У.бр.50/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и 28 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 9 мај 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата иницијативата за оценување на уставноста на член 128 став 6 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010 и 18/2011).

2. Нинослав Трајковски и Милорад Јорданоски застапувани од адвокатот Момчило Додевски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 128 став 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите на подносителите на иницијативата содржината на член 128 став 6 од Законот за основното образование не бил во согласност со темелните вредности на уставниот поредок пропишани со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 51 став 1 и член 52 став 4 од Уставот.

Ова од причини што одредбата од член 128 став 6 од Законот по даденото Автентично толкување од Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.112/2010) требало да се толкува така што претходните мандати на директорот на основното образование пред влегување во сила на Законот се засметува во мандатот на директорот. Следователно на тоа претходните два мандата на директорот претставувале ограничување за повторен избор за директор на основно училиште. Тоа во суштина значело дека оспорената одредба имала повратно дејство што не било поповолно за граѓаните, туку напротив со неа на определена група на граѓани кои биле директори на основни училишта им се се ограничувале слободите и правата, а посебно одредбата од член 9 од Уставот.

Понатаму, според подносителите со оспорената одредба се повредувал член 1 и 2 од Универзалната декларација, која согласно член 118 од Уставот на Република Македонија е дел од внатрешниот правен поредок.

Подносителите на иницијативите биле известени дека Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.221/2010 од 23 февруари 2011 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 128 став 6 од Законот за основното образование.Меѓутоа, и покрај даденото известување од страна на Судот до подносителите на иницијативата тие бараат Судот повторно да одлучува по нивната иницијатива која се темелела на сосема други основи.

3 .Судот на седницата утврди дека според член 128 став 6 од Законот за основно образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010 и 18/2011) „мандатот на директорот трае четири години, со можност за уште еден мандат“.

Според Автентичното толкување на членот 128 став 6 од Законот за основното образование, одредбата од членот 128 став 6 на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ број 103/2008), треба да се толкува така што претходните мандати на директорот на основното училиште пред влегувањето во сила на овој закон се засметуваат во мандатот на директорот. Следователно претходните два мандата на директорот на основното училиште претставуваат ограничување за повторен избор за директор на основното училиште.

4. Во постапката по иницијативата исто така е утврдено дека Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.221/ 2010 од 23 февруари 2011 година не поведе постапка за оценување на уставноста на член 128 став 6 од Законот за основното образование и на Автентичното толкување на член 128 став 6 од Законот за основното образование.

Во образложението на наведеното Решение,Судот тргнувајќи од член 8 став 1 алинеа 3,член 9, член 23, член 32 став 1, член 44 и член 54 став 4 од Уставот на Република Македонија го изразил следното:

“Наводите во иницијативата за неуставноста на одредбата според која мандатот на директорот трае четири години, со можност за уште еден мандат, Судот ги оцени како неосновани. Ова од причини што е неспорно уставното овластување на законодавецот, во рамките на уредувањето на основното образование, да ги утврди условите кои треба да ги исполни лицето кое може да ја извршува раководната функција во основното училиште – директор, како и да го определи мандатот на директорот, што го подразбира и ограничувањето исто лице да може да ја врши функцијата директор на основното училиште најмногу во два мандата. Притоа, законодавецот е обврзан да го почитува уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, што во суштина значи обврска на законодавецот во законот да утврди исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите слободи, права и должности, без притоа да се прави разлика помеѓу граѓаните по основ на пол, раса, боја на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според Судот, токму на овие принципи законодавецот ги утврдил условите, односно критериумите за избор на директор на основно училиште, времетраењето на мандатот на директорот и бројот на мандатите на исто лице за вршење на оваа функција, со што овозможил достапност на ова работно место под еднакви услови за сите, што е негова уставна обврска, поради што не може се прифати дека со тоа се врши дискриминација и повреда на економските, социјалните и културните права на човекот и граѓанинот загарантирани со Уставот, како што се наведува во иницијативата.

Наводите во иницијативата дека во претходната законска регулатива која го уредувала основното образование, не постоело ограничување на бројот на мандатите за вршење на функцијата директор на основно училиште, според Судот, сами по себе не влијаат на уставноста на сега важечкото решение со кое бројот на мандатите е ограничен на два мандата. Ова од причина што законодавецот постапил во рамките на уставното овластување, во зависност од развојот на општествените и економските односи, да ги уредува и по потреба да ги менува односите во основното образование, во насока за која оценил дека е целисходно, а за уставноста на ваквото решение суштинско е што должината на мандатот и бројот на дозволените мандати се однесуваат подеднакво на сите вршители на оваа функција.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 128 став 6 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 2 и член 51 од Уставот.

Во врска со оспореното Автентично толкување, Судот во Решението го имал предвид следното :

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Собранието на Република Македонија има овластување да дава автентично толкување на законските одредби, при што Уставот остава законодавецот да го определи обемот и постапката на давањето автентично толкување, со оглед на тоа што тој ја донесува законската одредба.

Според оспореното автентично толкување, одредбата од членот 128 став 6 на Законот за основното образование, треба да се толкува така што претходните мандати на директорот на основното училиште пред влегувањето во сила на овој закон се засметуваат во мандатот на директорот. Следователно претходните два мандата на директорот на основното училиште претставуваат ограничување за повторен избор за директор на основното училиште.

Во однос на условите кои треба да ги исполни лицето за директор, Судот направи анализа на условите кои треба да ги исполни лицето за вршење на оваа функција, и тоа според стариот закон за основно образование и според новиот, сега важечки закон за основно образование. Притоа, се констатира дека според стариот закон за основното образование (член 98), за директор на основно училиште се избирало лице кое покрај општите услови утврдени со закон ги исполнувало и условите за наставник, педагог или психолог во основно училиште, имало најмалку пет години работно искуство во установа за воспитно – образовна работа верифицирана од Министерството и положен испит за директор (условите се утврдени со Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование, објавен во “Службен весник на Република Македонија” број 63/2004). Според сега важечкиот закон, за директор на основно училиште може да се избира лице кое има најмалку високо образование и кое ги исполнува условите за наставник или стручен соработник во основно училиште и ако има најмалку пет години работно искуство во воспитно-образовната работа, положен испит за директор. Анализата на овие законски решенија покажува дека во суштина нема разлика во условите за избор на директор на основно училиште во двата закони, односно дека и во двата случаи лицето треба да има високо образование, да ги исполнува условите за наставник или стручен соработник, да има најмалку пет години работно искуство во воспитно-образовна установа и да има положено испит за директор. И во двата случаи, мандатот на директорот трае четири години, но единствена разлика е што сега тој мандат е ограничен најмногу на два мандати.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека преку оспореното автентично толкување законодавецот ја појаснува смислата на ограничувањето на бројот на мандатите за директор на основно училиште, извршено со новиот закон, односно дека секој, под исти услови, има право само на два мандати како директор на основно училиште, со што сите кандидати или вршители на оваа функција се ставени во иста положба.

Според Судот, со оспореното автентично толкување е пополнета празнината која се појавила во примената на членот 128 став 6 Законот во однос на преодниот режим на Законот, и тоа имајќи го предвид преодниот режим утврден со член 184 од Законот, со кој законодавецот го прифатил како важечки мандатот на директорите во тек. Во таква ситуација, со автентичното толкување, законодавецот определил соодветно да бидат третирани и претходните мандати на директорите, имајќи предвид дека нема суштинска промена во потребните услови за вршење на функцијата, а што води кон тоа сите кандидати или вршители на оваа функција да бидат ставени во иста положба, односно да имаат право најмногу на два мандата за истата функција.

Тргнувајќи од тоа дека автентичното толкување е составен дел на Законот, сметано од денот на влегување во сила на Законот, според Судот, не може основано да се прифати дека со автентичното толкување се нарушувала уставно утврдената граранција дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, дека се овозможувала ретроактивна примена на законот која е понеповолна за граѓаните и дека со тоа се повредувал принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на оспореното автентично толкување со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 2 и член 52 став 4 од Уставот.”

5. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за иста работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Спoред членот 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот на Република Македонија основните слободи и прва на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршење на јавни функции.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.

Според ставот 2 од овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, додека според ставот 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според членот 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува уставот и законите.

Како една од гаранциите на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, во член 52 став 4 од Уставот е утврдена забраната на повратното дејство на законите и другите прописи, освен во случај кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според член 1 од Универзалната декларација за правата на човекот, сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата.Тие се обдарени со разум и совест и треба да се однесуваат еден кон друг во духот општо човечката припадност.
.
Според член 2 став 1 од наведената Декларација,сите права и слободи наведени во оваа Декларација им припаѓаат на сите луѓе,без оглед на нивните разлики,како што се :раса,боја, пол, јазик, религија,политичко или друго убедување, национално или општествено потекло,сопственост,раѓање, или друг статус.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, содржината на оспорената одредба, Автентичното толкување на оспорениот член 128 став 6 од Законот,одредбите од член 1 и член 2 од Универзалната Декларација за човековите права на кои се повикуваат подносителите на иницијативата , како и фактот што Уставниот суд веќе одлучувал за оценување на уставноста на оспорениот член 128 став 6 од Законот за основното образование и со Решение У.бр.221/2010 од 23 февруари 2011 година не повел постапка, односно не изразил сомнение по однос на неговата согласност со Уставот, а во конкретниов случај по предметнава иницијатива Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување, од кои причини одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.50/2012
9 мај 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски