5/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 18 април 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Закон за дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања (Службен весник на Република Македонија“ бр.185/2011).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека одредба со иста содржина како членот 1 од оспорениот закон постоела и во членот 4 став 3 од Законот за регистрирање на готовински плаќања, која со одлука на Уставниот суд У.бр.236/2006 од 2 мај 2007 година била укината како несогласна со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 7 и 33 од Уставот. За жал законодавецот повторно ја вратил укинатата одредба со што сторил повреда на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 112 став 3 од Уставот на Република Македонија.

Иницијативата продолжува со причини за несогласност на оспорениот закон преземени од становиштата на Уставниот суд изнесени во наведената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од оспорениот Закон е предвидено дека во Законот за регистрирање на готовински плаќања (“Службен весник на Република Македонија” број 31/2001, 42/2003, 40/2004, 70/2006, 126/2006, 88/2008, 133/2009 и 171/10), во членот 7 по ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи:

„Ако даночниот обврзник од ставот 1 на овој член, на купувачот на доброто, односно корисникот на услугата во моментот на предавањето и плаќањето на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата не му издаде фискална сметка, купувачот на доброто односно корисникот на услугата нема обврска да ја плати цената на доброто, односно цената на услугата.“

Според членот 2 од оспорениот закон, истиот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 112 од Уставот, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот (став 1). Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон (став 2). Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни (став 3).

Во постапката по предметот У.бр.236/2006 предмет на уставносудска оцена бил членот 4 став 3 од Законот за регистрирање на готовински плаќања („Службен весник на Република Македонија” бр.31/2001, 42/2003, 47/2003, 40/2004, 70/2006 и 126/2006), кој бил укинат со одлука на Судот У.бр.236/2006 од 2 мај 2007 година бидејќи бил спротивен на членовите 8 став 1 алинеја 3 и 7, 33 и 55 став 1 и 2 од Уставот. Одлуката на Судот е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2007 од 16 мај 2007 година.

Членот 4 став 3 од наведениот закон гласел: „Ако на купувачот на доброто, односно корисникот на услугата во моментот на предавањето и плаќањето на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата не му се издаде фискална сметка, нема обврска да ја плати цената на доброто, односно цената на услугата.“

Членот 1 од сега оспорениот закон ја има следната содржина: „Ако даночниот обврзник од ставот 1 на овој член, на купувачот на доброто, односно корисникот на услугата во моментот на предавањето и плаќањето на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата не му издаде фискална сметка, купувачот на доброто односно корисникот на услугата нема обврска да ја плати цената на доброто, односно цената на услугата.“

Од споредбата на содржината на двете законски одредби произлегува дека законодавецот со оспорениот закон, по скоро пет години од објавувањето на интервентната одлука на Судот, враќа во правниот промет законска одредба која од страна на Уставниот суд била прогласена за неуставна заради несогласност со 8 став 1 алинеја 3 и 7, 33 и 55 став 1 и 2 од Уставот. Меѓутоа, за враќањето на укинатата норма во правниот поредок не постојат релевантни уставно-правни основи.

Инаку, ваквото постапување на законодавецот не е во согласност со членот 112 став 3 од Уставот, кој предвидел дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, но тоа не е критериум за неуставност на законот, туку за третманот на одлуките на Уставниот суд и нивното неизвршување.

Врз основа на наведеното произлегува дека оспорениот закон може да се стави под основано сомнение поради неговата спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, а од истите причини како во постапката по предметот У.бр.236/2006.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.5/2012
18 април 2012 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски