95/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 11 април 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 141 алинеите 8, 9, 11 и 12 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011 и 13/2012).

2.Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се цитира содржината на членoт 141 алинеите 8, 9, 11 и 12 од Законот, а потоа се укажува дека со Одлука У бр.262/2009, донесена од Уставниот суд на Република Македонија на 2 февруари 2011 година, се укинати членовите 138 и 140 од Законот за градење, и дека со Одлуката У бр.212/2010, донесена од Судот на 30 март 2011 година, е укинат и членот 139 став 1 во делот „покрај определените мерки од членот 138 на овој закон“ од Законот за градење.

При таква состојба на работите, подносителот на иницијативата смета дека сега нема законски основ за постоење во правниот поредок на Република Македонија на оспорените одредби од членот 141 на Законот за градење. Во спротивно, би се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и правната заштита на сопственоста од член 8 став 1 алинеите 3 и 6, член 30 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3.Судот на седницата утврди дека во член 141 од Законот се определува дека решението на градежниот инспектор особено мора да содржи, покрај другото, приказ на запишаните права во Јавната книга до моментот на донесување на решението (алинеја 8), налог за запишување на заложно право во Јавната книга (алинеја 9), изрекување на забрана од членот 138 и/ли од членот 139 на овој закон (алинеја 11) и определување на висината на трошоците за отстранување на градбата, односно на деловите кои се градат без одобрение за градење и определување на висината на пенали за секој ден задоцнување (алинеја 12).
Судот, исто така, утврди дека подносителот на иницијативата, по цитирањето на оспорените законски одредби и по укажувањето на две укинувачки одлуки на Судот, извлекува заклучок дека немало законски основ за постоење на член 141 алинеите 8, 9, 11 и 12 од Законот, без да ги образложи причините за нивната несогласност со уставните одредби наведени во иницијативата.

4.Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата само укажува на содржината на оспорените законски одредби и на две укинувачки одлуки на Судот, од што извлекува заклучок дека немало основ за постоење на член 141 алинеите 8, 9, 11 и 12 од Законот, а не изнесува образложени причини за нивната несогласност со уставните одредби наведени во иницијативата.

Имајќи ја предвид таквата содржина на иницијативата, Судот оцени дека има процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што одлучи согласно на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У бр.95/2011
11 април 2012 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски