32/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јуни 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на членот 2 од Одлуката за измени и дополнување на Одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши ЈП „Охридски Комуналец“-Охрид, донесена од Управниот одбор на ЈП „Охридски Комуналец“-Охрид под бр.07-3360/36 од 29 декември 2010 година („Службен гласник на општина Охрид“ бр.15/2010)

2. Димче Хаџимитрески од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на членот 2 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата поднесена до Судот на 2 февруари 2012 година и појаснувањата на иницијативата поднесени на 28 февруари и 20 април 2012 година, подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот член од Одлуката не бил во согласност со членот 29 алинеја 8 од Законот за комунални дејности (подносителот на иницијативата погрешно означува дека е повреден членот 29 алинеја 9). Имено, со оспорената одредба сите граѓани сопственици на станови и други недвижности во Охрид биле задолжени да плаќаат за подигање, транспорт и депонирање на комунален отпад, без оглед дали во текот на целата година престојуваат во Охрид или не, иако отпадот не го правеле недвижностите, туку луѓето што ги користат истите. Според тоа се плаќало за нешто за кое не била извршена никаква услуга.

Со оглед на тоа што тој неговиот стан го користел три до четири месеци во годината, смета дека услугата не можела да се плаќа според големината на недвижноста како единствен критериум, туку според направената услуга, од кои причини предлага оспорената одредба од Одлуката да се поништи како спротивна на членот 29 алинеја 8 од Законот за коумунални дејности.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 2 од Одлуката за измени и дополнување на Одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши ЈП „Охридски Комуналец“-Охрид предвидено е дека членот 2 став 1 точка 1 од Одлуката за утврду-вање на цените на услугите што ги врши ЈП „Охридски Комуналец“-Охрид, се менува и гласи:

„За сопствениците на индивидуални станови и станови во колективно живеење надоместокот се утврдува 2,20 денари/м2 месечно. Сметките се изготвуваат и доставуваат секој месец“.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 1 од Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 45/97, 23/99, 45/2002, 16/2004 и 5/2009), со овој закон се уредуваат основните услови и начинот на вршење на комуналните дејности, финансирањето на комуналните дејности и други прашања од значење за комуналните дејности.

Во членот 2 од Законот е предвидено дека, вршењето на комунални дејности е од јавен интерес.

Според членот 3 точка 6 од Законот, обработка и депонирање на комунален цврст отпад, под што се подразбира селектирање, собирање, транспортирање и обработка на комунален цврст отпад од населението и индустријата, негова рециклажа и преработка, депонирање на уредени депонии, како и одржување на депониите е комунална дејност во смисла на Законот за комунални дејности.

Според членот 29 алинеја 8 од Законот, плаќањето на комунални услуги за собирање и транспортирање на комунален цврст отпад се врши во мерна единица ден/м2.

Од анализата на цитираните законски одредби произле-гува дека законодавецот предвидел за комуналната услуга за собирање и транспортирање на комунален цврст отпад да се плаќа според мерна единица ден/м2, односно услугата да се наплаќа во денари според м2. Притоа Законот не прави дистинкција дали одредена недвижност се користи во текот на целата година или не. Оттаму, Управниот одбор на ЈП „Охридски Комуналец“-Охрид имал законски основ во оспорениот член 2 од Одлуката да предвиди надоместок од 2,20 денари/м2 месечно за сопствениците на индивидуални станови и станови во колективно живеење.

Со оглед на тоа што со оспорениот член 2 од Одлуката е определена идентична мерна едница како во членот 29 алинеја 8 од Законот, Судот оцени дека истиот е во согласност со наведената одредба од Законот за комунални дејности.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и д-р Гзиме Старова

У.бр.32/2012
20 јуни 2012 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски