намена на посебниот дел од зградата ДП (деловна просторија), со внатрешна површина од 560 м2.

– КП.бр.657, дел – О, Адреса – село, број на зграда – 1, со намена на зградата – Б5 (хотелски комплекси), влез – 1, кат 3, намена на посебниот дел од зградата ДП (деловна просторија), со внатрешна површина од 290 м2.

– КП.бр.657, дел – О, Адреса – село, број на зграда – 2, со намена на зградата – Б5 (хотелски комплекси), влез – 1, кат ПР, намена на посебниот дел од зградата ДП (деловна просторија), со внатрешна површина од 220 м2.

– КП.бр.657, дел – О, Адреса – село, број на зграда – 2, со намена на зградата – Б5 (хотелски комплекси), влез – 1, кат СУ, намена на посебниот дел од зградата ДП (деловна просторија), со внатрешна површина од 59 м2.

Во членот 2 од Одлуката е предвидено дека пренесувањето на правото на сопственост од општина Велес на општина Чашка, на недвижна ствар опишана во член 1 од оваа Одлука ќе ја спроведат градоначалниците на општина Велес и општина Чашка.

Според членот 3 од Одлуката, оваа одлука за пренесување на правото на сопственост влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Велес“.

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената одлука е донесена од страна на Советот на општина Велес, на седницата одржана на 11 јули 2012 година. Со наведената одлука, Советот одлучил да се пренесе правото на сопственост на точно утврдени недвижности на општина Чашка.

Имајќи ја предвид содржината на оспорената одлука, Судот смета дека таа претставува конкретен акт донесен од Советот на општина Велес со кој се одлучува за располагање со конкретен имот во сопственост на општината.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука не се уредува прашања на општ начин туку се одлучува за пренесување на правото на сопственост на точно определени згради во сопственост на општината, Судот оцени дека оспорената одлука нема карактер на пропис и не може да биде предмет на уставносудска оцена, поради што оцени дека се исполнети условите од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.124/2012
17 октомври 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски