78/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/ 1992), на седницата одржана на 17 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на Одлука за измени и дополнувања на Правилникот за организација и работа на Солидарниот фонд, донесен од Собранието на Здружението на пензионери „Гази Баба“ – Скопје на 30 септември 2003 година.

2. Митре Ташевски, Колонија – Идризово – Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата во првиот поднесок наведува дека Здружението на пензионери „Гази Баба“ како и останатите здруженија на пензионери од Република Македонија во 1994 година формира Солидарен фонд за помош на семејствата на починатите пензионери. Овие фондови функционираа до 2008 година кога Владата на Република Македонија од нејасни причини одлучи истите да ги даде на управување на Фондот за ПИОМ. Во врска со ова прашање Уставниот суд донесе Одлука солидарните фондови да се вратат на здруженијата на пензионери, но Одлуката на Уставниот суд не се испочитува и фондовите останаа под Фондот за ПИОМ. Според подносителот на иницијативата во солидарниот фонд може да учествуваат само пензионери и никој друг.

Меѓутоа, Здружението на пензионери на „Гази Баба“ водено од лични интереси формираше и паралелен фонд во кој партиципираат сопружници на пензионери, а кои сопружници не се пензионери со важност од 01.01.2004 година. Формирањето на тој фонд е направено вонзаконски и вонстатутарно, затоа што Законот за здружение на граѓани и фондации од 1998 година, а и новиот закон не предвидуваат можност за формирање на таков посебен фонд.

Овој солидарен фонд здружението не го предал на управување на ПИО со што е направено прекршување на законски одредби.

Како подносител не го прецизирал актот што е оспорен со иницијативата односно иницијативата не ги содржела елементите кои се потребни Судот да постапува по иницијативата формиран е Р.бр.48/2012 и побарано е од подносителот да ја прецизира иницијативата.

Во дополнувањето на иницијативата по што е формира У.бр.78/2012 подносителот наведува дека Здружението на пензионери „Гази Баба“ на 30.09.2003 година донел Одлука за зачленување на брачни сопружници на пензионери кои не се пензионери. Зачленувањето се однесува и на солидарниот фонд кој претходно е формиран при што одлуката се применува од 1.01.2004 година.

Со донесувањето на оспорената одлука бил прекршен член 2 од Статутот на Здружението и член 21 став 1 од Законот за здруженија на граѓани, од причини што во статутот не било предвидено зачленување на брачните сопружници на пензионери кои не се пензионери. Здружението на пензионери го прекршил и член 130-а став 2 од Законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување затоа што според овој закон Фондот за пензиското и инвалидското осигурување управува со солидарни фондови кои им беа одземени на здруженијата на пензионери на Република Македонија.

Здружението на пензионери „Гази Баба“ Скопје не го предаде Солидарниот фонд на лица кои не се пензионери на управување на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Според Законот за здруженија на граѓани и фондации, здруженија на пензионери во Република Македонија не можат да формират солидарни фондови ниту да управуваат со истите.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од оспорената Одлука за измени и дополнување на Правилникот за организација и работа на Солидарниот фонд е предвидено дека членот 4 од Правилникот се дополнува со нов став кој гласи: „Членови на фондот можат да бидат сопружниците на пензионери, кои не се пензионери, кои редовно го плаќаат придонесот во солидарниот фонд и чланарината“.

Во членот 2 од наведената Одлука е предвидено дека членот 10 се дополнува со нов став кој гласи: Придонес од сопружници на пензионери кои не се пензионери и чланарината.

Во членот 3, пак, е предвидено дека Одлуката влегува во сила со денот на донесување (30.09.2003 година), а ќе се применува од 01.01.2004 година.

4. Според член 110 став 1 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политиеки партии и здруженија на граѓани.

Од наведената одредба произлегува дека Уставниот суд ја цени само уставноста на програмите и статутите на здруженијата на граѓани.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата

Со оглед на тоа што во конкретниов случај не е оспорен статутот на Сојузот на здружението на пензионери на Македонија, туку е оспорена Одлука на Здружението на пензионери „Гази Баба” – Скопје донесена на 30 септември 2003 година, согласно наведената уставна одредба, Судот оцени дека не е надлежен да постапува по иницијативата односно да ја цени законотоста на одлуката поради што иницијативата се отфрла.

5. Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.78/2012
17 октомври 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски