38/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 13 јуни 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за

-оценување на уставноста на членовите 45, 46, 51 и членот 52 од Законот за социјалната заштита (“Службен весник на Република Македонија” број 79/2009, 36/2011 и 51/2011) и

-оценување на уставноста на членот 3 став 1 точки 3 и 5 од Правилникот за начинот на остварување и користење на правото на социјална парична помош, број 10-16099/1 од 1 декември 2009 година, донесен од министерот за труд и социјална политика (“Службен весник на Република Македонија” број 146/2009, 59/2011, 123/2011 и 139/2011).

2. Љупчо Ристевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот и Правилникот, означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите изнесени во иницијативата и појаснувањето на истата, оспорените одредби од Законот биле спротивни на членовите 32, 35 и 54 од Уставот, додека оспорените членови од Правилникот биле спротивни на членовите 30, 32, 34, 35 и 54 од Уставот. Имено, подносителот на иницијативата бил корисник на социјална парична помош, но Центарот за социјални работи со Решение му го укинал тоа право и истото не можел да го оствари во наредните 12 месеци, сметано од месецот во кој му престанало правото на социјална парична помош, односно од 21.01.2011 година до 20.01.2012 година, бидејќи од страна на органот, а врз основа на податоци (список од Министерството за внатрешни работи за лица кои поседуваат патничко моторно возило), било констатирано дека подносителот во меѓувреме се стекнал со регистриано патничко моторно возило. Против решението, подносителот вложил жалба која му била одбиена како неоснована, а поднел и тужба до Управниот суд. Според наводите од подносителот на иницијативата возилото го купил од своја заштеда од пред 20 години и истото го користел за свои лични потреби и според него никој не можел со сила да го натера со тоа возило да остварува приходи. Подносителот не гледал никаква причина органот да донесе такво решение, особено без да докажел дали тој навистина остварувал приходи, па оттука можело да се заклучи дека корисниците на социјалната помош не ги имале истите права пред законот како и останатите граѓани.

Конкретно, членовите 45 и 46 од Законот не биле во согласност со членовите 32, 34, 35 и 54 од Уставот, односно противуставно било оспорените законски одредби да ги содржат поимите “лице и домаќинство” и одлучувачки да бил збирот од приходи од сите членови кои живееле под ист покрив за остварување на правото на социјална помош, бидејќи според подносителот на иницијативата од така уредените оспорени законски одредби произлегувало дека сеуште граѓаните на оваа Република живеат и требало, односно “мора” да се издржуваат во родовска заедница како во праисторијата, а родителите да ги издржуваат своите деца, спротивно на погоре цитираните одредби од Уставот.

Понатаму, според наводите од иницијативата членот 51 став 4 од Законот за социјална заштита кој уредувал дека надлежниот центар вршел непосреден увид заради утврдување на фактичката состојба на лицето и домаќинството, без претходно најавување, бил целосно нејасен и противречен со околностите од секојдневниот живот и животните потреби, бидејќи од членот произлегувало дека барателот на социјална помош бил обврзан непрекинато да седи дома, односно да не излегува од дома за да ги чека социјалните работници да извршат увид, а не се знаело кој ден тие ќе дошле. Па се поставувало прашање, што ако во дадениот момент на увид, барателот не се најдел дома од оправдани причини (набавка на храна, одење на лекар или друго), а центарот донел заклучок дека лицето не живее на таа адреса. Оттука, оваа оспорена одредба била противуставна бидејќи барателот не можел со месеци да седи дома без храна и да го чека Центарот да направел увид и покрај дадените потребни важечки документи за остварување на правото на социјална парична помош. Членот 52 од Законот, подносителот на иницијативата го оспорува од истите причини и објаснување изнесени во иницијативата.

Со иницијативата се оспорува и членот 3 став 1 точки 3 и 5 од Правилникот кој уредува дека како имот и имотни права од кој корисникот на правото на социјална парична помош може да се издржува, помеѓу другото се смета и куќа за одмор и рекреација и патничко моторно возило, како спротивни со членовите 32, 34, 35 и 54 од Уставот. Ова од причини што секој граѓанин можел да поседува од наведениот имот за сопствени потреби, дали стекнати од наследство или од поранешна заштеда и вработеност, па оттука, според овој оспорен член од Правилникот во корелација со членот 52 од Законот, според кој право на социјална парична помош не може да оствари лице ако може да остварува приходи со продажба или со давање под закуп на имот, произлегувало дека лицето кое поседувало имот можело (дилема било дали мора), против својата волја да го продаде или даде под закуп својот имот за да добие социјална парична помош. Според наводите од иницијативата никој не може да го натера граѓанинот да го продаде својот имот или да го даде под закуп, а не било објаснето како и на кој начин можел некој да се издржува од имот (куќа, стан, куќа за одмор и рекреација), кога имало и такви објекти во кои немало соодветни услови за живеење и се наоѓале во селко неурбанизирано подрачје. Исто така со оспорената одредба од Правилникот не било објаснето како и под кои услови можело да се остварува корист од поседување на патничко моторно возило, односно дали доколку некој поседувал во сопственост такво возило, морал со тоа возило да стекнува приходи за издржување, па оттука произлегувало дека граѓанинот за да добие социјална парична помош морал да го продаде патничкото моторно возило и против својата волја, што било спротивно и на уставната гаранција на правото на сопственост.

Од погоре наведените причини подносителот на иницијативата ги оспорува цитираните одредби од Законот и Правилникот како спротивни на Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 45 од Законот за социјалната заштита уредува дека право на социјална парична помош има лице способно за работа и домаќинство, материјално необезбедено и кое според други прописи не може да обезбеди средства за егзистенција (став 1). Како домаќинство во смисла на ставот 1 од овој член се подразбира заедница на членови на семејството и други роднини меѓу кои не постои законска обврска за меѓусебно издржување, кои заеднички придонесуваат, стопанисуваат и трошат (став 2). Лице кое е на издржување на казна затвор подолго од 30 дена или е сместено во згрижувачко семејство, во установа за социјална заштита или друга установа со решение на центарот за социјална работа, не се смета за член на домаќинството за тој период (став 3).

Со оспорениот член 46 од Законот е уредено дека за материјално необезбедено се смета лице и домаќинство кое остварува приходи по сите основи пониски од износот на социјалната парична помош, утврден со овој закон и кое не поседува имот и имотни права од кои може да се издржува (став 1). Месечниот приход на лицето или домаќинството се определува според просечниот месечен приход на сите членови, остварен по сите основи во последните три месеца пред поднесување на барањето за остварување на право за социјална парична помош (став 2).

Според оспорениот член 51 од Законот, Центарот врши непосреден увид заради утврдување на фактичката состојба на лицето и домаќинството (став 1). Врз основа на увидот од ставот 1 на овој член, центарот ќе го одбие барањето за остварување на право на социјална парична помош, односно ќе одлучи истото да престане, доколку утврди дека барателот, односно корисникот не е изложен на социјален ризик (став 2). Непосредниот увид од ставот 1 на овој член се врши по оцена на надлежниот центар, а најмалку еднаш во текот на годината (став 3). Увидот од ставот 1 на овој член надлежниот центар го врши без претходно најавување (став 4). Ако на овластениот работник од центарот не му се дозволи да направи увид во домот на домаќинството, правото на социјална парична помош не може да се оствари, односно престанува и истото не може да се оствари во наредните 12 месеца (став 5).

Со оспорниот член 52 од Законот е уредено дека право на социјална парична помош не може да оствари лице кое:

– може само да се издржува, ако може да остварува приходи со продажба или со давање под закуп на имот кој тој и членовите на неговото домаќинство не го користат, за задоволување на минимална егзистенција;

– не побарало издржување од лицето кое е должно да го издржува согласно со Законот за семејството, освен ако центарот за социјална работа утврди дека лицето кое според Законот е должно да го издржува би останало без минимум средства за егзистенција, пониски од висината на постојаната парична помош утврдена со овој закон;

– ако има склучен договор за доживотна издршка, а не покренало постапка за раскинување на тој договор и

– може да обезбеди издржување по друга основа.

Судот утврди и дека според оспорениот член 3 став 1 точка 3 од Правилникот за начинот на остварување и користење на правото на социјална парична помош, како имот и имотни права од кој корисникот на правото на социјална парична помош може да се издржува, се смета куќа за одмор и рекреација, а според оспорената точка 5 од членот 3 став 1 од Правилникот и регистрирано моторно возило, кое не го отуѓил во последните 6 месеци пред поднесување на барањето (патничко моторно возило, мотор над 50 cм3, комбе, автобус, камион), комбајн.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

До Уставниот суд, на 23.02.2012 година, подносителот поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот за социјалната заштита и на Правилникот за начинот на остварување и користење на правото на социјална парична помош, која не ги содржеше податоците наведени во членот 15 од Деловникот на Уставниот суд. Поради наведеното, Уставниот суд согласно членот 16 од Деловникот, со допис Р. бр. 18/2012 од 01.03.2012 година, се обрати до подносителот на иницијативата, со укажување заради прецизирање на неговото барање и за наведување на причините поради кои се оспорува Законот, прописот или општиот акт, односно нивни одделни одредби. На 07.03.2012 година, подносителот до Судот, достави поднесок како појаснување на претходно поднесената иницијатива.

Во конкретниот случај, иницијативата и нејзиното појаснување, не содржи аргументирани наводи и образложени причини за неуставноста на оспорените одредби од Законот и Правилникот, туку истите се оспоруваат од аспект на лично незадоволство поради негативен исход од водена постапка пред надлежни органи, па оттука се извлекува заклучок за противуставност на предметните законски и правилнички одредби. Имено, бидејќи тие пропишувале услови кои подносителот во моментот на поднесувањето на барањето за остварување на правото на социјална парична помош, не ги исполнувал, тоа било причина за одбивателно решение по неговото барање и причина истиот како невработен да остане без социјална парична помош, па со тоа и пропишаните услови и критериуми со оспорените одредби од Законот и Правилникот биле противуставни. Претходно подносителот на иницијативата остварил право на социјална парична помош согласно пропишаните услови и критериуми од Законот и Правилникот и тој бил корисник на социјална парична помош. Меѓутоа со купувањето на патничко моторно возило веќе не ги исполнувал пропишаните услови и тој го изгубил тоа право, па оттука произлегува дека за подносителот на иницијативата уредените законски и правилнички одредби, со губењето на правото, стануваат спорни, односно несогласни со Уставот, поради што ја поднесува предметната иницијатива.

Тргнувајќи од содржината на иницијативата со која начелно се оспоруваат одредбите од Законот и Правилникот, повикувајќи се на нецелисходноста на нивните решенија во практичната примена, во отсуство на правни аргументи и образложение во што посебно се состоела нивната несогласност со Уставот, како и имајќи предвид дека суштината на барањето е оценување на примената на Законот и Правилникот во конкретен случај од страна на орган на државна управа, што излегува надвор од надлежностите на Уставниот суд уредени со членот 110 од Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај настапени се условите од цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативите.

5. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. Бр. 38/2012
13 јуни 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски