У.бр.63/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јуни 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлука за основање на јавно претпријатие бр.07-294/11 донесена од Советот на општина Центар Жупа на 12 април 2012 година („Службен гласник на општина Центар Жупа бр.2/2012).

2. Илбер Исеновски и Сазан Папраднику советници во Советот на општина Центар Жупа на уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативата оспорената одлука не била во согласност со членовите 114 и 115 од Уставот како и со членовите 9 и 10 од Законот за јавните претпријатија. Ова од причини што во општина Центар Жупа веќе постои јавно претпријатие кое се занимава со иста дејност под називот ЈП „Кале-Центар Жупа“, основано од Советот на општината во 1997 година и кое функционира до денес. Оттука според подносителите при постоење на јавно претпријатие со иста дејност општината формира друго јавно претпријатие за што нема оправдан економски интерес.

Воедно подносителите сметаат дека при донесување на Одлуката за основање на јавното претпријатие не бил консултиран градоначалникот, ниту пак бил изработен елаборат за економската оправданост за основање на вакво претпријатие.

Понатаму, подносителите повикувајќи се на одредбите од членовите 114 и 115 од Уставот наведува дека при донесување на оспорената одлука Советот на општината не спровел постапка за запознавање на граѓаните за предлогот за основање на вакво претпријатие и дека со неговото основање граѓаните би се ставиле во потешка финансиска положба при постоење на две истоветни претпријатија.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 9 и 10 став 3 и 5 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/1996, 6/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007, 83/2009, 97/2010 и 6/2012) Советот на општина Центар Жупа на 12 април 2012 година донел Одлука за основање на јавно претпријатие.

Во член 1 од Одлуката е предвидено оваа одлука е конститутивен акт за основање на јавно претпријатие заради вршење дејност од јавен интерес.

Во членот 2 од Одлуката е утврдена фирмата и седиштето на јавното претпријатие за производство, одржување и дистрибуција на вода и чистење на јавни површини ЈП „Водовод Центар Жупа“, а во членот 3 се утврдени дејностите кои ќе ги врши ова претпријатие.

Во Одлуката е утврден видот и износот на влогот на основање (член 4), начинот на водење на работењето и застапувањето и донесувањето на одлуки (членовите 5, 6, 7, 8 и 9), начинот на распределбата на добивката и начинот на покривање на загуба (членовите 10, 11 и 12),одговорност на претпријатието (член 13), организација на јавното претпријатие (членовите 14 и 15), начинот на спроведување на одлуки на органи (член 16) и преодни и завршни одредби (членовите 17, 18, 19 и 20):

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија е одлучувањето за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Имајќи предвид дека оспорената одлука по својот карактер и содржина претставува основачки акт на Советот на општината со кој се основа конкретен правен субјект, и нема карактер на пропис подобен за уставно-судско одлучување, согласно наведените уставни и деловнички одредби се настапени условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.63/2012
27 јуни 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски