У.бр.58/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Љиљана Лазова од Скопје, за заштита на слободите и правата кои се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност за кои што смета дека и се повредени со Пресуда П1-5338/10 од 15 јули 2011 на Основниот суд Скопје II Скопје и Пресуда ГЖ.бр.5343/11 од 26 јануари 2012 на Апелациониот суд Скопје.

2. Љиљана Лазова од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободи и права кои се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност.

Во барањето подносителката детално ја презентира судската постапка што ја водела против лицето Зико Наков за поништување на договор за заем склучен помеѓу нив во 1994 година за износ од 20.000 германски марки, врз основа на кој тужениот Зико Наков се стекнал со сопственост на станот на подносителката и нејзиниот сопруг, даден како обезбедување за заемот. Во барањето подносителката наведува дека во периодот од 1994 година досега со повеќе поднесени тужби се обидувала да ја докаже незаконитоста на дејствијата на Зико Наков и неговиот адвокат Златко Бојковски во одземањето на правото на сопственост врз нејзиниот стан, но дека судиите ги затворале очите пред неправдата што и била направена на неа и на нејзиното семејство. Подносителката наведува дека при донесувањето на оспорените пресуди судиите Антоанета Димовска од Основниот суд Скопје 2 Скопје и судијата Јорда Вељановска, Гордана Ѓорчева и Суад Алиу од Апелациониот суд Скопје со направените пропусти во постапката извршиле дискриминација на подносителката на барањето по основ на социјална припадност. Како пропусти во судската постапка, подносителката најпрвин го наведува тоа што првостепениот суд, според нејзино мислење, самоиницијативно и спротивно на законот ја намалил вредноста на спорот од 550.000 денари на 40.000 денари. Во барањето потоа подносителката наведува дека наодите на првостепениот и Апелациониот суд биле неосновани и ги дава причините за тоа (дека склучениот договор морало да биде прогласен за ништовен од причина што според тогаш важечките прописи (Законот за основните сопственосно правни односи) ништовен бил договорот со кој е предвидена можност за доверителот, во случај на неисплатување на долгот, да го намири своето побарување со стекнување право на сопственост врз заложената недвижност и дека во времето на склучувањето на договорот за заем, не постоела законска одредба која дозволувала како начин на обезбедување на парично побарување да биде предвидено склучување на договор за купопродажба на стан заради обезбедување, односно дека тоа било забранета фидуцијарна работа. Подносителката исто така смета дека наведените судови неосновано утврдиле дека сопругот на подносителката не го склучил договорот за продажба на недвижноста, па во таа смисла цитира одредби од Законот за семејството, како и судската практика на Врховниот суд според која не произведува правно дејство договорот со кој еден од брачните другари, без согласност на другиот брачен другар, го отуѓил и го оптоварил имотот стекнат во бракот, за да на крајот одново заклучи дека спорниот договор не произведува правно дејство и е апсолутно ништовен и дека тужениот Зико Наков има обврска да и го врати во сопственост нејзиниот стан. Подносителката понатаму наведува дека судовите направиле пропуст и поради тоа што не ги извеле доказите предложени од нејзина страна со кои требало да се утврди дека адвокатот на тужениот, немал уредно, судски заверено полномошно, односно немал овластување за нејзино застапување и дека не можел во нејзино име да го склучи договорот за купопродажба на станот. Дека адвокатот не бил овластен од неа да ја застапува пред судот, произлегувало и од фактот што полномошното не било издадено во законски пропишаната форма – во форма на јавна заверена изјава и дека истото не содржело заверка на нејзиниот потпис кај надлежниот суд.

Подносителката на барањето на крајот наведува дека со наведените дејствија, била сторена повреда на нејзините уставно загарантирани права поради што предлага Уставниот суд да ја преиспита работата на наведените органи и да ги поништи дејствијата преземени од нив бидејќи истите биле во спротивност со важечките закони во Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека подносителката на барањето Љиљана Лазова и нејзиниот сопруг Јован Лазов, во 1994 година склучиле договор за заем на девизни средства со Зико Наков како заемодавач, а тие како заемопримачи на 20.000 германски марки, при што тие се обврзале да го вратат заемот заедно со камата во вкупен износ од 28.400 германски марки најдоцна до 1 август 1995 година. За обезбедување на заемот, договорните страни се обврзале да склучат договор за купопродажба на стан во сопственост на заемопримачите, доколку во определениот рок не го вратат заемот.

На 12 март 1996 година бил склучен договор за купопродажба на недвижност – стан помеѓу Љиљана Лазова како продавач и Зико Наков како купувач кој бил потпишан од двете странки. Согласно договорот, тужителката го овластила адвокатот Златко Бојковски во нејзино име и за нејзина сметка да изврши пренос на станот од нејзино име на име на Зико Наков и договорот да го завери пред надлежните органи, што било и сторено.

Во 2011 година подносителката на барањето Љиљана Лазова поднела тужба против Зико Наков со која барала да се утврди апсолутна ништовност на членот 4 од Договорот за заем на девизни средства и на Договор за купопродажба на недвижност и да и се овозможи да изврши пренос и запишување на правото на сопственост на станот во јавните книги.

Основниот суд Скопје I Скопје со оспорената пресуда П1.бр.5338/10 од 15 јули 2011 година го одбил како неосновано тужбеното барање. Судот во образложението на пресудата навел дека: „Договорот за заем на девизни средства ги содржи сите елементи на правно валидно дело, така да е склучен во строго писмена форма, потпишани се заемодавачот и заемопримачите, предметот на договорот е дозволен, при што договорните страни го договориле начинот на исполнување на обврската за враќање на заемот со камата во определениот рок и последиците од невраќање на заемот, со склучување на договор за купопродажба на стан во сопственост на заемопримачите, доколку во определениот рок не го вратат заемот со камата. Со договорот не е засновано заложно право врз недвижност, оспорениот член 4 од договорот е израз на слободна волја на договорните страни кои слободно се договориле на кој начин ќе ги уредат меѓусебните односи за начинот на враќање на долгот, со исплата на пари или со продажба на станот доколку заемот не го вратат. Договорот за заем на девизни средства не е апсолутно ништовен. Предметниот договор за купопроджба ги содржи сите елементи за да истиот е правно валиден, така да е склучен во строго писмена форма, потпишани се продавачот и купувачот, предметот на договорот е дозволен, односно бил во правен промет. За да еден договор биде апсолутно ништовен, потребно е предметот на договорот – недвижноста да не може да биде во правен промет, основот на договорот и целта на склучувањето на договорот да биде недозволен, кое нешто во конкретниот случај не постои. Од сите причини погоре наведени, судот смета дека во конкретниот случај предметниот договор за купопродажба не е апсолутно ништовен. Договорите ги содржат битните елементи за полноважност на договор и се склучени согласно доброволно изразената волја на договорните страни“.

Незадоволна од пресудата, подносителката на барањето вложила жалба поради суштествени повреди на одредбите на постапката, одлуката на судот за вредноста на предметот на спорот, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, со барање пресудата да се укине и предметот да се врати на повторно одлучување.

Апелациониот суд Скопје на 26 јануари 2012 година донел пресуда ГЖ.бр.5343/11 со која жалбата ја одбил како неоснована и пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје ја потврдил. Судот оценил дека жалбата е неоснована, односно дека се неосновани жалбените наводи за сторена суштествена повреда на одредбите на парничната постапка бидејќи првостепената пресуда била јасна и разбирлива и истата ги содржела причините за решителните факти, дека била правилна, законита и подобна за испитување. Апелациониот суд исто така оценил дека се неосновани жалбените наводи за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и констатирал дека ги ценел наводите во жалбата но истите не ги прифатил како основани од причина што наводите биле предмет на оценка во постапката пред првостепениот суд, кој ценејќи ги истите дал доволно образложени причини зошто не ги прифатил, со кои причини целосно се согласил и Апелациониот суд.

Незадоволна од двете пресуди, Љиљана Лазова на 16 март 2012 година поднела барање за заштита на слободите и права поради дискриминација по основ на социјална припадност.

Видно од известувањето на Врховниот суд на Република Македонија до кој предметот е доставен по повод поднесена ревизија од страна на тужителката, пресудата на Апелациониот суд ГЖ.бр.5343/11 од 26 јануари 2012 година, полномошникот на тужителката, адвокат Весна Аврамовска ја примила на 9 февруари 2012, година, од што произлегува дека барањето за заштита на слободите и правата до Уставниот суд е поднесено во предвидениот рок од два месеци од денот на доставувањето на правосилната пресуда.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според наводите во барањето за заштита на слободите и правата на Љиљана Лазова, произлегува дека таа е незадоволна од исходот на судската постапка пред Основниот суд Скопје II Скопје и Апелациониот суд Скопје во која таа барала двата спорни договори склучени помеѓу неа и лицето Зико Наков да се прогласат за апсолутно ништовни и смета дека во постапката пред двата наведени судови судечките судии, со донесувањето на оспорените пресуди ја повредиле забраната на дискриминација по основ на социјална припадност. При тоа подносителката во барањето не наведува какви и да било факти и докази за тоа во која смисла со оспорените пресуди се повредува токму нејзиното право на еднаквост.

Имајќи ја во предвид фактичката и правната состојба по предметот, Судот утврди дека во конкретниот случај не постојат елементи врз основа на кои може да се утврди повреда на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност, затоа што и самата подносителка на барањето не наведува, односно не се повикува на ниту еден елемент и податок од кои може да се утврди нејзината социјална припадност, а кои евентуално би биле причина за нејзина дискриминација по наведениот основ од страна на судовите што постапувале во нејзиниот предмет.
Оттука Судот оцени дека во конкретниот случај барањето на подносителката во суштина не се однесува за заштита од дискриминација по основ на социјална припадност, туку со него се бара Судот да ги испита двете оспорени пресуди од позиција на инстанционо повисок суд, за што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

Поради наведеното, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.58/2012
18 септември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски