У.бр.151/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија(„Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницатa одржана на 07 март 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 29 став 1 во делот „во овој рок сопствениците се обврзани да изберат друг управител“; член 59 став 1 во делот: „на кого соодветно се применуваат одредбите од овој закон што важат за управителот на станбена зграда“ и член 125 став 1 во делот: „односно заедница на сопственици“ од Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр. 99/2009, 57/2010, 36/2011 , 54/2011 и 13/2012),

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка на законот во целина и посебно на член 52 став 2 во делот „во тој случај, кон третото лице за исполнување на обврските на сопствениците на посебните делови солидарно одговара управителот“ од Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр. 99/2009, 57/2010, 36/2011 , 54/2011 и 13/2012) и член 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр. 57/2010).

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законот означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот Законот во целина бил противуставен, но не наведува конкретни причини, туку само констатира, дека истиот бил противуставен особено во деловите кои се однесувале на становите, деловите од становите и станбените згради во приватна сопственост. Тоа од причина што со овој закон сопствениците на становите, деловите од становите и станбените згради противуставно биле задолжени да формираат правни субјекти, управител или да регистрираат заедница на сопственици за управување со станбените згради во приватна сопственост, како и да плаќаат енормно високи давачки на таквите фантомски правни субјекти. Имено, како што наведува во иницијативата, тоа значело дека државата преку овој закон се мешала во приватноста при користењето на правото на својот дом и деловите од својот дом, а со тоа се ограничувало и загарантираното со Устав право на сопственост и на правата што произлегуваале од неа. Односно, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот закон можело односно било потребно да содржи одредби кои би се однесувале само за становите во државна сопственост, но не и за становите во приватна сопственост.

Според наводите во иницијативата, оваа материја била уредена на друг начин и поповолно за граѓаните сопственици со Законот за сопственост и други стварни права. Предлага при одлучувањето да се има предвид Одлуката на Уставниот суд. У.број 246/2009 од 14 јули 2010 година, со која е укинат член 139 од Законот за домување, како и Решението, У.број 14/2010 од 30 јуни 2010 година, со која е поведена постапка за оценување на уставноста на член 126 точки 1 и 2 од истиот Закон.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот закон се повредувал член 8 став 1 алинеите 1, 3, 6 и 11, член 26, член 51 и член 54 од Уставот на Република Македонија, како и член 1 од Протоколот број 1 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи.

Подносителот на иницијативата посебно го оспорува членот 29 став 1 во делот кога сопствениците се обврзани да изберат друг управител и смета дека оспорениот законски дел немал никаква врска со неоспорениот дел за раскинување на договорот за вршење на управувачки услуги. Освен тоа, сопствениците на посебните делови не биле должни по сила на закон да изберат управител, но имале законска можност (алтернатива) да регистрираат заедница на сопственици, согласно членовите 18 став 3 и 54 од овој закон, со што се повредувале член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Според наводите во иницијативата оспорениот дел од член 52 став 2 од Законот, во однос на исполнувањето на обврските на сопствениците на чии посебни делови се однесува извршувањето на работата или давањето на договорената услуга кон третото лице солидарно одговара управителот, тоа било контрадикторно со ставот 1 и со неоспорениот дел од ставот 2 на овој член, бидејки бил нејасен, непрецизен и создавал конфузија во неговата практична примена, со што се повредувале член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

По однос на оспорениот дел од член 59 став 1 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека бил нејасен, непрецизен и нецелосен. Поради наведеното смета дека со оспорената одредба се повредувале член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 125 став 1 од Законот не можел да постои во правниот поредок на Република Македонија, ако барем малку се почитувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеење на правото. Поради наведеното смета дека со оспорената одредба се повредувале член 8 став 1 алинеја 3 и 4 и член 51 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за домување, законот има повратно дејство бидејќи постапките по барањата за откуп на стан и пренос на правото на користење на стан, започнати пред влегувањето во сила на овој закон, ќе продолжеле согласно со одредбите на овој закон. Имено, на тој начин се поврдувал принципот на владеењето на правото и принципот на забрана на повратното дејство на законите утврдени во членот 52 став 4 од Уставот. Со оглед на изнесеното, смета дека оспорениот член 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за домување не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Предлага при одлучувањето да се има во предвид Одлуката на Уставен суд, У. Број 119/2006 од 27 јуни 2007 година, со која се укина член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност.

Подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да ги поништи или укине оспорените одредби и да донесе решение за времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорениот закон и оспорените законски одредби, бидејќи со нивното извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици.

4. Судот на седница утврди дека Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр.99/09,57/10, 36/11, 54/11 и 13/2012) содржи 141 член распоредени во 15 глави насловени како: I Општи одредби; II Видови и објекти на домување; III Управување со станбени згради; IV Односи меѓу сопствениците и трети лица; V Заедница на сопственици; VI Закупнички односи; VII Закупнина на стан; VIII Субвенционирање на закупнини; IX Правата и обврските на Република Македонија во домувањето; X Права и обврски на единиците на локалната самоуправа во домувањето; XI Регулаторна комисија за домување; XII Регистри на станбени згради и станови ; XIII Надзор; XIV Прекршочни одредби и XV Преодни и завршни одредби.

Според Законот за изменување и дополнување на Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр. 36/2011) се изменети и дополнети повеќе членови од основниот текст на законот. Законот за домување е дополнет со нови членови 2-а,118-а, 122-а и 122-б.

Законодавецот оценил дека има потреба од допрецизирање и доуредување на одредбите од основниот текст на законот со цел да биде овозможена нивна доследна примена откако биле констатирани одредени непрецизности и недоречености на одделни одредби. Оттаму, со членовите 39 до 50 на Законот за изменување и дополнување на Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр. 36/2011) извршено е допрецизирање на веќе постоечките членови во основниот текст на Законот, односно на член 87, кој се однесува на користењето на стан без договор за закуп и член 99 став 2 со кој се уредуваат правата и обврските на Република Македонија во домувањето и член 109 став 1 со кој се уредува надлежноста на Регулаторната комисија.

Според Законот за изменување и дополнување на Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр. 54/2011) основниот текст на законот е дополнет со нови членови 98-а и 120-а, кои се однесуваат на субвенционирањето на закупнини и за инспекцискиот управен и комунален надзор од страна на надлежниот орган на државната управа.

Според член 29 став 1 од законот, сопствениците на посебните делови можат во секое време да го раскинат договорот за управувачки услуги со претходно доставување на известување до управителот за донесената одлука за раскинување на договорот. Рокот за раскинување на договорот не може да биде пократок од три месеца, а започнува да тече од денот на доставувањето на одлуката за раскинување. Во овој рок сопствениците се обврзани да изберат друг управител.
Во случај кога управителот постапува спротивно на законот или на договорот за вршење на управувачки услуги, а надлежен орган на инспекцијата или орган на кривично гонење повел постапка против управителот, сопствениците на посебните делови можат да го раскинат договорот без отказен рок.(став 2)

Одлуката за раскинување на договорот за вршење на управувачки услуги е донесена кога за неа гласале повеќе од половина од сопствениците на посебните делови.(став 3)

Управителот во секое време може да го раскине договорот за вршење на управувачки услуги со писмен отказ, со отказен рок во траење од најмалку три месеца. Отказниот рок почнува да тече од денот кога управителот му го доставил писменото известување на собирот на сопствениците или на надзорниот одбор.(став4)

Во членот 6 од Законот за иззменување и дополнување на Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр. 36/2011) во членот 29 став 2 зборовите ”надлежен орган на инспекцијата” се заменуваат со зборовите “надлежна инспекциска служба на општините и општините во градот Скопје”.

Според член 52 од законот со наслов “Забрана на договор за солидарна одговорност на сопствениците“, при склучување на договори со трети лица во однос на управување со станбена зграда управителот не смее да договори солидарна одговорност на сопствениците на посебните делови за исполнување на обврските.( став 1)

Одредба од договорот што е во спротивност со одредбата од ставот 1 на овој член нема правно дејство на сопствениците на чии посебни делови се однесува извршувањето на работата или давањето на договорената услуга. Во тој случај, кон третото лице за исполнување на обврските на сопствениците на посебните делови (солидарно) одговара управителот.(оспорен дел).

Во членот 8 од Законот за иззменување и дополнување на Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр. 36/2011), во членот 52 став 2 во втората реченица зборот “солидарно” се брише.

Согласно член 59 став 1 од Законот, “Забрана на договор за солидарна одговорност на сопствениците“ заедницата на сопственици во правниот промет ја застапува претседателот на кого соодветно се применуваат одредбите од овој закон што важат за управителот на станбена зграда.

Претседателот ги презема сите работи што се однесуваат на управувањето со станбената зграда во име и за сметка на заедницата на сопственици.

Согласно член 125 став 1 од Законот, кој е сместен во Глава “XIV. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ“ и поднаслов “Прекршоци“, глоба во износ од 700 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице – управител, односно заедница на сопственици, ако…

Според членот 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр. 57/2010), постапките по барањата за откуп на стан и пренос на правото на користење на стан, започнати пред влегувањето во сила на овој закон, ќе продолжат согласно со одредбите на овој закон.

5.Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија покрај другите се и владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право утврдени во Уставот и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 26 од Уставот, се гарантира неповредливост на домот.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Протоколот број 1 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.

Според членот 1 од Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр. 99/2009, 57/2010, 36/2011 и 54/2011), се уредуваат видовите на објекти во домувањето, управувањето со станбените згради, односите меѓу сопствениците на посебните делови и трети лица, заедницата на сопствениците, евиденцијата на становите, закупничките односи во домувањето, начинот на управување и одржување на објектите, правата и обврските на Републиката, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во домувањето, инспекцискиот и управниот надзор и други прашања од областа на домувањето.

Според членот 2 од Законот, за правата и обврските на сопствениците на посебните делови на зградите во однос на заедничките делови на зградата како целина се применуваат одредбите на Законот за сопственост и други стварни права, Законот за катастар на недвижности и Законот за облигационите односи, доколку со овој закон поинаку не е уредено.

Согласно членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр. 36/2011) по членот 2 се додава нов член 2-а, кој гласи:„Во постапката при вршење на инспекциски надзор ќе се применуваат одредбите од Законот за инспекцискиот надзор, доколку со овој закон поинаку не е уредено.“

Според член 5 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на РМ“ бр. 18/2011, 92/2008 и 239/2009), правата на сопственост и другите стварни права се остваруваат врз основа на слободна диспозиција со нужни ограничувања предвидени со Уставот и законите.

Согласно членот 8 став 1 од наведениот закон утврдено е дека сопственикот има право својата ствар да ја држи, целосно да ја користи или да располага со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно на закон или на некое право на друго лице.

Според член 9 од истиот закон, сопственикот го остварува своето право на сопственост во согласност со природата и намената на стварта, како и со општиот интерес утврден со закон. Забрането е вршење на правото на сопственост спротивно на целта заради која е со закон признато и установено, или спротивно на моралот на општеството. Правото на сопственост не смее да се врши со цел на друг да му се причини штета или тој да се спречи во остварувањето на неговото право.

Согласно член 10 од овој закон, правото на сопственост може да се ограничи или да се одземе кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Етажната сопственост претставува еден од подоблиците на правото на сопственост, кое Законот за сопственост и други стварни права го разработува во Главата 3 – Подоблици на правото на сопственост, во посебен оддел 3 – Етажна сопственост.

Тргнувајќи од анализата на цитираните уставни и законски одредби законодавецот со донесувањето на Законот за домување овозможил целосно уредување на односите во областа на домувањето, со цел прецизно да се регулираат правата и обврските на сопствениците на становите во станбените згради, обврските во однос на одржувањето на заедничките делови и простории во станбените згради и обврските на државните органи и органите на општините во домувањето. Исто така согласно членот 2 од Законот, ја предвидел и примената на одредбите на Законот за сопственост и други стварни права, Законот за катастар на недвижности,Законот за облигационите односи и Законот за инспекцискиот надзор доколку со овој закон поинаку не е уредено.

По однос на уставноста на целината на овој закон, подносителот на иницијативата наведува дека истиот бил противуставен бидејќи државата преку овој закон се мешала во приватноста при користењето на правото на својот дом и деловите од својот дом, а со тоа се ограничувало и загарантираното со Устав право на сопственост и на правата што произлегуваале од неа. Односно, подносителот на иницијативата смета дека било потребно да содржи одредби кои би се однесувале само за становите во државна сопственост, но не и за становите во приватна сопственост. Исто така, смета дека примената на одредби од други закони би било поповолно за граѓаните и целосно би биле уредени односите во областа на домувањето.

По анализата на наводите во иницијативата Судот оцени дека истите не содржат конкретни, јасни и прецизни аргументи, односно воопшто не се дадени аргументи за оспорување на наведените одредби, а подносителот на иницијативата еднострано ги изнесува наводите со сопствени претпоставки дека Законот не бил во согласност со Уставот. Имено, тој не водел сметка дека одредбите во еден закон се комплексно поврзани меѓу себе, но и со други закони. Таа меѓусебна синхронизираност на законските одредби, бара и нивно комлексно согледување при нивната анализа и фактичка примена. Меѓусебната усогласеност на законите не е во надлежност на Уставниот суд кој има надлежност да врши оценка на согланоста на законите со Уставот и на согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека нема надлежност да одлучува по иницијативата со која Законот за домување се оспорува во целина затоа што не регулирал прашања кои според подносителот на иницијативата требале да бидат регулирани. Ова од причина што Судот е надлежен да одлучува за она што оспорениот акт содржи, а не што би требало да содржи.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата. Со оглед на тоа дека наводите во иницијативата не се доволно аргументирани, Судот смета дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативата.

6. Според член 29 став 1 од законот, сопствениците на посебните делови можат во секое време да го раскинат договорот за управувачки услуги со претходно доставување на известување до управителот за донесената одлука за раскинување на договорот. Рокот за раскинување на договорот не може да биде пократок од три месеца, а започнува да тече од денот на доставувањето на одлуката за раскинување. Во овој рок сопствениците се обврзани да изберат друг управител.

Според член 10 од Законот за домување, управувањето со станбените згради претставува следење и спроведување на одлуките донесени од собирот на сопствениците на посебните делови во зградата, застапување во правниот промет и во постапките пред надлежните органи со цел за функционирање, одржување и зачувување на заедничките делови на станбената зграда (став 1).

Според ставот 2 од овој член, работите на управување од ставот 1 на овој член може да ги врши управител или заедница на сопственици за што сопствениците на посебните делови се должни да донесат одлука со која ќе одлучат овие работи да ги врши управител или заедница на сопственици.

Управителот за вршење на дејностите на управувањето со станбената зграда треба да поседува лиценца што ја издава Регулаторната комисија за домување (став 3), а лиценца добива правно или физичко лице ако ги исполнува пропишаните услови од ставот 4 на овој член. Лиценцата се издава со рок на важење од пет години (став 5).

Според член 18 став 1 од Законот, ако во станбена зграда има повеќе од двајца сопственици на посебни делови и повеќе од осум посебни делови, сопствениците на посебните делови можат да определат со станбената зграда да управува управител. Одлуката за определување на управител е донесена кога за неа гласале повеќе од половина од сопствениците на посебните делови (став 1).

Управителот на станбената зграда ги застапува сопствениците на посебните делови во работите што се однесуваат на управувањето со станбената зграда и води сметка за остварување на правата и обврските што произлегуваат од договорот за управувачки услуги (став 2).

Правата и обврските на управителот се уредени во членот 19 од Законот. Според оваа одредба управителот ги има следните права и обврски: ги извршува одлуките на сопствениците на посебните делови; се грижи за редовно одржување и функционирање на заедничките делови; ги застапува сопствениците на посебните делови во работите на управување и во име на одделни сопственици поднесува тужба за ослободување од обврската за плаќање, односно тужба за задолжување за плаќање на трошоците и издатоците на сопственикот на посебниот дел; ги застапува сопствениците на посебните делови пред управните органи во работите на издавање на дозволи и согласности и во постапките за упис на недвижностите и други управни постапки, во врска со станбената зграда и земјиштето, како и за други работи поврзани со управувањето; подготвува план за одржување на станбената зграда, план со динамика за спроведување на овој план и се грижи за спроведување на планот; подготвува пресметка на трошоците на управување на станбената зграда и ги распоредува трошоците меѓу сопствениците на посебните делови; ги прима уплатите на сопствениците на посебни делови врз основа на месечна пресметка и ги плаќа обврските од договорите склучени со трети лица; ги информира сопствениците на посебните делови за својата работа и им доставува месечни и годишни пресметки; изготвува годишен извештај за управување со објектот; во согласност со одредбите од овој закон стопанисува со резервниот фонд; врши набројување и нумерирање на становите и го пријавува уписот на податоците во органот што ги води јавните книги на недвижностите и треба да ги познава стандардите и нормативите за пристапност на лица со хендикеп во станбениот објект.

Според ставот 2 од членот 19 од Законот, во споровите против обезбедувачот и изведувачите на работи поради делумно и нецелосно исполнување на обврските на обезбедувачи или изведувачи на работите на управување на станбената зграда, односно поради штетата причинета на заедничките делови на станбената зграда, управителот може да поднесе тужба против обезбедувачот, изведувачот или третото лице причинител на штетата и во свое име.

Правата и обврските на управителот од ставовите 1 и 2 на овој член не смеат да се исклучат или ограничат со договор за заемни односи и со договор за вршење на управувачки услуги или други правни дела (став 3).

Управителот може да има и други овластувања утврдени со овој закон и со договорот за вршење на управувачки услуги (став 4).

Според членот 21 од Законот, доколку управителот не ги исполнува обврските од договорот за вршење на управувачки услуги, не постапува со внимание на добар домаќин,сопствениците на посебните делови на најмалку една половина од посебните делови можат да го раскинат договорот со управителот, а управителот одговара и за штетата што со своето работење ќе ја причини на зградата или на посебен дел од зградата според општите правила за надоместок на штета.

Во членот 22 став 1 од Законот е предвидено дека, односите меѓу сопствениците и управителот се уредуваат со договор за вршење на управувачки услуги, со кој покрај овластувањата од пододделот 2.2 на оваа глава можат да се утврдат и други права и обврски.

Договорот за вршење на управувачки услуги е склучен кога е потпишан од страна на управителот и овластените претставници избрани од мнозинството на сопствениците на посебните делови, со одлука донесена на собир на сопствениците на станбената зграда кои донеле одлука за определување на управител (став 2).

Договорот за вршење управувачки услуги има дејство и на сопствениците кои не го потпишале договорот или гласале против именувањето на овластените претставници за склучување на договорот, како и врз сите правни следбеници на сопствениците на посебните делови (став 3).

Содржината на договорот за вршење на управувачките услуги е уредена во членот 23 од Законот. Според оваа одредба, договорот за вршење на управувачки услуги особено содржи: податоци за договорните страни; податоци за објектот; права и обврски на управителот; месечниот надоместок што му припаѓа на управителот за вршење на услуги и рок на исплатата; период за кој е склучен договорот; ден на почеток на важење на договорот; потпис на договорните страни и датум и место на склучување на договорот.

Тргнувајќи од анализата на цитираните законски одредби произлегува дека управувањето со станбените згради од страна на лиценциран управител преставува договорен однос помеѓу управителот и сопствениците на посебните делови кој опфаќа застапување на сопствениците по однос на работите што се однесуваат на управувањето со станбената зграда и водење на сметка за остварување на правата и обврските што произлегуваат од договорот за управувачки услуги, за месечен надоместок кој се утврдува со договорот за вршење на управувачките услуги.

По однос на оспорениот член 29 став 1 Законот предвидел можност за раскинување на договорот за управувачки услуги со отказен рок, каде не се означени околностите за раскинување на договорот, но предвидел и можност за раскинување на договорот без отказен рок (член 29 став 2) за случај кога управителот постапува спротивно на законот или на договорот за вршење на управувачки услуги, а надлежен орган на инспекцијата или орган на кривично гонење повел постапка против управителот.

Судот утврди дека неосновани се наводите во иницијативата од причина што законодавецот дава можност за раскинување на договорот со отказен рок каде не се означени околностите за раскинување на договорот но со можност да се избере друг управител со цел за понатамошно егзистирање на договорот за управувачки услуги и водење на сметка за остварување на правата и обврските што произлегуваат од договорот за управувачки услуги. Имено, согласно членовите 18 став 3 и 54 од овој закон, дадена е можност и се пропишува обврска во кој случај да се избере друг управител, но не се забранува наместо управител да се формира заедница на сопственици. Исто така, согласно член 10 став 2 работите на управување од ставот 1 на овој член може да ги врши управител или заедница на сопственици за што сопствениците на посебните делови се должни да донесат одлука со која ќе одлучат овие работи да ги врши управител или заедница на сопственици.

Врз основа на изнесеното произлегува дека со оспорениот член 29 став1 не се повредува член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Според член 52 став 2 од Законот, одредбата од договорот што е во спротивност со одредбата од ставот 1 на овој член нема правно дејство на сопствениците на чии посебни делови се однесува извршувањето на работата или давањето на договорената услуга. Во тој случај, кон третото лице за исполнување на обврските на сопствениците на посебните делови (солидарно) одговара управителот.

Подносителот во иницијативата смета дека во однос на исполнувањето на обврските на сопствениците на чии посебни делови се однесува извршувањето на работата или давањето на договорената услуга кон третото лице солидарно одговара управителот и тоа било контрадикторно со ставот 1 и со неоспорениот дел од ставот 2 на овој член, и од тие причини истиот бил нејасен, непрецизен и создавал конфузија во неговата практична примена, со што се повредувале член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Според член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр. 36/2011), членот 52 став 2 кој е оспорен, бил изменет, со тоа што зборот “солидарно” се брише.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата. Со оглед на тоа дека оспорениот дел од одредбата од Законот не е повеќе во правниот поредок, Судот утврди дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативата.

Според член 59 став 1 од Законот, заедницата на сопственици во правниот промет ја застапува претседателот на кого соодветно се применуваат одредбите од овој закон што важат за управителот на станбена зграда.(оспорен дел)

По однос на оспорениот член 59 став 1 подносителот на иницијативата наведува дека бил нејасен, непрецизен и нецелосен од причина што не можело да се разбере дали истите одредби соодветно ќе се применувале и за претседателот на заедницата на сопственици само кога бил во прашање правниот промет или пак соодветно ќе се применувале сите одредби од овој Закон кои важеле за управителот на станбената зграда.

Судот смета вака изнесените наводи се неосновани од причина што во законот пропишаните одредби за управителот на станбената зграда се применуваат и за претседателот на заедницата на сопствениците, кој ја застапува заедницата на сопственици во правниот промет. Имено, со членовите 60, 61, 62, 63 и 64 од законот се регулирани прашањата за органот на управување на заедницата на сопственици, имотот, обврските и солидарната одговорност на членовите на заедницата на сопственици како и на претседателот на заедницата на сопственици. Исто така, согласно член 54 став 1 од Законот, сопствениците на посебните делови можат да донесат одлука за формирање заедница на сопственици како правно лице за управување со станбената зграда. Одлуката може да се донесе само во согласност на мнозинството сопственици на посебните делови. Со одлуката за формирање на заедница на сопственици, сопствениците на посебните делови се должни да донесат и статут на заедницата на сопственици.(став 2)

Врз основа на изнесеното произлегува дека со оспорениот член 59 став1 не се повредува член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Според член 125 став 1 од Законот, глоба во износ од 700 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице – управител, односно заедница на сопственици, ако …

По однос на спорениот член 125 став 1 од Законот, подносителот на иницијативата смета дека истиот не можел да опстане во правниот поредок ако барем малку се почитувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија владеење на правото.

Тргнувајќи од фактот што оспорениот член 125 став 1 од Законот се повикува на содржината на повеќе одредби на член 13 став 2, 19, 20, 27, 30, 31 став 1, 32, 33, 34 став 1, 42 став 2, 45 став 1, 47 стававови 3 и 4 и 52 став 1 кои биле наведени во членот 125 став 1 од Законот, беше неопходно да се разгледа содржината на сите тие членови како една целина во однос на оспорената одредба.

Според членот 13 од Законот, кој е насловен како “Oдлука на судот што ја заменува согласноста на сопственикот” секој сопственик може да поднесе предлог до судот во вонпарнична постапка, за донесување на одлука која го заменува договорот за заемни односи и која кога ќе стане извршна треба да биде спроведена од управителот. Според член 19, се уредуваат правата и обврските на управителот генерално, додека членот 20 се однесува на тековното одржување на станбените згради. Според член 27, се уредува прибирањето на понуди и исполнувањето на обврските од страна на управителот. Со членот 30, се уредуваат обврските на управителот при престанување на управувањето. Според член 31 став 1, известувањето на собирот на сопствениците е должност на управителот кој за својата работа треба да достави редовен или вонреден извештај. Според член 32, управителот обезбедува увид во договор склучен со трети лица. Согласно член 33, управителот ја изготвува месечната пресметка за трошоците. Според член 34 став 1 од законот, обврска е на управителот да изготви потврда за состојбата на неплатените обврски. Со член 42 став 2, се утврдуваат видовите на фондови кои се формираат заради извршување на работите на одржувањето на станбените згради и се формираат фонд за редовно одржување и резервен фонд. Управителот задолжително води сметководствена евиденција. Сопствениците на посебните делови задолжително формираат резервен фонд. Со членот 44 се уредува управување со резервниот фонд.

Од целината на одредбите кои се споменати во оспорениот член 125 од овој закон, може да се заклучи дека јасно произлегува дека постои предвидливост на противправно однесување на управителот како правно лице и како физичко лице исто така и на заедницата на сопственици. Воедно, законодавецот предвидел во членот 10 став 2 од овој закон, работите на управување од ставот 1 на овој член може да ги врши управител или заедница на сопственици за што сопствениците на посебните делови се должни да донесат одлука со која ќе одлучат овие работи да ги врши управител или заедница на сопственици, а претседателот ја застапува во правниот промет заедницата на сопственици како правно лице.

Тргнувајќи од фактот што согласно член 5 и член 13 од Законот за прекршоците, прекршокот е противправно дело кое со закон е определено како прекршок, чии обележја се определени со закон и за кое на сторителот може да му се изрече прекршочна санкција во форма на глоба, сметаме дека од анализата на содржината на сите тие членови како една целина во однос на оспорената одредба, постои предвиденост на противправно однесување на управителот или на претседателот кој ја застапува заедницата на сопственици како правно лице во правниот промет и јасно е дека од нив произлегува потребата за предвидување на глоба од 700 евра во денарска противвредност за прекршок на управител или за претседател на заедницата на сопственици кој ја застапува во правниот промет.

Врз основа на изнесеното, со оспорениот член 125 став 1 не се повредува член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Согласно оспорениот член 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр. 57/2010), постапките по барањата за откуп на стан и пренос на правото на користење на стан, започнати пред влегувањето во сила на овој закон, ќе продолжат согласно со одредбите на овој закон.

Според член 48 од Законот за изменување и дополнување на Законот за домување(„Службен весник на РМ“ бр. 36/2011) постапките по барањата за откуп на стан и пренос на правото на користење на стан започнати пред влегувањето во сила на овој закон ќе продолжат согласно со одредбите на овој закон.

Од анализата на наводите во иницијативата корисниците ќе ги користат своите права според условите на новиот закон а не според тогаш важечките прописи а тоа претставувало повреда на правната сигурност на граѓаните, како елемент на владеењето на правото и се доведувало во прашање остварувањето на легитимните очекувања на граѓаните поради што оспорениот закон имал повратно дејство.

Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата тргнувајќи од формулацијата на оспорената одредба која е сместена во делот на преодни и завршни одредби заклучува дека постои повратно дејство на законот, бидејќи истата по однос на започнатите постапки (за откупување на станот, склучувањето на договорите за закуп, како и постапките и условите под кои членовите на семејното домакинство можат да извршат пренос на станарско право и.т.н) определувала така започнатите постапки да продолжат според одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр. 57/2010).
Судот утврди дека наводите во иницијативата не се основани, од причина што не може да се влече директен и сигурен заклучок за повратно понеповолно дејство на Законот како целина само врз основа на формулацијата на преодната одредба, без при- тоа да се направи елаборација по однос на она што било предвидено со законските одредби што биле во примена до влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за домување и што се предвидува со одредбите што влегле во сила. Во иницијативата недостасува елаборација дали со новите законски одредби се предвидуваат нови понеповолни обврски, услови, рокови или пак критериуми кои ги доведуваат граѓаните во понеповолна положба по однос на онаа што ја имале пред влегувањето во сила на Законот.

Имајќи предвид и тоа што оваа оспорена одредба е предвидена и во следната измена на Законот, односно со член 48 Законот за изменување и дополнување на Законот за домување(„Службен весник на РМ“ бр. 36/2011), Судот утврди дека анализата на уставноста на оспорената одредба не е можна без едновремено да се направи анализа на уставноста на новите членови 39 до 47 од споменатата измена на законот од аспект на тоа дали истите содржат понеповолно законско решение по однос на тоа што било предвидено во дотогашните прописи според кои постапките биле започнати.

Воедно, имајќи го предвид наведеното Судот смета дека оспорената одредба од законот нема повратно дејство и се однесува на оние постапки кои сеуште траат и се во определена фаза од постапката и дека целта на законодавецот не била да му даде повратно дејство на законот со кој се уредуваат прашања од областа на домувањето. Ова од причина што повратно дејство има ако една норма се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на нормата, а повратно дејство нема ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек, како што е во конкретниот случај.

Со оглед на тоа што во иницијативата недостасува елаборација во наведената смисла Судот оцени дека постојат процесни пречки за впуштање во уставно-судска анализа на оспорената законската одредба, поради што истата ќе ја отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

Врз основа на направената анализа на уставните одредби, анализата на законот во целина како и на содржината на оспорените одредби наспроти наводите во иницијативата Судот оцени дека истите се неосновани.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Вера Маркова, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов

У.бр.151/2010
07 март 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски