Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд ( Службен весник на република Македонија бр.70/1992) на седницата одржана на 12 септември 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2012).
2. Стамен Филипов од Скопје, Драгољуб Давитковски од Кратово и Миле Дејановски од с.Дубровница Крива Паланка на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата Стамен Филипов законот во целина не бил во согласност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9 став 2, член 32 став 1, член 51 и член 54 од Уставот. Ова затоа што Република Македонија е социјална држава во која социјалната правда е издигната на ниво на темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, а на сите граѓани им се гарантира еднаквоста на слободите и правата. Уставот го гарантира правото на материјална обезбедност за време на привремена невработеност како и социјална заштита и социјална сигурност согласно со начелото на социјална праведност.
Меѓутоа и покрај фактот што Уставот го утврдил и гарантирал правото на материјална обезбедност за привремена невработеност со оспорениот закон, законодавецот при донесување на Законот апсолутно ги занемарил и запоставил наведените уставни одредби.
Понатаму, подносителот наведува дека и ако од наведените уставни одредби произлегува дека невработени лица имаат право на материјална обезбеденост за цело време на привремена невработеност, оспорениот закон тоа не го обезбедува на кој начин се повредува член 32 од Уставот, во кој не се утврдени случаите дека ова право може да се ограничува и веќе утврдените права да се скратуваат.
Ова затоа што член 32 став 5 се однесува само за вработените и нивната положба, а не и за невработените од кои причини потребно е директна примена на член 32 став 1 од Уставот.
Во прилог на наведеното, според подносителот зборува и фактот што Законот за вработување и осигурување од 1997 година до денес е менуван 14 пати што не оди во прилог на владеење на правото и стабилен правен поредок. Со наведеното законско решение се повредува и изневерува легитимното очекување на голем број на невработени лица кои веќе ги исполнуваат условите за пензионирање.
Со оглед на наведеното подносителот предлага Судот да го поништи оспоренииот закон, а до донесување на конечна одлука да изрече времена мерка.
Според подносителот на иницијативата Драгољуб Давитковски со членовите 1, 2 и 3 од Законот е повреден принципот на еднаквост на граѓаните од причина што граѓаните кои го остваруваат тоа право се во поповолна положба од оние кои допрва треба да го остварат.
На првите им било дозволено пет години до пензионирање да го уживаат ова право, додека пак на вторите истото право ќе го остваруваат само 18 месеци пред пензионирање што е спротивно на член 8 и 9 од Уставот.
Со членот 4 од Законот, законодавецот ги заштитува на фиктивен начин стекнатите права на лицата и им дава право и понатаму да продолжат да го користат тоа право.
Со овој член се повредува член 9 и член 32 од Уставот на начин што голем дел од лицата го оствариле ова право на криминален начин пред склучување на фиктивни договори со зголемување на платата на краток рок непосредно пред остварување на тоа право за да остварат висока стапка на паричен надоместок за што знаеле и државните органи.Оттука, наместо тие кои правеле злоупотреби да бидат казнети, законодавецот ги казнува оние кои допрва требало да го остварат правото на паричен надоместок.
Воедно, подносителот на иницијативата дава предлог за измени на законот.
Подносителот на иницијативата Миле Дејановски бара поништивање на членовите 2 и 3 од Законот за дополнување на Законот ва вработување и осигурување во случај на невработеност со кој во членовите 71 и 78 од Законот зборовите “пет години” се заменуваат со “осумнаесет месеци”,од причини што со направените измени тој бил обесправен и ставен во нееднаква положба во однос на другите невработени кои можеле да го остварат правото на паричен надоместок до пензионирање,а тој не можел да го оствари тоа право.Според подносителот Владата требала многу порано да ја најави измената на Законот така што многумина на кои не им бил потребен стаж од 9 месеци и возраст од 59 години немало да ги молат работодавачите да ги вработат макар и на определено време од 9 месеци за да се стекнат со право на паричен надоместок до пензионирање. Понатаму , според подносителот примената на Законот требало да биде одложена до јуни 2012 година ,на кој начин сите што се вработиле на некој начин на определено време да го остварат правото на паричен надоместок по стариот закон,односно пред измените, а во исто време другите невработени знаејќи ги измените немало да бидат изложени на трошоци.
3. Судот утврди дека во член 1 од Законот за изменување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 37/2004, 4/2005, 50/2006, 29/2007, 102/2008, 161/2008, 50/2010, 88/2010 и 51/2011) е предвидено дека во членот 64 став 1 точка 4 во петтиот ред зборовите „пет години“ се заменува со зборовите „18 месеци“.
Во членот 2 од измените на законот е предвидено дека во членот 71 став 3 во третиот ред зборовите „пет години“ се заменува со зборовите „18 месеци“.
Во член 3 од измените на законот е предвидено „Во членот 78 став 1 во десеттиот ред зборовите „пет години“ се заменуваат со зборовите „18 месеци“.
Во член 4 од измените е предвидено дека невработеното лице кое по влегување во сила на овој закон е корисник на паричен надоместок, продолжува да го користи ова право, согласно со законот по кој го остварил.
Започнатите постапки за остварување на право од осигурување во случај на невработеност до денот на влегување во сила на овој закон, ќе завршат според законот кој важел во моментот на започнувањето на постапката.
Според член 5 од измените е предвидено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
За целосно согледување на содржината на членовите кои се менуваат истите ќе ги презентираме.
Во членот 64 став 1 точка 4 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, покрај други, права што ги остварува лицето кое е привремено невработено било предвидено дека:
4) право на пензиско и инвалидско осигурување во согласност со прописите за пензиското и инвалидското осигурување на невработеното лице корисник на паричен надоместок на кое му недостасува најмногу до пет години (сега 18 месеци) пред исполнување на условите за стекнување право на старосна пензија, а кое нема 15 години стаж на осигурување, до остварување на 15 години стаж на осигурување.
Во членот 71 став 3 од Законот било предвидено:
„На невработеното лице кое има над 15 години стаж на осигурување, а на кое му недостасуваат најмногу до пет години (сега 18 месеци) пред исполнување на условите за стекнување право на старосна пензија, паричен надоместок му се исплатува до неговото вработување, односно до настапување на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок
.
Во членот 78 став 1 од Законот било предвидено дека: Невработеното лице на кое му престанало правото на паричен надоместок може да го оствари тоа право ако повторно ги исполни условите за здобивање со право на паричен надоместок од членот 65 на овој закон, со тоа што во стажот на осигурување не му се пресметува времето поминато во работен однос пред примениот последен паричен надоместок, освен на невработеното лице кое по престанокот на последниот работен однос има над 15 годни стаж на осигурување, а на кое му недостасуваат најмногу до 5 години (сега 18 месеци) пред исплнувањето на услови за стекнување на право на старосна пензија.
’ 4. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.
Според член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 8 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, валдеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со член 9 став 1 од Уставот е утврдено дека граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според став 2 на овој член од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според став 5 на овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Со член 34 од Уставот се уредува дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а спроед член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓание согласно со начелото на социјална правичност.
Од анализата на означените одредби произлегува дека Уставот го прокламира правото на работа и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, утврдувајќи дека правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.
Уставот го прокламира и принципот на право на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое се уредува со закон и колективен договор. Уставот предвидува и обврска на државата да обезбеди социјална заштита и социјална сиругност на граѓаните, а која се остварува врз основа на начелото на социјална правичност, што укажува на остварувањето на социјалниот карактер на државата. Видовите на правата, обемот, начинот на стекнување и користење на правата Уставот го резервирал да го уреди законодавната власт, што значи Уставот утврдил обврска за нивно законско уредување. Според тоа, нормативната функција на државата во уредувањето како на правата од работен однос, така и на правата од социјалното осигурување со Уставот не е димензионирана, меѓутоа, со законите мора да бидат утврдени такви односи кои еднакво ќе се однесуваат на сите граѓани, односно на сите вработени или невработени лица. Притоа, државата е должна, зависно од материјалните можности во уредувањето на правата на граѓаните во прв ред да поаѓа од уставните гаранции за еднаквоста на граѓаните во остварувањето на правата од работен однос и социјалното осигурување .
Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/ 1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006, 29/2007 и 102/2008, 50/2010, 88/2010 ,51/2011 и 11/2012) во членот 1 определил дека предмет на негово уредување се прашањата за размена на трудот, правата и обврските на работодавците, невработените лица и државата, во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработенот и други прашања од значење за вработувањето.
Во Главата IV „Осигурување во случај на невработеност“ со одредбите од членовите 62-79 од Законот, е уредено дека работниците кои се во работен однос, задолжително се осигурени во случај на невработеност (член 62), паричниот надоместок е едно од правата од осигурувањето во случај на невработеност (член 64), правото на паричен надоместок, висината и времето за кое се исплатува паричниот надоместок се разработени со одредбите од членовите 65-78. Во Главата V „Остварување на правата од осигурување во случај на невработеност“ со одредбите од членовите 80-82 од Законот е определено дека правата од осигурувањето во случај на невработеност се остваруваат во согласност со овој закон и прописите за општа управна постапка, и за правата утврдени со овој закон во прв степен решава Агенцијата за вработување на Република Македонија, а во втор степен одлучува министерството надлежно за работите на трудот.
Следејќи ги одредбите од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност од 1997 година со неговите измени и дополнувања, произлегува дека право на паричен надоместок согласно членот 65 од Законот има невработено лице кое било во работен однос најмалку девет месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци.
Времето за кое се исплатувал паричниот надоместок, според членот 71 од овој закон било уредено:
– од 1997 година до 2000 година времено се исплатувал најдолго 18 месеци ако имал над 20 до 25 години стаж на осигурување, а трајно над 25 години стаж на осигурување (траело до ново вработување или настапување на некои од основите за престанок на право на паричен надоместок);
– од 2000 година до 2003 година времено се исплатувал најдолго 18 месеци ако имал над 20 години стаж на осигурување, а трајно над 15 години стаж на осигурување и над 55 години возраст;
– од 2003 година до 2005 година времено се исплатувал најдолго 14 месеци ако имал над 15 години стаж на осигурување, а трајно, без промени од претходно (15 години стаж и 55 години возраст);
– од 2005 година до 2006 година времено се исплатувал најдолго 12 месеци ако имал над 15 години стаж на осигурување, а трајно, над 15 години стаж на осигурување и му недостасувале на лицето до 5 години за стекнување право на старосна пензија.
– од 2006 година до 1 февруари 2012 година, времено се исплатувало најдолго 12 месеци ако лицето имало над 25 години стаж на осигурување, а трајно, без промени од претходно (15 години стаж и најмногу 5 години недостасувале за стекнување право на старосна пензија).
Видно од анализата на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност од 1997 до февруари 2012 година лицата кои имале одредени години стаж на осигурување и одредена возраст,односно на кои им недостасувале 5 години за стекнување на право на старосна пензија примале паричен надоместок трајно,односно до исполнување на усови за стекнување на старосна пензија. Тоа значи дека во овој долг временски период законодавецот поѓајќи од социјалниот карактер на државата во суштина материјално ги обезбедувал повозрасните осигуреници.
Со членот 2 од измените на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност со кој се менува членот 71 став 3 ( кој е оспорен со иницијативите ) времето за кое се исплатува паричниот надоместок на невработеното лице кое има над 15 години стаж на осигурување се скратува од 5 години на 18 месеци.
Направените измени на членот 71 од Законот секако повлекуваат законодавецот да изврши измени и на членот 64 став 1 (член 1 од измените ) во делот кој се однесува на правото на пензиско и инвалидско осигурување, при што ова право можат да го користат лицата на кои им недостасуваат 18 месеци пред исполување на услови за пензија ,а кои немаат 15 години стаж на осигурување .
Законодавецот имајќи ги предвид измените во членот 71 од Законот направил измени и во членот 78 ,а кои се однесуваат на можноста невработеното лице на кое му престанало правото на паричен надоместок повторно да се стекне со тоа право, при што во стаж на осигурување не му се засметува времето пред примениот последен паричен надоместок ,освен на невработено лице кое по престанокот на последниот работен однос има над 15 години стаж на осигурување и на кое му недосасуваат 18 месеци пред исполнување на услови за пензија.
Имајќи го предвид наведеното, неспорно е дека законодавецот извршил одредени промени во режимот на користење на правата по основ на невработеност, намалувајќи го периодот на лица кои имаат едно од утврдените социјални права, што според Судот е во рамките на уставното овластување на законодавецот да го определува нивото на социјалната сигурност на граѓаните и да ги определува правата од социјалното осигурување и нивниот обем, во согласност со општествено економските услови во Републиката, а што се изразува преку донесување на нова законска регулатива или со одредени изменувања и дополнувања на постојната законска регулатива во сферата на социјалното осигурување на граѓаните.
Од уставно правен аспект, од значење е дека извршената промена на режимот на осигурување се однесува за сите идни корисници на правата од осигурување во случај на невработеност, кои наведеното право ќе го стекнат по влегувањето во сила на законската измена, односно дека корисниците на правото утврдено пред наведената законска измена, продолжуваат да го остваруваат истото под условите под кои го стекнале, со што е обезбедена еднаквост на граѓаните пред Уставот и законот и правна сигурност, како елемент на владеењето на правото.
Тргнувајќи од сето досега наведено, Судот оцени е дека со законското решение со кое е намален периодот на користење на паричниот надоместок и другите права кои го следат него не се доведуваа во прашање правото на материјална обезбеденост во случај на невработеност, начелото на еднаквост, уставните начела на социјална сигурност, социјалната правда, владеењето на правото, хуманизмот и солидарноста. Ова дотолку повеќе што правото на паричен надоместок не е трајно право, туку претставува привремено решение за материјално обезбедување за време на невработеност.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6 .Ова решение Судот го донесе со мнозинство во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр18/2012
12 септември 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски