У.бр.203/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 21 март 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Ванчо Мендизов од Гевгелија за заштита на слободите и правата што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата и за заштита на правото на работа за кои што смета дека му се повредени со Одлуката Дов.бр. 07-15/16 од 22 октомври 2009 година, донесена од Судскиот совет на Република Македонија, Решението Дов.бр. 07-15/27 од 16 декември 2009 година на Судскиот совет на Република Македонија, Решението Дов.бр.18/09 од 5 март 2010 година на Советот при Врховниот суд на Република Македонија, Решението ГЗЗ.бр.2/2010 од 22 декември 2010 година на Општата седница на Врховниот суд на Република Македонија и Решение У-5бр.529/2010 од 19 мај 2011 година на Управниот суд.

2. Ванчо Мендизов од Гевгелија на Уставниот суд на Република Македонија му достави барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата и повреда на правото на работа.

Во барањето се наведува дека Одлуката на Судскиот совет на Република Македонија за поведување постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција спрема Ванчо Мендизов, под Дов.бр. 07-15/16 од 22 октомври 2009 година, била донесена спротивно на член 55 став 1 во врска со член 58 став 1 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија, бидејќи во неа не било наведено кој ја покренал постапката против подносителот, со што било доведено во прашање неговото право на одбрана, односно тој не знаел од кого треба да се брани бидејќи не бил наведен надлежниот подносител на барањето за поведување постапка против него.

Во однос на Решението Дов.бр. 07-15/27 од 16 декември 2009 година на Судскиот совет на Република Македонија со кое Ванчо Мендизов, судија на Основниот суд Гевгелија се разрешува од судската функција поради нестручно и несовесно вршење на судската функција – во барањето се наведува дека против Пресудата П.бр.57/02 (донесена од подносителот како судечки судија), а која била основ за негово разрешување, немало вложено жалба, ниту пак настапила конкретна штета, ниту пак некој прибавил каква и да било материјална корист, а доколку постоело пречекорување на одлуката по однос на тужбеното барање, тоа можело да претставува основ за повторување на постапката, а не и основ за разрешување на судија. Постапката за неговото разрешување, според подносителот на барањето, била застарена (согласно член 55 став 1 и член 58 став 1 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија) бидејќи во конкретниот случај повредата била сторена во 2003 година (кога била донесена пресудата Пр.бр.57/02), а постапката за неговото разрешување била поведена дури во 2009 година. Сето ова покажувало дека станува збор за монтиран случај и класичен пример за местенка против совесен судија.

По однос на Решението Дов.бр.18/09 од 5 март 2010 година на Советот при Врховниот суд на Република Македонија со кое жалбата на Ванчо Мендизов се одбива како неоснована и се потврдува Решението на Судскиот совет Дов.бр.07-15/27 од 16 декември 2009 година, во барањето не се наведени некои посебни причини и аргументи.

Во однос на Решението ГЗЗ.бр.2/2010 од 22 декември 2010 година на Општата седница на Врховниот суд на Република Македонија со кое барањето за заштита на законитоста поднесено од Јавниот обвинител на Република Македонија против решението на Врховниот суд на Република Македонија – Совет за одлучување по жалби, против решение на Судскиот совет Дов.бр. 18/09 од 5 март 2010 година се отфрла како недозволено, се наведува дека истото bilo незаконито со нејасно образложение бидејќи еднаш се наведуваlo дека Советот формиран при Врховниот суд не бил Совет на Врховниот суд, туку совет формиран при Врховниот суд, а и поради тоа што БЗЗ можело да биде само прифатено или одбиено, а никако не можело да стои дека е недозволено.

Во конкретниот случај, покрај тоа што било повредено правото на работа на судијата и слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата на судијата, била ограничена и повредена уставната гаранција на јавниот обвинител и неговото право на уверување и надлежност да презема правни средства против противзаконитите акти. So navedenite odluki sudovite ne му пружиле судска заштита на подносителот на барањето, односно одбивале да му дадат судска заштита, бидејќи не одлучувале мериторно по наведените одлуки со кои очигледно бил прекршен законот на штета на подносителот на барањето.

И во однос на Решението У-5бр.529/2010 од 19 мај 2011 година на Управниот суд со кое се отфрла како недозволена тужбата на Ванчо Мендизов против решението на Советот при Врховниот суд на Република македонија Дов. Бр.18/09 од 5 март 2010 година, во барањето се наведува дека и Управниот суд, исто како и претходно наведените судови, не ја дал загарантираната управно-судска заштита, иако според подносителот на иницијативата, тој бил за тоа надлежен и должен тоа да го стори, од причина што, според мислењето на подносителот на барањето, Решението на Судскиот совет за неговото разрешување бил управен акт, за оценка на чија што законитост бил надлежен Управниот суд.

Во барањето понатаму се наведува дека со сите наведени одлуки и акти на подносителот на барањето му било повредено основното уставно право – правото на слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, член 54 од Уставот, бидејќи при донесувањето на одлуките од страна на разрешениот судија, тој постапувал совесно, чесно и законито, а одговорност требало да се бара од сите наведени органи и судови кои постапувале во наведните постапки. Со противзаконитите одлуки на тие органи, на разрешениот судија фактички му било ограничено правото на мисла и јавното изразување на мислата, иако кај него во конкретниот случај не постоела никаква несовесност, ниту пак основ за нестручност, ниту пак некој претрпел некаква конкретна штета.

Во барањето се наведува дека на подносителот му било повредено и правото на работа како основно уставно загарантирано право од член 32 од Уставот бидејќи во целиот овој случај, односно во сите водени постапки судовите воопшто не се впуштале во расправање и носење одлуки и не му била обезбедена судска заштита од самоволието на наведените органи бидејќи тие одбегнувале да донесат одлуки со кои ќе се даде заштита на неговото право на работа. На тој начин била сторена повреда и на член 50 став 1 од Уставот, бидејќи сите судови во прв степен и во втор степен, како и Управниот суд одбегнувале да дадат судска заштита на законитоста на наведените акти, што претставувало класичен пример за злоупотреба и крешење на законот.

Подносителот на барањето ја цитира изреката на Одлуката на Уставниот суд со која Судот укина повеќе одредби од Правилникот за постапката за дисциплинската одговорност на судиите и Правилникот за постапката и начинот на утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

На крајот од барањето подносителот, повикувајќи се на надлежноста на Уставниот суд за укинување или поништување на прописите и општите акти, предлага Уставниот суд да утврди дека наведените акти не се во согласност со Уставот и законите и да донесе одлука со кои истите ќе ги укине или поништи.

3. Судот на седницата врз основа на извршениот увид во доставените и прибавени докази утврди дека против подносителот на барањето за заштита на слободи и права Ванчо Мендизов, кој ја обавувал функцијата судија на Основниот суд Гевгелија, Судскиот совет на Република Македонија на 22 октомври 2009 година донел Одлука Дов.бр.07-15/16 со која била поведена постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

Судскиот совет на Република Македонија на 16 декември 2009 година донел Решение Дов. Бр.07-15/27 со кое го разрешил Ванчо Мендизов, судија на Основниот суд Гевгелија од вршење на судиската функција, поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција, согласно член 75 став 1 алинеја 2 од Законот за судовите. Во наведеното Решение, Судскиот совет утврдил дека судијата Ванчо Мендизов, постапувајќи по предметот П.бр.574/02 како судија поединец, донел пресуда со која утврдил дека тужителот Зафиров К. Андон од Гевгелија врз основа на договор за купопродажба од 8.02.1956 година е сопственик на објект и земјиште под објект лоциран на КП.бр.1075 во м.в. Град, КО Гевгелија во површина од 58м2, и го задолжил тужениот – Општина Гевгелија, да му го признае правото на сопственост на тужителот, да трпи промена во јавните книги на правото на сопственост на наведената недвижност и да му ја предаде во владение, иако тужителот во тужбеното барање не истакнал барање да се утврди право на сопственост и на земјиштето под објектот, а немало ниту правен основ за стекнување на такво право. Врз основа на таквата пресуда бил склучен договор за подарок на недвижноста со кој правото на сопственост врз објектот и земјиштето било пренесено од тужителот Андон Зафиров на неговиот син Коста Зафиров. Понатаму во наведеното решение на Судскиот совет се укажува дека со ваквата пресуда, судијата постапил спротивно на Законот за градежното земјиште, што довело то тоа да настапат и штетни последици за Република Македонија, односно тужителот да се стекне со корист во висина на прометната вредност на градежното изградено земјиште под објектот.

Незадоволен од Решението за разрешување, Ванчо Мендизов поднел жалба до Советот при Врховниот суд на Република Македонија, кој со решение Дов.бр.18/09 од 5 март 2010 година, жалбата на Ванчо Мендизов ја одбил како неоснована и Решението на Судскиот совет на Република Македонија Дов. Бр.07-15/27 од 16 декември 2009 година, го потврдил. Врховниот суд со Решението утврдил дека Судскиот совет на Република Македонија правилно и целосно ја утврдил фактичката состојба и правилно го применил материјалното право, односно дека жалителот постапувајќи по предметот П.бр.574/02 нестручно и несовесно ја вршел судиската функција, на начин што излегол надвор од рамките на поставеното тужбено барање и утврдил сопственост на градежно земјиште спротивно на одредбите од Законот за градежното земјиште.

Јавното обвинителство на Република Македонија на 14 септември 2010 година, поднело барање за заштита на законитоста Уо.бр.26/10 против Решението Дов.бр.18/09 на Врховниот суд на Република Македонија донесено на 5 март 2010 година, во кое се наведува дека со побиваните решенија бил повреден законот, поточно одредбите од член 55 став 1 в.в. со член 58 став 1 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија кој пропишувал дека постапката за утврдување на нестручно и несовесно вршење се поведува во рок од 3 месеци од денот на осознавање на сторената повреда, но не подолго од една година од денот на сторувањето и дека во конкретниот случај повредата била сторена во 2003 година (кога била донесена предметната пресуда), а постапката против судијата била поведена во 2009 година и правосилно завршена во 2010 година.

Општата седница на Врховниот суд на Република Македонија со Решение ГЗЗ.бр.2/2010 од 22 декември 2010 година, барањето за заштита на законитоста Уо.бр.26/10 од 14 септември 2010 година поднесено од Јавниот обвинител на Република Македонија против Решението на Врховниот суд на Република Македонија – Совет за одлучување по жалби Дов.18/09 од 5 март 2010 година, го отфрлил како недозволено. Во наведеното решение се наведува дека според наоѓање на Општата седница на Врховниот суд на Република Македонија, во конкретниот случај се работи за барање за заштита на законитоста против одлука на Советот за одлучување по жалба на Судскиот совет, против решенија за разрешување или изречена дисциплинска мерка, за која одлука со закон не е определено дека може да се изјави барање по кое Врховниот суд на Република Македонија е надлежен да решава на општа седница.

На 15 мај 2010 година, Ванчо Мендизов поднел тужба до Управниот суд против решението на Советот при Врховниот суд на Република Македонија Дов.бр.18/09 од 5 март 2010 година, со која барал Судот да ја уважи тужбата, да го поништи Решението на Советот при Врховниот суд на Република Македонија и Решението на Судскиот совет на Република Македонија. Управниот суд со Решение У-5.бр.529/2010 од 19 мај 2010 година, тужбата ја отфрлил како недозволена. Во наведеното решение Управниот суд утврдил дека со Законот за судовите и Законот за Судскиот совет не била пропишана судска заштита со поведување на управен спор против поединечните акти за разрешување на судии и дека во конкретниот случај актот што се оспорува не е управен акт за кој може да се води управен спор, поради што согласно член 26 став 1 точка 2 од Законот за управните спорови, тужбата ја отфрлил како недозволена.

На 31 октомври 2011 година, Ванчо Мендизов, до Уставниот суд на Република Македонија поднел барање за заштита на слободите и правата кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата (член 16 од Уставот) и поради повреда на правото на работа (член 32) од Уставот, со барање Уставниот суд да ја разгледа уставноста и законитоста на актите наведени во барањето и истите да ги укине или поништи.
Врховниот суд на Република Македонија достави заверени преписи од Решението Дов.бр.18/2009 од 5 март 2010 година и Решението ГЗЗ.бр.2/2010 од 22 декември 2010 година, без да се произнесе по наводите во барањето.
Судскиот совет на Република Македонија со допис го извести Уставниот суд дека предметот Дов.бр. 15/09 оформен по поведената постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција против судијата Ванчо Мендизов од Гевгелија, на барање на Основното јавно обвинителство-Скопје, бил доставен на увид со сите списи на 3 јуни 2010 година и дека истиот сеуште не бил вратен, поради што Советот не бил во можност да му ги достави на Уставниот суд бараните акти и информации.

На 28 февруари 2012 година Врховниот суд достави фотокопија од доставница со која се потврдува дека лицето Ванчо Мендизов од Гевгелија на 2 јуни 2010 година го примил Решението Дов.бр.18/09 од 5 март 2010 година.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Барањето на Ванчо Мендизов за заштита на слободите и правата до Уставниот суд е поднесено на 31 октомври 2011 година.

Видно од доставената фотокопија на доставница на Врховниот суд на Република Македонија, подносителот на барањето Ванчо Мендизов на 2 јуни 2010 година лично го примил Решението на Врховниот суд Дов.бр.18/09 донесено на 5 март 2010 година. Според тоа, 2 јуни 2010 година е датум на кој правосилно завршила постапката за разрешување на Ванчо Мендизов од судиската функција.

Од наведеното јасно призлегува дека барањето за заштита на слободите и правата е поднесено по истекот на рокот од 2 месеци од денот на доставувањето на правосилната пресуда, поради што Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за мериторно одлучување за суштината на барањето, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на барањето за заштита на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното извразување на мислата, за кои што подносителот смета дека му се повредени со Решение Дов.бр. 07-15/27 од 16 декември 2009 година на Судскиот совет на Република Македонија со кое Ванчо Мендизов, судија на Основниот суд Гевгелија се разрешува од судската функција поради нестручно и несовесно вршење на судската функција и Решението Дов.бр.18/09 од 5 март 2010 година на Советот при Врховниот суд на Република Македонија со кое жалбата на Ванчо Медизов се одбива како неоснована и се потврдува Решението на Судскиот совет Дов.бр.07-15/27 од 16 декември 2009 година.

Имајќи предвид дека, согласно наведениот член 51 од Деловникот на Уставниот суд, во постапката за заштита на слободите и правата предмет на оцена пред Уставниот суд може да биде поединечен акт (конечен или правосилен) со кој е сторена повреда на правото или слободата, Судот утврди дека предмет на оцена во конкретниот случај можат да бидат само двете наведени решенија – Решението за разрешување од судиската функција донесено од Судскиот совет (Решение Дов.бр. 07-15/27 од 16 декември 2009 ) и Решението на Советот при Врховниот суд со кое жалбата на Ванчо Мендизов била одбиена како неоснована (Решение Дов.бр.18/09 од 5 март 2010 година). Ова поради тоа што само овие два акти можат да се сметаат како правосилни акти со кои би можело да биде сторена повреда на правото во конретниот случај, бидејќи по сила на овие два акти дошло до разрешување од судиската функција на подносителот на барањето, кој тврди дека токму со неговото разрешување од судиската функција му била повредена слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното и изразување на мислата.

Или поинаку кажано, разрешувањето од судиската функција не е резултат на останатите три наведени акти што ги оспорува подносителот на барањето (Одлука за поведување постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција спрема Ванчо Мендизов, под Дов.бр. 07-15/16 од 22 октомври 2009 година, донесена од Судскиот совет на Република Македонија; Решение ГЗЗ.бр.2/2010 од 22 декември 2010 година на Општата седница на Врховниот суд на Република Македонија со кое барањето за заштита на законитоста поднесено од Јавниот обвинител на Република Македонија против решението на Врховниот суд на Република Македонија – Совет за одлучување по жалби, против решение на Судскиот совет Дов.бр. 18/09 од 5 март 2010 година се отфрла како недозволено и Решение У-5бр.529/2010 од 19 мај 2011 година на Управниот суд со кое се отфрла како недозволена тужбата на Ванчо Мендизов против решението на Советот при Врховниот суд на Република македонија Дов. Бр.18/09 од 5 март 2010 година), од што произлегува дека тие не можат да се сметаат како акти со кои наводно е сторена повредата на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, поради што Судот утврди дека во однос на овие три акти барањето треба да се отфрли поради немање на процесни претпоставки за одлучување.

Имајќи предвид дека во барањето подносителот бара заштита на правото на работа од член 32 од Уставот, како и одредбата од членот 110 алинеја 3 од Уставот, во која правото на работа не е наведено во корпусот на правата кои ги штити Уставниот суд, Судот утврди дека во овој дел барањето треба да се отфрли поради ненадлежност, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.203/2011
21 март 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски