193/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 28 март 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 126 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

2.Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената законска одредба била правно нејасна и неиздржана норма со оглед дека определувала судот да нема натамошна обврска да ја повикува странката која била уредно повикана ако не се јавила пред судот без оглед на причината за нејавувањето. При таква ситуација, подносителот на иницијативата смета дека не се знаело од каде и на каков начин странката ќе добие сознание за новозакажаното рочиште имајќи предвид дека граѓанинот или друг субјект не морал да има Интернет и поради тоа не можел да ја следи веб страницата на конкретниот суд. Поради тоа, оспорената законска одредба создавала правна несигурност за граѓаните и другите субјекти и не била во согласност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

3.Судот на седницата утврди дека во член 126 од Законот се определува дека „странката која е уредно поканета да присуствува на рочиште или пак е известена за преземање на определено дејствие не се јави пред судот без оглед на причината, судот нема натамошна обврска да ја повикува. По нејзино барање судот е должен во судот да и врачи покана за денот и часот за одржување на рочиштето, како и примерок од записникот во писмена или електронска форма, односно во форма на тонски запис од претходно одржаното рочиште“ (став 1).

„Ако судот поради која било причина не работи на денот на закажаното рочиште, е должен да го објави на својата веб страница и на видно место во судот, денот и часот на одржувањето на новото рочиште, а странката е должна да се информира за истото“ (став 2).

Изнесената содржина на членот 126 од Законот е утврдена на 24 август 2010 година (со Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка „Службен весник на Република Македонија“ бр.116/2010, член 26).

4.Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај, со Решение У бр.215/2010 од 14 март 2012 година, Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на член 126 од Законот за парничната постапка, затоа што оцени дека законската одредба обезбедува водење на постапка без одолговлекување. Имено, уредниот прием на покана за рочиште ја обврзува странката да се јави во судот во закажаното време и место, а ако не се јави од било која причина, странката може да побара и судот е должен да и врачи не само покана, туку и примерок од записникот од претходно одржаното рочиште. Поради тоа, Судот со наведеното решение утврди дека оспорената законска одредба е во согласност и со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за согласноста на членот 126 од Законот со наведената уставна одредба, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата определени во член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У бр.193/2011
28 март 2012 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски