У.бр.233/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 3 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за објавување на известување за датумот од кој почнува да тече рокот за поднесување на заверена писмена изјава, бр.02-2192/3, донесена од Комисијата за верификација на фактите на 10 ноември 2011 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.164/2011).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Одлуката била донесена врз основа на член 17 став 2 од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2008, 64/2009 и 24/2011) иако наведената законска одредба не ја овластувала Комисијата да донесува акт со содржина каква е определена во оспорената одлука, поради што Одлуката немала законска основа.

Освен тоа, оспорената одлука определувала нотарски заверената писмена изјава до Комисијата да ја доставуваат определени лица од здруженијата на граѓани и фондации, политичките партии, верските заедници и од други организации регистрирани согласно со закон, иако членовите 34 и 35 од наведениот закон, кои воопшто не биле менувани, определувале дека тие лица можат ама не мораат да го предвидат дополнителниот услов. Со тоа, оспорената одлука излегувала надвор од наведените законски одредби и во содржинска смисла (покрај тоа што немала формална основа во член 17 став 2 од Законот), поради што Одлуката не била во согласност ниту со член 6 став 2 и членовите 34 и 35 од Законот.

Несогласноста на оспорената одлука со означените законски одредби предизвикувала нејзина несогласност и со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија, поради што Одлуката била и неуставна.

3. Судот на седницата утврди дека во Воведот на Одлуката се наведува дека основа за донесување на Одлуката е член 17 став 2 од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2008 и 64/2009).

Во точка I. од Одлуката се определува дека: „Согласно член 6 став 2 од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, писмена изјавa, заверена на нотар до Комисијата за верификација на фактите, од 01.12.2011 година до 31.01.2012 година треба да достават следните категории на носители на јавна функција и овластувања:
1. Вршители на функции и овластувања во други организации и дејности и служби од јавен карактер регистрирани согласно со закон;
(Појаснување: во оваа точка опфатени се кандидати за носители или носители на раководни функции,членови на органи и вработени во стручните служби на здруженија на граѓани и фондации, кандидати за носители или носители на партиски функции, членови на органи и вработени во стручните служби на политичките партии, кандидати за носители или носители на раководни функции, членови на органи и вработени во стручните служби на верските заедници и други организации регистрирани согласно закон).
2. Основачи и вработени новинари, уредници во трговско радиодифузно друштво и непрофитна радиодифузна установа кои имаат дозвола за вршење радиодифузна дејност и основачи и вработени во друштвата од областа на печатот.“
Во точка II од Одлуката се определува дека: „Писмените изјави да се доставуваат на бул. Гоце Делчев бб. на 17-ти кат во зградата на МРТВ.“
Според точката III од Одлуката: „Оваа одлука стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

Текстот на изјавата бр.2 може да се симне од веб страната на Комисијата за верификација на фактите www.kvf.org.mk.“

Судот, исто така, утврди дека на 20 јуни 2012 година е донесен Закон за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност („Службен весник на Република Македонија“ бр.86/2012), кој влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ (Законот е објавен на 9 јули 2012 година, што значи дека влезе во сила на 17 јули 2012 година).

Според член 41 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.86/2012), „со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за определување на дополнителен услов за вршење на јавна функција („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2008, 64/2009 и 24/2011).“

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловниот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, од содржината на оспорената одлука Судот утврди дека со неа се определува, во периодот од 1 декември 2011 година до 31 јануари 2012 година, на Комисијата за верификација на фактите да и’ достават нотарски заверени писмени изјави определени лица од здруженија на граѓани и фондации, политички партии, верски заедници и други организации и новинари и други лица од областа на електронските и печатените медиуми. Исто така, Судот утврди дека Одлуката е донесена заради спроведување на Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2008, 64/2009 и 24/2011). Но, тој закон престана да важи со влегувањето во сила на Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност („Службен весник на Република Македонија“ бр.86/2012). Според тоа, предмет на оцена е одлука донесена заради спроведување на закон кој престана да важи.

Со оглед на тоа што оспорената одлука била донесена заради спроведување на Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2008, 64/2009 и 24/2011) и што наведениот закон престана да важи, Судот утврди дека со престанувањето на важењето на Законот престана да важи и оспорената одлука, односно таа повеќе не е дел од позитивниот правен поредок, со што престанале процесните претпоставки за постапување по иницијативата и настапиле услови од наведената деловничка одредба за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.233/2011
3 октомври 2012 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски