У.бр.146/2011-1 и У.бр.179/2011-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 мај 2012 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите („Службен весник на Република Македонија“ бр.57/2010).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесени иницијативи од Гордана Илиевска од Скопје, Синдикалната организација на казнено поправната установа Идризово застапувана од Тони Менкиновски адвокат од Скопје и група од 31 вработен во Секторот за обезбедување во КПУ затвор – Скопје, со Решение У.бр.146/2011 и У.бр.179/2011 од 22 февруари 2012 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите.

Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 5 со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите е предвидено дека членот 54 се менува и гласи:

“.(1) Вработените во казнено-поправните и воспитно-поправните установи се државни службеници освен вработените во стопанските единицина установите.
(2) За регулирање на работните односи на државните службеници се применуваат одредбите од Законот за државните службеници.
(3) За засновање и престанок на работен однос,како и за другите права од работен однос на вработените кои немаат статус на државни службеници важат општите прописи за работните односи и општите и посебните прописи од областа на здравственото, пензиското и инвалидското осигурување доколку со овој закон поинаку не е определено.”

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно став 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Од содржината на наведените одредби од Уставот произлегува дека правата на вработените и нивната положба, како и правата од пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување, се уредуваат со закон и со колективен договор.

Со Законот за извршување на санкциите, а врз основа на уставното овластување законодавецот поблиску го нормирал уредувањето и остварување на правата на вработените и нивната положба во казнено-поправните и воспитно- поправните установи
.
Според членот 27 од Законот за извршување на санкциите, во казнено – поправните и воспитно – поправните установи со оглед на сложеноста и обемот на работите во функција на извршување на санкциите, се организираат сектори за ресоцијализација, обезбедување, стопанско-инструкторски, здравствен, извршно управен и финансиски сектор.

Според член 3-а од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 11/2000, 34/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 19/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009 и 35/2010) е предвидено дека одредени прашања поврзани со правата, обврските и одговорностите на вработените во Агенцијата за разузнавање, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Армијата на Република Македонија, вработените кои вршат работи на обезбедување во казнено-поправните и воспитно поправните установи, можат да бидат уредени со закон, на начин различен од овој закон, ако тоа е неопходно поради специфичната природа на работните задачи и посебноста на извршувањето на посебните должности и овластувања.

Во членот 29 во поднасловот „Сектор за обезбедување“ од Законот за извршување на санкциите е предвидено дека работите на обезбедувањето во установата го врши Секторот за обезбедување кој е вооружен и единствно униформиран и опремен.

Секторот за обезбедување е единствена формација на управата.

Секторот за обезбедување се организира заради обезбедување на установата, спречување на бегство, одржување на внатрешен ред и дисциплина и спроведување на осудените и малолетните лица.

Со секторот за обезбедување раководи заповедник, а покрај заповедникот, работите на службата ги вршат командири, виши надзорници, постари надзорници и помлади надзорници. Секој припадник на секторот за обезбедување кога врши службено дејствие има овластување на полицаец.

Министерот за правда донесува акт за вооружување и начинот на вршење на работите на секторот за обезбедување и акт за униформата и ознаките на припадници на одделението (став 7).

Според членот 1 од Законот за полиција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2006 и 6/2009), со овој закон се уредуваат полициските работи, организацијата на Полицијата, полициските овластувања и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос на полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, што не се уредени со Законот за внатрешни работи.

Полициските работи се дефинирани во членот 5 од Законот, според кој, полициски работи, во смисла на овој закон, се дејствија на полициските службеници што се однесуваат на:
– заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните;
– заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори;
– спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на нивните сторители и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела;
– одржување на јавниот ред и мир;
– регулирање и контрола на сообраќајот на патиштата;
– контрола на движење и престој на странци;
– обезбедување на државната граница и контрола на преминување на државната граница;
– укажување помош и заштита на граѓаните во случај на неопходна потреба;
– обезбедување на определени личности и објекти и
– други работи утврдени со закон.

Тргнувајќи од направената анализа на Законот за извршување на санкции во смисла на тоа кои се обврските на вработените во секторот за обезбедување, односно на вработените во казнено-поправните и воспитно-поправните установи кои се во секојдневен контакт со осудените лица во процесот на ресоцијализација, наспрема обврските на полициските службеници утврдени во Законот за полицијата, произлегува дека во конкретниов случај станува збор за работи од ист или сличен вид, како и работите на полициските работници, поради што Судот оцени дека законодавецот не ја имал предвид специфичноста на работните задачи на вработените во казнено-поправните и воспитно- поправните установи кога генерално определил тие да имаат статус на државни службеници.

Во поткрепа на становиштето на Судот за непринципиелно регулирање на правата на вработените во наведените установи, а со тоа и нарушување на начелото на еднаквост, зборува и фактот што вработените во Секторот за обезбедување кои се вооружени и униформирани лица и кога вршат службени дејствија имаат овластување на полицаец и стажот на осигурување им се смета со зголемено траење како и на полициските службеници.

Со оглед на наведеното, според Судот, оспорувањето на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите од аспект на наводите во иницијативата, дека вработени во казнено-поправните и воспитно-поправни установи треба да имаат ист статус како и полициски службеници согласно Законот за полиција, се основани, поради што Судот оцени дека членот 5 од Законот не е во согласност со начелото на еднаквост и начелото на владеење на правото.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.146/2011
У.бр.179/2011
2 мај 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски