У.бр.185/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницатa одржана на 23 мај 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 алинеја 5 во делот: „и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела„; член 19 во делот: „како и со примена на посебни мерки и постапки за тајно собирање на податоци согласно со закон“; поднасловот: „Собирање на податоци со користење на тајни соработници„ и член 22; поднасловот: „Употреба на посебни мерки и постапки за трајно собирање на податоци„ и член 23; и член 129 во делот: „овој и“ од Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија “ бр. 92/2009, 35/2010, 36/2011 и 158/2011).

2.Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Иницијативата го цитира член 2 алинеја 5 од Законот, според кој под “внатрешни работи” во смисла на овој закон се подразбирало спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на нивните сторители “и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела”. Според наводите во иницијативата јавното обвинителство бил единствен државен орган кој ги гонел сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела, а не како што тоа било предвидено во оспорениот законски дел и пореди тоа оспорениот законски дел не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 став 3, член 96 и член 106 од Уставот. Во иницијативата се цитирани членовите 19, 22 и 23 од Законот и е наведено дека со оспорените законски делови на овие членови се повредувал член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 11, член 9 став 2, член 11 став 1, член 18, член 25, член 26, член 51, член 54, член 118, Амандман 19 и Амандман 25 од Уставот.

Исто така, во иницијативата се наведува дека со оспорените законски одредби се повредувале и членовите 1 и 12 од Универзалната декларација за правата на човекот, член 17 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и член 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи.

Според иницијативата со оспорените законски одредби се повредувала гарантираната слобода и неповредливоста на писмата и на сите други комуникации; се применувале посебни мерки и постапки за тајно собирање на податоците и тие податоци се собирале со користење на тајни соработници и тоа без одлука на суд; се повредувала сигурноста и тајноста на личните податоци; се повредувала заштитата од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информациите за нив преку обработка на податоците; се повредувала приватноста на граѓаните и нивниот личен и семеен живот; се повредувало достоинството и угледот како и загарантираната неповредливост на домот; се повредувал согласно член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот и се ограничувале слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Исто така, според иницијативата се повредувал член 9 став 2 од Уставот според кој граѓаните пред уставот и законите се еднакви, а предметната материја била уредена со овој закон иако истиот не бил донесен со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и не бил предвиден никаков заштитен механизам од произволното и незаконито постапување на работниците на Управата за безбедност и контраразузнавање при примената на посебни мерки и постапки за тајно собирање на податоци. Така што, се смета дека со оспорените законски одредби однапред биле „амнестирани“ наведените лица кои би ги презеле посебните мерки и постапки за тајно собирање на податоци, дури и во случај на злоупотреби или грешки. Исто така, се констатира дека оваа материја е веќе уредена со Законот за следење на комуникациите, кој е донесен со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, согласно Амандманот XIX од Уставот, како и со член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка, со кој по членот 142-а од Законот е додаден нов поднаслов „2. Посебни истражни мерки„ и пет нови членови 142-б, 142-в, 142-г, 142-д и 142-ѓ.

Според наводите во иницијативата согласно член 129 од Законот, на овластено службено лице во Министерството за внатрешни работи му се прекинува договорот за вработување кога истото ги исполнува условите за остварување на правото на пензија утврдени со “овој и” (оспорен дел) и со посебен закон. Имено, условите за остварување на правото на пензија биле утврдени со посебен закон, односно Законот за пензиското и инвалидското осигурување кој важел за сите осигуреници во Република Македонија и од тие причини подносителот на иницијативата смета дека условите за остварување на правото на пензија не можат да се утврдуваат со Законот за внатрешни работи. Дека е тоа така, можело да се заклучи и од Одлуката на Уставниот суд У.број 58/2010 од 29.09.2010 година, со која се укининати член 129-а и член 129-б од Законот за внатрешни работи. Поради изнесените наводи подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од наведените членови на Законот.

4.Судот на седница утврди дека според член 2 од Законот, внатрешни работи во смисла на овој закон се: остварување на системот на јавна и државна безбедност; спречување на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија; заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните; спречување на разгорување на национална, расна или верска омраза и нетрпеливост; спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на нивните сторители и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела (оспорен дел); граѓански работи и други.

Според член 19 од Законот, насловен како “Собирање на податоци” во вршењето на работите од својата надлежност работниците на Управата можат да собираат податоци, известувања и информации од граѓани, со користење на јавни извори, вклучувајќи увид во регистри и збирки на податоци, како и со примена на посебни мерки и постапки за тајно собирање на податоци согласно со закон.

Согласно член 22 став 1 од Законот, насловен како “Собирање на податоци со користење на тајни соработници” Управата може да собира податоци со користење на тајни соработници.Соработката со државјани на Република Македонија и со странци се воспоставува на доброволна основа и никој не смее да биде присилен да биде таен соработник на Управата.(став 2)

Според член 23 став 1 од Законот, Употреба на посебни мерки и постапки за тајно собирање на податоци. Управата може да собира податоци со користење на посебни мерки и постапки за тајно собирање на податоци под услови и на начин пропишани со закон. (став 2)

Согласно член 129 од овој закон, насловен како “Прекинување на договор за вработување” а овластено службено лице во Министерството, му се прекинува договорот за вработување кога ги исполнува условите за остварување на правото на пензија утврдени со овој и посебен закон.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 2 од Уставот на Република Македо-нија, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници.
Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 106 од Уставот, Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон. Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Според член 2 од Законот за јавно обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2004) јавното обвинителство е единствен и самостоен орган кој ги гони сторителите на кривични и други со закон утврдени кривични дела и врши други работи утврдени со закон.

Според став 3 од наведената одредба јавното обвинителство своите функции ги врши врз основа и во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија.

Според член 30 став 1 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на РМ“ бр. 150/2007, 111/2008 и 35/2010) во остварувањето на функцијата на гонење на сторителите на кривични дела и прекршоци, јавниот обвинител ги има овластувањата што ги имаат Министерството за внатрешни работи и другите државни органи за откривање на кривични дела и нивните сторители и на прибирање на докази заради кривично гонење на сторителите на кривични дела; во предистражна постапка има овластувања да издава наредби за примена на посебните истражни мерки; ја раководи предистражната постапка и ги има на располагање овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа во согласност со закон; може сам да го преземе секое дејствие потребно за откривање на кривичното дело и откривање и гонење на неговиот сторител за кое со закон е овластено Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа; одлучува за преземање или продолжување на кривичното гонење за сторителите на кривични дела; поднесува и застапува обвиненија пред судовите; изјавува редовни или вонредни правни лекови против судски одлуки; да поднесува барање за поведување прекршочна постапка и да врши и други дејствија определени со закон.

Јавниот обвинител врши и други дејствија определени со закон за ефикасно функционирање на кривично правниот систем и спречување на криминалот.(став 2) Во случај на непостапување на другите државни органи од ставот (1) алинеја 1 на овој член, јавниот обвинител може сам да ги презема дејствијата што ги вршат овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи или другите државни органи.(став 3)

Според член 33 став 1 од овој закон, за кривични дела за кои се гони по службена должност јавниот обвинител ја раководи и координира работата на овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи и во други надлежни државни органи за преземање потребни мерки за пронаоѓање на сторителот на кривичното дело, сторителот или соучесникот да не се скрие или избега, да се откријат и обезбедат трагите од кривичното дело и предметите што можат да послужат како доказ.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека јавното обвинителство е самостоен државен орган кој ги гони сторителите на казниви дела. Меѓутоа, неговата уставно утврдена самостојност не подразбира дека тој е изолиран орган со неограничени и неопределени функции што би биле цел сами за себе туку како самостоен државен орган во содејство со други органи има определени права и должности да ги гони сторителите на казниви дела што не значи дека на тој начин се исклучува уставниот механизам за вршење на неговите функции.

Имено, јавниот обвинител за да може да го презема кривичното гонење мора да дојде до сознанија дека постојат основи на сомневање дека определено лице сторило одредено дело што значи дека мора да постои повод за поведување на постапка.
До такви сознанија јавниот обвинител доаѓа по сопствени забележувања или на начин што до него допрел глас дека е сторено кривично дело, а најчесто од поднесена пријава од други субјекти кои се должни да пријават дека е сторено кривично дело (член 140 од Законот за кривичната постапка) меѓу кои се и органите за внатрешни работи.

Во однос на тоа кои се работите од надлежност на Министерството за внатрешни работи е определено во членот 1 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 92/2009, 35/2010, 36/2011 и 158/2011)), со тоа што покрај децидно наведените работи што се однесуваат на одделни области на делување на овој орган, во алинејата 19 на истата одредба е определено дека Министерството врши и други работи утврдени со закон.

Согласно оспорениот член 2 од Законот, внатрешни работи во смисла на овој закон се: остварување на системот на јавна и државна безбедност; спречување на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија; заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните; спречување на разгорување на национална, расна или верска омраза и нетрпеливост; спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на нивните сторители и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела (оспорен дел); граѓански работи и други.

Во членот 16 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000, 44/2002 и 82/2008), исто така, е определена надлежноста на Министерството за внатрешни работи, која се поклопува со надлежноста определена во претходно споменатиот Закон.

Имено, во Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1997, 44/2002 и 74/2004) е предвидена обврска за органите за внатрешни работи да преземаат дејствија насочени кон откривање на кривично дело и пронаоѓање на сторителот и во таа функција се должни да собираат известувања и докази, односно да преземаат криминалистичко-технички и оперативни тактики за фактите заради составување и поднесување на кривична пријава до јавното обвинителство. Притоа органите за внатрешни работи и по поднесување на кривичната пријава односно и по донесување на решение за спроведување на истрага од страна на истражниот судија, со што е започната кривичната постапка, а по барање на органите кои ја водат постапката, а тоа се истражниот судија, јавниот обвинител и судот, преземаат низа активности што ќе му ги доверат овие органи. Тоа значи дека органите за внатрешни работи, односно полициските службеници од моментот на сознание дека е сторено кривично дело па се до моментот на донесување на конечна одлука од страна на судот, а често пати и понатаму активно се вклучени во преземање на низа мерки и активности кои се од битно значење сторителите на кривични дела да бидат откриени, фатени и предадени на судот.

Оттука, имајќи ги предвид наведените уставни одредби, одредбите на членот 142-б став 1 точка 1 и став 2 од од Законот за кривичната постапка во кои се утврдени мерките и активностите односно конкретните овластувања на Министерството за внатрешни работи во предистражната постапка наспрема содржината на оспорениот член 2 алинеја 5 од Законот за внатрешните работи, Судот оцени дека со предвидените активности на органите за внатрешни работи во однос на преземањето на мерките за гонење и откривање на сторителите на кривични дела не се доведува во прашање функцијата на јавното обвинителство, поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Во прилог на тоа дека наведената надлежност на Министерството за внатрешни работи не е во уставно-правна колизија со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 став 3, член 96 и член 106 од Уставот, е и Решението У.бр.211/2006 од 19 јануари 2007 година на Уставниот суд, со кое Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на член 3 во делот „и преземање на мерки за гонење на сторителите на тие дела”, член 5 алинеја 3 во делот „и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела„ од Законот за полицијата (“Службен весник на Република Македонија” бр.114/2006 и 6/2009).

7. Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени

Согласно член 12 став 1 и 2 од Уставот, слободата на човекот е неприкосновена и никому не може да му биде ограничена, освен со одлука на суд и во случаи и постапка утврдена со закон.

Според Амандманот XIX на Уставот (“Службен весник на Република Македо- нија” бр.84/2003), се гарантира слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација. Само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдени со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и на сите други облици на комуникација, ако тоа е неопходно заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката. Законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Со овој амандман се заменува членот 17 од Уставот на Република Македонија.

Според член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 26 од Уставот, се гарантира неповредливоста на домот (став 1). Правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето (став 2).

Според член 98 од Уставот, судовите се самостојни и независни (став 2). Судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 5).

Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Согласно член 3 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/1991), Република Македонија како суверена и самостојна држава својата меѓународна положба и односите со другите држави и меѓународните органи, организации и заедници ги остварува според општоприфатените начела на меѓународното право. Република Македонија како рамноправен правен наследник на СФРЈ со другите републики го презема членството на СФРЈ во меѓународните органи, организации и заедници.
Со Резолуција А/РЕС/47/225 од 28 април 1993 година, Генералното Собрание на ООН одлучи да ја прими Република Македонија како член на Организацијата на обединетите нации.

Одлуката за пристапување на Република Македонија кон меѓународноправните документи за основните човекови права и слободи донесени од ООН, меѓу кои се Универзалната декларација за човековите права (донесена на 10 декември 1948 година) и Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права (донесен на 16 декември 1966 година), е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр. 57/1993 од 23 септември 1993 година.

Според член 1 од Универзалната декларација за правата на човекот, сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата. Во членот 12 од Декларација, пак, е предвидено дека никој нема да биде изложен на произволно вмешување во приватниот живот, семејството, домот и преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед. Секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади.

Според член 17 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права никој не може да биде изложен на самоволно и незаконско мешање во неговиот приватен живот, семејство, стан или преписка, ниту на противзаконити напади на неговата чест и углед. Секој има право на законска заштита против таквото мешање или напад.

Конвенцијата за заштита на правата на човекот и основните слободи на Советот на Европа е ратификувана со Закон објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997.

Во член 5 став 1 од оваа конвенција е определено дека секој човек има право на слобода и на безбедност и никој не смее да биде лишен од слобода, освен врз основа на закон и во случаите наведени во оваа одредба.Според член 8 од истата конвенција, секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон, и ако претставува мерка која е во интерес на државата и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривичните дела, заштита на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.

Конвенцијата на Обединетите нации против транснационалниот организиран криминал, заедно со Протоколот за превенција, спречување и казнување за трговија со лица, особено жени и деца и Протоколот против криумчарење на мигранти по копнен, воден или воздушен пат, со кои се дополнува Конвенцијата е ратификувана со Закон објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.70/ 2004).

Тргнувајќи од анализата на наводите во иницијативата со кои се оспорува член 19 во делот: „како и со примена на посебни мерки и постапки за тајно собирање на податоци согласно со закон„; поднасловот: „Собирање на податоци со користење на тајни соработници„ член 22; поднасловот: „Употреба на посебни мерки и постапки за трајно собирање на податоци„ и член 23 од Законот, Судот оцени дека истите се неосновани. Ова од причини што во иницијативата, во општа конотација се наведува дека оспорените одредби ја доведувале во прашање еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, ја повредувале уставната гаранција на слободата и тајноста на писмата и речиси сите други облици на општење, ја повредувале уставната гаранција за почитување и заштита на приватноста, личниот и семеен живот, гаранцијата на достоинството и угледот на секој граѓанин, а се доведувала во прашање и уставната гаранција за неповредливоста на домот.

Во рамките на утврдената надлежност на Министерството за внатрешни работи, во која спаѓа и остварувањето на системот на државната безбедност и спречување на насилното уривање на демократските институции утврдени со Уставот, Управата за безбедност и контраразузнавање како орган во состав на ова Министерство, согласно членот 16 од Законот, е надлежна за вршење на внатрешните работи поврзани со безбедноста и контраразузнавањето кои се однесуваат на контраразузнавачката активност, спротивставувањето и заштитата од тероризам, заштита од други активности насочени кон загрозување или насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот и потешки форми на организиран криминал кој потекнува од или е насочен кон демократските институции на системот утврдени со Уставот и може да доведе до нивно загрозување или да има влијание врз безбедноста на државата.

Согласно вака утврдената надлежност на Управата за безбедност и контраразузнавање како орган во состав на ова Министерство, во врска со членот 19 од Законот, работниците на Управата можат да собираат податоци, известувања и информации од граѓани, со користење на јавни извори, вклучувајќи увид во регистри и збирки на податоци, како и со примена на посебни мерки и постапки за тајно собирање на податоци согласно со закон.

Имајќи во предвид дека согласно членот 20 од Законот, собирањето на податоци од граѓаните може да се врши само со претходна согласност на лицето со кое се врши разговорот, а согласно членот 22 став 2 од иститот закон, соработката се воспоставува на доброволна основа и никој не смее да биде присилен да биде таен соработник на Управата, овие одредби не претставуваат ограничување на основните слободи и права на граганите на Република Македонија и не го доведуваат во прашање уставното начело за еднаквост на граѓаните пред уставот и законите, ниту пак го повредуваат физичкиот и моралниот интегритет на граѓаните (член 9 став 2 и член 11 став 1 од Уставот).
Од друга страна, во однос на личните податоци, Уставот не го забранува собирањето и обработката на личните податоци на граѓаните, туку ја гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци кои се собираат и обработуваат за точно утврдени законски цели.(член 18 од Уставот). Во оваа смисла е нормирана одредбата на член 24 од Законот, која утврдува дека Управата може да обработува лични податоци согласно со целите пропишани со закон и во согласност со прописите со кои се уредува заштитата на личните податоци.

Согласно член 23 од Законот, се утврдува правото на Управата за безбедност и контраразузнавање да собира податоци со користење на посебни мерки и постапки за тајно собирање на податоци под услови и на начин пропишани со закон во согласност со Амандман XIX со кој се заменува членот 17 од Уставот. Имено, со оваа одредба се нормира правото на Управата за примена на мерката следење на комуникации кога тоа го бараат интересите на безбедноста на државата како lex generalis, а Законот за следење на комуникациите ги пропишува условите и постапката за следење на комуникациите заради заштита на безбедноста и одбраната на државата како lex specilais. Во однос пак на постапката за следење на комуникациите за откривање и гонење на сторители на кривични дела, Законот за кривичната постапка претставува lex generalis, а Законот за следење на комуникациите претставува lex specilais.

Тргнувајќи од фактот што подносителот на иницијативата во наводите со кои ги оспорува членовите 19, 22 и 23 ( во оделни делови и поднаслови) од Законот се повикува на содржината на повеќе одредби од Законот за кривичната постапка беше неопходно да се разгледа содржината на сите тие членови како една целина во однос на оспорените одредби.

Според содржината на член 51 од Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр. 74/2004), по членот 142-а од Законот се додава нов поднаслов “2. Посебни истражни мерки” и пет нови членови 142-б, 142-в, 142-г, 142-д и 142-ѓ.

Согласно член 142–б став 1 точки 1 до 8 од Законот за кривичната постапка, заради обезбедување податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка кои на друг начин не можат да се соберат или нивното собирање би било сврзано со поголеми тешкотии, за кривични дела за кои е пропишана казна затвор од најмалку четири години и за кривични дела за кои е пропишана казна затвор до пет години за кои постои основано сомнение дека се извршени од страна на организирана група, банда или друго злосторничко здружение, може да се нареди преземање на посебни истражни мерки: следење на комуникации и влез во дом и други простории или во превозни средства заради создавање на услови за следење на комуникации, под услови и во постапка утврдена со закон; увид и пребарување во компјутерски систем, одземање на компјутерски систем или дел од него или базата за складирање на компјутерски податоци; тајно набљудување, следење и визуелно-тонско снимање на лица и предмети со технички средства; привиден (симулиран) откуп на предмети, како и привидно (симулирано) давање поткуп како и привидно (симулирано) примање поткуп; контролирана испорака и превоз на лица и предмети; користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци; отворање привидна (симулирана) банкарска сметка на која може да се вложуваат средства што потекнуваат од сторено кривично дело и регистрирање на привидни (симулирани) правни лица или користење на постојни правни лица заради собирање на податоци.

Според член 142-в од Законот, податоците, известувањата, документите и предметите прибавени со примена на посебните истражни мерки од член 142-б на овој закон, под услови и на начин утврдени со овој закон, може да се употребат како доказ во кривичната постапка (став 1). Лицата од членот 142-б став 1 на овој закон може да се сослушаат како заштитени сведоци во врска со спроведувањето на посебните истражни мерки (став 2). Идентитетот на лицата од ставот 2 на овој член преставува службена тајна (став 3).

Согласно член 142-г од Законот, во случаите утврдени со закон, во предистражна постапка, посебните истражни мерки се определуваат со наредба на јавниот обвинител или истражниот судија, а во истрага, само со наредба од истражниот судија (став 1). Во предистражна постапка истражниот судија одлучува со писмено образложена наредба за примена на посебната истражна мерка од членот 142-б став 1 точки 2 до 8 на овој закон, а врз основа на писмено образложен предлог на јавниот обвинител (став 2). Во предистражната постапка јавниот обвинител одлучува со писмено образложена наредба на писмено образложен предлог од Министерството за внатрешни работи за примена на посебните истражни мерки од член 142-б став 1 точки 3 до 8 на овој закон во случај кога не располага со сознание за идентитетот на сторителот на кривичното дело (став 3).

Според член 142-д од Законот, наредбата од членот 142-г на овој закон ја извршува Министерството за внатрешни работи, Царинската управа на Република Македонија и Финансиската полиција (став 1). Наредбата од членот 142-г на овој закон содржи: податоци за лицето против кое се применуваат посебните истражни мерки кога сторителот е познат, основите за сомневање за стореното кривично дело, фактите од кои произлегува примената на посебните истражни мерки, како и начинот, обемот и времетраењето на тие мерки (став 2). Според став 3 од истата одредба, спроведувањето на посебните истражни мерки од членот 142-б став 1 точки 2 до 8 на овој закон, може да трае најмногу четири месеци. На предлог на јавниот обвинител, кога наредбата ја издава истражниот судија, односно на предлог од Министерството за внатрешни работи, кога наредбата ја издава јавниот обвинител, од оправдани причини може траењето на посебните истражни мерки да се продолжи најмногу уште за три месеци. За несогласувањето меѓу јавниот обвинител и истражниот судија одлучува совет (член 22 став 6).

Ако посебните истражни мерки од членот 142-б на овој закон се преземени без наредба на истражниот судија, односно без наредба на јавниот обвинител или се преземени во спротивност со одредбите на овој закон, доказите до кои се дошло со примената на тие мерки не може да се употребат во кривичната постапка (став 4). Јавното обвинителство и истражниот судија на соодветен начин, со препис на списите без лични податоци, ќе ги спречи неовластените лица, како и осомничениот и неговиот бранител да го утврдат идентитетот на лицата кои спроведувале посебни истражни мерки од член 142-б став 1 на овој закон (став 5).

Според содржината на член 144 став 5 од Законот, кога јавниот обвинител повикува други лица за чии сознанија смета дека можат да придонесат за оцена на веродостојноста на наводите од пријавата, а осомничениот е познат, го повикува и осомничениот или неговиот бранител. Записникот за прибавените известувања, составен пред јавниот обвинител, осомничениот или
бранителот, а потпишан од повиканото лице, може да се користи како доказ во кривичната постапка.

Како причина за оспорување на одредбите од Законот за внатрешни работи, во иницијативата се наведува и дека одредбите ги доведувале во прашање уставните гаранции содржани во Глава II од Уставот и посебно членовите 25 и 26 од Уставот, бидејќи отстапување од гарантираните права во овие одредби било дозволено само врз основа на судска одлука.

Инаку, тргнувајќи од содржината на Амандманот XIX на Уставот, произлегува дека во основните слободи и права на човекот и граѓанинот, гарантирани со Уставот, спаѓа и неповредливоста на писмата и сите други облици на комуникација. Преку вака гарантираното право се остварува потребата на човекот како социјално суштество, да комуницира преку сите познати облици на комуникација, било да се во усна или пишувана форма со лицата што го опкружуваат во секојдневниот живот, без оглед дали таквата комуникација е по однос на семејниот или пак деловниот живот на човекот и граѓанинот.

Од анализата на членот 142-г од Законот за кривичната постапка, произлегува дека истражниот судија и јавниот обвинител не можат да ги применат сите мерки определени во оваа одредба. Имено, истражниот судија може да нареди примена само на посебни истражни мерки определени во член 142-б точки 2 до 8, но не и на мерката од точката 1, а јавниот обвинител може да определи, спрема непознат сторител, посебни истражни мерки определени во точките 3 до 8 од истата одредба, но не и мерките определени во точките 1 и 2. Значи, примена на мерката од точката 1 од членот 142-б според овој закон не може да определи ниту истражен судија, ниту јавниот обвинител, а примена на мерката од точката 2 не може да определи јавниот обвинител.

Дека ниту истражниот судија, ни јавниот обвинител не се овластени да наредат примена на посебната истражна мерка следење на комуникациите и влез во дом и други простории или во превозни средства заради создавање услови за следење на комуникациите, која е определена во членот 142-б став 1 точка 1 од Законот, произлегува и од самата одредба која предвидува мерката да се применува под услови и во постапка определена со закон. Тоа значи дека Законот за кривичната постапка воопшто не го уредува прашањето за примена на мерката од точката 1 и оставил ова прашање да се уреди со посебен закон, а тоа е Закон за условите и постапката за следење на комуникациите.

Бидејќи според наводите на иницијативата не се оспорува дека до ограничување на наведеното право може да дојде единствено врз основа на судска одлука, а примената на овие мерки (член 142-б став 1 точка 1 и 2) за јавниот обвинител очигледно не е дозволена, Судот оцени дека во конкретниот случај оспорените одредби не би можеле да се стават под сомнение по однос на нивната согласност со Амандманот XIX на Уставот.

Почитувањето и заштитата на приватноста на личниот и семеен живот на граѓанинот, на достоинството и угледот на личноста се гарантира во членот 25 од Уставот. Почитувањето на личниот и семеен живот на граѓанинот, како приватна сфера на делување е основа за забрана за мешање во личното однесување на човекот и во неговото определување. Во личниот и семејниот живот на човекот никој не може да се меша вклучувајќи ја и јавната власт, освен во случаи кога изразувањето на личноста и однесувањето на личноста ги доведува во прашање општоприфатените норми во општеството. Оттаму, без оправдани и врз закон засновани причини никој нема право да се меша во случувањата во личниот живот на граѓанинот, во односите во семејството, односите меѓу брачните другари, односите меѓу родителите и децата, начинот на живеење, семејниот ред и друго.

Неповредливоста на домот се гарантира во членот 26 од Уставот. Притоа под дом, во поширока смисла се подразбира и деловна просторија, бидејќи како домот, така и деловната просторија се услови за живеење и работа на човекот.

Според содржината на изнесените одредби од меѓународните акти, како дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија, произлегува можност за ограничување на наведените слободи и права од страна на јавната власт, под услови определени во внатрешното право на државата. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон.

Тргнувајќи од уставните определби, произлегува дека Уставот предвидел можност за ограничување на наведените слободи и права под точно утврдени услови. Конкретно кај неповредливоста на домот до ограничување на правото може да дојде единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето. Кај почитувањето и заштитата на приватноста на личниот и семејниот живот на граѓанинот, на достоинството и угледот на личноста Уставот нема предвидено дирекно ограничување, односно отстапување.

Според член 29 став 1 од Конвенцијата на Обединетите нации против транснационалниот организиран криминал, секоја Држава Страна на Конвенцијата востановува, развива или подобрува, според потребите, специфични програми за обука на лицата во нејзините служби за откривање и казнување, вклучувајќи ги и јавните обвинители, истражните судии и царинските службеници, како и други лица одговорни за превенција, откривање и спречување на кривичните дела наведени во оваа Конвенција. Јавниот обвинител, врз основа на членот 106 од Уставот и член 2 и 3 од Законот за јавното обвинителство има овластување да врши работи утврдени со закон, како што е во случајот Законот за кривичната постапка, а својата функција ја остварува во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори, меѓу кои и Конвенцијата против транснационалниот организиран криминал.

Овластувањето на јавниот обвинител во предистражната постапка со наредба да определи примена на посебните истражни мерки од член 142-б став 1 точки 3 до 8 од Законот, спрема непознат сторител е утврдено во член 142-г став 3 од Законот за кривичната постапка.

Поаѓајќи од оваа одредба, Судот утврди дека станува збор за исклучок во определувањето на посебни истражни мерки, при што јавниот обвинител ја носи писмено образложената наредба врз основа на писмено образложен предлог од Министерството за внатрешни работи, само во случаите кога станува збор за непознат сторител. По моментот на утврдување на идентитетот на сторителот на кривичното дело, донесувањето на наредбата за примена на посебните истражни мерки спаѓа во надлежност на истражниот судија. Исто така, треба да се има предвид дека наредбата, било да е донесена од истражниот суди ја, или пак од јавниот обвинител, не се донесува за сите кривични дела предвидени во закон, туку само за кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку четири години или кривични дела сторени од организирана група, банда или друго злосторничко здружение за кои е предвидена казна затвор до пет години. Притоа треба да се има предвид дека наредбата се донесува со цел да се овозможи прибирање на податоци и докази за водење на кривична постапка кои на друг начин не би можеле да се соберат или нивното собирање би било сврзано со поголеми потешкотии.

Дека јавниот обвинител во кривичната постапка може да донесува наредби произлегува од содржината на член 108 од Законот за кривичната постапка. Имено, според оваа одредба во кривичната постапка одлуките се донесуваат во форма на пресуда, решение и наредба. Пресуда донесува само судот, а решенија и наредби донесуваат и други органи што учествуваат во кривичната постапка.
Натамошната анализа укажува на постоење на заштитен механизам од произволно и незаконито постапување на јавниот обвинител при издавањето на наредба за примена на посебна истражна мерка, кој е содржан во членот 142-д став 4 од Законот. Имено, според оваа одредба, ако посебните истражни мерки од членот 142-б од Законот се преземени во спротивност со неговите одредби, доказите до кои се дошло со примената на тие мерки не може да се употребуваат во кривичната постапка.

Според тоа, станува збор за исклучок во примената на посебните истражни мерки и тоа во предистражната постапка, во која јавниот обвинител, како носител на функцијата на гонење на сторителите на кривични дека, може со писмено образложена наредба, која е со ограничена важност од максимум четири месеци, да определи примена на мерките определени во член 142-б став 1 точка 3 до 8 и тоа по однос на конкретен вид кривични дела. Притоа до примена на наведените мерки доаѓа во случаите кога се работи за непознат сторител, односно кога не се располага со сознание за идентитетот на сторителот на кривичното дело и кога на друг начин не можат да се соберат податоци и докази за успешно водење на кривичната постапка или нивното прибирање би било сврзано со поголеми тешкотии и штом ќе се дознае кој е сторителот, донесувањето на наредбата за примена на мерките преоѓа во надлежност на истражниот судија. Во споменатите одредби постојат заштитни механизми против можната злоупотреба при преземањето на мерките и е воспоставена правична рамнотежа меѓу генералниот интерес на државата и интересите на поединецот, што е во согласност со ратификуваните меѓународни договори што се дел од внатрешниот правен поредок.

Инаку, според член 142-д став 1 од Законот, посебните истражни мерки без оглед по чија наредба се спроведуваат, во зависност од околностите на случајот ги извршуваат Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и Финансиската полиција.

Поради тоа, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани и оспорените одредби и делови не се однесуваат на посебните истражни мерки согласно член 142 од Законот за кривичната постапка и не може да се постави прашањето за согласност на оспорените членови 19, 22 и 23 со оспорените законски делови од Законот за внатрешни работи со член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 11, член 9 став 2, член 11 став 1, член 18, член 25, член 26, член 51, член 54, член 118, Амандман 19 и Амандман 25 од Уставот.

6.Според оспорениот член 129 од Законот, на овластено службено лице во Министерството, му се прекинува договорот за вработување кога ги исполнува условите за остварување на правото на пензија утврдени со овој и (оспорен дел) посебен закон. Подносителот на иницијативата наведува дека условите за остварување на правото на пензија биле утврдени со посебен закон, односно Законот за пензиското и инвалидското осигурување кој важел за сите осигуреници во Република Македонија и од тие причини смета дека условите за остварување на правото на пензија не можат да се утврдуваат со Законот за внатрешни работи. Дека е тоа така, можело да се заклучи и од Одлуката на Уставниот суд У.број 58/2010 од 29.09.2010 година, со која се укининати член 129-а и член 129-б од Законот за внатрешни работи.
Со Законот за внатрешни работи се уредуваат, меѓу другите и правата и обврските од работен однос на работниците од Министерството за внатрешни работи (член 1). Според член 2 од Законот, под внатрешни работи се подразбираат и други работи утрвдени со овој и посебен закон. Согласно членот 29 став 1 од Законот, во Министерството работниците имаат статус на овластени службени лица, согласно со овој закон, државни службеници, согласно со Законот за државните службеници и работници, согласно со Законот за работните односи. Според став 2 на овој член, овластени службени лица од ставот 1 алинеја 1 на овој член се: овластени службени лица за вршење стручни или граѓански работи; овластени службени лица за безбедност и контраразузнавање и полициски службеници.

Според член 31 од овој закон, работниците на Министерството кои се со статус на овластени службени лица, имаат посебни должности и овластувања, утврдени со овој и друг закон, поради видот, сложеноста и тежината на работата, како и условите и начинот на нејзиното вршење.

Согласно член 45 од Законот, правата и обврските од работен однос, работниците во Министерството ги остваруваат согласно со овој закон, Законот за полиција, Закон за државните службеници, прописите за работен однос и Колективниот договор на Министерството.

Со Законот за работните односи е уредена материјата за престанок на работниот однос, а со одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е уредена материјата за стекнување на пензија како право од работен однос.

Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010 и 52/2010) нема одредби според кои договорот за вработување престанува поради исполнување на услови за пензија, туку содржи одредби за прекин на договорот за работа поради возраст на работникот, односно одредба според која работодавачот го прекинува договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж (член 104 став 1) и одредба според која работодавачот, на барање на работникот од ставот 1 на овој член може да му го продолжи договорот за вработување најмногу до 65 години возраст, доколку со закон поинаку не е утврдено (член 104 став 2).

Според одредбите на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005 , 70/2006, 153/07, 152/2008, 161/2008, 81/2009,156/2009, 83/2010, 156/2010 24/2011, 51/2011 и 11/2012), осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж (член 17 став 1). Притоа, Законот за пензиското и инвалидското осигурување има отстапувања од овие општи принципи за стекнување на правата од пензиското и инвалидското осигурување за одредени категории на работници и тоа осигуреници во одбраната, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Казнено-поправните и Воспитно-поправните домови (ГлаваIV). Стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови (членови 94-109). Имено, на овие овластени службени лица, стажот на осигурување им се смета со зголемено траење и истите можат под посебни, односно различни услови од општите да остваруваат право на пензија и тоа поради специфичноста, тежината на работното место и условите под кои ги извршуваат работите и работните задачи и обврски. Така, работник на Министерството за внатрешни работи кој има најмалку 25 години пензиски стаж, од кои најмалку 15 години ефективно поминати на работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење и 55 години (маж), односно 50 години живот (жена), може да оствари право на старосна пензија, ако работниот однос му престане по потреба на службата (член 100). На работниците од членовите 100, 102 и 104 на овој закон им се определува старосна пензија која за 25 години пензиски стаж изнесува 62,0% од пензиската основа за маж, односно 65,6% од пензиската основа за жена и се зголемува за по 1,2% од пензиската основа за секоја натамошна навршена година до 40 години пензиски стаж (маж), односно за по 1,44% од пензиската основа за секоја натамошна навршена година до 35 години пензиски стаж (жена), така што старосната пензија не може да изнесува повеќе од 80% од пензиската основа (член 105).

Од наведената законска регулатива произлегува дека работодавачот ќе го прекине договорот за работа во ситуација кога работникот ќе постигне возраст од 64 години, односно 65 години, која пак возраст, покрај најмалку 15 години пензиски стаж, е услов истиот да може да оствари старосна пензија, како и дека за категоријата овластени службени лица во одбраната, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Казнено-поправните и Воспитно-поправните домови, законодавецот пропишал различни, посебни услови за стекнување право на старосна пензија, кои исто така, се условени со потребен пензиски стаж и со одредена возраст на лицето.

Оттаму, во иницијативата несоодветно се упатува на Одлуката на Уставниот суд У.бр.200/2008 од 13 мај 2009 година. Ова од причина што при наведената ситуација во конкретниот предмет се постави прашањето – дали со определбата на овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи кои навршиле 40 години пензиски стаж, без оглед на нивната возраст, да им престане вработувањето, со право да стекнат старосна пензија во висина од 80% од просечната месечна нето плата што работникот ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж, како и правото на еднократен надоместок во вид на отпремнина, во висина од пет просечни месечни нето плати остварени по работник во Република Македонија, за сите вработени во Министерството за внатрешни работи, се повредува начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Имајќи го предвид изнесеното, произлегува дека содржината на оспорената одредба од членот 129 од Законот за внатрешните работи не отстапува од општо утврдените принципи за престанок на работниот однос согласно Законот за работните односи и од општите и посебните услови за стекнување старосна пензија за категоријата овластени службени лица во Министерството за внатрешни работи согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Постоењето на Законот за работните односи и на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како lex generalis, со кои се уредуваат работните односи и правата од областа на пензиското и инвалидското осигурување, во која смисла се уредува прекинувањето на договорот за вработување поради возраст и стекнувањето на старосна пензија како едно од правата во сферата на пензиското и инвалидското осигурување, Судот утврди дека не претставува пречка законодавецот во рамките на своите уставни овластувања (член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот) со други закони да доуреди одредени прашања од оваа област, и тоа, само по себе, не претставува повреда на уставниот принцип на еднаквост (член 9 од Уставот) и на принципот на владеењето на правото (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот).

Врз основа на направената анализа на уставните одредби, анализата на содржината на оспорените одредби наспроти наводите во иницијативата Судот оцени дека се неосновани.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Вера Маркова, Лилјана Ингилизова-Ристова, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов

У.бр.185/2010
23 мај 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски