4/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 12 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 85 став 4 од Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија” број 38/2005, 110/2008 и 51/2011).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одреба од Законот, поради нејзината нејасност и непрецизност не ја обезбедувала правната сигурност на грѓаните, бидејќи од содржината на оспорената одредба не можело да се утврди личен контакт на лицето со содржината на известувањето, со што со сигурност би се утврдило дека странката го примила известувањето, па од тој момент да тече рокот од седум дена од денот од прикачувањето на известувањето на вратата на станот или седиштето. Поради тоа оспорената законска одредба била спротивна на членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.

3. Судот, на седницата утврди дека оспорениот член 85 став 4 од Законот уредува дека доколку странката по истекот на седум дена, сметано од денот од прикачувањето на известувањето на вратата на станот или седиштето, не изврши прием на писменото, односно не преземе никакви активности на кои е упатена, органот ќе констатира дека доставата е уредно извршена.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за општата управна постапка, се уредува начинот на постапувањето на министерствата, другите органи на државната управа и организации кои во управните работи непосредно применувајќи ги прописите решаваат за права и обврски или правни интереси на физички, правни или на други лица (став 1). Според овој закон се должни да постапуваат и правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања кога решаваат за работите од ставот 1 на овој член (став 2). Според овој закон се должни да постапуваат органите на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, кога во вршењето на надлежностите решаваат во управни работи за права, обврски или правни интереси на странките во согласност со закон (став 3).

Во Законот, Глава V. Доставување, со одредбите 78-101, е уреден начинот на доставување, кому, каде и како се врши доставувањето, одбивањето на прием, промена на живеалиште, стан или седиште и грешки во доставувањето.

Со членот 78 став 1 од Законот е уреден начинот на кој се врши доставувањето на писменото (поканата, решението, заклучоците и на другите службени списи) и тоа со предавање од страна на органот, по пошта, со јавна објава и на друг начин утврден со закон. Доставувањето се врши според редоследот утврден во ставот 1 на овој член (став 2). Во случаите кога органите вршат доставување на писменото во електронска форма, писменото не го доставуваат и на начин утврден во ставот 1 на овој член (став 3).

Според членот 82 од Законот, органот е должен во периодот од седум дена, сметано од денот кога ќе се утврди потреба од доставување, да направи еден обид да изврши уредно доставување со предавање до странките (став 1). Доставувачот е должен да го образложи неуспешниот обид за достава и истото да го верифицира со свој потпис (став 2).

Според членот 84 од Законот, доставување по пошта се врши доколку органот не успее да изврши достава до странките со предавање во периодот утврден во членот 82 став 1 од овој закон.

Со членот 85 став 1 од Законот е определено дека доставувањето по пошта се врши по пат на препорачана поштенска пратка. Доставата е уредна доколку странката со свој потпис го потврди приемот на писменото и датумот на доставата, а поштата ја врати повратницата до органот кој ја барал доставата.

Според ставот 2 од членот 85 од Законот, доколку поштата не успее да го реализира доставувањето на писменото на вратата на станот или седиштето на лицето на кое треба да се достави писменото се остава известување за тоа каде се наоѓа писменото и се остава рок од седум дена да го изврши приемот.

Според ставот 3 од членот 85 од Законот, во известувањето и во самата доставница, доставувачот треба да ги наведе причините поради кои доставата ја извршил на овој начин и да го наведе датумот кога е оставено известувањето.

Според оспорениот став 4 од членот 85 од Законот, доколку странката по истекот на седум дена, сметано од денот од прикачувањето на известувањето на вратата на станот или седиштето, не изврши прием на писменото, односно не преземе никакви активности на кои е упатена, органот ќе констатира дека доставата е уредно извршена.

Со одредбите од членот 88 од Законот, е уреден начинот на доставување на физичко лице, кое се врши во станот на лицето на адресата која е заведена во неговата лична карта, во деловна просторија или работилница, каде лицето е вработено, а доставувањето на адвокат се врши во неговата адвокатска канцеларија. Со одредбите од овој член е уреден и начинот на доставувањето на физичко лице кога тоа нема да се затече во својот стан или адвокатот нема да се затече во својата адвокатска канцеларија, во кои случаи доставувањето се врши со предавање на писменото на некој од полнолетните членови од домаќинството или на лице вработено во адвокатската канцеларија.

Со одредбите од членот 89 од Законот се уредени случаите кога доставувањето мора лично да се изврши на лицето на кое му е наменето писменото, кога таквото доставување е определено со овој закон или со друг пропис, поради важноста на писменото што треба да се предаде или поради правните последици што се врзани со доставувањето на писменото.

Со одредбите од членот 90 – 98, се уредени начините на доставување на правно лице, доставувањето до застапник по закон и до полномошник, до полномошникот за прием на писмена, до државни органи, органите на општината, на градот Скопје и на општините на градот Скопје и на правни и други лица на кои со закон им е доверено вршење на јавни овластувања, како и доставување на други лица (лица и установи во странство, како и лица кои во Република Македонија уживаат дипломатски имунитет).

Со одредбите од членовите 99-101, се уредени случаите на доставување во случај на одбивање на прием на писменото, обврската на странките за известување на органот што ја води постапката за промена на живеалиштето, станот или седиштето, како и случаите во кои е направена грешка во доставувањето.

Законот, помеѓу другото предвидел соодветени механизми за заштита од евентуално трпење на штетни последици од грешки во доставувањето или пак од неправилна примена на одредбите кои се однесуваат на доставувањето. Имено, според членот 101 од Законот, ако при доставувањето е направена грешка, ќе се смета дека доставувањето е извршено на денот за кој ќе се утврди дека лицето на кое писменото му е наменето навистина го добило тоа писмено. Ако доставницата исчезнала, доставувањето може да се докажува и со други средства. Во членот 236 став 2 од Законот е предвидено дека, органот што го донел решението ќе ја надополни постапката и тогаш кога жалителот ќе изнесе во жалбата такви факти и докази што би можеле да бидат од влијание за поинакво решение на работата, ако на жалителот морало да му биде дадена можност да учествува во постапката што му претходела на донесувањето на решението, а таа можност не му била дадена, или му била дадена, а тој пропуштил да ја користи, но во жалбата го оправдал тоа пропуштање. Според членот 249 точка 9 од Законот, постапката окончана со решение против кое нема редовно правно средство во управната постапка (конечно во управната постапка) ќе се повтори, ако на лицето кое требало да учествува во својство на странка не му била дадена можност да учествува во постапката.

Од содржината на цитираните законски одредби, произлегува дека законодавецот уредил правен механизам за доставување на писменото на лицето за кое е наменото, а предвидел и соодветени механизми за заштита од евентуално трпење на штетни последици од грешки во доставувањето или пак од неправилна примена на одредбите кои се однесуваат на доставувањето. Имено, доставување начелно се врши по правило со предавање на писменото на лицето на кое му е наменето и тоа со предавање од страна на органот, потоа предавање по пошта, со јавна објава и на друг начин утврден со закон. Според тоа, органот е должен во периодот од седум дена, сметано од денот кога ќе се утврди потреба од доставување, да направи еден обид да изврши уредно доставување со предавање до странките. Доколку органот не успее да изврши достава до странките во рок од седум дена, доставувањето се врши по пошта со препорачана поштенска пратка, а доставата е уредна доколку странката со свој потпис го потврди приемот на писменото и датумот на доставата, а поштата ја врати повратницата до органот кој ја барал доставата. Во случај кога поштата не успее да го реализира доставувањето на писменото (лицето не е затечено на адресата по лична карта или не е затечен полнолетен член од потесното домаќинство, на вратата на станот или седиштето на лицето на кое треба да се достави писменото, се остава известување за тоа каде се наоѓа писменото и се остава рок од седум дена, лицето да го изврши приемот. Воедно во известувањето и во самата доставница, доставувачот треба да ги наведе причините поради кои доставата ја извршил на овој начин и да го наведе датумот кога е оставено известувањето. Во овој случај, според оспорениот став 4 од членот 85 од Законот, органот ќе констатира дека доставувањето е уредно извршено, доколку странката по истекот на седум дена, сметано од денот од прикачувањето на известувањето на вратата на станот или седиштето, не изврши прием на писменото, односно не преземе никакви активности на кои е упатена.

Оспорената одредба од Законот е во тесна корелација со претходно уредените одредби од Законот за начинот на доставувањето, односно доколку органот направил обид за извршување на достава до странките со предавање, но тој обид бил неуспешен, а направил обид и за доставување по пошта со препорачана пратка кој исто така бил неуспешен, бидејќи лицето на кое му е наменета пратката не се затекол во станот или друг полнолетен член од домаќинството, со тоа што прикачувањето на известувањето на вратата или седиштето на лицето на кое доставата треба да се изврши со означување на местото каде писменото треба да се подигне и во кој рок, всушност претставува уште еден обид за врачување на писменото на адресатот. Оттука, според оспорената законска одредба, лицето кое живее на адресата на која се прикачува известувањето, е должно во дадениот рок да се обрати до наведеното место каде писменото се наоѓа и да изврши прием на истото, со потпишување на доставницата и датум на истата, а во спротивно, доколку во оставениот рок од седум дена лицето не го подигне писменото на означеното место каде пратката е оставен, ќе се смета дека доставата е уредно извршена.

Според наводите од иницијативата, не можело рокот од седум дена да тече од денот на прикачувањето на известувањето на вратата, туку од моментот на личниот контакт на странката со тоа известување, односно од овие причини оспорената одредба од Законот била нејасно и непрецизно уредена, бидејќи не содржела дека рокот од седум дена се засметувал односно започнувал да тече од денот на приемот на известувањето, па вака уредената законска одредба била спротивна на уставниот принцип на владеење на правото, бидејќи се нарушувала правната сигурност на граѓаните, кои наводи сметаме дека се неосновани.

Доставувањето по пошта се врши доколку органот не успее да изврши достава со предавање на странката (член 84 од Законот), што значи тука не станува збор за прв и единствен обид за достава, дотолку повеќе што прикачувањето на известувањето за направен обид за достава и повторно оставање на рок од седум дена за подигање на пратката од страна на адресатот на означеното место, претставува уште еден обид за доставување, па оттука со секое одолговлекување на доставата и приемот на писменото би се довела во прашање ажурноста, економичноста и ефикасноста на целата постапка што се води пред органот. Доколку, како што се наведува во иницијативата, рокот од седум дена за постапување по известувањето, би започнал да тече од денот кога адресатот имал личен контакт со истото, токму во тој случај би се довела правната сигурност на граѓаните, имајќи предвид дека во постапките што се водат пред органите има и заинтересирани страни чии интереси можат да се осуетат со бесконечното одолговлекување на постапката, поради неможност за извршување на достава на писменото (покана, решение, заклучоци и други службени списи), што е впрочем и интерес на странката за која е наменето писменото, но и обврска да се грижи за непречен и ефикасен тек на постапката пред органот.

Причините поради кои адресатот, не можел да го прими или не бил во можност да се запознае со известувањето во рокот од седум дена од денот на неговото прикачување на вратата на станот или седиштето, не може во секој случај да биде оправдана причина за недогледно одолговлекување на доставата, односно на приемот на писменото што се доставува, а со тоа и доведување во недогледно траење и неизвесност на исходот на самата постапка. Случаите на оправдана неможност да се изврши прием на писменото, законодавецот ги имал во предвид и во Законот уредил механизми за правна сигурност, за заштита на странките и нивните легитимни очекувања од злоупотреби или пак грешки во доставувањето за кои случаи истата не може да трпи штетни последици, а уредил и посебно правно средство враќање во поранешна состојба “restitutio in integrum”, со кое се отстрануваат неповолните последици за странката која пропуштила во рок да преземе одредено процесно дејствие, но без нејзина вина (ненадејна болест, некоја елементарна незгода или случка и слично). Тие се исцрпно уредени со Глава VII Враќање во поранешна состојба од Законот (членови 106-111), која се состои во тоа што надлежниот орган може да и дозволи на странката по нејзино барање да преземе некое пропуштено дејствие од постапката, ако поради тоа пропуштање е исклучена од вршењето на тоа дејствие и на тој начин да ја врати постапката во онаа состојба во која се наоѓала пред пропуштањето на процесното дејстиве.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспореното законско решение, од аспект на јасност и прецизност во уредувањето, не го повредува владеењето на правото, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, поради што во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 85 став 4 од Законот за општата управна постапка со одредбите од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У. Бр. 4/2012
12 септември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски