У.бр.49/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 мај 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Јонче Павловски од Куманово, за заштита на слободата и правото на уверување повредени со Решение на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Филијала Скопје, П.бр. 05301480512 од 24.08.2006 година; Решение на Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во втор степен по предметите од пензиско инвалидско осигурување, бр. 41-4016/2 од 18.01.2007 година, Пресуда на Управниот суд, У.бр. 2704/2007 од 20.05.2010 година и Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија, Ужп бр. 45/2011 од 05.12.2011 година.

2. Јонче Павловски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободата и правото на уверување повредени со актите наведени во точка 1 од ова решение.

Според наводите во барањето, слободата и правото на уверување биле повредени затоа што Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Филијала Скопје, Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во втор степен по предметите од пензиско инвалидско осигурување, Управниот суд и Врховниот суд на Република Македонија сметале дека процентот во член 226-б од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, според кој се утврдува висината на пензијата, требало да се земе во броен (нумерички) износ, за разлика од подносителот на барањето кој бил уверен дека процентот од член 226-б требало да се земе во номинален износ (паричен износ).

Според подносителот на барањето, процентите во членот од Законот требало да се пресметуваат во номинален износ и тој бил уверен дека тоа било поповолно за него, а не како што сметал Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Филијала Скопје, процентот да биде пресметан во броен износ, што било понеповолно за подносителот. Тој е уверен дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Филијала Скопје, требало да ја примени методологијата на пресметка која е поповолна за барателот, па непримената на таквата методологија претставувала повреда на слободата и правото на уверување на подносителот на барањето.

3. Судот на седницата утврди дека подносителот на барањето, Јонче Павловски, е корисник на старосна пензија сметано од 05.06.2006 година, кое право му е утврдено со Решение Пен. С. бр. 05301480512 од 24.08.2006 година, донесено од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Подрачна единица Скопје.

Именуваниот, како воен старешина во Армијата на Република Македонија, се стекнал со право на старосна пензија согласно член 226-б од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 112/2005), според кој висината на пензијата на воен старешина на кој му престанал работниот однос во Министерството за одбрана и поради структурни промени во актот за формацијата на Армијата, се утврдува во зависност од должината на исполнетиот пензиски стаж, со тоа што пензиската основа во висина од 80%, се намалува за 1% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години.

На именуваниот, за признаен пензиски стаж од 25 години и три месеци му е одредена пензија во висина од 65,00% од пензиската основа што изнесува 11 251,50 денари.

Незадоволен од Решението, подносителот на барањето поднел жалба до Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во втор степен по предметите од пензиско и инвалидско осигурување, во која навел дека органот неправилно го применил членот 226-б од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, односно неправилно го пресметал вкупниот процент и пензиската основа и дека смета дека треба да му се определи повисок износ на пензија. Со Решение бр. 41-4016/2 од 18.01.2007 година, жалбата е одбиена како неоснована, затоа што е утврдено дека согласно член 226-б од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, на подносителот правилно му била одредена пензија во висина од 65% од пензиската основа, што изнесува 11.251,50 денари.

Против наведеното решение, подносителот поднел тужба до Управниот суд, оспорувајќи го Решението поради неправилно пресметана висина на пензијата во смисла на член 226-б од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија и сметајќи дека пензиската основа во висина од 80% што изнесувала 13.848,00 денари требало да се намали за 1% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години, односно да се намали за 14% (бидејќи имал стаж од 25 години) што изнесувало 1.939,00 денари, а не за 35%. Управниот суд, со Пресуда У.бр. 2704/2007 од 20.05.2010 година, тужбата ја одбил како неоснована, со образложение дека органите правилно ги утврдиле и висината на пензијата и процентот за определување на пензијата во висина од 65%, особено наведувајќи дека согласно член 226-б од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, пензиската основа во висина од 80% се намалува за 1% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години, а не висината на пресметаната пензиска основица, како што наведувал тужителот.

Против наведената пресуда, подносителот на барањето изјавил жалба до Врховниот суд на Република Македонија, поради погрешна примена на материјалното право, со предлог Судот мериторно да одлучи на начин што ќе ги поништи побиваната пресуда на Управниот суд и второстепеното решение и на тужителот ќе му утврди пензија во износ од 12.408,00 денари сметано од 05.06.2006 година.

Врховниот суд на Република Македонија, со пресуда Ужп.бр.45/2011 од 05.12.2011 година, ја одбил како неоснована жалбата на тужителот и ја потврдил пресудата на Управниот суд, оценувајќи дека имајќи предвид дека во моментот на остварување на правото на пензија тужителот имал 15 години помалку од бараните 40 години пензиски стаж, првостепениот орган со првостепеното решение правилно ја утврдил пензијата на тужителот во висина од 65% од пензиската основа усогласена согласно член 37 став 5 од истиот закон, а тужениот орган правилно ја одбил како неоснована жалбата на тужителот изјавена против првостепеното решение. Врховниот суд ги ценел наводите од жалбата на тужителот изјавена против пресудата на Управниот суд, дека и органите на управата и Управниот суд погрешно го примениле материјалното право, односно погрешно ја утврдиле висината на пензијата која му следува на тужителот, меѓутоа имајќи ги предвид напред наведените причини и цитираните законски одредби, оценил дека ваквите наводи не се од влијание за поинакво одлучување.

Пресудата на Врховниот суд подносителот на барањето ја примил на 31 јануари 2012 година, а на 19 март 2012 година, доставил до Уставниот суд на Република Македонија барање за заштита на слободата и правото на уверување, повредени со наведените поединечни акти.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според наводите во барањето за заштита на слободите и правата на Јонче Павловски, произлегува дека тој е незадоволен од применетата методологија според која надлежните органи ја пресметале висината на неговата пензија која ја стекнал согласно одредбите на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, односно смета дека применетата методологија за пресметување на висината на неговата пензија (во броен износ) била понеповолна за него, во однос на тоа што тој смета дека треба да биде применето како методологија на пресметка (во номинален износ), поради што смета дека непримената на таквата методологија претставувала повреда на неговата слобода и право на уверување.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека барањето не се однесува на заштита на слободата и правото на уверување, како што подносителот само декларативно се повикува, туку во суштина претставува барање Уставниот суд, како инстанционен суд, да ја цени законитоста на конкретни одлуки на судови и други државни органи и да одлучува за права и интереси на странката во конкретен предмет, за што Уставниот суд не е надлежен.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.49/2012
9 мај 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски