Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 12 септември 2012 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ОДБИВА барањето на Љупчо Ристовски од Скопје за заштита на слободите и правата повредени со Решението РО.бр.2843/11 на Основниот суд Скопје II Скопје од 25 ноември 2011 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.
3. Љупчо Ристовски од Скопје преку адвокатот Марија Аргировска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност, сторена со Решение РО.бр.2843/11 на Основниот суд Скопје II Скопје од 25 ноември 2011 година.
На 20 февруари 2012 година подносителот на барањето до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за донесување на одлука врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот, а во врска со член 6 и член 14 од Европската конвенција за човекови права.
Во поднесокот најпрво подносителот ги цитира одредбите од член 8 алинеи 1 и 12, член 9, Амандман XXI, член 50 став 1 од Уставот како и Пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур предметот Креуз ус Полска од 2001 година која се однесувала на член 6 од Конвенцијата и го санкционирала неприкосновното право на суд за сметка на правото на државата првенствено да ги наплати судските такси како би се постапувало по тужбеното барање.
Подносителот на барањето, во предметите РО.бр.2843/11 и РО.бр.2844/11 се повикал на пресудата на Европскиот суд за човекови права, при што побарал Судот да постапи по тужбеното барање (неисплатена разлика од плата и дискриминација во работен однос со надомест на штета) при што уплатил минимална такса за тужба и такса за обезбедување на докази утврден во Законот за судски такси. Притоа тужителот прилага доволно докази како би ја образложило основата на барањето. Тужбените барања во наведениот предмет, меѓутоа судот го одбиле таквото барање.
Оттука, според подносителот произлегува дека Судот постапувал строго според домашната легислатива и покрај повикувањето тој да пристапи кон примена на судската практика на Европскиот суд за човекови права во Стразбур која согласно Уставот е дел од правниот поредок при што го дискриминира тужителот во поглед на неговото право на суд врз основа на имотна и социјална положба.
Во врска со вака поднесеното барање формиран е предмет Р.бр.17/2012 година и е побарано од подносителот прецизирање на поднесеното барање. Подносителот на барањето на 7 март 2012 година доставил појаснување ,односно прецизирање во кое се наведува дека: со барањето од 20 февруари 2012 година подносителот бара заштита на уставно право на суд, во случај кога поради социјална положба нема услови да ја плати судската такса како би се отпочнало со постапување, а сето ова во врска со наведената пресуда на Европскиот суд за човекови права, правото на подносителот се повредувало со Решение 1РО.бр.2843/11 од 25 ноември 2011 и Решение РО.бр.2844/11 од 20 јануари 2011 година во кои воопшто не било споменато повикувањето на Пресудата на Европскиот суд Креус vs Полска. По добивање на прецизирање на барањето предметот Р.бр.17/2012 година е трансформиран во У.бр. 39/2012 година.
На 8 јуни 2012 година подносителот на барањето со писмен поднесок го извести Судот дека го повлекува барањето за заштита на слободите и правата повредени со Решение 3РО 2844/11 на Основниот суд Скопје II Скопје од 20 јануари 2012 година, од причина што наведеното решение не станало правосилно.
Оттука, предмет на уставно-судска анализа за тоа дали постои дискриминација по основ на социјална припадност ќе биде Решението 1 РО 2843/11 донесено од Основниот суд Скопје II Скопје од 25 ноември 2011 година.
4. Судот на седницата утврди дека на 18 ноември 2011 година тужителот Љупчо Ристовски од Скопје до Основниот суд Скопје II Скопје поднел барање за ослободување од доплаќање на разликата на таксата за тужба и таксата за пресуда.:
Основниот суд Скопје II Скопје на 25.11.2011 година со Решение РО.бр.2843/11 го одбил барањето за ослободување од доплаќање на разликата на таксата за тужба и такса за пресуда по предметот.
Во образложението на Решението се наведува дека со барањето тужителот не доставил докази во смисла на член 163 став 4 и 163 од Законот за парничната постапка, број на лица што издржува, приходите на членовите на неговото семејство, утврдени од надлежен орган на Државната управа за неговата имотна состојба.
Незадоволен од наведеното Решение,тужителот Љупчо Ристовски од Скопје преку полномошникот Марија Аргировска адвокат од Скопје поднел жалба.
По повод поднесената жалба Апелациониот суд Скопје со Решение РОЖ.бр.585/12 од 7 јуни 2012 година, ја одбил жалбата како неоснована и го потврдил Решението РО.бр.2843/11 од 25 ноември 2011 година.
Во образложението на Решението на Апелациониот суд Скопје се наведува дека по извршениот увид во списите на предметот првостепениот суд утврдил дека барањето е неосновано во смисла на одредбите од членовите 163 став 4 и 164 од Законот за парничната постапка,односно утврдил дека тужителот со барањето не доставил докази во смисла на напред наведените одредби за број на лица што ги издржува, приходите на членовите на неговото семејство, уверение од надлежен орган на државната управа за неговата имотна состојба.
Тргнувајќи од наводите во барањето како и утврдената фактичка состојба произлегува дека подносителот на барањето во суштина барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеа 3 од Уставот,а кое се однесува на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност го поднел пред Решението РО.бр.2843/11 да стане правосилно.
Меѓутоа, поаѓајќи од фактот што во моменот на одлучувањето на Судот по предметот, Решението со кое според подносителот на барањето е сторена повредата станало правосилно, според мислењето на Судот барањето треба да биде предмет на анализа и Судот да расправа по предметот.
5. Според членот 50 од Уставот на Република Македонија, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност. Исто така, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредно право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доста-вувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повре-дата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во конкретниов случај, подносителот на барањето смета дека со наведеното решение му биле повредени слободите и правата, утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, што се одне-суваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.
Во Законот за парничната постапка „Ослободување од плаќање на трошоци на постапка“ односно во член 163 став 1 е предвидено дека судот ќе ја ослободи од плаќање на трошоци на постапка странката која според својата општа имотна состојба не е во можност да ги поднесува овие трошоци без штета за својата нужна издршка и нужна издршка на своето семејство. Во ставовите 2 и 3 на наведениот член е уредено прашањето на опфатот на ослободување на трошоци на постапка.
Во ставот 4 на наведениот член е предвидено дека при донесување на одлуката за ослободување од плаќање на трошоци на постапката, судот задолжително ќе ги оцени сите околности, а особено ќе ја земе предвид вредноста на предметот на спорот, бројот на лицата што ги издржува странката и приходите што ги имаат странката и членовите не нејзиното семејство.
Во членот 164 од Законот се уредени прашањата кои се однесуваа на тоа дека одлуката за ослободување од плаќање трошоци се донесува по предлог на странката, обврската на странката да поднесе уверение од надлежен орган за својата имотна состојба кое уверение треба да содржи износот на данокот што го плаќа домаќинството и одделни членови на домаќинството како и други извори на нивни приходи и воопшто имотната состојба на странката.
Според став 5 од наведениот член од Законот кога е тоа потребно и самиот суд може по службена должност да ги прибави потребните податоци и известувањето за имотната состојба на странката која бара ослободување,а може да ја сослуша и противната странка.
Тргнувајќи од содржината на Решението 2843/11 на Основниот суд Скопје II Скопје од 25 ноември 2011 година со кое се одбива барањето од доплата на разликата на такса за тужба и такса за пресуда како и содржината на наведените членови од Законот за парничната постапка произлегува дека оспореното решение не содржи елементи на дискриминација по основ на социјална припадност како што наведува подносителот. Ова од причина што Судот го одбил барањето на подносителот од причина што тој не доставил доволно докази од кои би произлегло дека постојат елементи за ослободување од плаќање на трошоци. Според тоа недоставувањето на потребните докази за ослободување од плаќање како што наведува судот не може да се прифати како дискриминација по основ на социјална припадност.
Остварувањето на правото на ослободување од плаќање на трошоци не произлегува од дејствие на судот туку е резултат на недоставување на потребните докази за имотна состојба. Или поточно речено на судот во суштина не му била дадена можност да оцени дали навистина подносителот на барањето е во таква состојба да не може да ги плати трошоците во спорот. Во однос на наводите во барањето според кое подносителот во суштина бара дирекна промена на пресудата Крауз vs Полска од Судот во Стразбур и таквата пресуда да претставува и извор на правото и да се применува на сите случаи кои можат да бидат подведени под ист основ, според мислењето на Судот е неприфатливо. Ова оттаму што судовите согласно Уставот судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот, поради што и од овој аспект не може да се прифати барањето дека постои повреда на правото на суд врз основа имотна и социјална положба.
Тргнувајќи од утврдената фактичка состојба, а имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби Судот оцени дека не може да се прифати тврдењето во барањето дека подносителот бил дискриминиран по основ на социјална припадност.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр 39/2012
12 септември 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски