У.бр.217/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот донесен на LI (51)-та седница на Управниот одбор на Фондот за здравственото осигурување на Македонија одржана на 27 февруари 2009 година.

2. Прим. Др. Костадин Василев од Струмица на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот наведен во точка 1 од ова решение.

3. Според наводите на иницијативата оспорениот акт се однесувал за продолжување на работниот однос со Фондот за здравственото осигурување на матичните лекари до 66 години возраст и истата била неуставна односно не била во согласност со член 104 од Законот за работните односи и се спроведувала години наназад и на тој начин се овозможувало на одедена категорија здравствени работници односно само на матичните лекари од примарната здравствена заштита, специјалистичкиот кадар, интернистите, трудовите лекари и педијатри да се збогатуваат, а касата на Фондот енормно и неоправдано се празнела.

Понатаму во иницијативата е наведено дека Управниот одбор донел Одлука со која само на оваа категорија здравствени работници им се продолжувало правото на работен однос, односно правото да склучуваат договори за работа како новопечените газди (матичните лекари) преку воведувањето на капитацијата и на тој начин се богателе без оглед на тоа колку сработиле. Според наводите во иницијативата со продолжувањето на работниот однос на кадрите кои ги исполнуваат условите за пензија непотребно се одлевале средствата од Фондот за нови вработувања, за набавка на лекови и други потреби. Затоа во иницијативата бараат споменатата одлука да биде укината и да се изедначат правата за стекнување на престанок на работен однос односно пензионирање за сите работници во здравството.

4. Судот на седница утврди дека согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа дека до Судот во прилог на даденото мислење по поднесената иницијатива од страна на Управниот одбор на Фондот за здравственото осигурување на Македонија, доставено е копие од Изводот на изготвениот Записник од CX-та седница на Управниот одбор на Фондот одржана на 05 март 2012 година од каде може да се констатира дека е донесен Заклучок со кој престанува да важи оспоруваниот Заклучок на точката 6- Склучување на договори со лекари кои исполниле услови за пензионирање донесен на LI-та седница на Управниот одбор на Фондот, одржана на 27 февруари 2009 година и тоа значи дека во насока на наводите од иницијативата повеќе не постои интерес за нивно оспорување од аспектите на иницијативата.

Тргнувајќи од утврдената фактичка состојба неспорно е дека оспорениот акт престанал да важи и истиот не е во правниот поредок од кои причини постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, односно исполнети се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурaти и Владимир Стојаноски.

У.бр.217/2011
26 септември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски