106/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 03 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 34 од Правилникот за условите за снабдување со топлинска енергија донесен од страна на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, на седницата одржана на 16 декември 2009 година со Број 01-2837/1.

2. Стрезо Стрезовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот означен во точката 1 на ова решение.

3. Според наводите во иницијативата со оспорениот член 34 од Правилникот, се предвидувала нерамноправност врз основа на тоа дали граѓанинот бил приклучен на мерно место каде биле приклучени еден или повеќе потрошувачи и нерамноправност врз основ на тоа дали граѓанинот користел систем во кој се користеле овој или оној начин на мерење на потрошена топлинска енергија.

Поради тоа биле повредени одредбите од член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 9, член 51 и член 54 од Уставот. Исто така со оспорената одредба биле повредени основните човекови права и слободи гарантирани со член 1 од Протоколот 12 кон Европската конвенција за заштита на правата на човекот и основните слободи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 30/2004), член 26 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права („Службен лист на СФРЈ“ бр. 07/1971, кој стапил на сила во Република Македонија од 17.11.1991 година) и Преамбулата и членовите 1 и 2 од Универзалната декларација за човекови права, усвоена од Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации, на 10 декември 1948 година. Поради наведените причини предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од подзаконскиот акт.

4. Судот на седница утврди дека врз основа на член 23 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 63/2006, 36/2007 и 106/2008), Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, на седницата одржана на 16 декември 2009 година, донесе Правилник за условите за снабдување со топлинска енергија на седницата одржана на 16 декември 2009 година со број 01-2837/1, кој содржи 58 члена формулирани во 8 Глави: I. Општи одредби; II. Односи меѓу корисниците на дистрибутивната мрежа; III. Основни предуслови за испорака на топлинска енергија кај потрошувачите; IV. Услови, начин и рок за склучување на договор за снабдување со топлинска енергија; V. Исклучување, ограничување или прекин на испораката на топлинска енергија и обештетување на потрошувачот на топлинска енргија; VI. Мерење на испорачаната топлинска енергија; VII. Начин на пресметка и наплата на испорачаната топлинска енергија и VIII. Преодни и завршни одредби.

5.Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на член 34 од Правилникот за условите за снабдување со топлинска енергија, кој бил донесен од страна на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, согласно членот 23 од Законот за енергетика, на седницата одржана на 16 декември 2009 година со Број 01-2837/1.

Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија врз основа на член 28 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2011 и 136/2011) на седницата одржана на 30 јули 2012 година, донесе Правила за снабдување со топлинска енергија заведени под број 01-1302/1 од 30 јули 2012 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 97/2012)

Во членот 67 од овие Правила, е предвидено дека со денот на влегување во сила на овие Правила престанува да важи Правилникот за условите за снабдување со топлинска енергија донесен од страна на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, на седницата одржана на 16 декември 2009 година, број 01-2837/1, („Службен весник на Република Македонија“ бр. 151/2009), што е предмет на оспорување во оваа постапка.

Во членот 68 од новодонесените Правила е предвидено истите да стапат во сила со денот на нивното објавување во „Службен весник на Република Македонија“

Со оглед на тоа што оспорениот Правилник престанал да важи и не е во правниот поредок, Судот врз основа на наведените уставни и деловнички одредби утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.106/2012
03 октомври 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски