У.бр.230/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 февруари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Зумрете Јакупи од Скопје за заштита на слободите и правата по основ на социјална основа – спречување на професионален развој и усовршување на здравствените професии во Република Македонија, од страна на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“, сторено со Известување од Советот на студиската програма за трет циклус студии по Јавно здравство, бр. 0905-5177/3 од 25.10.2011 година.

2. Зумрете Јакупи од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата по основ на социјална основа, повредено со Известување од Советот на студиската програма за трет циклус студии по Јавно здравство, бр. 0905-5177/3 од 25.10.2011 година.

Според наводите во барањето, дискриминацијата во конкретниот случај била сторена на начин што Универзитетот, наместо да донесе конечен акт – решение, со писмо – Известување ја известил именуваната, која е дипломиран специјалист Медицинска сестра и Магистер по здравствен менаџмент, дека не ги исполнува условите според Конкурсот и Правилникот за условите и критериумите за запишување на докторски студии по медицина по јавно здравство на Медицинскиот факултет во Скопје, поради што била направена повреда на нејзиното право за можност за понатамошно барање на нејзините права по правен пат.

Со неправедниот и дискриминирачки став од страна на лекарите кон сите останати здравствени професии меѓу кои спаѓаат и медицинските сестри (иако тие се едуцираат на медицински факултет), злоупотребувајќи ја автономијата на факултетот и грубо кршејќи ги одредбите на Законот за високото образование, на именуваната и било оневозможено можеби да биде првата студентка на докторски студии од нејзината професија во Република Македонија.

Со ваквиот став на Медицинскиот факултет во Скопје, не само што не се почитувале одредбите на Законот за високото образование, туку и грубо се кршеле правата на секој здравствен професионалец кој ги исполнувал условите да продолжи со својата континуирана едукација за подигање на нивото на своето професионално усовршување, што претставувало основно начело како во медицината, така и во општеството во целина, со цел подобрување на професионалните стандарди.

Поради тоа именуваната бара од Уставниот суд да ја исправи оваа нерегуларност и да и овозможи не само нејзе, туку и на сите нејзини колеги да го подигнат своето ниво на образование и да бидат на ист ранг со нивните колеги во Европската унија, бидејќи Република Македонија била земја потписничка на Болоњската декларација која требало и доследно да се спроведува кај сите професии.

3 .Судот на седницата утврди дека подносителката на барањето Зумрете Јакупи од Скопје има диплома за завршено високо образование на Универзитетот ”Св.Климент Охридски” – Битола – Висока медицинска школа- Битола и се стекнала со степен специјалист Медицинска сестра. Именуваната се стекнала со научен степен магистер по здравствен менаџмент на МИТ Факултет за менаџмент во Скопје
.
По повод објавениот конкурс за запишување на студенти на трет циклус – докторски студии на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во учебната 2011/2012 од јули 2011 именуваната конкурирала за запишување на докторски студии по јавно здравство (Пријавен лист заведен под бр. 02-477/286 од 14.септември 2011 на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје и во прилог ги доставила Дипломата за завршени додипломски тригодишни стручни студии – специјалист Медицинска сестра и Уверението за стекнат стручен назив Магистер по здравствен менаџмент).

Незадоволна од утврдената прелиминарна листа на избрани студенти за запишување на трет циклус – докторски студии, подносителката на барањето поднела Приговор до Советот на студиска програма –јавно здравство на Медицинскиот факултет при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” Скопје ,заведен под бр.0905 -4701/1 од 7 октомври 2011.

По повод поднесениот приговор, Советот на докторски студии по јавно здравство, со свој акт-Известување, бр. 0905-51773 / од 25.10.2011 година, ја известил именуваната дека истата е одбиена поради немање на соодветно образование.

По писмена претставка од именуваната, Државниот просветен инспекторат извршил вонреден инспекциски надзор во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје – Медицински факултет, на ден 16.12.2011 година, за што е составен Записник бр. 21-1189/2 од 19.12.2011 година. Видно од Записникот, по констатираната состојба, Државниот просветен инспектор заклучил дека лицето Зумрете Јакупи од Скопје не ги исполнувала условите согласно објавениот Конкурс како и согласно членот 14 од Правилникот за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на трет циклус студии на УКИМ (Универзитетски гласник бр. 150/2010), за да биде запишана на докторски студии по Јавно здравство

4. Согласно членот 110 алинеа 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според наводите во барањето за заштита на слободите и правата на Зумрете Јакупи од Скопје произлегува дека суштината поради која се бара заштита на правото е незадоволството на подносителката на барањето од известувањето на Советот на студиската програма за трет циклус студии по Јавно здравство при Медицинскиот факултет – Скопје, со кое именуваната е известена дека не ги исполнува условите за упис на докторски студии по Јавно здравство. Како што се наведува во барањето, подносителката смета дека ги исполнува условите за упис на наведените докторски студии, поради што со наведеното известување не се почитувале одредбите на Законот за високото образование и грубо се кршеле правата на секој здравствен професионалец кој ги исполнувал условите да продолжи со својата континуирана едукација за подигање на нивото на своето професионално усовршување, што претставувало основно начело како во медицината така и во општеството во целина, со цел подобрување на професионалните стандарди.

Поради наведеното, именуваната смета дека е предмет на дискриминација по социјална основа – спречување на професионален развој и усовршување на здравствената дејност во Република Македонија од страна на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, поради што бара од Уставниот суд да ја исправи наведената нерегуларност и да и овозможи не само на именуваната, туку и на сите нејзини колеги, да го подигнат своето ниво на образование и да бидат во ист ранг со нивните колеги во Европската унија, со што ќе се овозможи личен и професионален развој на медицинските сестри во Република Македонија.

Имајќи го предвид наведеното,Судот оцени дека барањето на именуваната не се однесува на заштита на слободите и правата кои Уставниот суд е надлежен да ги штити согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, туку претставува барање Уставниот суд, како инстанционо највисок орган, да одлучува за права и интереси на странката во конкретен предмет, за што Уставниот суд не е надлежен. Имено, Уставниот суд нема надлежност да ги утврдува и преиспитува условите за упис на докторски студии по Јавно здравство, ниту да се впушта во оцена на тоа дали конкретен кандидат ги исполнува условите за упис на овие студии, што се прашања од надлежност на универзитетот и неговите стручни тела.

Во однос на наводот дека на именуваната и е доставено известување по приговорот поднесен во утврдениот рок на прелиминарната листа на кандидати кои не ги исполнуваат условите за упис на докторски студии, а не решение и дека со тоа и е повредено правото за понатамошно барање на нејзините права по правен пат, за одбележување е дека подносителката на барањето, во врска со случајот, побарала правна заштита од Државниот просветен инспекторат, кој извршил вонреден инспекциски надзор во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје – Медицински факултет, при што е констатирано дека лицето Зумрете Јакупи не ги исполнувала условите согласно член 14 од Правилникот за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на трет циклус студии на УКИМ (Универзитетски гласник бр. 150/2010). Оттука, произлегува дека именуваната, во врска со овој случај, го користи правото на натамошна правна заштита пред надлежните институции и дека формата на актот со кој и било одговорено по приговорот, не е пречка за остварување на таква правна заштита.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.230/2011
29 февруари 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски