У.бр.113/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на

– уставноста на член 211 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/10, 88/2010, 171/2010 и 148/2011), и

– уставноста и законитоста на Решението ППНИ-69/11 од 14.12 2011 година и Решението ППНИ-20/12 од 11.05.2012 година, донесени од претседателот на Основниот суд Струга и Решението ГЖ бр.2/12 од 04.01.2012 година на Апелациониот суд Битола.

2. Адвокатите Цветозар Ристески и Делче Илиески од Струга, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот и уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, претседателот на основниот суд Струга ги донел оспорените решенија со кои се определуваат износи како месечен износ неопходен за вршење на дејноста на должникот ЈП Комунално Струга, на кој износ не може да се спроведе извршување за наплата на парично побарување на доверителот врз основа на извршна исправа, неосновано и погрешно повикувајќи се на член 211 од Законот за извршување, затоа што со наведениот член од Законот се определувале подвижни предмети и права како неопходни за вршење на дејност и задачи на должникот – јавно претпријатие, над кои не може да се спроведе извршување за наплата на парично побарување, а паричните средства не биле подвижни предмети, туку биле средства, од каде произлегувало дека над паричните средства можело да се спроведе извршувањето. Апелациониот суд во Битола со свое Решение ГЖ бр. 2/12 од 04.01.2012 година го потврдил ваквото решение на основниот суд Струга. Поради наведеното, оспорените решенија биле незаконити и противуставни, па доколку наоѓале поткрепа во член 211 од Законот за извршување, тогаш и наведената законска одредба била незаконита и противуставна. Доколку правилно се применувал Законот за извршување од страна на претседателите на основните судови и повисоките апелациони судови, истите требало да се повикаат на член 198 и член 199 од Законот за извршување, а не на член 211 од Законот, како што било сторено во наведените случаи.

Со донесување на оспорените решенија се повредувале член 32, член 50, член 51 и член 54 од Уставот, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 211 од Законот за извршување и оспорените решенија и да ги укине.

3. Судот на седницата утврди дека според член 211 став 1 од Законот за извршување, врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. Според став 2 на овој член, кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.

Судот, исто така, утврди дека со Решението ППНИ-69/11 од 14.12 2011 година донесено од претседателот на Основниот суд Струга, се определува износот од 3.057.000,00 денари како месечен износ неопходен за вршење на дејноста и задачите на должникот ЈП Комунално од Струга и дека на овој износ не може да се спроведува извршување за наплата на парично побарување на доверителот Секуле Секулоски од Струга врз основа на извршната исправа пресуда врз основа на признание на Основниот суд Струга РО-31/11 од 28.09.2011 година.

Со Решението ППНИ-20/12 од 11.05.2012 година, донесено од претседателот на Основниот суд Струга се определува износот од 3.971.000,00 денари како месечен износ неопходен за вршење на дејноста и задачите на должникот ЈП Комунално од Струга и на овој износ не може да се спроведува извршување за наплата на парично побарување на доверителот Спасе Бетоски од Струга врз основа на извршната исправа пресуда врз основа на признание на Основниот суд Струга РО-127/11 од 31.01.2012 година.

Со Решението ГЖ бр.2/12 од 04.01.2012 година на Апелациониот суд Битола, Решението на Основниот суд во Струга, ППНИ-69/11 од 14.12 2011 година, во делот за определениот месечен износ неопходен за вршење на дејноста на должникот ЈП Комунално од Струга во износ од 3.057.000,00 денари, се потврдува

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од содржината на иницијативата, произлегува дека со истата се укажува на недостатоци во постапувањето на судовите при примената на член 211 од Законот за извршување, но нема аргументи и причини за оспорување на уставноста на самата одредба.

Со оглед дека иницијативата не содржи формално-правни причини за оспорување на уставноста на законската одредба, а Уставниот суд не е надлежен за оцена на примената на закон, Судот оцени дека се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Оспорените решенија на претседателот на основниот суд Струга и на Апелациониот суд Битола се конкретни акти донесени во судска постапка во која по барање на доверители – физички лица, се одлучувало за присилно извршување врз парични средства на должникот ЈП Комунално Струга, поради што Судот оцени дека немаат карактер на пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот и не се подобни за уставносудска оцена.

Барањето во иницијативата Судот да ги укине оспорените решенија како дискриминирачки, во суштина претставува барање Уставниот суд, како инстанционен суд, да ја цени законитоста на конкретни одлуки на судовите и да одлучува за права и интереси на странките во конкретен предмет, за што Уставниот суд не е надлежен.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се настапени наведените деловнички претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер – Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.113/2012
17 октомври 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски