У.бр.205/2011-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 април 2012 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 10 став 1 алинеја 4 од Законот за процена („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 158/2011 и 185/2011).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на нејзиното објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.205/2011 од 15 февруари 2012 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 10 став 1 од Законот за процена стручен испит за проценувач може да полага лице кое ги исполнува следниве услови: да е државјанин на Република Македонија, да има живеалиште во Република Македонија, да има високо образование (диплома со завршено четиригодишно високо образование или диплома со 300 кредити според европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТЦ), со правосилна одлука да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност се додека траат последиците од забраната, да има најмалку пет години работно искуство во соодветната област и да има сертификат за завршена почетна обука за проценувач од соодветна област.

5. Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Тргнувајќи од фактот дека правните последици од осудата како посебен правен институт се забранети со Уставот, законодавецот општите правила и рамки за нивно пропишување ги утврдил во Кривичниот законик, така што, во посебна глава го уредил прашањето на настапувањето, почетокот и траењето на правните последици. Имено во член 101 став 1 е утврдено дека правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудата за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор, а според став 2 на овој член правните последици можат да се предвидат само со закон.

Според член 102 од Кривичниот законик, правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата (став 1), правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарена казна (став 2) и правните последици од осудата престануваат со бришење на осудата (став 3).

Од наведените одредби на Кривичниот законик јасно произлегува дека правните последици од осудата се предвидуваат со закон, дека тие се состојат во забрана на стекнување на определени права и дека еден од основите за нивно престанување е бришењето на осудата од казнената евиденција.

Оттука, иако правните последици од осудата според своето дејство имаат исти ефекти како и казните што ги изрекува судот, особено оние што се состојат во забрана за остварување и вршење определени права, сепак нивната системска поставеност во однос на казните е сосема поинаква.

Анализирајќи го оспорениот член 10 став 1 алинеја 4 од Законот за процена во контекст на наведените уставни одредби, како и одредбите од Кривичниот законик, Судот оцени дека во конкретниов случај се работи за правни последици од осудата кои настапуват по сила на закон.

Имено, од анализата на оспорената алинеја 4 од став 1 на член 10 од Законот за процена, според Судот произлегува дека стручен испит за проценувач не може да полага лице кое со правосилна одлука му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност се додека траат последиците од забраната. Со оспорениот дел од одредбата на Законот, се ограничува правото на одредено лице да полага стручен испит за проценувач, во случај кога има споредна казна забрана за вршење за професија, дејност или должност, која професија е можно да нема никаква врска со дејноста за која се полага стручниот испит – проценувач.

Оттука, со оспорениот дел од одредбата од Законот, се ограничува по сила на закон правото на едно лице да полага стручен испит и во случаи кога определената забрана не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност.

Имајќи ги предвид изнесените одредби од Уставот, како и содржината на оспорениот дел од одредбата од Законот, во конкретниов случај станува збор за ограничување на правото на граѓаните како последица од забрана за вршење на професија, дејност или должност.

Од наведеното Судот оцени дека оспорениот член 10 став 1 алинеја 4 од Законот, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.205/2011
11 април 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски