8/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јуни 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Буџетот на општина Другово за 2012 година, број 01-15/3 од 11 јануари 2012 година, усвоен со Одлука на Советот на општина Другово, бр.07-15/4 од 11 јануари 2012 година (,,Службен гласник на општина Другово’’број 1/2012).

2. Добре Никоски, градоначалник на општина Другово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Советот на општината Другово незаконито и неправилно постапил кога го усвоил Буџетот за 2012 година со извесни измени во содржината на општината, со што се нарушиле остварувањето на надлежностите на општината. Имено, во Предлог-Буџетот, Градоначалникот на општината ги опфатил сите потребни ставки и износи на финансиски средства потребни за непречено вршење на надлежностите на општината, меѓутоа Советот на општината отстранил дел од програмите кои биле од суштинско значење за работата на општината и реализација на надлежностите.

Според Законот за локалната самоуправа, Советот на општината има надлежност само да донесува Буџет, а градоначалникот е овластен за предлагање и извршување на Буџетот.

Со оглед на тоа што Советот на општината Другово, самоволно го менувал предлог-Буџетот за 2012 година, со намалување на средства во развојните програми кои поради тоа и не ќе можат да се реализираат, како на пример намалување на средства во Програмата Ф1 – урбанистичко планирање, Програма Ј2 – одведување и пречистување на отпадни води, Програма Ј6 – одржување и заштита на локални патишта и улици и Програма ЈА – изградба на јавно осветлување, како и се намалувале средства за платите на вработените, од што призлелгувало дека Советот на општината вршел утврдување и усвојување на Буџет, кој како таков не бил предложен од градоначалникот, и со тоа Советот на општината ги донел оспорениот Буџет и Одлуката за негово усвојување, спротивно на Законот за локалната самоуправа, во однос на членовите 3, 4, 13 и 21-б, спротивно на Законот за финансирање на ЕЛС и Законот за исплата на платите, а со тоа биле спротивни и на членот 51 од Уставот, според кој законите и другите прописи треба да бидат во согласност со Устав и закон.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Другово на седница одржана на 11 јануари 2012 година ја донел оспорената Одлука бр.07-15/4, за усвојување на Буџетот на општина Другово за 2012 година, број 01-15/3 од 11 јануари 2012 година. Буџетот е донесен на основа на член 36 став 1 точка 2 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 28 став 1 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004, 96/2004 и 67/2007). Буџетот ги содржи: 1) вкупните приходи (даночни, неданочни, капитални, приходи од дотации, трансфери и приходи од даноци) во вкупен износ од 43.630.250 денари, 2) вкупните расходи (од утврдени намени и резерви) во вкупен износ од 43.630.25 денари, 3) дефицит во 0 износ, и 4) финансирање (домашен прилив, странски заем и одлив) во 0 износ.

Приходите на Буџетот по видови на приходи се утврдени во билансот на приходи, а расходите по основни намени се утврдени во билансот на расходи и тоа како што следува во графичкиот приказ во Буџетот.

Буџетот на општина Другово за 2012 година бр.01-15/3 од 11 јануари 2012 година и Одлуката за усвојување на Буџетот на општина Другово за 2012 година, бр.07-15/4 од 11 јануари 2012 година, се објавени во „Службен гласник на општина Другово“ бр. 1 од 12 јануари 2012 година.

Претходно, Советот на општина Другово на седница одржана на 30 декември 2011 година донел Одлука бр.07-1224/4 за усвојување на Буџетот на општина Другово за 2012 година, бр.01-1224/3, меѓутоа градоначалникот на општина Другово (кој е сега подносител на иницијативата), врз основа на член 51 став 1 од Законот за локалната самоуправа донел Решение број 08-1224/10 од 31 декември 2011 година за запирање на објавување на Буџетот.

Според образложението на Решението, Градоначалникот го доставил на Советот на општината Предлогот – Буџет, меѓутоа тој како таков не бил усвоен, туку бил усвоен со предлог – изменети содржини предложени од претседателот на Советот на општината. Со тоа бил нарушен буџетскиот процес за усвојување на Буџетот, имајќи предвид и дека не се произнела со свое мислење општинската комисија за финансирање и буџет. Воедно, овој Буџет со измените, веќе укинал некои програми кои Советот на општината ги имал во план за развој за 2012 година и одредени средства за надлежности на општината во интерес на граѓаните.

Наспроти ова, Советот на општината на нова седница од 11 јануари 2012 година, го донел Буџетот за 2012 година и Одлуката за усвојување на Буџетот, кои се предмет на оспорување пред овој Суд.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 9 од Уставот на Република Македонија, локалната самоуправа е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според точката 1 од Амандманот XVII на Уставот, со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Согласно одредбите од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), општината е единица на локална самоуправа со својство на правно лице (член 3). Општината се финансира од сопствени извори (даноци, надоместоци и такси утврдени со закон), од дотации од државата и други извори на приходи во согласност со закон. Општината самостојно располага со сопствените извори на приходи во рамки на своите надлежности, а финансирањето на општината се уредува со закон (член 11). Таа има свој буџет и прашањата што се однесуваат на буџетот на општината се уредуваат со закон (член 13). Надлежностите на општината се определени во членот 22 од Законот. Органи на општината се советот и градоначалникот (член 31).

Советот на општината е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината. Според членот 36 став 2 од Законот, советот го донесува буџетот на општината и годишна сметка на општината.

Според членот 50 став 1 точки 7 и 8 од овој закон, градоначалникот го предлага годишниот буџет и годишната сметка на буџетот на општината и го извршува буџетот на општината.

Според членот 51 од Законот, ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето.

Советот е должен во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението, да го разгледа решението и да одлучи по него.

Ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија. За иницијативата градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.

Според членот 63 од Законот, за решавање на поединечните права, обврски и интереси на физичките и правните лица, градоначалникот донесува решенија.

Од изнесените законски одредби, неспорно е дека градоначалникот не донесува прописи. Тој нема законско овластување за тоа. Советот на општината го донесува буџетот на општината, како и други прописи и акти на општината, како што се: статутот, програми, планови и одлуки. Советот има обврска да донесе буџет на реални основи, бидејќи реализацијата односно потписник на сметките од неговата содржина е градоначалникот на општината. Според членот 31 од Законот за буџетите („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2005, 103/2008 и 95/2010) содржината и постапката на донесување на буџетите на општините е пропишана со закон.

Според членот 22 од Законот за финансирање на единиците за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004, 96/2004, 67/2007, 156/2009 и 47/2011) буџетот на општината се изготвува, донесува и извршува во согласност со Законот за буџетите, ако со овој закон поинаку не е уредено. Со одредбите од членовите 22-32 од овој закон се уредени прашањата во врска со буџетот на општината, од кои неспорно произлегува дека општината преку своите органи – советот и градоначалникот, го остварува донесувањето и извршување на буџетот. Градоначалникот го има законското овластување на потписник на сметките на буџетот на општината кои треба да се во склад со содржината на усвоениот буџет, а не надвор од него, како и формата и содржината на буџетот се изготвува согласно буџетски циркулар на министерот за финансии.

Врз основа на изнесените уставни и законски одредби, Судот оцени дека Буџетот на општина Другото за 2012 година усвоен со Одлука на Советот на општина Другово бр.07-15/4 од 11 јануари 2012 година, е донесен од надлежен орган согласно со закон, а прашањата за видот, содржината и финансиските средства на Буџетот, не се прашања за кои може да одлучува Уставниот суд на Република Македонија, ниту може од овој аспект да се доведе во прашање уставноста и законитоста на оспорените акти.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.8/2012
27 јуни 2012 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски