Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 март 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 14 став 1 точки 1, 2 и 3, член 23 став 4 точки 3 и 4, член 28 став 1 точки 3 и 4, член 112 став 1 точка 4 и член 158-е став 2 точки 1 и 2 од Законот за супервизија на осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2002, 98/2002, 33/2004, 88/2005, 79/2007, 8/2008, 88/2009, 67/2010, 44/2011 и 30/2012-пречистен текст).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата Стамен Филипов од Скопје, во истата најнапред ги цитира содржините на сите оспорени членови од Законот, а потоа само наведува дека со истите се пропишувала правна последица од осудата за кривично дело, со што противуставно се вршело ограничување на правата на граѓаните.
Понатаму, во иницијативата предлага Судот да ја има во вид уставно судската практика и децидно ги наведува одлуките на Уставниот суд поради што предлага Судот да ги укине оспорените членови.
3. Судот на седницата утврди дека според член 14 став 1 точките 1, 2 и 3 од Законот акционер со квалификувано учество во друштво за осигурување мора да ги исполнува следните услови:
1) да не му е изречена казна затвор за кривично дело против јавните финансии, против платниот промет и стопанството, против службената должност или против правниот сообраќај,
2) да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност,
3) да не му е изречена споредна казна забрана за добивање дозвола за вршење работи на осигурување, застапувани во осигурувањето или осигурително брокерски работи, забрана за основање на нови правни лица, одземање на дозвола за вршење на работи на осигурување, застапување во осигурувањето или осигурително брокерски работи и привремена или трајна забрана за вршење на дејност од областа на осигурувањето.
Во член 23 став 4 точките 3 и 4 од Законот е предвидено дека член на орган на управување во друштво за осигурување не може да биде лице:
3) на кое му е изречена казна затвор за кривично дело против јавните финансии, против платниот промет и стопанството, против службената должност или против правниот сообраќај,
4) на кое му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност.
Според член 28 став 1 точките 3 и 4 од Законот за член на надзорен орган на друштво за осигурување не може да биде именувано лице:
3) на кое му е изречена казна затвор за кривично дело против јавните финансии, против патниот промет и стопанството, против службената должност или против правниот сообраќај,
4) да не му е изречена казна затвор за кривичното дело против јавните финансии, против патниот промет и стопанството, против службената должност или против правниот сообраќај.
Според член 158-е став 2 точките 1 и 2 од Законот, за член на Советот на експерти на Агенцијата не може да се именува лице:
1) на кое му е изречена казна затвор за кривично дело против јавните финансии, против платниот промет и стопанството, против службената должност или против правниот сообраќај,
2) на кое му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, а според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдна со правосилна судска одлука, а спроед член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции, според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според ставот 2 на овој член од Уставот, секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Со член 54 став 1 од Уставот се уредува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ја притоа во предвид содржината на членовите 14, 23, 28, 112 и 158-е во оспорените точки од Законот за супервизија на осигурување, според Судот, правните последици не можат да настапуваат автоматски по сила на закон, туку дека тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, односно дека казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречената казна за лицето децидно наведено во оспорените делови на наведените членови од Законот. Имено, Судот оцени дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за наведените дела, кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изрично утврдени со Уставот.
Институтот правни последици од осудата е уреден со Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009 и 51/11, 135/2011 и 185/2011). Така, според член 101 од Кривичниот законик, правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор. Правни последици можат да се предвидат само со закон. Според член 102 од истиот законик, правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата (став 1). Правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна (став 2). Со бришење на осудата престануваат правните последици од осудата (став 3).
Од наведеното произлегува дека правните последици на осудата се специфичен правен институт што има големо значење за статустот на осуденото лице, но и за општествените интереси и кој секогаш резултира со ограничување на правата на осудените лица или значи забрана за стекнување на одредени права на лица осудени за одредени кривични дела. Оттаму, правните поседици на осудата како еден вид посебна статусна мерка тешко го погодува осуденото лице, некогаш потешко и од изречената казна затвор, имајќи предвид дека истите најчесто значат губење на одредени права или пак забрана за нивно стекнување за одреден временски период.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека предвидувањето на неосудуваноста како услов едно лице да биде именувано за член на Советот на експерти на Агенцијата ,овластен актуар,член на Надзорен орган на друштво за осигурување или акционер, мора да биде во согласност со општите правила и рамки за пропишување на правните последици од осудата утврдени во Кривичниот законик. Значи, неосудуваноста како услов едно лице да биде именувано за член на Советот,…итн., може да егзистира само за конкретно предвидени кривични дела за кои на сторителот со правосилна судска пресуда му е изречена казна затвор, и таа може да трае точно определен период, а не како трајна забрана за именување на оваа функција.
Од анализата на оспорените одредби произлегува дека со истите генерално е утврдено дека член на Советот,односно акционер, овластен актуар…..итн. не може да биде лице на кое е му е изречена казна затвор за кривично дело против јавните финансии,против платниот промет и стопанството, против службената должност или против правниот сообраќај без оглед на времето поминато од денот на издржаната, простената или застарената казна, од каде произлегува дека вака пропишаната правна последица од осудата не е јасна и прецизна и не е во согласност со општите правила и рамки за пропишување на правните последици од осудата утврдени во Кривичниот законик.Истовремено,со оспорените одредби од Законот ,како услов се предвидува и тоа на лицето да не му е изречена казна забрана за вршење професија,дејност или должност,како и забрана за добивање дозвола за вршење работи од осигурувањето……итн.
Според содржината на одредбите во оспорените делови, правните последици од осудата настапуваат по сила на законот, а не како казни (забрани) што ги изрекува Судот во рамките на видовите на казни.
Во деловите од оспорените одредби на членовите 14, 23, 28, 112 и 158-е од Законот за супервизија на осигурување, како услов за акционер со квалификувано учество во друштво за осигурување, за член на орган не управување во друштво за осигурување, за член на надзорен орган на друштво за осигурување, за добивање дозвола за работа како овластен акционер или пак за член на Советот на експерти на Агенцијата, се бара од лицето да не му е изречена казна затвор за кривично дело против јавните финансии, против платниот промет и стопанството, против службената должност или против правниот сообраќај, без при тоа во законската норма да се прецизира дали станува збор нејзино изрекување со правосилна судска пресуда што ја донесува судот во редовна постапка што ги чини истите недоволно јасни и прецизни, и како такви не обезбедуваат правна сигурност на граѓаните како елемент на принципот на владеењето на правото.
Во член 33 од Кривичниот законик се определени видовите на казни.Така, согласно член 33 став 1 точка 3 од истиот закон, забраната за вршење професија,дејност или должност е предвидена како еден од повеќето видови на казни.Но,во смисла на членот 33 став 6 од Законот,казната забрана за вршење професија,дејност или должност може да се изрече само како споредна казна заедно со казната затвор .
Оттука, имајќи го во вид фактот дека со Кривичниот законик, забраната за вршење на професија, дејност или должност, е дефинирана како споредна казна која се изрекува исклучиво со изречена главна казна – определена со казна затвор со судска одлука, и по однос на овој дел од оспорените законски одредби, според Судот истите се нејасни и непрецизни од причина што забраната како споредна казна мора да биде децидно изречена исклучиво со правосилна пресуда и заедно со досудената ефективна казна затвор. Со оглед дека тоа не е содржано во оспорените делови на членовите од Законот, Судот оцени дека и по однос на овој дел оспорените одредби основано може да се доведат под сомнение во однос на одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата, односно основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.130/2011
14 март 2012 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски