47/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 26 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 10 став 1 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група (“Службен весник на Република Македонија” број 113/2007);

2. Лејла Кадриу од Тетово, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од дополнително појаснета иницијатива, во постапка пред надлежни органи, одбиено било барањето на група предлагачи меѓу кои и подносителот на иницијативата за упис на така означената “Бекташиска верска заедница” во Единствениот регистар на црквите, верските заедници и религиозните групи, бидејќи во надлежниот регистар, веќе била впишана религиозна група под името “Ехлибејтска бекташиска религиозна група на Македонија”. Одбивателните одлуки на надлежниот суд не биле прифатливи за предлагачите, бидејќи според нив употребенето име “бекташиска” не било од клучно значење за разликување на верските заедници и религиозните групи. Од овие причини со иницијативата се оспорува членот 10 став 1 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, бидејќи така како што бил уреден го ограничувал слободното изразување на верата, гарантирано со членот 19 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот, на седницата утврди дека оспорената одредба од членот 10 став 1 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, уредува дека “името и официјалните обележја на секоја нова црква, верска заедница и религиозна група треба да се разликуваат од називите и официјалните обележја на веќе регистрираните цркви, верски заедници и религиозни групи”.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со појаснетата иницијатива се оспорува членот 10 став 1 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, кој уредува дека името и официјалните обележја на секоја нова црква, верска заедница и религиозна група треба да се разликуваат од називите и официјалните обележја на веќе регистрираните цркви, верски заедници и религиозни групи.

Претходно со барање од 29 февруари 2012 година, Лејла Кадриу од Тетово, преку адвокат Ирена Д Фрчкоска, без приложено полномошно, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на закон и уставност и законитост на пропис, односно овој суд да поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од членот 10 став 1 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група (“Службен весник на Република Македонија”, број 113/2007) и да ја отстрани повредата на оставарувањето на слободата на вероисповест, сторена со Решение Рег.ВЗ бр. 2/11 од 04.07.2011 година на Основниот суд Скопје II Скопје и Решение ГЖ.бр. 3966/11 од 13.10.2011 година на Апелациониот суд Скопје. Во барањето се наведува дека со цитираните одлуки одбиено било барањето за упис во Единствениот судски регистар на така означената Бекташиска верска заедница, како и причините за одбивањето на уписот. Крајно во поднесокот се наведува дека од погоре наведените причини се поднесува иницијативата поради повреда на нивните права на слобода во менувањето и манифестирањето на својата веросиповед и слобода на изразување.

Поради непрецизност и нејасност на барањето, овој суд со поднесок Р.бр. 20/12 од 02.03.2012 година, се обрати до подносителот на иницијативата да достави појаснување и прецизирање на барањето во смисла на членот 15 од Деловникот на Уставниот суд, односно доколку се оспорува уставност на одредба од закон, да се означи законот и неговата одредба што се оспорува, одредбите од Уставот за кои подносителот смета дека се повредуваат со членот од законот, како и да се наведат причините за оспорувањето исклучиво во однос на Уставот, а доколку граѓанин бара заштита од дискриминација по основ на верска припадност повредена со поединечен акт (конечен или правосилен) или дејство, согласно членовите 51 и 52 од Деловникот, во барањето да се наведат причините поради кои се бара заштита, актита или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд, а и да достави уредно полномошно за застапување пред Уставниот суд на Република Македонија.

На ден 19.03.2012 година, Лејла Кадриу од Тетово, до овој суд, достави појаснета иницијатива по однос на барањето, односно дека со иницијативата се оспорува членот 10 став 1 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група (“Службен весник на Република Македонија”, број 113/2007), како несогласен со членот 19 ставови 1 и 2 од Уставот, бидејќи називот на верската заедница чиј упис се барал бил битен предуслов за здружување иако правото на слободно и непречено групирање и слободно изразување на верата на граѓаните на Република Македонија членот од Уставот им го дозволувал.

Всушност, како причини за уставно проблематизирање на одредбата од Законот, се наведува неуспехот од водена постапка за упис во надлежен регистар, а аргументи и образложени причини за противуставноста на оспорената одредба од Законот со одредбите на Уставот, со иницијативата не се дадени. Имено, во иницијативата и нејзиното појаснување се наведува дека оспорената одредба била противуставна бидејќи така како што била уредена резултирала со негативен исход од водена постапка за упис пред надлежен регистар. Имено, оспорената законска одредба предвидувала исполнување на услов за упис во надлежен регистар, наспроти уставната одредба која гарантирала слободно и непречено групирање и слободно изразување на верата на граѓаните. Во конкретниот случај, всушност произлегува дека се проблематизира предвиден услов од законска одредба кој се однесува на упис на црква, верска заедница и религиозна група во надлежниот регистар, како несогласен со членот 19 ставови 1 и 2 од Уставот, бидејќи според подносителот на иницијативата Уставот со наведениот член, безусловно дал гаранција за слободата на веросиповеста, слободното и јавно, поединечно или во заедница со други изразување на верата. Имено, од наводите во иницијативата произлегува дека законодавецот не можел да уредува услови, а кои се однесуваат на основање и правен статус на црква, верска заедница и религиозна група, бидејќи такви услови и ограничувања членот 19 ставови 1 и 2 не предвидувал. Меѓутоа, подносителот на иницијативата не земал предвид дека со Амандамнот VII точки 1 и 2 со кои се заменуваат ставовите 3 и 4 од членот 19 од Уставот, црквите, верските заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон и дека тие се слободни во основањето, во постапка предвидена со закон, што значи дека нивното основање, правниот статус како и други прашања, препуштено е да се уреди со закон. Според тоа, право е на законодавецот да ја уреди постапката и да предвиди услови за основање, правен статус и други прашања подеднакво за сите субјекти кои сакаат да основаат црква, верска заедница и религиозна група. Оттука, негативниот исход од водена постапка за упис пред надлежен регистар, не се уставно-правни аргументи за оспорување на одредба од закон како несогласна со одредби од Уставот.

5. Тргнувајќи од содржината на иницијативата, со која начелно се оспорува одредбата од Законот, во отсуство на правни аргументи и образложен причини во што посебно се состои несогласноста на оспорената одредба од Законот со Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај настапени се условите од цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. Бр. 47/2012
26 септември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски