У.бр.89/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на д-р Влатко Ризов од Кавадарци за заштита на слободите и правата на граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот, кои се однесуваат на дискриминација по основ на социјална припадност.

2. Д-р Влатко Ризов од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата повредени со Решение на Апелациониот суд во Скопје Гж.бр.203/2012 од 9 мај 2012 година со кое е потврдено Решението на Основниот суд во Кавадарци И.бр.1210/2000 од 21 јуни 2011 година.

Според наводите во барањето со оспорените решенија директно биле загрозени уставните права на граѓанинот – односно со неосновано и неправилно применување на законите во текот на постапката која била покрената од подносителот пред судовите во редовната постапка, истите сториле дискриминација по основ на социјална припадност. Имено,судовите при донесувањето на оспорените акти не го имале во вид Правното мислење на Врховниот суд на Република Македонија од 27.03.2012 година согласно кое странката има право на надомест на трошоците за поднесениот одговор на жалба,доколку второстепениот суд ја отфрли или одбие жалбата како неоснована,согласно член 160 став 1 од Законот за парничната постапка,па како последица на тоа на подносителот на барањето со решението на второстепениот суд му е одбиено барањето за надомест на трошоците сторени за состав на одговор на жалба во износ од 6.626,00 денари.

Со ваквото решение, според подносителот, Апелациониот суд во Скопје сторил повреда на слободите и правата на човекот,односно дискриминација по основ на социјална припадност поради што бара Уставниот суд да ги поништи како незаконски оспорените одлуки на судовите во делот на одлуката за трошоците во постапката.

3. Судот на седницата утврди дека со решение на Основниот суд во Кавадарци И.бр.1210/2000 од 21.06.2011 година отповикано е решението на истиот суд И.бр.1210/2000 од 21.04.2011 година со кое се забранувало на должникот Влатко Ризов од Кавадарци да врши оттуѓување и оптоварување на својот недвижен имот и тоа деловен простор на ул.Блажо Алексов бб Кавадарци со КП.16451,дел 7,намена на зграда шифра 570,влез 002,кат ПР во површина од 24 м2,имот заведен на ИЛ 11160 за КО Кавадарци 2 и сите дотогаш преземени дејствија ги укинал.

Против ваквото решение жалба вложила доверителката Марионка Дуганова од Кавадарци, а пак,должникот Влатко Ризов поднел одговор на жалбата согласно одредбите на Законот за парничната постапка,истакнувајќи трошоци во жалбената постапка и тоа за состав на одговор на жалба и за судска такса вкупен износ од 6.850,00 денари.

Апелациониот суд во Скопје со решение ГЖ.бр.203/2012 од 09.05.2012 година ја одбил како неоснована жалбата на доверителката и решението на Основниот суд во Кавадарци И.бр.1210/2000 од 21.06.2011 година го потврдил,а барањето за трошоците за поднесениот одговор на жалбата го одбил како неосновано од причина што истиот во смисла на член 371 од Законот за парничната постаока не бил задолжителен.

Од увидот во вратената доставница констатиравме дека подносителот на барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот,правосилниот акт го примил на 06.06.2012 година,а барањето е поднесено до Уставниот суд на 15.06.2012 година,што значи истото е поднесено во предвидениот рок во Деловникот на Уставниот суд.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граганинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Уставот на Република Македонија со концептот на граѓанска држава,основните слободи и права на човекот и граѓанинот ги класифицирал како граѓански и политички слободи и права, членовите 9-28, и како економски, социјални и културни права, членовите 30-49, гаранции на основните слободи и права, членови 50-54, и основи на економските односи, членови 55-60.

Согласно членот 110 алинеја 3 Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена во членот 110 алинеја 3 од Уставот, како и од содржината на цитираните деловнички одредби, произлегува дека за остварување на заштитата на слободите и правата пред Уставниот суд не е доволно само декларативно и начелно да се означат повредени слободи и права, туку треба да се наведат и аргументите, фактите и доказите на чија основа се заснива барањето за заштита и за конкретната дискрими­нација на лицето во постапувањето на судовите.

Во конкретниот случај барањето по својата суштина значи дека подносителот на барањето не е задоволен од решенијата на надлежните судови поради што бара Уставниот суд да постапува како инстанционо повисок суд и да утврди дека конкретните одлуки на судовите биле неправилни и незаконити, а со тоа Уставниот суд да се впушти во оцена на нивната законитост дали правилно е применето материјалното право,односно Правното мислење на Врховниот суд на Република Македонија, што, во смисла на уставната норма, не е надлежност на Уставниот суд. Имено, Уставниот суд не е надлежен да цени дали судовите во редовната постапка при донесувањето на своите одлуки правилно го примениле материјалното право кога одлучувале за надомест на трошоци сторени во текот на постапката, а со тоа не е ниту инстанционо повисок суд кој ја цени нивната законитост.

Поради сето изнесено, Судот оцени дека во конкретниот случај подносителот бара од Уставниот суд уставносудска заштита на права и интереси по конкретен предмет во надлежност на судовите, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер – Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.89/2012
12 септември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски