Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јуни 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста член 6 став 2 алинеи 2, 3, 4 и 5 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009, 114/2009, 35/2010, 167/2010, 36/2011, 6/2012 и 24/2012).
2. Аце Миноски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, во оспорениот член 6 став 2 алинеи 2, 3, 4 и 5 од Законот, биле предвидени условите за стекнување на раководни звања на државните службеници, во кои биле предвидени стекнати 300 кредити според ЕКТС систем или завршен VII/1 степен, меѓутоа законодавецот пропуштил да го предвиди како услов стекнато образование VII/2 степен според стариот образовен систем, односно стекнато научно звање магистар пред донесувањето на Законот за високо образование во 2008 година со кој се вовел ЕКТС системот, бидејќи во нивните дипломи од поранешен период како степен на образование било заведено VII/2 степен за магистер.
Со оглед на тоа што во оспорениот член 6 став 2 алинеи 2, 3, 4 и 5 од Законот, не биле предвидени, а со тоа и не биле третирани на еднаков начин, наведените степени на образование, подносителот во иницијативата предлага Уставниот суд да ги укине степените на образование кои се наведени како услов во членот 6 став 2 од Законот за државни службеници, како спротивни на членот 9 став 2 од Уставот, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 6 став 2 од Законот е предвидено: Раководни звања се:
– генерален секретар,секретар на градот Скопје и секретар на општина (во натамошниот текст секретар),
-државен оветник со стекнати 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку шест години работно искуство во струката, од кои две години во државна служба,
– раководител на сектор со стекнати 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку пет години работно искуство во струката, од кои две години во државна служба,
– помошник раководител на сектор со стекнати 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку четири години работно искуство во струката, од кои една година во државната служба и
– раководител на одделение со стекнати 300 кредити според ЕКТС или VII/1 степен и најмалку четири години работно искуство во струката, од кои една година во државната служба.
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија , Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со Решение на Уставниот суд на Република Македонија У.број 154/2010 од 17 ноември 2010 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 6 став 2 од Законот за државните службеници, при што го изнел следниов став : “Судот на седницата утврди дека според член 6 став 2 од Законот раководни звања се:
– генерален секретар, секретар на градот Скопје и секретар на општина (во натамошниот текст: секретар),
– државен советник со стекнати 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку шест години работно искуство во струката, од кои две години во државната служба,
– раководител на сектор со стекнати 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку пет години работно искуство во струката, од кои две години во државната служба,
– помошник раководител на сектор со стекнати 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку четири години работно искуство во струката, од кои една година во државната служба и
– раководител на одделение со стекнати 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку четири години работно искуство во струката, од кои една година во државната служба.
Согласно член 35 став 2 од истиот закон, образованието утврдено во членот 6 став 1 на овој закон се вреднува, и тоа за:
– стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен 200 бода,
– вишо образование 150 бода и
– средно образование 100 бода.
Според член 36 став 2 од Законот за државните службеници додатокот на плата за звање се вреднува, и тоа според наведените бодови во овој член од Законот.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверрување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Согласно член 44 став 2 од Уставот, образованието е достапно на секого под еднакви услови.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Законот за државните службеници ги уредува опфатот на државната служба, статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници, како и надлежностите на Агенцијата за државни службеници (член 1).
Според членот 3 од Законот, државен службеник е лице вработено во државната служба кое врши стручни, нормативно-правни, извршни, управни, управно-надзорни, плански, материјално-финансиски, сметководствени, информативни и други работи од надлежност на органот во согласност со Уставот и со закон (став 1). Државната служба, во смисла на овој закон се органите на државната и локалната власт и другите државни органи, основани согласно со Уставот и со закон.
Имајќи го во вид специфичниот карактер на работите кои ги извршуват државните службеници, во Законот за државните службеници е предвиден посебен начин, како и услови кои треба да ги исполнува едно лице за да добие статус на државен службеник.
Имено, во член 6 став 1 од Законот се предвидува дека во државната служба во зависност од видот на образованието, работното искуство, одговорноста и сложеноста на работните задачи, се утврдуваат 13 звања систематизирани во три групи: I раководни, II стручни и III стручно-административни.
Оспорениот став 2 на членот 6 од Законот ги утврдува раководни звања.
Вреднувањето на студиски програми со кредити по ЕКТС е определено во членот 105 од Законот за високото образование, според кој студиските програми се вреднуваат со кредити по ЕКТС. Секоја година на студиската програма содржи 60 кредити.
Студиските програми од прв циклус кои содржат од 180 до 240 кредити и траат три до четири години според видот на програмата се вреднуваат како стручни или како академски студиски програми.
Студиските програми на втор циклус кои содржат 60 кредити и заедно со 180 кредити стекнати на првиот циклус на додипломски академски студии и траат една година се вреднуваат како специјалистички студии.
Студиските програми од втор циклус кои содржат 120 кредити и заедно со 180 кредити стекнати на првиот циклус на академски студии и траат две години, односно кои содржат 60 кредити и заедно со 240 кредити стекнати на првиот степен на академски студии и траат една година, се вреднуваат како магистерски студии.
Студиските програми од втор циклус кои се организираат како континуирани (единствени) студии и содржат 60 плус 60 кредити и заедно со 180 кредити стекнати на првиот циклус на академски студии и траат две години, можат да се вреднуваат по завршувањето на првата година како специјалистички студии, а по завршувањето на втората година како магистерски студии.
Студиските програми од трет циклус кои можат да содржат 180 кредити или да бидат вреднувани соодветно на карактерот на студиите од трет степен и заедно со 300 кредити стекнати на вториот циклус на магистерски студии и траат три години се вреднуваат како докторски студии.
Студиските програми за усовршување, после завршувањето на првиот или втор циклус на студии содржат најмалку 10, а најмногу 60 кредити.
Од анализата на наведените уставни и законски одредби, Судот оцени дека оспорениот член 6 став 2 од Законот за државни службеници е во согласност со член 9 од Уставот, од причина што, нема нееднаквост на граѓаните, како што се тврди во иницијативата од причина што граѓаните што не ги исполнуваат условите определени во оспорениот член 6 од Законот, не се во еднаква положба со оние што ги исполнуваат, па не може да имаат и исти права. Од овие причини Судот оцени дека со оспорениот член 6 став 2 од Законот не е повреден член 9 од Уставот на Република Македонија.
Неосновани се наводите во иницијативата и по однос на согласноста на член 6 став 2 од Законот со член 32 став 2 од Уставот. Ова од причина, што достапностa на секое работно место се однесува на секого под еднакви услови. Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 6 став 2 од Законот со наведената уставна одредба.”
Следејќи ја анализата во наведеното Решение, воедно, треба да се има предвид и одредбата од членот 181 став 4 од Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија” број 35/2008,103/2008, 26/2009, 83/2009,99/2009,115/2010,17/2011 и 51/2011) според која: “ На студентите кои дипломирале според студиските програми до денот на влегување во сила на овој закон според студиски програми за стекнување на магистер, за докторскиот студиски програм им се признаваат студиски обврски во износ од 60 кредити. “
Оттука, неспорно е дека законодавецот пропишал за стекнатото високо образование според поранешните студиски програми во траење од 4 години и со стекнат магистер според тој систем, лицето се здобива со 300 кредити еднакво како и за лицето со стекнато високо образование според новиот образовен систем, во првиот и вториот циклус на студиски програми кои циклуси заедно имаат 300 кредити, па оттука не може да се прифатат како основани наводите во иницијативата кои би довеле до поинакво одлучување на Судот за уставноста на оспорената законска одредба од веќе одлученото во погоренаведеното Решение дека не е во спротивност со Уставот.
Со оглед на наведеното, Судот оцени дека во случајов настапени се деловнички претпоставки за отфрлање на иницијативата согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македнија.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и д-р Гзиме Старова.
У.бр.68/2012
20 јуни 2012 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски