74/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 12 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 3 точки 1 и 2 во деловите “образование” од Законот за јавни службеници (“Службен весник на Република Макдонија”, број 52/2010, 36/2011, 6/2012 и 24/2012) и на членот 79-б ставови 1 и 2 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” број 103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 51/2011, 6/2012 и 100/2012).

2. Рамзије Арифи од Тетово, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите, означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорените делови од одредбите од членот 3 точки 1 и 2 од Законот за јавни службеници, биле недоречени, додека оспорените одредби од членот 79-б ставови 1 и 2 од Законот за основното образование доведувале до нејаснотии и конфузии, недоречености и недвосмислености, спротивно на уставниот принцип на владеењето на правото, а со тоа и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија. Ова од причини што наставниците имале специфичности во работатата и нивните права и обврски биле регулирани со Законот за основното образование како во поглед на фондот на часови, обемот на работните должности, вработувањето и слично и тоа не кореспондирало со условите за вработување со Законот за јавни службеници, па оттука оспорените законски одредби само доведувале до нејаснотии и конфузија.

3. Судот, на седницата утврди дека со оспорениот член 3 точки 1 и 2 од Законот за јавните службеници, е уредено значењето на одделни изрази употребени во овој закон, односно дека јавни службеници се вработените кои вршат работи од јавен интерес во дејностите образование, здравство, култура, наука, труд и социјални работи, социјална заштита и заштита на детето, установите, фондовите, агенциите, јавните претпријатија основани од Република Македонија, општините, општините во градот Скопје, односно градот Скопје, а не се опфатени со Законот за државните службеници (точка 1) и јавна служба се институциите на дејностите образование, здравство, култура, наука, труд и социјални работи, социјална и детска заштита, установите, фондовите, агенциите, јавните претпријатија основани од Република Македонија, општините, општините во градот Скопје, односно градот Скопје, а не се опфатени со Законот за државните службеници (точка 2).

Судот утврди и дека оспорените законски делови од Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 52/2010, 36/2011 и 6/2012), со Одлука на Уставниот суд У. бр. 221/2011 од 11 април 2012 година, се поништени и повеќе не се во правниот поредок.

Понатаму, Судот утврди дека со оспорениот член 79-б став 1 од Законот за основното образование е уредено дека вработените од членовите 77, 78, 79 и 79-а од овој закон, како и секретарот на основното училиште имаат статус на јавни службеници, а со оспорениот став 2 од истиот член од Законот дека за вработените од ставот 1 на овој член се применува Законот за јавните службеници, освен ако поинаку не е уредено со Законот за основното образование.

Судот, исто така утврди дека и овие оспорени одредби од Законот за основното образование, не се повеќе во правниот поредок, бидејќи со Закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” број 100/2012), со член 7 од измените и дополнувањето на Законот, целината на оспорениот член 79-б од Законот за основното образование во која се содржани и оспорените одредби од Законот, е избришан од текстот на Законот.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во претходната постапка, Судот утврди дека оспорените законски делови во членот 3 точки 1 и 2 од Законот за јавни службеници, биле предмет на оценување од страна на Уставниот суд на Република Македонија по однос на нивната согласност со одредби од Уставот, и со Одлука У. бр. 221/2011 од 11 април 2012 година, Судот, го поништил членот 3 точки 1 и 2 во деловите: „образование“ од Законот за јавните службеници, бидејќи оценил дека тие не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според која владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија Уставот.

Со оглед дека овие оспорени делови од одредбите од членот 3 точки 1 и 2 од Законот за јавните службеници, Уставниот суд ги поништил и повеќе не се во правниот поредок, во конкретниот случај се исполнети процесните услови за примена на цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативата.

Со оспорениот член 79-б став 1 од Законот за основното образование е уредено дека вработените од членовите 77, 78, 79 и 79-а од овој закон, како и секретарот на основното училиште имаат статус на јавни службеници, а со оспорениот став 2 од истиот член од Законот дека за вработените од ставот 1 на овој член се применува Законот за јавните службеници, освен ако поинаку не е уредено со Законот за основното образование.

Судот, утврди и дека по поднесувањето на иницијативата, со Закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” број 100/2012), со член 7 од измените и дополнувањето на Законот, целината на членот 79-б од Законот за основното образование во која се содржани и одредбите од Законот кои се оспоруваат со иницијативата, е избришан од текстот на Законот.

Со оглед дека и овие оспорени одредби од членот 79-б од Законот за основното образование, повеќе не се во правниот поредок, и во овој случај се исполнети процесните услови за примена на погоре цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативата.

5. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У. Бр. 74/2012
12 септември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски