У.бр.79/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 18 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Славчо Десподов од Берово за заштита на слободите и правата, кои се однесуваат на забраната на дискриминација.

2. Славко Десподов од Берово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата, повредени со Пресуда МалвП-53/11 од 18 август 2011 година на Основниот суд Берово во Берово и Пресуда ГЖ-237/12 од 9 март 2012 година на Апелациониот суд во Штип, поради дискриминација, чиј основ не е наведен.

Во барањето за заштита на слободите и правата и појаснувањето на барањето се наведува дека на подносителот на барањето на 7 јули 2011 година му била врачена покана за давање на одговор на тужба, без да биде оставен рок за поднесување на одговорот. Заради овој пропуст, летниот колективен одмор на судовите, но и други лични причини подносителот на барањето одговорот го поднел во втората половина на месец август 2011 година. Меѓутоа, на негово изненадување, Основниот суд во Берово на 15 август 2011 година донел пресуда, поради недавање одговор на тужба, со која во целост го уважил барањето на тужителот, иако се работело за застарен долг.

Освен тоа по предметот во првостепената и жалбената постапка, постапувале судии, за кои, подносителот на барањето, имал поднесено кривични пријави, и за кои барал да бидат изземени од постапување.

Со оглед на тоа што Основниот суд Берово пропуштил да му даде рок на подносителот на барањето за давање на одговор на тужбата, тој бил директно оштетен, со што му било нарушено правото по основ на праведност, правото на праведно и непристрасно судење, грубо било прекршено начелото на владеење на правото. До сето ова дошло заради „безобзирна одмазда“ поради поднесената кривична пријава против предметниот судија од каде и произлегло грубото нарушување на владеењето на правото и дискриминацијата спрема него.

Поради грубо прекршување на одредбите од законите и постоењето на „безобзирна одмазда“ заради поднесените кривични пријави подносителот на барањето смета дека Уставниот суд треба да ги заштити неговите слободи и права, согласно член 8 став 1 алинеја 3, член 50 став 1, членот 110 алинеја 3 од Уставот, како и согласно членот 3 од Законот за судовите.

3. Судот на седницата утврди дека со Пресуда МалвП-53/11 од 18 август 2011 година на Основниот суд Берово ја усвоил тужбата на тужителот Благој Димитровски од Делчево, против тужениот Славчо Десподов од Делчево и го задолжил тужениот да му плати на тужителот износ од 16.900,00 денари со соодветна законска камата на име долг за извршени адвокатски услуги.

Апелациониот суд Штип во Штип со Пресуда ГЖ-237/12 од 9 март 2012 година ја потврдил првостепената пресуда.
Подносителот на барањето второстепената пресуда ја примил на 27 април 2012 година, а барањето за заштита на слободите и правата е поднесно на 22 мај 2012 година.

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од означените уставни одредби произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на судовите и другите органи, а во таа смисла ниту има надлежност на инстанционо повисок суд да ја оценува законитоста на постапката и одлуките донесени од овие органи по конкретни предмети на граѓаните.

Исто така, од цитираните уставни одредби, произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за заштита на сите права на човекот и граѓанинот, туку само на оние кои се децидно утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот. Имено, Судот не е надлежен да одлучува по барањето за заштита на правото на праведно и непистрасно судење на кое, меѓу другото, се повикува подносителот во барањето.

Тргнувајќи од анализата на наводите во барањето за заштита на слободите и правата и појаснувањето на барањето произлегува дека подносителот на барањето се почувствувал дискриминиран при донесувањето на наведените пресуди, но не наведува за каква дискриминација станува збор, односно дали бил дискриминиран по основ на пол, по основ на раса, односно дали станува збор за национална дискриминација, социјална дискри-минација или пак дискриминација по основ на политичка припадност.

Судот, имајќи го предвид наведеното, оцени дека подносителот на барањето само декларативно се повикува на направена дискриминација спрема него, со цел да обезбеди Уставниот суд да одлучува за права и интереси на странката во конкретен предмет, за што не е надлежен.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.79/2012
18 септември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски