232/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 7 март 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 256 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011 и 11/2012).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 256 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Иницијативата започнува со цитирање на содржината на оспорената законска одредба, па се наведува дека одредбата, очигледно, имала некоја нелогичност во формулацијата на самата реченица, а дека тоа било така произлегувало од членот 1 од Законот за инспекција на труд. Имено, во оваа одредба било предвидено дека: „Со овој закон се уредуваат организацијата и работата на Државниот инспекторат за труд (во натамошниот текст: Инспекторат) кој врши инспекциски надзор над примената на законите и другите прописи за работни односи, вработување и заштита при работа и на колекти-вните договори, договорите за работа и другите акти, со кои се уредуваат и остваруваат правата, обврските и одговорностите на работниците и работодавачите во областа на работните односи“. Поради наведеното оспорената одредба била нејасна и непрецизна и како таква создавала правна несигурност кај граѓаните, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 256 став 1 од Законот, надзор над примената на овој закон, другите закони и вработување прописи за работните односи, колективните договори и договорите за работа со кои се уредуваат правата и обврските на работникот и работодавачот од работниот однос, врши органот на државна управа надлежен за работите на инспекција на трудот.

4. Според членот 110 од Уставот на Република Македо-нија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, како и за други прашања утврдени во Уставот, но не и за меѓусебната согласност на законите, кое нешто, меѓу другото, произлегува од наводите во иницијативата.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иниција-тивата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во членот 110 од Уставот, како и посочувањето во иницијативата на содржината на член 1 од Законот за инспекција на труд со цел да се докаже несогласноста на оспорениот член 256 став 1 од Законот за работните односи со Уставот, Судот оцени дека така изнесените наводи всушност преставуваат барање за оцена на меѓусебната согласност на наведените законски одредби што излегува надвор од рамките на надлежноста на Судот.

При состојба кога иницијативата не содржи доволно квалитетни аргументи за покренување на механизот за уставно-судска оцена и кога, согласно член 110 од Уставот, исправањето на евенту-ално сторени технички грешки при изготвување на оспорените акти не е надлеженост на Уставниот суд се оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.232/2011
7 март 2012 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски