Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 20 јуни 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 5 од Правилникот за определување на специфичните должности на цивилниот персонал од особено значење за Армијата на Република Македонија, работните места (должности) и висината на износот на додатокот на плата на лицата со посебни специјалности од особено значење за ракување и одржување на борбената техника и вооружувањето, број 01-2020/1 донесен од Министерот за одбрана на 17 март 2011 година.
2. Димитрија Атанасовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот означен во точката 1 на ова решение.
3. Според наводите на иницијативата оспорениот акт бил донесен врз основа на член 177 од Законот за служба во Армијата, а според член 227 став 1 од Законот, подзаконските и другите акти предвидени со овој закон ќе биле донесени во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон. Во иницијативата е наведено дека според одредбата на член 229 од Законот, истиот влегувал во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија„ и се констатира дека Законот бил објавен во „Службен весник на Република Македонија„ на 15 март 2010 година, а всушност влегол во сила на 24 март 2010 година, па според наводите на иницијативата сите права, па и правата од член 177 од Законот, важеле со денот на влегувањето во сила на Законот.
Од изнесеното во иницијативата се смета дека членот 5 од Правилникот, во делот „а ќе се применува од 1 мај 2011 година“, бил во спротивност со цитираните одредби од Законот, а тоа од причина што според одредбите на член 8 став1 алинеја 3 и членот 51 став 1 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок е владеењето на правото и дека подзаконските и другите прописи мораат да бидат во согласност со Уставот и закон и се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оцена на уставноста на оспорениот член.
4. Судот на седница утврди дека врз основа на член 177 став 3 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, министерот за одбрана на 17 март 2011 година го донел Правилникот за определување на специфичните должности на цивилниот персонал од особено значење за Армијата на Република Македонија, работните места (должности) и висината на износот на додатокот на плата на лицата со посебни специјалности од особено значење за ракување и одржување на борбената техника и вооружувањето.
Со член 1 од Правилникот се пропишуваат специфичните должности на цивилниот персонал од особено значење за Армијата на Република Македонија, работните места (должности) и висината на износот на додатокот на плата на лицата со посебни специјалности од особено значење за ракување и одржување на борбената техника и вооружувањето,
Според членот 2 од овој правилник, специфичните должности на цивилниот персонал од особено значење за Армијата, зависно од должноста и условите под кои се врши службата, на лицата со посебни специјалности од особено значење за ракување и одржување на борбената техника и вооружувањето се определуваат во три групи.
I. Група на специфични должности, работни места (должности): механичар, техничар, електроничар, дијагностичар, електромеханичар, пиротехничар и други должности на кои се вршат работи и задачи на технички прегледи и поправки на целокупни сложени системи за вооружување, комуникација, муниција и борбени возила и тоа: а. воздухопловна техника, артилериски системи, ракетни системи, радарски системи, б. пешадиско вооружување и сите видови на муниција, в. високи фреквенции (вф), многу високи фрекфренции (вхф), радио релејни (рр), прислушна опрема и сложени електронски системи, централи и стационарни системи за врски, информатичка опрема и мрежи, оптика и оптоелектроника, инфрацрвени (ИЦ) уреди и опрема и г. борбени возила и инжињерски машини (тенкови, оклопни транспортери и други видови борбени возила).
II. Група на специфични должности работни места (должности): механичар, електромеханичар, техничар, оператор, аввтоматичар и други должности на кои се вршат работи и задачи на изработка и обработка, технички преглед и поправка на поединечни делови од сложени системи за вооружување, комуникација, борбени возила, системи за ладење и безбедност на посебно обезбедени простории (стационарни центри за врски, командување) и тоа: а. метални и неметални материјали и делови од функционални единици, б. погонски системи, в. хидраулика и контролирани системи за напојување со гориво под висок притисок (бошпумпи и сл.), г. трансмисија, д. термо и разладна техника, ѓ. електро техника и е. агрегати и извори за напојување.
III. Група на специфични должности работни места (должности): техничар, механичар, ракувач, алатничар и други должности на кои се вршат технички прегледи и поправки на поединечни делови од сложени системи за вооружување, борбена техника и комуникации како и ракување и манипулација со истите и тоа: а. на системи за стопирање, б. заварување и спојување на материјали, в. ракување на технички материјали и делови, г. на горива и подмачкувачи, д. изработка и поправка на дрвени, платнени и гумени делови од борбена техника и опрема. ѓ. транспорт-возач на борбена техника и е обнова на заштитни намази и камуфлажи.
Според членот 3 од Правилникот, организационите единици на Армијата во кои се врши ракување и одржување на борбената техника и вооружување, во зависност од нивото на ракување и одржување на борбената техника и вооружување, се определуваат како организациони единици од прв и од втор степен, и тоа: 1. Организациони единици од прв степен се: воздухопловен – воздухопловно извидувачка нападна група (ВИНГ), технички ремонтен центар, центарот за електронско извидување, техничка работлница при Здружената Оперативна Команда (ЗОК – баталјон за врски), централно складиште за муниција Еребино, централно складиште Метеор и стационарни центри за врски. 2. Организациони единици од втор степен се: логистички баталјони, техничка работилница при гардиска единица
Согласно членот 4 од овој правилник, висината на износот на додатокот на плата за специфични должности од особено значење за Армијата, на лицата со посебни специјалности од особено значење за ракување и одржување на борбената техника и вооружување, зависно од должноста и условите под кои се врши службата, групата во која се определени специфичните должности и степенот во кој е определена организационата единица на Армијата изнесува: I. Група на специфични должности: во организациони единици од прв степен 200 бодови, во организациони единици од втор степен 150 бодови, II. Група на специфични должности: во организациони единици од прв степен 130 бодови, во организациони единици од втор степен 110 бодови, III. Група на специфични должности: во организациони единици од прв степен 90 бодови, во организационо единици од втор степен 70 бодови.
Според член 5 овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1 мај 2011 година.
5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според членот 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според ставот 2 на овој член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија, меѓу другото, донесува закони.
Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Според членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002 и 82/2008), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.
Во членот 177 став 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/2010, 23/2011, 47/2011 и 148/2011), додатокот на плата за специфични должности од особено значење за Армијата на цивилниот персонал припаѓа на лица со посебни специјалности од особено значење за ракување и одржување на борбената техника и вооружување. Додатокот од ставот 1 на овој член се вреднува со бодови, во зависност од должноста и условите под кои се врши службата и тоа од 50 до 200 бода. (став 2) Специфичните должности на цивилниот персонал од особено значење за Армијата, работните места (должности) и висината на износот на додатокот на плата од ставот 1 на овој член ги пропишува министерот за одбрана.(став 3)
6. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број субјекти во правото, Судот утврди дека оспорениот акт нема карактер на пропис, поради што не е подобен за уставно-судска оцена.
Според тоа Судот на седница оцени дека оспорениот правилник има карактер на интерен акт со кој само се доуредуваат одредени прашања кои се однесуваат само на вработените во Министерството за одбрана.
Со оглед на фактот што оспорениот правилник нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставува интерен акт, за кој овој суд не е надлежен да ја оценува неговата согласност со Уставот и со закон, и се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
7.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.
8.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и д-р Гзиме Старова.
У.бр.134/2011
20 јуни 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски