82/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јуни 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста начлен 39 став 1 од Правилникот за измена на Правилникот за внатрешни односи и работењето на Стоматолошкиот факултет во Скопје,во состав на Универзитетот “Св,Кирил и Методиј” во Скопје објавен во “Универзитетскиот гласник” бр.199 од 3 февруари 2012 година.

2. Доц. др. Силвана Георгиева, доц. др. Ана Сотировска-Ивковска, доц.др.Маја Пандилова и доц.др.Златко Георгиев, сите од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на член од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата ,се оспорува законитоста на оспорениот правилник за внатршните односи и работењето на Стоматолошкиот факултет, бидејќи истиот бил во спротивност со член 62 став 3 од Законот за високото образование.Имено,според иницијативата во работата и одлучувањето во факултетот требало да учествуваат само вработените наставници,но не и тие што не биле вработени на факултетот.
Според иницијативата, исто така, при донесувањето на оспорениот правилник била направена повреда на постапката за негово донесување.

3. Судот на седницата утврди дека според член 39 став 1 од оспорениот правилник наставно научниот совет го сочинуваат редовните и вонредните професори и доцентите на Факултетот.

4. Според членот 110 став 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Поаѓајќи од карактерот на Правилникот, како акт со кој се уредуваат меѓусебните односи на вработените на Стоматолошкиот факултет, произлегува дека истиот претставува конкретен, интерен акт кој има правно дејство само за субјектите на Стоматолочкиот факултет,а не за неограничен број на субјекти и како таков не подлежи на уставно-судска оцена. Со оглед на тоа што оспорениот правилник е интерен акт и истиот не е пропис кој е подобен за уставно-судска анализа, односно оцена произлегува дека и оспорениот член 39 став 1 од истиот не може да има карактер на одредба која уредува односи за неограничен број на субјекти.

Имајќи ја предвид содржината и карактерот на оспорената одредба,како составен дел на предметниот правилник, а имајќи ја предвид наведената одредба од Уставот, според која Уставниот суд нема надлежност да ја оценува законитоста на интерните акти кои намаат карактер erga omnes , настапени се деловнички претпоставки за отфрлање на иницијативата согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.82/2012
27 јуни 2012 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски