54/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 13 јуни 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 16 од Законот за терито-ријалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2004, 12/2005, 98/2008 и 106/2008-исправка).

2. Тодор Петров од Скопје, како претседател на Светски Македонски Конгрес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 16 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 16 од Законот не бил во согласност со членот 8 став 1 алинеи 2 и 11 и членот 118 од Уставот, преамбулата и точката 1 од Охридскиот Рамковен Договор и членот 5 од Европската повелба за локалната самоуправа од 1985 година. Заради наведеното се предлага и донесу-вање на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одредба, бидејќи постоел страв од одржување на локални избори до одлучувањето на Судот.

Иницијативата продолжува со цитирање на одредбите за кои се наведува дека се повредени, како и со цитирање на членот 2 од Законот, според кој, основање на нова општина (спојување, поделба и менување на границите) и менување на името и на седиштето на општината може да се изврши со измена и дополнување на овој закон, по претходно консултирање на граѓаните од подрачјето на општините на кое се однесува спојувањето, поделбата или менувањето, на начин утврден со закон.

Врз основа на содржината на цитираните одредби, како и врз основа на содржината на оспорената одредба подносителот на иницијативата заклучува дека законодавецот, иако утврдил потреба за претходна консултација на граѓаните од општините Вранештица, Другово, Зајас и Осломеј, заради реализација на оспорениот член 16 од Законот, претходна консултација на граѓаните не се извршила.

Според тоа, оспорената одредба не била во согласност со наведените уставни и други одредби наведени во иницијативата. При одлучувањето, според подносителот на иницијативата, Судот требал да ги има предвид и членовите 20 и 21 од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства од 1995 година, кои одредби не се посочуваат како повредени со оспорената законска одредба.

Заради сето наведено се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста, а потоа и поништување на оспорената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека според член 16 од Законот, општините од членот 10 став 1 под б) точки 39, 45, 47 и 62 на овој закон ќе функционираат до локалните избори 2012 година, од кога ќе станат составен дел на општината од членот 10 став 1 под а) точка 14 на овој закон.

Конституирањето на органите и организирањето на новоформираната општина од членот 10 став 1 под а) точка 14 на овој закон ќе се спроведе согласно со одредбите од оваа глава.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија, меѓу другото, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од содржината на оспорениот член 16 од Законот, разгледуван како целина со содржината на член 2 и член 10 став 1 под а) точка 14 и член 10 став 1 под б) точки 39, 45, 47 и 62 произлегува дека законодавецот предвидел општините Вранештица, Другово, Зајас и Осломеј да функционираат до локалните избори 2012 година, од кога ќе станат составен дел на општината Кичево. Притоа, во членот 2 од Законот е предвидено основањето на нова општина (спојување, поделба и менување на границите) и менување на името и на седиштето на општината да може да се изврши со измена и дополнување на овој закон, по претходно консултирање на граѓаните од подрачјето на општините на кое се однесува спојувањето, поделбата или менувањето, на начин утврден со закон.

Подносителот на иницијативата причините за неуставноста на оспорената одредба ја согледува во тоа што во реализацијата на оспорениот член 16 од Законот, всушност не бил почитуван членот 2 од Законот, кој пак предвидел претходно косултирање на граѓаните од подрачјето на општините на кое се однесува спојувањето, поделбата или менувањето, на начин утврден со закон.

Според оцена на Судот, вака изнесените наводи се сведуваат на приговор за неизвршување на членот 2 од Законот при одржувањето на локалните избори во 2008 година и сомнение дека оваа одредба не би се почитувала при одржување на локални избори што би се одржале во 2012 година, што излегува надвор од надлежноста на Уставниот суд.

Поточно, дали одредени законски решенија биле или ќе бидат почитувани и извршени на начин кој го предвидел законодавецот не е прашање од уставно-судска надлежност, туку согласно членот 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија е органот одговорен за извршување на законите и органот кој ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.54/2012
13 јуни 2012 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски